сабота, 5 јули 2025
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

НБА родители и деца

Изборот на Дилан Харпер како втор пик на годинашниот драфт од страна на Сан Антонио Спарс, не е само врв на неговaтa досегашна средношколска и колеџ кариера. За него и за неговото семејство тоа претставува нова алка во создавање семејна спортска традиција.

Неговиот татко, Рон Харпер, секако добро познат на малку повозрасните љубители на НБА, е петкратен НБА шампион. Три титули освои во златната ера на Чикаго во 90-те заедно со Џордан, Пипен и Кукоч, и две со Лејкерси со Коби и Шекил. Пет шампионски прстени во неговите 6 последни, од вкупно 15 НБА сезони. Наследство што неговите два сина едноставно не можеа да го запостават. Постариот од двајцата, Рон Харпер Јуниор, моментно е играч на Детриот Пистонс, втора година по ред откако две мина во Торонто Репторс, но и во двата клуба не успеа да се наметне за некoја позначајна минутажа. Oд Дилан Харпер пак, и Сан Антонио и НБА  очекуваат многу повеќе. Во својата прва и единствена колеџ сезона за Универзитетот Ратгерс од Њу Џерси имаше импресивен просек од 19,4 ппн, 4,6 скпн и 4 аппн, со шут од скоро 50%. 2023-та го видовме и на европските терени, во Дебрецин, на ФИБА СП за играчи под 19 години, но со неговиот учинок од 9,4 поени и 4,6 скокови по натпревар стигна само до 4-то место. Во пресрет на годинашниот драфт, Харпер имаше серија тренинзи со Јанис Адетокумбо, кој изрази највисоко мислење за неговиот талент и изјави дека би сакал да го види во својот тим. Харпер во својата прва НБА сезона ќе биде соиграч на можеби најголемиот потецијал што влегол во НБА во последните 20 години, Виктор Вембањама, и со таленти како ДеАрон Фокс и Стефон Кесл во тимот, има реални шанси наскоро да ја зголеми колекцијата на шампионски прстени во семејството.

Годинава уште еден одличен поранешен НБА кошаркар ќе го гледа својот син во натпревари од НБА лигата. Синот на Џејсон Ричардсон, Џеси Ричардсон беше избран во првата рунда на драфтот како 25-ти пик. Се работи за леворак шутер со елегантен влез кој имаше просек од 16 ппн и 4,6 скпн во своите последни 16 натпревари во дресот на Универзитетот Мичиген Стејт. Тој учинок беше доволен за Орландо Меџик, тимот во кој две сезони настапуваше и неговиот татко, да го промовира во свој избор на драфтот. Иако ја нема цврстината и конституцијата на татко му Џејсон, скаутите му предвидуваат убава НБА кариера. Џејсон Ричардсон во своите 13 НБА сезони минати во Шарлот, Феникс, Орландо и Филаделфија, не успеа да освои шампионски прстен, но имаше завидна кариера во која два пати беше победник на турнирот во забивање, а во 2008-ма беше и сезонски лидер по бројот на реализирани тројки. Интересно, и неговиот втор син, 17-годишниот Џексон, уште од сега е најавен како голем талент и иден сигурен избор на НБА драфтот.

Нов бран талентирани синови

Талентираните кошаркари се следени од НБА скаутите уште од стартот на нивната кошаркарска кариера. Посебно внимание привлекуваат синовите на поранешни НБА играчи кои од најрана возраст се “заразени“ со кошарката и НБА лигата. Како големи таленти кои во наредниот период ќе имаат широко отворени врати за влез во НБА се најавуваат близнаците на Карлос Бузер, Камерон и Кејден. Двајцата беа неверојатно доминантни во настапите за Колумбус средното школо од Мајами и двајцата се решија да ја продолжат кариерата во Универзитетот Дјук. Таму 3 години настапуваше и нивниот татко и благодарение на неговите феноменалени настапи, заедно со Џејсон Вилијамс и Мајк Данливи Јуниор, во 2001-ва година му ја донесоа третата од вкупно 5-те НЦАА шампионски титули на овој универзитет. За разлика од Карлос кој беше избор во втората рунда од драфтот 2002-ра, близнаците се проектирани како сигурни за првата рунда во 2026-та, а според некои проценки, двајцата ќе се најдат меѓу првите 10. Камерон во моментот важи за трет најдобар кошаркар меѓу средношколците во САД, а Кејден е 16-ти на таа листа. На Најки Хуп Самит турнирот оваа година, во натпреварот меѓу тимот на најталентираните американски средношколски кошаркари и тимот на младите интернационални таленти, Камерон Бузер беше незапирлив со 22 п. 16 ск. и 6 ас. за 38 минути игра. Камерон Бузер настапува на позиција крилен центар со височина од 207 цм, а Кејден, со 194 цм е плејмејкер.

За екипата на меѓународните таленти на овој турнир настапи и Богољуб Марковиќ од тимот на Мега, кој на истиот натпревар со средношколскиот тим на САД, постигна 16 поени и 10 скокови, со само едно промашување од игра и едно од слободни фрлања. Тој негов настап беше увод во неговиот избор на годинашниот драфт како 47-ми пик од Милвоки Бакс.

