НБА Ол-стар натпреварот не беше совршен – но беше значаен. Како егзибициски настан кој постепено ја губи својата привлечност и се бори за релевантност и враќање на некогашната харизма, самата промена во однос на форматот и пристапот кон главниот натпревар веднаш се почувствува како напредок.
Во последната деценија, Ол-стар натпреварот се трансформира од спектакл во пародија. Со резултати од кумулативни 350-60 поени, со трчкања по теренот како на џогинг патека, Ол-стар викендот стана буквално негледлив. Најеминентните НБА имиња сами по себе не се доволни за љубителите на лигата да одвојат троцифрени и четвороцифрени суми да ги видат заедно на теренот. Годинава цените повторно се зголемија, но и тонот на неделниот главен настан беше многу поинаков. Тоа што ја иницира промената беше новиот формат на натпреварот и прашањето на престиж што го донесе оваа промена. Уште од првата четвртина на првиот натпревар помеѓу тимот на „светот“ и американските „ѕвезди“, посебно од еланот на Виктор Вембањама со неговата максимално посветена и фокусирана игра, беше јасно дека противникот мора да одговори доколку не сака да биде целосно надигран, дури и понижен. Се разбира, не видовме интензитет како во плеј-оф натпревар, но овојпат средбата беше доволно конкурентна за да се почувствува една легитимна натпреварувачка борба. Тренерите бараа тајм аути целосно во контекст на играта, резултатот и натпреварот, а не за да се исполнат бонусите за реклами. Играчите комуницираа во одбраната, па дури и се расправаа со судиите за нивните одлуки. Со тие мали реакции открија нешто што недостасуваше во претходните 10-тина години, а кое за навивачите е од пресудно значење, открија дека овојпат се грижат за резултатот и дека победата им значи.
Во ситуација кога критиките од спортската јавност за претходните викенди на сите ѕвезди беа толку гласни што го доведоа во прашање и опстанокот на традицијата долга цели 75 години, играчите конечно одговорија на предизвикот. Зголемените финансиски стимулации веројатно помогнаа. Буџетот за распределба меѓу учесниците годинава се крена на цели 1,8 милиони долари. Но, објективно, нивниот настап изгледаше многу помалку трансакциски, а многу повеќе репутациски. НБА елитата како да стана свесна дека на Ол-стар натпреварот му треба спасување и дека само тие можат тоа да го сторат. Новиот формат во кој два американски тима се натпреваруваа меѓусебе и со тимот на „светот“ составен од НБА странски играчи исто така придонесе да се разбуди натпреварувачкиот дух. Сѐ погласните констатации дека странците се поголеми таленти, дека носат поголем квалитет на лигата и дека, воопшто, се подобри кошаркари од домашните, беше еден вид неофицијален предизвик за двата американски тима. Сите натпревари ќе беа можеби дури и поинтензивни и поинтересни доколку Јокиќ и Дончиќ немаа лимитирана минутажа поради нивните повреди и доколку актуелниот и поранешниот МВП, Шеј Гилџес Александер и Јанис Адетокумбо можеа да играат…
Четирите Ол-стар натпревари не беа ни одблизу средби што наликуваат на плеј-оф натпревари или на борба за титула. Објективно, и во најпопуларните години ретко имаа таков интензитет. Но, такви во основа и не требаше да бидат бидејќи целта е сосема поинаква. Сепак, со пристапот и зголемениот интензитет повторно се вратија на корените наоѓајќи една квалитетна балансирана средина помеѓу забавата и желбата за победа, далеку попривлечна во споредба со натпреварите од години наназад. Вистинската победа на годинашниот НБА Ол-стар натпревар не е содржана во конечниот резултат, ниту во името на тимот што триумфираше, туку во направениот исчекор кон враќање на загубениот кредибилитет. Ако НБА може да го задржи ова ниво на конкурентност во иднина, Ол-стар натпреварот има шанси конечно да го пронајде својот модерен идентитет. Не како реликт и носталгија кон поранешните дуели меѓу Истокот и Западот, туку како сцена на која најдобрите играчи во светот се натпреваруваат доволно интензивно за да покажат зошто се најдобри во светот.

Воведните настани од петокот и саботата се посебна приказна. Не многу успешна. Ако неделната вечер врати дел од кредибилитетот, саботата беше целосно во знак на претходните медиокритетски настапи.
Саботната програма беше најавена како преосмислена, освежена, рекалибрирана. А се сведе на познатиот „спектакл“ оптоварен со истите структурни недостатоци што го прогонуваат настанот со години: премногу продукција, малку харизма и уште помалку автентичност. Натпреварот за тројки останува најосмислениот настан, но дури и тој се чини премногу конструиран. Сите промени дизајнирани со цел да ја зголемат драмата, во основа ја комплицираат едноставноста што го правеше настанот привлечен. Ова натпреварување во основа претставува еден вид двобој – еден шутер, ограничен број на топки и време, различни шутерски позиции и целосен фокус на баскетот и обрачот. Годинава, изведбата беше одлична, шутирањето елитно, но сѐ некако без дух. Тоа што суптилно недостасуваше, но е суштинско за значењето во ваквите турнири е ривалството. Порано, дуелите меѓу шутерската елита беа врзани со индивидуалната репутација. За Лери Брд беше незамисливо да биде поразен на овој турнир на кој славеше три години по ред од ‘86-та до ‘88-ма. Денес, натпреварот остава чувство на собир од специјалисти кои исполнуваат наметната обврска. Ако победат добро, ако не – пак добро. Нема и стремеж кон градење на сопствената аура на непобедливост. Технички турнирот изгледаше импресивно, но емоционално делуваше издишано.
Ниту еден настан не ја симболизира стагнацијата на саботната Ол-стар програма појасно од натпреварот во забивање. Две работи се клучни: сѐ помалку креативност и недостиг на елитни имиња. Натпреварот е заробен во повторување, во обиди со сложена, а неуспешна кореографија на забивањата, промашени обиди во низа, потпирање на различни реквизити, неоригинална театралност на актерите. Во ера на социјални медиуми, навивачите веќе виделе варијации на повеќето забивања онлајн. Изведувањето во живо повеќе не возбудува. За да го стори тоа потребни се најголемите ѕвезди подготвени да го ризикуваат својот бренд. Без нив, натпреварот се чувствува како еден вид аудиција, а не како ѕвездена промоција. Без НБА елитата, настанот не може да има аура на престиж. За турнирот на „шутерски ѕвезди“ пак, воопшто и не траба да се трошат зборови. Веќе заборавено.
Дополнително, саботната програма е продуцирана како шоу за доделување на музички награди: блескава графика, постојано потенцирање на спонзорите, интервјуа на средина од секој настан, промоција на познати „селебрити“ личности… Но, секое прекинување на тензијата во спортот е контрапродуктивно. Наместо да се оди кон моменти на кулминација, програмата изгледа како серија на епизоди. Секој нов сегмент започнува од нула и ретко се искачува доволно високо за да предизвика вистинска возбуда.
Саботната ол-стар програма е концепирана да ги балансира спектаклот и спортот. Но, наместо баланс, влече кон забава и усилен обид за спектакл. Годинава НБА покажа дека може да го реанимира главниот настан. Но, саботата останува заглавена во калта. Сѐ додека учесниците не ги чувствуваат натпреварите како нешто во кое искрено сакаат да победат, а не само да учествуваат за поголем или помал бонус, Ол-стар саботата ќе продолжи да изгледа нашминкано, профитабилно, но и објективно неинтересно.
Љубомир Николовски











