Со исклучок на 2020 и 21-ва кога резултатите не се засноваа на објективни околности поради ковид пандемијата, во цели 35 години првиот финален НБА натпревар немал помала гледаност. Овие 8,9 милиони гледачи од вкупно 340,1 милион вкупно во САД, даваат рејтинг од само 2,62% или, според резултатите од Нилсен, компанијата што го мери публиката преку телевизија и други медиуми, само 15,7% од сите гледачи што во тоа време гледале содржина на некој медиум, се решиле времето да му го посветат на овој натпревар. Резултатот би бил уште покатастрофален доколку ја додадеме и Канада која со свој тим е активен дел од НБА.
Секако дека за еден ваков лош резултат една максимално професионална организација каква што е НБА ќе спроведе длабоки и детални анализи, но некои од одговорите и сами се неметнуваат.
Пред сѐ, за ваква гледаност на премиерата на финалната серија придонесе фактот што во неа учествуваат два тима од т.нар. мали пазари, Индијана Пејсерс и Оклахома Сити Тандер. И покрај тоа што и двата тима имаат страсни локални фанови, им недостига национална и меѓународна привлечност која ја имаат екипи како Лос Анџелес Лејкерс, Њу Јорк Никс, Чикаго Булс или Бостон Селтикс. Индијана Пејсерс има богата историја и секако е национално и меѓународно профилирана екипа, но НБА фановите од мегалополиси како Лос Анѓелес, Њу Јорк, Хјустон, Вашингтон, Чикаго не се нешто посебно мотивирани да ја следат. Се разбира доколку не се вистински зависници од НБА кошарка. Оклахома Сити дури и помалку е привлечна за овие гледачи иако го оствари најдобриот скор во регуларниот тек од лигата и го има актуелниот МВП. Дополнително, освен Шеј Гилџус Александар, Тајрис Халибартон и донекаде Паскал Сиакам, кои имаат статус на НБА ѕвезди, останатите кошаркари сè уште се далеку од широко распространето признание на етаблирани ѕвезди. Секако станува збор за одлични играчи како Холмгрен, Вилијамс или Тарнер, Немхард и Топин, но без оглед на нивниот неспорен квалитет, тоа не се имиња што ќе го привлечат поширокиот аудиториум во САД. Дури и кога станува збор за годинашниот МВП Шеј Гилџус Александер, постојат многу контрадикторности. Пред сѐ, НБА му направи „мечкина услуга“ што му ја додели МВП наградата за најкорисен играч која по сите параматери требаше да му биде доделена на Никола Јокиќ. Овоj избор предизвика револт меѓу НБА фановите кои во оваа одлука гледаат диригирано гласање во режија на НБА. Потоа, неговата заштита од страна на судиите, огромниот број фаули досудени во негова корист, дури и во ситуација кога самиот прави фаул со оттурнување на противничкиот играч, кај неутралните НБА фанови создава репулсивност кон неговите настапи. Тајрис Халибартон е секако ѕвезда во подем и прераснува во играч што не знае да промаши во решавачките моменти, но секако нема многу навивачи кои не се од Индијана, а кои би го купиле неговиот дрес пред дресот на пр. на Лука Дончиќ, ЛеБрон Џејмс, Стеф Кари, Џејсон Тејтум или Јанис Адетокумбо. Патем, во контекст на овој аспект на работите и како дополнување на фактот за Индијана и Оклахома како мали НБА пазари, најпродавани дресови годинава се оние на ЛАЛ, Бостон, Голден Стејт, Њу Јорк и Чикаго. Верувам секој љубител на НБА кошарката би бил позаинтересиран да следи финале меѓу Лејкерси и Бостон, или Чикаго и Голден Стејт или Њу Јорк и Хјустон, отколку актуелното.
На минималниот интерес на гледачите пред првиот финален имаше влијание и едногласниот став на речиси сите аналитичари, па и фанови кои серијата ја означија како една од најизвесните во поновата историја, а Оклахома предвреме ја прогласија за сигурен нов НБА шампион. Оваа перцепција секако доведе до намален интерес од неутралните гледачи за кои исходот беше предвидлив. Без неизвесност, секако интересот е многу помал. Таквата перцепција за финалната серија ја потврдија и коефициентите на кладилниците. Во случај на победа на Оклахома, за добивка од 100 УСД требаше да се вложат цели 800 УСД. Ваков сооднос не е забележан уште од 2018-та година кога Голден Стејт Вориорс беа прогласени за сигурни победници во серијата против Кливленд Кавалирс. Тогаш за добивка од 100 УСД со победа на Вориорси, требаше да се вложат неверојатни 2.000 УСД. Таа година Голден Стејт својата фаворитската улога ја потврди со сигурен триумф во само 4 натпревари. Со победата во првиот натпревар, Индијана секако ја промени оваа слика, но Оклахома и натаму се смета за фаворит, иако сега нивната победа во финалето ќе ви донесе 100 УСД ако сте вложиле 350 УСД, или скоро 44% помалку отколку пред првиот натпревар.
Распоредот на натпреварите од НБА финалето исто така има одредено влијание врз рејтинзите. Освен меѓу вториот и третиот натпревар за кога е предвидена пауза од два дена, меѓу сите други натпревари паузата е цели три дена. Серијата започна на 5-ти јуни, а доколку се играат максимални 7 натпревари, треба да заврши на 22-ри јуни. Цели 17 дена. Дури и најзагрижените НБА фанови можат да загубат концентрација и интерес за следењето на финалната серија во еден вака долг временски период.
