Награда што во перспектива ви носи место во „Салата на славните“ на НБА и на ФИБА, посебно ако сте кошаркар што потекнува надвор од САД.
Од сезоната 2022/23 наградата го носи името на Мајкл Џордан, 5-кратниот освојувач на ова признание и за повеќето најдобриот кошаркар на сите времиња. Претходно трофејот го носеше името на Морис Подолоф, поранешниот Комесар на лигата во периодот од 1946-63, а сега неговото име го носи новооснованата награда за тимот со најдобар резултат во сезоната. НБА годинава покрај наградата за најкорисен играч доделува уште 8 различни признанија, за најдобар тренер, најдобра резерва, најдобар дефанзивен играч, дебитант на годината, играч со најголем напредок во играта, најдобриот егзекутор во финишот на натпреварите, најдобар соиграч, најборбен играч и најфер кошаркар. Но, НБА МВП е без конкуренција најпрестижното признание што еден кошаркар може да го добие. Неговото значење е повеќекратно, од аспект на престижот и статусот што еден кошаркар го има, во однос на финансискиот ефект што го носи при потпишувањето на неговите следи договори, но и во однос на пазарната вредност на клубот.
Малку историја…
Наградата за МВП беше воведена во сезоната 1955-56, а прв добитник беше Боб Петит од Сент Луис Хокс. Првично, наградата беше доделувана врз основа на гласовите од панелот спортски новинари и коментатори, а пред сѐ беше наменета за играчот кој имал најголемо влијание за резултатите и колективниот успех на неговиот тим, или со други зборови, за најдобриот кошаркар на тимот со најдобар успех во сезоната. Со текот на времето, тимскиот успех остана како еден од елементите што одредуваат кому ќе му се додели трофејот, но наградата во најголема мерка се трансформира во признание за индивидуалните достигнувања на кошаркарот.
Низ децениите, преку наградата за МВП може да се следи и променливата динамика на лигата. Од досега доделени 70 трофеи, 29 им припаднаа на кошаркари што играле на позиција центар. Во периодот од 56/57 до 79/80 во 23 НБА сезони, 21 пат признанието им беше доделено центрите. Тоа јасно говори и за стилот на играта во тој период со тежиште на шутеви од позиции што се блиску до кошот. Тоа беше стратегија и на легендарниот тренер Ред Ојербах според кого „колку си поблиску до кошот, поголема е веројатноста дека ќе погодиш“. Во тој период неговиот најдобар играч, Бил Расел освои 5 награди МВП и 11 шампионски титули.
Од 83/84-та во наредните 10 години, со влезот на неверојатно талентирани бекови и крила како Лери Брд, Меџик Џонсон и Мајкл Џордан, признанието повеќе не беше таксано за високите кошаркари. Трите легенди на НБА лигата во овој период 9 пати последовно меѓу себе го освојуваа признанието за најкорисен кошаркар, секој од нив по 3 пати. Нивниот стил на игра се одрази и на целокупните тенденции во НБА кон брза и атрактивна кошарка со многу контри, дури и по примен кош, и со шутеви од полудистинца. Мајкл Џордан својата доминација ја продолжи до доцните деведесетти освојувајќи уште 2 трофеја МВП, или вкупно 5, што го донесоа на делба на второто место на листата кошаркари со најмногу МВП признанија заедно со Бил Расел. Пред нив е само Карим Абдул Џабар со 6, освоени во периодот меѓу 71-ва и 80-та. Џабар исто така, во сезоната 1975-76, стана единствениот играч кој ја освоил наградата и покрај тоа што неговиот тим не успеал да влезе во плеј-офот. Вилт Чембрлен и ЛеБрон Џејмс по четирипати биле прогласени за МВП. Воедно, Чембрлен заедно со Расел и Брд се единствените кошаркари со три освоени награди едно подруго.
