среда, 2 април 2025
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

НБА: Европска еволуција со балкански шмек

Статусот на светска спортска атракција и една од најгледаните лиги во светот на спортот воопшто на Националната кошаркарска асоцијалција НБА беше лансиран со настапот на оригиналниот Дрим Тим на САД на Олимписките игри во Барселона 1992-ра.

Секој нивен настап беше спектакл, а вниманиeтo добиено од јавноста ги промовира во најсјајни ѕвезди на игрите, пред имиња како Карл Луис, Виталиј Шчербо, Хавиер Сотомајор, Феликс Савон, Хајке Дрекслер, Евелин Ешфорд…

Секој чекор, појава, секоја изјава на Џордан, Меџик, Брд, Баркли, Мелоун, Дрекслер, Робинсон… беше следена од армија новинари, а пред хотелот во кој престојуваа дење-ноќе имаше кошаркарски фанови кои неуморно чекаа да ги видат своите спортски идоли и, доколку им се посреќи, да добијат и автограм. Оттогаш, секое дете што почнало да тренира кошарка, во своите визии и планови за иднината се гледало во дресот на Лејкерси, Никси, Селтикси…

Тој визионерски потег на генијалните спортски менаџери Борислав Станковиќ и Дејвид Штерн со првиот настап на НБА кошаркари на турнир под покровителство на ФИБА и МОК значеше и дефинитивно отворање на лигата кон светот, но и знак дека секој талент, од која било  страна од светот, може да најде свое место во дотогаш недопирливата НБА. Иако и пред олимписките игри некои од најголемите европски ѕвезди како Дражен Петровиќ, Владе Дивац и Шарунас Марчуљонис настапуваа за НБА тимови, вистинскиот пробив беше направен по спeктакуларното шоу на Дрим тимот во Барселона. Веќе следната сезона нога повлече виртуозниот Тони Кукоч, а после се редеа Дино Раџа, Арвидас Сабонис, Жидрунас Илгаускас, Предраг Даниловиќ, Андреј Кириленко, Хидајет Туркоглу, Предраг Стојаковиќ, Горан Драгиќ, Борис Дијао, По Гасол, Тони Паркер, Дирк Новицки… сѐ до последната генерација европски кошаркари кои фуриозно ја преземаа лигата во свои раце како Никола Јокиќ, Лука Дончиќ, Јанис Адетокумбо, Домантас Сабонис, Алперин Шенгун, Никола Вучевиќ, Виктор Вембањама, Кристапс Порзингис… Можеби за некои, посебно за американските НБА фанови е спорно, но објективно гледано, во моментов меѓу 10-те најдобри кошаркари во светот и НБА има 5-мина кошаркари што не се Американци: Јокиќ, Адетокумбо, Дончиќ, Гилџис Александер, Вембањама, а ако се додадат и натурализираните Американци како Ембид од Камерун и Ентони Таунс од Доминикана, стигнуваме и до 7 од 10, или 70%.

Балканска фабрика на кошаркарски таленти

Од територијата на поранешна Југославија, со помал или поголем успех, досега во НБА продефилирале 88 кошаркари, најмногу од сите европски и воневропски земји. Од нив 33 од Србија, 24-ца Хрвати, 13 Словенци, 10 Црногорци, 7-мина од Босна и Херцеговина и 1 Македонец. Втора е Канада со 64 кошаркари и трета Франција со 52-ца. Оваа инвазија на таленти од просторот на бившата држава, меѓу другото е резултат на богатата кошаркарска традиција што го промивира овој спорт во виситнска кралица на игрите на балканскиот простор. Таа традиција, изградена со огромен број успеси и медали од најпрестижните репрезентативни натпреварувања е резултат на систем, знаење, работа и посветеност на генерации играчи и стручњаци што со својот студиозен пристап и иновативност правеле разлика на светско ниво. Впрочем кошаркари од Југославија биле интересни за НБА тимовите многу пред олимпискиот бум на Дрим тимот.

