вторник, 15 јули 2025
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Нема повеќе бекови, крила и центри – има само кошаркари!

Повеќе од половина век, кошаркарската игра ја дефинираа кошаркари на одредени класични позиции, бек- плејмејкер, бек – шутер, ниско крило, крилен центар и центар.

Плејмејкерот пренесува топка и организира напад, шутерот бара позиција за егзекуција, ниското крило игра на полудистинца, високото под кош му помага на центарот, а овој е задолжен за скокови, кошеви од рекетот и одбрана. Таквата уредна структура јасно го исцрта начинот игра и како таква ја прифатија тренерите ставајќи го акцентот на центрите и шутеви од позиции што поблиску до кошот. Со ваква игра се промовираа легенди врз нивното позиционо мајсторство: Меџик Џонсон како шоутајм плејмејкер, Лери Брд како незадржливо ниско крило, Шекил О’Нил како прототип на центар. Но, ако гледате НБА натпревар од плејофот во 2025 година и се обидете да ги проектирате овие играчки позиции, само ќе се мачите и нема да ви успее.

Затоа што денес НБА кошарката веќе не е игра на бекови, крила и центри. Таа е игра на универзални кошаркари.

Подем на ера без класични позиции

Ваквата проекција на играта и на профилирање на кошаркарите во НБА почна кога тренерите, на база на анализите на нивните специјализирани помошници, почнаа да сфаќаат дека вештината може, треба и мора да ја надмине големината. Рака на срце, ваквиот поглед на кошарката најпрвин беше промовиран во Европа, а ако сакаме да бидеме и попрецизни, во бивша Југославија од тренери како Александар Николиќ, Ранко Жеравица, Дуда Ивковиќ, Крешимир Ќосиќ… А токму тој, Ќосиќ, беше првиот што ги проби класичните граници на позициона игра на висок кошаркар. Со неговите 211 cм, тој беше првиот центар што знаеше умешно да пренесе топка на противничката половина, да шутне од далечина, но и да биде креативен под кошот и да игра одбрана. И сето тоа низ 70-тите и 80-тите, пред 40 и 50 години… Не џабе легендата на литванската и европската кошарка Арвидас Сабонис го истакнуваше каков негов идол и кошаркар по кој ја моделирал својата игра. Токму затоа Сабонис претставуваше вистинско чудо за американците во својата прва НБА сезона, кога со 31 година презентираше разновидна игра во и надвор од рекетот во ера во која на центарската позиција доминираа класични центри од типот на О‘Нил, Олајџувон, Јуинг, Робинсон, Мутомбо, Морнинг… А некаде во тој период кога Сабонис доминираше во eвропската кошарка, југословенската исфрли нова генерација супермодерни кошаркари предводени од уште еден генијален универзалец – Тони Кукоч, кошаркар кој можеше да ја пополни секоја дупка во тимот и да игра сѐ, од плеј, до центар. Позната е изјавата на вечниот селектор на Советскиот Сојуз, Александар Гомељски кој во една прилика изјави дека самошто помислил дека во тимот има најдобар кошаркар во светот, мислејќи на Сабонис, Југославените како „зајци од цилиндар“ му извадиле цел тим подобри, мислејќи на Кукоч, Раџа, Дивац, Петровиќ… Но, тоа не е од нигде никаде, туку од максималната посветеност на тренерите на младите генерации кои со сите кошаркари, без разлика на нивната позиција во тимот, до совршенство ги  тренераа сите базични елементи на кошарката, водење, дриблинг, додавање, скок, шут, позиционирање, стратегија, техника… Тони Кукоч како еден совршен универзален кошаркар беше легенда во Европа пред да замине во НБА, а таму во првите години, само заради неговата височина од 210 см и заради класичната поделба на позиции врз основа на височината на играчот, со сила го сместија на крилен центар и му додадоа некои 15-тина килограми мускулна маса. Дури подоцна сфатија дека човекот е Ол раунд играч со невиден потенцијал и со физичка конституција адаптирана на неговата игра. Доколку не беше играч на Чикаго Булс, повеќе од сигурно ќе беше неспорен лидер на тим и постојан Ол Стар играч. Во поголем дел од неговата НБА кариера, Кукоч играше против уште еден извонреден универзалец, Трејси МекГрејди. Во неговата најуспешна сезона 2003/04, МекГрејди имаше просек од 32 поени, 6,5 скокови и 5,5 асистенции со 2 освоени топки по натпревар и сето тоа со шут од 46% прецизност. Вo истата таа НБА сезона, како дебитант во НБА влезе нов сестран кошаркар кој со својот талент доминира цели 20 години – ЛеБрон Џејмс. Висок 206 цм, Џејмс од дебитантската сезона презентира игра на секоја позиција во тимот. Сега веќе еден од кандидатите за најдобар на сите времиња и со титула најдобар стрелец во историјата на НБА. Се разбира, сите тие достигнувања се резултат на неговиот талент и кошаркарска поткованост со која може успешно да  игра на сите позиции. Кевин Дурент е уште еден од оние кои човек мора да ги чува на секој дел од теренот. Тој е поголема опасност за противничкиот кош од далечина отколку во рекетот, а ако веќе се најде таму, со своите 211 см и перфектна техника, едноставно не може да се запре.