Дуелот меѓу Оклахома и Индијана претставува едно ново ривалство кое, со оглед на младоста и талентот на двете екипи, може во наредниот период да прерасне во традиционално. Но, во моментов тие ја немаат харизмата што со себе ја носи дуел како, на пр. меѓу Лејкерси и Бостон кои како најава за евентуален дуел во НБА финалето имаат историско ривалство, богата традиција на легендарни натпревари и безброј приказни кои како магнет го привлекуваат вниманието и создаваат атмосфера на очекување на нешто спектакуларно и историско. Оклахома и Индијана се далеку од таква перцепција на нивниот дуел и тоа секако влијае врз гледаноста на оваа серија.
Термините на финалето на НБА во многу се совпаѓаат и со други големи спортски настани, како што се финалето на НХЛ Стенли купот и натпреварите од бејзбол МЛБ првенството, што го дели фокусот на љубителите на спортот. Оваа причина во комбинација со претходната има сериозно влијание врз рејтинзите.
Но, покрај овие има и некои објективни и, условно кажано, олеснителни околности за намалената гледаност на првиот натпревар од НБА финалето.
Пред сѐ, преселбата на натпреварите од традиционалните кабловски телевизии на стриминг платформите со што драстично се фрагментира телевизиската публика. Многу од гледачите сега видео контентите ги консумираат преку различни стриминг услуги, од кои еден дел не содржат спортска понуда или за спортските канали бараат дополнителна, не така ефтина претплата. Со тоа за фановите станува сѐ потешко и поскапо да гледаат спортски натпревари, па и НБА, во живо. Воедно, не е занемарливо и ширењето на нелегалните стриминг опции кои нудат алтернативни начини за гледачите да следат НБА кошарка, а се разбира, оваа база на гледачи не е и не може да биде опфатена со официјалните мерила за гледаност.
Исто така, модерната публика, претставена преку т.нар. генерација Алфа, содржана од тинејџери и 20-годишници, има различен вкус за следење видео содржини, вклучително и спортски. Тие претпочитаат пократки материјали, сублимирани видеа, хајлајти, наместо следење на целосни натпревари кои можат да траат меѓу два и пол до три часа, без продолженија. Наместо тоа, тие имаат можност да ги видат сите кошеви и сите други позначајни моменти од 2,5-часовен натпревар во некои 15-тина минути хајлајт видеа. Се разбира искуството не е исто, гледањето натпревар во живо е незаменливо за оние кои го сакаат овој спорт и кои сакаат да го видат секој аспект на натпреварот, да ја почувствуваат енергијата на натпреварот, да ја видат и дискутираат тактиката на тренерите, да ја следат реакцијата на кошаркарите, или со еден збор да се соживеат со играта. Но, исто така не е мал бројот и на оние кои се свртуваат кон концентрирани видео материјали со цел да бидат во тек, информирани, но и да добијат се измонтирано и на дланка.
Во секој случај резултатот од првиот натпревар секако ќе придонесе за поголем интерес за продолжението од серијата. Иако првиот натпревар не донесе најквалитетна кошарка, сепак беше максимално борбен и неизвесен, а тоа се можеби и најбараните квалитети кои од еден дуел ги очекуваат спортските фанови.
Рејтинг ретроспектива
Во 1987-ма година почна сериозното следење на рејтинзите на НБА натпреварите во САД. Од тогаш во 12 години по ред, само два пати натпреварите од НБА финалињата ги следеле помалку од 20 милиони гледачи и тоа финалето меѓу Детроит и Портланд во 1990-та, 17 милиони и во 1994-та финалниот дуел меѓу Хјустон и Њу Јорк, 17,25 милиони. Во 1998-ма беше поставен и актуелниот рекорд кога финалната серија меѓу Чикаго Булс и Јута Џез во просек ја следеле нешто преку 29 милиони гледачи. Финалните дуели меѓу Џордан, Пипен, Кукоч, Родман против Мелоун, Стоктон, Хорначек, беа виситински магнет за љубителите на кошарката како во САД, Така и кај нас. Се до 2016-та ниту едно друго финале не успеа да дојде до просек од 20 милиони, а потоа благодарение на феноменалните Голден стејт Вориорс, две години по ред финалните дуели со Кливленд Кавалирс ги следеа преку 20 милиони. Во 2007-ма прв пат финалната серија ја следеа помалку 10 милиони. 4-те натпревари меѓу Сан Антонио и Кливленд и патот до 4-та титула на Спарси, во просек ја гледаа само 9.3 милиони гледачи. Најмалку гледан натпревар од финална серија воопшто е 4-от дуел меѓу Лос Анѓелес Лејкерс и Мајами хит во 2020-та година, натпревар кој го следеле само 5,94 милиони гледачи. Но, за прецизна перспектива на нештата треба да се истакне дека годинашниот прв финален натпревар меѓу Оклахома и Индијана со 8,9 милиони гледачи сепак имаше поголем рејтинг од најгледаниот дуел од регуларниот дел од првенството сезонава меѓу Голден Стејт и Лос Анѓелес во склоп на Божиќните натпревари, кого во живо го следеа 7,9 милиони гледачи. Победата на Индијана секако ќе привлече повеќе гледачи во продолжението на серијата, но поради сите претходно наведени причини, сепак секако не може да се очекува некоја рекордна сезона. Напротив.
Љубомир Николовски