петок, 25 јули 2025
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

НБА глобална експанзија

Никој не се сомнева дека НБА наскоро ќе брои 32 тима. Најавите за нова експанзија на лигата се провлекуваат низ медиумите веќе неколку години. Но, исто така нема сомнеж ниту дека проширувањето нема да се случи пред сезоната 2027/28.

Пред стартот на ланската сезона комесарот Адам Силвер изјави дека се подготвуваат планови за зголемување на бројот на тимови во лигата, а пред почетокот на плеј офот, најави почеток на формалниот процес за проширување во текот на ова лето. Токму затоа логично е очекувањето првенството во 2027/28 да го започнат 32 тима. Во период од 16 години, од 1988-ма до 2004-та, НБА лигата се прошири со дури 7 нови тима, Мајами Хит и Шарлот Хорнетс 88-ма, Минесота Тимбервулфс и Орландо Меџик 89-та, Торонто Репторс и Ванкувер Гризлис 95-та и Шарлот Бобкетс 2004-та, откако претходно во 2002-ра Хорнетс се пресели во Њу Орлеанс, за во 2014-та да го сменат името во Пеликанс, а Шарлот како нов клуб, да го врати своето изворно име Хорнетс.

Од тогаш, од 2004-та, цели 20 години НБА брои 30 тимови.

Инаугуративната сезона на НБА, тогаш под името Кошаркарска aсоцијација на Америка (BAA), ја започнаа 11 тимови поделени во две конференции, Источна со Њу Јорк Никс, Бостон Селтикс, Вашингтон Кепитолс, Филаделфија Вориорс, Провиденс Стимролерс и Торонто Хаскис и Западна, со Чикаго Стегс, Кливленд Ребелс, Детриот Фалконс, Питсбург Ајронмен и Сент Луис Бомберс. Таа 1946-та  година малкумина од стартните 11 величествени можеа да ја замислат лигата во денешната раскошна, мултимилијардерска империја. Од прашливи гимназии до ултрамодерни арени, од стари автобуси до сопствени млазни авиони… дел од

заслугите за оваа неверојатна трансформација на НБА припаѓа и на идејата и визијата за проширување, од град до град, од брег до брег, од држава до држава, а сега потенцијално и од континент на континент.

Континуирано проширување

Од стартните 11 тимови, само Њу Јорк Никербокерс и Бостон Селтикс останаа верни на својот град и своето оригинално име. Другите или се преселија, или ребрендираа, или се распаднаа. Но, лигата продолжи да ја гради својата иднина. Првото големо проширување се случи 1950-та кога дојде до фузија на НБА и Националната кошаркарска Лига (NBL) во една лига со 17 тимови. Тој број во еден период накратко се намали, но до 1960-те, експанзијата стана дефинирачка карактеристика на растот на лигата. Во текот на 60-тите, свои НБА тимови добија и Феникс, Чикаго и Сиетл, а во 70-те дојде до нова фузија меѓу НБА и Американската Кошаркарска Асоцијација (ABA), која донесе 4 нови тима: Денвер Нагетс, Сан Антонио Спарс, Индијана Пејсерс и Њу Јорк Нетс, кои потоа се преселија во Њу Џерси, за сега да бидат Бруклин Нетс.
Во текот на 80-те НБА беше фокусирана на ширење на својата популарност преку новиот бран виртуозни и харизматични играчи како Меџик Џонсон, Карим Абдул Џабар, Лери Брд, Мозес Мелоун, Ајзеа Томас, Хаким Олајџувон, Домик Вилкинс, а малку подоцна и Мајк Џордан. Притоа уште на стартот од оваа декада на 80-тите, лигата реши, покрај постоечките два тима, Хјустон и Сан Антонио, да додаде уште еден на веројатно најголемиот и најбогатиот пазар во САД, Тексас, преку вклучувањето на Далас Маверикс.