Пред сите, легендарниот Крешимир Ќосиќ. Идол на многу генерации за кого и најжестоките противници имаа само огромен респект и за кого долгогодишниот тренер на селекцијата на СССР Александар Гомељски изјави дека е „најдоброто нешто што можело да и се случи на кошарката“. Арвидас Сабонис во секое свое интервју во Америка го истакнуваше како свој идол, исто како и Дино Раџа и Владе Дивац. Ќосиќ беше прототип на модерен играч, буквално револуција во играта на центрите со неговата способност да ја води топката, асистира и шутира од далечина. Тој тоа го правеше 50 години пред Јокиќ! Неговата европска кариера е добро позната, но вниманието на НБА го сврте со игрите на Бригам Јанг Универзитетот од Јута. Во три години поминати таму оствари просечен дабл-дабл учинок со 19 поени и 11,6 ск.п.н и стана првиот интернационален играч што беше избран за NCAA All American, признание што им се доделува на спортистите кои се сметаат за најдобри во соодветниот спорт во САД. Интересно, Ќосиќ е четвртиот европеец драфтуван во НБА, и тоа на два пати. Според тогашните правила, ако тимот што ве драфтувал не ве потпише, следната година имавте право повторно да се појавите на драфтот. Па така, 1972 тој беше избран од Портланд, а следната година го драфтуваа Лејкерси. Но, ФИБА и МОК правилата од тоа време не дозволуваа  играч што настапува во професионалната НБА лига да игра во натпреварувања под закрилата на светската кошаркарска асоцијација која се сметаше за аматерска организација. Соочен со тој избор Ќосиќ ја стави својата земја и љубовта кон Задар, пред примамливите понуди од САД.

Дражен Далипагиќ беше една од неостварените желби на НБА клубовите. Неговите кошгетерски способности беа неспоредливи, кошаркар со рака сатар, играч кој во дресот на Рејер Венеција против реномираниот Виртус Болоња уфрли точно 70 поени.  Далипагиќ можеше да биде првиот европеец во НБА. По Олимпијадата во Монтреал во 1976 година, каде што Југославија го освои сребрениот медал по поразот во финалето од САД, Бостон Селтикс кои го избраа на драфтот и го поканија на проба како прв европеец во историјата на НБА кој престојувал на клубски претсезонски летен камп. Таму помина две недели и ги убеди сите, вклучително и  тренерот Томи Хинсон, дека  неговиот талент презентиран преку атлетските способности и извонредно прецизниот шут се повеќе од адекватни за успешен настап во лигата и во тимот во кој веќе играа легенди како Џон Хавличек, Дејв Ковенс и Пол Сајлас.

Бостон на маса стави понуда од 80.000 УСД по сезона, за југословенски прилики во тоа време астрономска сума. Но, исто како и во случајот со Ќосиќ, потпишувањето за НБА тим би значело губење на неговиот „аматерски“ статус, што би го лишило од играње во дресот на Југославија во натпреварите на ФИБА. Воедно настапот за НБА тим не ќе беше само повод за забрана на настап со репрезентацијата, туку автоматски ќе значеше и забрана за настап за кој било клуб од Европа за период од три години. Исто така, таа година му се роди и синот Даворин и заминувањето во Америка ќе беше преголема жртва за него од семеен и патриотски аспект. Тука и заврши неговата потенцијална НБА кариера, а продолжи неговата блескава 13-годишна репрезентативна кариера закитена со вкупно 12 одличја од трите најголеми ФИБА турнири, Светските првенства, Олипијадите и Европските првенства, од кои 5 златни, 4 сребрени и 3 бронзени медали. Само Ќосиќ, со вкупно 14 репрезентативни медали е поуспешен од него.

Кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите, Драган Киќановиќ беше еден од најдоминантните европски бекови. Извонреден стрелец со студиозен преглед на теренот и противничките одбрани и вистински лидер, како во својот Партизан, така и во реперезентацијата. Неговите ѕвездени настапи во клубот и на меѓународната сцена го привлекоа вниманието на тимовите од НБА, особено на Голден Стејт Вориорс, кои покажаа сериозен интерес да го доведат во своите редови и во НБА.

Иако во тимот го имаа легендарниот Рик Бери кој во тој период остваруваше просек од преку 20 ппн и „поглавицата“ Роберт Периш на центарската позиција, тренерот Ал Етлс кој 1976-та стана и шампион со овој тим беше упорен да го доведе најдобриот европски бек во Оукленд. Во неговата визија за тимот, тандемот Бери – Кичановиќ со голема веројатност на Голден Стејт ќе му донесеше барем уште една титула. Легендарниот тренер на кошаркарскиот тим на универзитетот UCLA, Џин Барлоу изјави дека Драган Кичановиќ е најдобриот бек што никогаш не заиграл во НБА лигата. Но, како и во примерите со Ќосиќ и Далипагиќ, до овој трансфер не дојде и Кичановиќ не можеше да продолжи со кариерата во НБА и покрај неговиот огромен талент. Да им се придружеше на Вориорси ќе беше меѓу првите европски кошаркари кој во НБА дошол од европски тим, без настап во нивната колеџ НЦАА лига. Наместо тоа, продолжи да блеска во европската кошарка, водејќи ги Партизан и Скаволини Пезаро до национални титули пред да се пензионира во средината на 1980-тите.