Досега само двајца кошаркари стигнале до престижната награда во својата прва НБА сезона, Бил Расел во 1960-та и Вес Анселд во 1969-та. Стивен Кари 2016-та стана единствениот во сите 70 досегашни доделувања на наградата, кој трофејот го освои едногласно. Многу блиску до таков резултат беа и Шекил О’Нил 2000-та и ЛеБрон Џејмс 2013-та кога добија 120 од можен 121 глас. Последните 4 години минаа во повторна доминација на центрите, три пати Никола Јокиќ и еднаш Џоел Ембид. Јокиќ и годинава е во комбинација за овој трофеј што би го ставил рамо до рамо со великан од габаритот на Вилт Чембрлен. Официјални конкуренти му се Шеј Гилџис Александер и Јанис Адетокумбо, иако Гркот според очекувањата има нешто помали шанси по трет пат да дојде до наградата. Во секој случај наградата повторно ќе оди во рацете на странски кошаркар, како и во последните 4 години. Досега 7-мина „интернационални“ кошаркари го освоија признанието, од кои тројца со двојно државјанство, Нигериецот Хаким Олајџувон, Тим Данкан од Девствените острови и Камерунецот Џоел Ембид, сите натурализирани Америкаци, а останатите се Канаѓанецот Стив Неш, Германецот Дирк Новицки, Гркот Јанис Адетокумбо и Никола…
Никола Јокиќ
Србинот е чудо од играч. Без скок, без брзина, без некоја посебно квалитетна игра во дефанзивата… но, сепак неверојатно доминантен. Благодарение на феноменалната спортска интелигенција, „читање“ на играта, проникливост и памтење на противничките акции и игра, до перфекција усовршени фундаменти на кошарката како шут и тоа со двете раце, додавање, техника на водење топка и дриблинзи, промена на движење во игра 1 на 1 зачинето со огромен репертоар на „лажњаци“ и неговиот патентиран „Sombor Shufle”. Токму кога човек ќе помисли дека подобро не може, ниту статистички, ниту визуелно, Јокиќ повторно ќе изненади. Во последните 5 години, од кои во три беше прогласен за МВП, кумулативно Јокиќ има нестварни просеци: 26,6 ппн, 12,9 скпн и 9 аспн! Годинава ја игра својата најуспешна сезона со 29,6 ппн, 12,7 скпн и 10,2 апн, просечен трипл-дабл за одиграни 70 натпревари со рекордни за него 36,7 минути по натпревар. Во сите три статистички категории е меѓу тројцата најуспешни во лигата, притоа е единствен центар меѓу 10-те најдобри стрелци и асистенти на сезоната. И по бројот на минути минати во игра е во врвот, зад Џош Харт и Мајкал Бриџис од Њу Јорк и Девин Букер од Феникс. И покрај тоа, големо прашање е дали ќе биде прогласен за МВП. Лигата некако не сака да му го даде 4-от трофеј со што ќе го промовира во еден од најдобрите центри во историјата на НБА заедно со Расел, Чембрлен, Џабар, Олајџувон, Шекил… Според неговите индивидуални квалитети тој е веројатно на исто рамниште со нив, но за дефинитивен пробив недостига уште некоја титула. Веројатно ова е и една од причините за смената на тренерот и претседателот на кошаркарски операции на Денвер Нагетс. На Никола му требаат уште 1-2 квалитетни резервни играчи за да освои уште некоја титула и да стигне до заслужениот легендарен статус во НБА лигата. Да не заборавиме дека има само 30 години и дека пред него се уште најмалку 4-5 успешни сезони…
Ѕвезден статус
МВП на НБА е статус кој со себе носи многу погодоности, пред сѐ од финансиски аспект. Годинава на пример, на листата најплатени кошаркари првите четири места се резервирани за кошаркари со МВП статус: најплатен е Стивен Кари со 55,7 милиони, второто место го делат Џоел Ембид и Никола Јокиќ со по 51,4 и четврти е Кавин Дурант со 51,2 милиони долари. Башка што повеќето фирми во потрага за спортска ѕвезда за промоција на нивните производи најчесто се обраќаат кон најдобрите, кон оние со МВП статус. Никола Јокиќ е заштитно лице на „361 степени“ кинески спортски гигант со речиси 8.000 продавници низ Кина и светот. Кари има спонзорски договор со „Under Armor” вреден 78 милиони долари, а Кевин Дурент со Најк за 45 милиони. Покрај индивидуалните финансиски придобивки, клубовите за кои настапуваат играчите со МВП статус исто така имаат зголемена пазарна вредност. Кога еден МВП успешно настапува за својот тим, клубот може да смета на зголемена продажба на билети, приходи од брендирани производи, па и поголема посетеност на градот од зголемен спортски туризам кој во САД е максимално развиен. Некои проценки велат дека во ерата на Џордан, градот Чикаго имал директен импакт од брендот Чикаго Булс во вредност од една милијарда долари. Во однос на вистинското влијание на МВП играч во тимот, се разбира и доколку тимот има успех во натпреварите, најпрецизна е листата на реномираниот Форбс. Според нивната анализа, вредноста на Денвер Нагетс 2020-та, пред Јокиќ да стане МВП, била 1,78 милијарди долари, за оваа година со трите МВП титули на Јокиќ и една титула НБА прваци на Денвер, вредноста на клубот да порасне на 3,9 милијарди долари. 2020-та приходите на клубот изнесувале 218 милиони, а годинава, без плеј офот, се 356 милиони, во голема мера благодарение на игрите и статусот на Јокиќ. Токму затоа потпиша и максимален договор на 5 години за 276 милиони долари.
Годинава како финалист Јокиќ ја очекува својата 4-та награда, Адетокумбо 3-та, а за Александер ова би било прво признание. Токму затоа повеќето аналитичари во НБА сметаат дека тој има мала предност во однос на Јокиќ. Со доделувањето на наградата на Канаѓанецот, својата вредност ќе ја зголеми и Оклахома Тандер, тим кој доаѓа од еден од маркетиншки послабите региони за НБА. Но, сѐ е отворено и трката за најпрестижната индивидуална награда во кошарката и прогласувањето на најдобриот играч по традиција ќе биде последно, како круна на сите награди.
Љубомир Николовски