Стагнација или стратегија

Од 2004 година, НБА се спротивставува на додавањето нови тимови. Причините се повеќе, но пред сѐ, чувството на заситеност на пазарот во САД. Повеќето големи американски градови веќе имаа свои НБА франшизи. Тие што посакуваа да влезат во лигата, како Балтимор, Синсинати, Бафало, Бирмингем, според мислењето на лигата беа или премали пазари, или со неизвесна финансиска проекција за подолг временски период, за да можат успешно да  менаџираат со толку голем финансиски товар што со себе го носи еден НБА тим. Од друга страна, бордот на НБА газди имаше дилеми и окулу тоа дали со поголем број на тимови се ризикува разводнување на талентите со што би се довела во прашање конкурентската рамнотежа во лигата. Исто така, основен фокус на НБА во изминатиот период беше и максимизирана монетизација на брендот преку медиумски договори, меѓународен мерчендајзинг и дигитални иновации.
Но, во заднина на сите овие активности, НБА никогаш не престана да разгледува идно проширување, а посебно силен импулс доби со растот на постпандемиската економија, на вредноста на клубовите и глобалниот интерес за лигата. Проширувањето на НБА не е само спортско-кошаркарска одлука, тоа е повеќе бизнис потег. НБА проценува дека од евентуалните нови клубови ќе може да наплати влезна такса од 3 милијарди долари од екипа. Со потпишувањето на новите телевизиски договори кои на лигата и гарантираат 75 милијарди долари за период од 11 години, проширувањето станува финансиски одржливо и основано.
Но, кои градови се главните кандидати за влез во НБА со свој клуб…

Лас Вегас, Сиетл и повеќе и подалеку…

Пред сите, Лас Вегас и Сиетл. Влезот на Лас Вегас во НБА е една од најлошо чуваните тајни во американската кошарка. „Градот на пороците“ со години е успешен домаќин на летната лига на НБА, а настапите на Голден Најтс во Националната хокеарска лига (NHL) и Лас Вегас Рајдерс во Националната фудбалска лига (NFL) докажуваат дека пазарот е доволно богат и доволно перспективен за биде одржлив. Леброн Џејмс, на пример, отворено ја изрази својата желба да поседува тим во Вегас. А во оваа фаза од развојот на НБА, што ЛеБрон сака, тоа ЛеБрон и добива.

Сиетл е град со НБА традиција. Сиетл Суперсоникс, дом на легенди како Гери Пејтон и Шон Кемп, беа проблематично преместени во Оклахома Сити во 2008 година. Преселбата беше многу контроверзна поради повеќе причини, вклучувајќи ја и перцепцијата на НБА дека новата група сопственици, предводена од Клеј Бенет, нема намера да го задржи тимот во Сиетл, туку потајно сака да го пресели на пазар кој НБА не го смета за конкурентен. Ниту тогашната управа на градот не беше доволно посветена на клубот и не покажаа интерес и поддршка за финансирање на нова модерна арена. На крајот, многу замерки имаше и за начинот на кој тогашниот комесар на лигата Дејвид Штерн се справи со целата замрсена ситуација. Сега, по повеќе од 15 години, враќањето на НБА во Сиетл не само што изгледа веројатно, туку и неизбежно. Градот има и нова сала, Клajмат Плеџ Арена, во која настапуваат Сиетл Сторм, 4-кратните шампион на WNBA и Сиетл Кракен од НХЛ, и се чини сѐ е подготвено за враќање и на НБА.

Но, свои планови и желби имаат и во Канада, поточно, Монтреал или Ванкувер.
Репторси од Торонто докажаа дека канадските градови можат да бидат кошаркарски центри и дека имаат публика што може да полни 20 и кусур иљадна арена на секој натпревар. Шампионската титула на Торонто во 2019 година го реинкарнира интересот за кошарка низ целата земја. Во НБА има плејада врвни канадски кошаркари, почнувајќи од годинашниот МВП, Шеј Гилџес Александер, преку Џамал Мари, Дилон Брукс, Ендрју Вигинс, Лугенц Дорт, Кели Олијник, Ар Џеј Берет… Со успехот, доаѓа и интересот, а со него доаѓаат и спонзорите, а каде има доволно спонзори и пари, таму доаѓа и НБА. Канада е секако сериозна опција за ново проширување.
Монтреал е град со силна економија и инфраструктура, жеден за големи спортски натпревари во континуитет. Освен Монтреал Канадиенс, тим од НХЛ, Монтреал нема друг голем тим што настапува во престижна лига. Имаат уште еден фудбалски (рагби) и фудбалски (сокер) тим кои настапуваат во канадска конкуренција и тоа е сѐ. А близината на Монтреал до Торонто и Бостон може евентуално да донесе едно ново природно соперништво меѓу нивните НБА тимови.
Иако Ванкувер Гризлис се мачеа во 90-тите, пазарот таму созреа и има економска сила да поддржи враќање на НБА тим во градот. Роџерс Арена со капацитет нешто помалку од 20.000 посетители е дом на Ванкувер Канукс од НХЛ лигата и е подготвена да биде домаќин на кошаркарски натпревари. Потесното подрачје на градот има приближно жители како Скопје, но поширокото е дом на преку 3 милиони жители, со економски потенцијал од 150 милијарди долари на годишно ниво. Градот има свој буџет во висина од скоро три милијарди долари. Сите овие бројки зборат за сериозен кандидат за НБА тим.