И полека доаѓаме до последните неколку сезони во кои е повеќе од јасно дека оваа филозофија стана стратегија на целата лига, а не иновација или инцидент заради некој исклучителен талент. Во натпреварите сезонава сведоци сме на оваа еволуција во полн замав: Виктор Вембањама, со 224 cм е како ветерница под својот кош и противничките кошаркари два пати мислат дали им се исплати да одат на влез, со таа игра во одбрана најчесто иницира брзи контри, прецизно шутира тројки, а повремено знае да чува и бекови. Годинава оствари просек од 24 ппн, 11 скпн, 3,7 апн и 3,8 блокови по натпревар. Со прецизност на шутот од 48%.

За Никола Јокиќ пак не треба да се трошат редови. Доволно е да се каже дека годинава е меѓу првите тројца во лигата во трите клучни статистички категории, поени, скокови и асистенции, а го дели и петото место по просекот на освоени топки со 1,8 пн како единствен центар меѓу 10-те најдобри во оваа категорија.  Просто неверојатно. Пета година по ред е избран во најдобрата НБА петорка, а 8 години по ред во некоја од најдобрите 3 НБА петорки. Да беше малку пообјективен изборот за МВП, Јокиќ годинава најзаслужено ќе ја освоеше својата 4-та титула. Сѐ тоа благодарение на неговите совршени фундаменти што резултираат со феноменална Oл Раунд игра.

Залез на традиционалните улоги

Терминот „плајмејкер“ делува сè позастарен во ситуација кога најдобрите тимови веќе не се потпираат на еден играч за да го организира нападот и на теренот да ја спроведе тактиката на тренерот. Нападот на Бостон на пример, тече преку Џејсон Тејтум и Џејлен Браун исто толку, колку и преку Дерик Вајт. Во Сакраменто, Домантас Сабонис е најдобар асистент. Слично на него, во Хјустон, Турчинот Шенгун е централна фигура околу кого се организира нападот. Тимовите повеќе не компонираат состави за да одговараат на позициските шаблони, туку бараат играчи кои можат да дриблаат, шутираат, додаваат и да се активни во секој дел од одбраната. Таквиот сет на вештини е повреден од која било позиција.

Некои од најдинамичните состави на НБА имаат по пет кошаркари меѓу 200 и 210 см, сите способни да играат жестока одбрана, да организираат напад и да погодат отворени шутеви од секоја далечина. Разновидноста на поставата стана многу поважна од позициониот идентитет на кошаркарот.

Аналитика зад новата филозофија на игра

Ова не е само естетска промена во составот и играта на тимовите, таа е суштествена и длабоко поткрепена со аналитика.