Традицијата на избор на талентирани кошаркари од Балканот наскоро може да ја продолжи и синот на Предраг Стојаковиќ, еден од најдобрите играчи од балканските простори на сите времиња. Андреј Стојаковиќ имаше извонредна средношколска кариера во Џезуит Хај во Сакраменто со просек од 25 поени и скоро 10 скокови по натпревар. Во првата колеџ сезона во реномираниот Стенфорд имаше доста проблеми со тренерот и оствари едноцифрени учиноци во поени и скокови, но во втората сезона, по преминот на Универзитетот Калифорнија, се врати на неговите средношколски просеци со 18 поени и 5 скпн. Следната година, повторно менува колеџ и ќе настапува за Универзитетот Илиноис. Скаутите во него гледаат одличен висок плеј од 201 цм, со извонредна техника и умешност во водење топка, организација на игра и одличен влез.

20-годишниот ДиЏеј следната година веројатно ќе стане трета генерација НБА кошаркари во семејството Вагнер. Неговиот дедо Милт Вагнер е еден од само 15-мината во историјата на американската кошарка кои освоиле национални шампионски титули во средношколска, универзитетска и НБА конкуренција. Неговото име е на листата заедно со величини како Карим Абдул Џабар, Меџик Џонсон, Бил Расел, Бил Волтон, Џери Лукас, Гејл Гудрич… Таткото на ДиЏеј, ДеЏуан Вагнер, еден одличен бек-шутер, беше 6-ти избор на драфтот 2002-ра на Кливленд, но од здравстени причини имаше куса 4-годишна НБА кариера. ДиЏеј Вагнер во својата прва колеџ сезона за Кентаки оствари двоцифрен просек на поени, а следната, на инсистирање на легендарниот тренер Џон Калипари ќе настапува за универзитетот Арканзас. Проценките на скаутите го сместуваат во првата рунда од драфтот следната година.

Оваа листа на тинејџери средношколци, деца на поранешни НБА кошаркари, кои имаат високо ниво на тaлент што ќе ги донесе до избор на драфтот во наредните години е прилично долга: Илајџа Аринас, син на Џилберт Аринас, Таџ Ариза, син на Тревор Ариза, Амари Стадемаер Јуниор, Лејмен МекГрејди, син на Трејси, Џејрон МекКи, син на Арон, Џејкоб Вилкинс, син на легендата Доминик, Кајен Ентони, син на Кармело, Феникс Гил, син на Кендал…

Предизвици и поволности

Семејството Харпер е 5-то во историјата на НБА, кое по таткото дава два сина кошаркари во лигата. Во моментов во НБА играат уште два брата чиј татко бил НБА играч, Стефон и Сет Кари, деца на извонредниот шутер на Шарлот Хорнетс, Дел Кари. Интересно е дека сметајќи ја и следната, 80-та по ред НБА сезона, точно 80 комбинации на татко и син(ови) настапувале во лигата.

Единствениот НБА кошаркар кого три сина го наследиле со сопствени НБА кариери е легендарниот Рик Бери, човекот кој и покрај блескавата НБА кариера во која освои една титула, едно трофеј за МВП на финалето, 8-кратен Ол стар и Ол Стар МВП, сепак остана запаменет како еден од ретките што слободните фрлања ги изведуваше шутирајќи, со баскетџиски сленг, на “женски начин“. Кај многумина овој стил предизвикуваше потсмев, но сите се запрепастени кога ќе дознаат дека во неговата 14-годишна кариера слободни фрлања во просек погодуваше со 90% прецизност, а во 79-та имаше 95% прецизен шут. Од неговите синови, Дру Бери мина само три сезони во НБА, а потоа уште три години играше во Европа, во Италија и Полска, но Брент и Џон Бери имаа убави 15-годишни НБА кариери. Најуспешен беше Брент Бери кој стана двократен НБА првак со Сан Антонио Спарс во 2005-та и 2007-ма година, а 1996-та како играч на Клиперси го освои турнирот во забивање на Ол Стар Викендот во Сан Антонио.

Низ историјата, 459 од повеќе од 4.500 кошаркари што некогаш играле во НБА се директно поврзани или како браќа, како татко и син, како братучеди, како дедо и внук, или како чичко и внук. Досега имаше 90 сета браќа, 80 сета татковци и синови, 33 сета братучеди, 19 сета чичковци и внуци и 5 сета дедовци и внуци. Во моментов, со повеќе или помалку успех во НБА настапуваат голем број синови на бивши НБА кошаркари. Меѓу најафирмираните се Стефон Кари, Клеј Томсон, Девин Букер, Домантас Сабонис, Џејлен Брансон, Бол Бол, Скоти Пипен Јуниор, Гери Пејтон II, Тим Хардавеј Јуниор, Кенион Мартин Јуниор, Џерејми Грент, Остин Риверс….

НБА играчите од втората, па и третата семејна генерација со себе носат повеќе од само презиме, со нив доаѓа и наследство кое за некои е благослов, за други проклетство. Некои од нив креираат завидни кариери, поголеми од оние на нивните претходници, други се претопуваат во сивило, дел поради сопствениот недоволен талент и влезот во НБА на име на „слава“ на нивните претходници, а дел и поради притисокот и очекувањата што нивното презиме ги носи со себе. Но, нивните приказни одразуваат една неспорна вистина, не само во НБА и не само во кошарката, туку воопшто во спортот  – талентот може да се наследи, но успехот и величината мора да се заработат.

Љубомир Николовски

 

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Апарати за ладење со овлажување (или „сеење магла“)

Ристо Никовски

Кoj довел во заблуда група познати интелектуалци?

Јове Кекеновски

Зoшто двојните стандарди во извештајот

Филип Клетников

Пинџурот на неоколонијалистите

Џефри Д. Сакс и Сибил Фарес

Време е за сеопфатен мир на Блискиот Исток

Алис Тејлор

Како Албанија му се спротивставува на кинеското влијание

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