Свои пресметки за влез во НБА имаат и од другата, јужната страна на американската граница. Мексико Сити веќе има свој тим во развојната Г-лига на НБА и е домаќин на NBA Global games. Еден од најголемите градови во светот со население од над 21 милион не би имал никаков проблем ако треба да изгради и најголема арена во НБА, а бројот на жители секако гарантира и посетеност во целосен капацитет. Исто така и временска зона е компатибилна со американските термини за телевизиски преноси. Можеби хаотичната инфраструктура и надморската височина од 2.240 метри која со себе носи релативно разреден воздух, донекаде се сериозни предизвици, но НБА го гледа Мексико како порта кон Латинска Америка која е огромен, неискористен пазар. Во една прилика запрашан, Адам Силвер одговори дека Мексико Сити досега прави сè како што треба.

Од Европа, Лондон, Париз или Мадрид често се споменуваат како можни дестинации за идни НБА тимови. Нивните предности се јасни, огромни градови со популација што ја следи кошарката. Голем број локални спонзори, силна и стабилна економија, но и политички стабилни држави. Кошарката во поголемиот дел од Европа е екстремно популарна. Дури и во земји кои традиционално се посветени на друг спорт, пред сѐ на фудбалот, како Германија, Франција, Италија, кошарката има огромна база навивачи. Во бившите југословенски држави и во  Грција и Турција, кошарката е религија со фанатични поклоници кои живеат за клубот и играта. Сето ова, вклучително и економскиот аспект, НБА го има во предвид при процените за проширување. Но, постојат и многу недостатоци, посебно од логистички аспект. Пред сѐ, океанот и временските зони. Патувањето на натпревари во Европа е буквално брутално за натпреварувачкиот распоред центриран за САД. Поради тоа, европска гранка на НБА би требала да има една целосна европска дивизија, а не само 2-3 тима. Секако не помалку важни се евентуалните компликации со ФИБА и Евролигата. Но, и покрај сите овие пречки, создавање на европска НБА дивизија е дел од долгорочното планирање и визијата за НБА, особено поради фактот што глобалниот интерес за лигата продолжува да расте. Париз и Лондон беа домаќини на натпревари од регуларната НБА сезона, а појавата на МВП играчи од калиброт на Јокиќ, Дончиќ, Јанис и Вембањама само го зголемува интересот и фокусот на НБА за европскиот континент.
Се чини дека лигата во овој момент е предодредена да се прошири од 30 на 32 тима со Сиетл и Лас Вегас речиси едногласно проектирани како следните две франшизи. Ова, доколку НБА  добие согласност од сите 30 клуба, може да се случи уште во 2026/27 година, но секако многу поверојатно, поорганизирано и погладко целиот процес може да се реализира во 2027/28.
Евентуалниот иден трет бран би можел да ги земе предвид Мексико Сити и Монтреал, или потенцијално, дури и да проба со европски експеримент, доколку се усогласат логистиката и, можеби и поважно, механизмите за поделба на приходите.

НБА некогаш беше регионална лига која се бори за внимание и некоја паричка зад бејзболот и американскиот фудбал. Денес, НБА е глобален феномен, лига во која доминираа од спортски ѕвезди од Грција, Србија, Словенија, Камерун, Канада, Франција… НБА експанзијата повеќе не е само прашање на додавање нови градови. Овде станува збор за преобликување на глобалниот идентитет на кошарката. НБА веќе не се прашува дали треба да се прошири, прашањето е едноставно: каде прво?

Љубомир Николовски

КОЛУМНИ

Слободан Мартиновиќ

Трансакциска вистина: Како медиумите под контрола на режимот во Србија стануваат...

Билјана Ванковска

Сте слушнале ли за Ш’иѕан?

Јове Кекеновски

Кафкијанство по македонски: кога правдата станува театар

Ристо Цицонков

Клима уредите треба правилно да се користат

Љубомир Кекеновски

Изгубениот дух на Европа

Светлана Јовановска

Како ЕУ се загуби во меѓународното право?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