Играчите со универзална улога во одбраната кои можат да чуваат и пониски и повисоки играчи секако имаат поголемо влијание врз метриката на одбранбената ефикасност. Според Second Spectrum, компанија со софистицирани софтвери за аналитика на кошаркарската игра што ги користат сите аналитичари и тренери во НБА, екипите кои имаат кошаркари способни квалитетно да преземат друг/туѓ играч во одбраната без оглед на неговата височина и брзина, примаат помалку поени на 100 противнички поседи од останатите тимови. Во нападот, флексибилноста на поставата им овозможува на тренерите максимално да користат мисмеч во играта. Тренерот на Мајами, Ерик Спелстра, е меѓу првите во НБА што почна да користи петорка со кошаркари „без позиција“ за да го максимизира просторот и да ја развлече одбраната. Повторно според  Second Spectrum, тимовите со пет играчи со по најмалку 3 асистенции по натпревар имаат поголема веројатност да се најдат меѓу Топ 10 според офанзивниот рејтинг. Играчите што се вклопуваат во традиционалните позиции не го остваруваат овој ефект и не допринесуваат во овој правец. Затоа на драфтот тимовите сега многу повеќе преферираат избор на играчи врз основа на вештини, разноврсност и универзалност отколку избор на специјализиран бек шутер или крилен центар.

Културна промена во развојот на играчите

Ова поместување во филозофијата на играта почна да се рефлектира и во американските средни школи и колеџи. И натаму и едните и другите бараат талентирани и високи играчи, но повеќе не за да ги профилираат во квалитетни центри или бекови, туку да работат на фундаменталните аспекти во играта на кошаркарот и да изградат играчи што се снаоѓаат во секоја улога. Претходно атлетските квалитети на американските кошаркари ги надоместуваа слабостите во основните кошаркарски елементи, но сега тоа веќе не е случај и од новите колеџ генерации се бара способност за игра на секој дел од теренот. Секако една од најголемите причини за тоа е европското влијание, особено играчите како Никола Јокиќ, Лука Дончиќ, Јанис Адетокумбо или Франц Вагнер. Нивната сестраност во многу го надоместува, па и надминува атлетицизмот на локалните играчи и буквално ги принуди колеџ и НБА тренерите да се свртат кон новата филозофија на игра и на профилирање играчи. Затоа не е никакво изненадување што во последните седум години, пет пати титулата најдобар играч во НБА ја добиваат европски кошаркари, Јокиќ 3 и Адетокумбо 2 пати, а Лука Дончиќ е постојано меѓу 3-те кандидати за овој трофеј. Од следната година во таа елитна група секако ќе се најде и Вембањама. Тоа се играчи кои не се вклопуваат во чисто една улога. Тие се хибриди, специјалисти за сѐ.

Најјасниот сигнал за оваа трансформација на играта се гледа во составувањето на тимот. Менаџерите на кошаркарски операции во НБА тимовите, задолжени за конструкција на тимовите, веќе не бараат играчи за пет класични позиции, туку пет меѓусебно заменливи играчи кои можат да функционираат во повеќе улоги на двата краја на теренот. Вистинска уверетира во оваа трансформација во играта и играчите беше тимот на Голден Стејт ја со нивната позната „Петорка на смртта“ со Андре Игудала, Клеј Томпсон, Стеф Кари, Дрејмонд Грин и Кевин Дурент, петорка што воопшто не беше дефинирана по позиции, туку по вештина и сестраност. Во 2025 година, речиси секој елитен тим има своја верзија на оваа постава, мобилна и повеќедимензионална.

Кошарката во последните 10-15 години еволуира можеби повеќе од кој било кој друг колективен спорт. Потврда за тоа е и годинашниот Плеј оф во кој е многу очигледно дека величината на играчите и нивниот успех повеќе не доаѓа во традиционалните форми. Успехот се гради на флуидност, приспособливост и разноврсност. Фразата „универзален кошаркар“ не е инцидент при градењето на тимот, туку план. И тоа ја прави НБА и кошарката воопшто, подинамична, посложена и повозбудлива од кога било досега. Класичните позиции можеби ги нема, но кошарката е жива и интересна како никогаш претходно.

Љубомир Николовски

КОЛУМНИ

Братислав Димитров

Најголемата тајна на огнот

Љубомир Николовски

НБА глобална експанзија

Сашо Маневски

„Возвишените“ ЕУ вредности

Бранко Саркањац

Што го прави денес Македонецот Македонец?

Луси Ректорова

Пропаганда за мајчинство: руската забрана за луѓето кои не сакаат деца...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