Меѓу оние кои беа на чекор до НБА, а никогаш не заиграа таму е и легендата на грчката кошарка, Никос Галис, еден од најголемите европски играчи на сите времиња. Тој, исто како и Ќосиќ, беше под присмотра на НБА скаутите за сето време настапувајќи со Универзитетот Сетон Хол во Њу Џерси. Роден во САД од родители Грци, Галис како колеџ играч оствари репутација на роден стрелец. Во својата последна колеџ сезона, Галис беше втор стрелец во НЦАА со 27,5 ппн, веднаш зад Лери Брд со 28,6 ппн. На драфтот во 1979 година беше избран од Бостон Селтикс во четвртата рунда, како 68-ми пик севкупно. Но, неговата НБА кариера  заврши уште пред да започне. За време на тренинг кампот на Селтикси, Галис доживеа несреќна повреда која драстично му ги намали шансите за добар впечаток. Ред Ојербах, легендарниот менаџер на Бостон, и покрај повредата беше сигурен во талентот на Галис, но со оглед на тоа што веќе имаше елитна линија бекови предводена од Нејт „Тајни“ Арчибалд и Лери Бирд кој беше нивен избор на драфтот само една година порано, но му пристапи на клубот 79-тата, реши да почека и да види како ќе оди со опоравувањето од повредата.

Но, наместо да остане во САД и да се бори за место во НБА, Галис одлучи да потпише со Арис од Солун, каде што прерасна во жива легенда на грчката кошарка. Галис беше доминантен стрелец во 80-тите и раните 90-ти, а ја одведе Грција и до историската шампионска титула на  Евробаскетот 1987 година, како прв стрелец на турнирот со 37 поени по натпревар. Останува едно големо кошаркарско „што-ако“ Галис потпишеше за Бостон и станеше дел од легендарната генерација на Селтикси предводена од Брд, Арчибалд, МЛ Кар, Ковенс, Форд и Пит Маравич. Вака, неговата фантастична европска кариера го зацврсти статусот на еден од најдобрите бекови во историјата на кошарката.

1992-ра и  „што-ако“

Назад кон почетокот од колумната: таа 1992-ра година на кошаркарскиот турнир од олимписките игри спортскиот свет со возбуда и нетрпение го очекуваше судирот меѓу оригиналниот НБА Дрим тим и европскиот „Дрим тим“, селекцијата на Југославија која како казнена експедиција освои сѐ што можеше да се освои и доминираше на сите ФИБА турнири. За жал поради распадот на бившата држава до тој натпревар не дојде.  Тренерот на таа феноменална селекција југословенски кошаркари, Душан Дуда Ивковиќ беше уверен дека неговиот тим ќе излезе како победник од таа средба. Тоа го повторуваше во секое свое интервју. Само за потсетување, во финалето репрезентацијата на Хрватска со Петровиќ, Кукоч, Раџа, Вранковиќ, Комазец, Чутура, Перасовиќ… загуби со 32 поени разлика и имаше сила рамноправно да игра само до средина на првото полувреме кога остварија и водство од 25:23. А во тогашната југословенска селекција беа уште и Дивац, Даниловиќ, Здовц, Паспаљ, Ѓорѓевиќ. Оттогаш поминаа преку 30 години, а селекциите на САД составени од НБА кошаркари претрпеа вкупно 13 порази на големите светски турнири под покровителство на ФИБА. Само на СП дома кај нив во Индијанополис загубија три натпревари и завршија на 5-то место. Три порази претрпеа и на Олимписките игри во Атина со тим во кој играа Ајверсон, Данкан, Марбери, Кармело Ентони…. На СП во Кина 2019 го остварија и најлошиот резултат во историјата, 7-мо место, а во тимот беа играчи како Џејлен Браун, Џејсон Тејтум, Донован Мичел, Брук Лопез… Последните 3 порази ги забележаа на СП 2023-та од селекциите на Литванија, Германија и Канада и го освоија 4-то место. Сите овие порази бездруго се резултат и на разбиената фама за нивната недопирливост преку сѐ поголемиот број на интернационални кошаркари во НБА лигата. Во една хипотетичка ситуација на натпревар меѓу селекција од бивша Југославија составена од Јокиќ, Дончиќ, Богдан Богдановиќ, Мициќ, Зубац, Вучевиќ, Бојан Богдановиќ, Петрушев, Нуркиќ, Муса, Аврамовиќ и Миротиќ против најдобрите американски кошаркари од НБА, на кого би се кладеле?

Љубомир Николовски

 

 

КОЛУМНИ

Јове Кекеновски

Судирот меѓу централнолевичарските и десничарските политички сили во ЕУ

Александар Стојановски

ЕУ планира Западен Балкан да го претвори во гето за мигрантите

Елеонора Серафимовска

Страв, бес и надеж: Моќни алатки за политичко влијание

Билјана Ванковска

Србија во ќорсокак

Алис Тејлор

Правдата се буди во Албанија

Светлана Јовановска

Може ли Европа да биде гаранција за мирот во Украина?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