понеделник, 8 декември 2025

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Натпреварување и соработка

Духот на натпреварувањето

Духот на натпреварувањето нѐ присилува да ги покоруваме другите луѓе бидејќи основа на натпреварувањето, некој мора да изгуби за некој друг да победи. Со поделбата на победник и поразен создаваме нееднаквост и разлики меѓу нас и се оддалечуваме едни од други. На тој начин компетитивноста ни го отежнува, а често и оневозможува поврзувањето со другите луѓе.

Сфаќања за натпреварувањето

Различни сфаќања во нашата култура го подржуваат натпреварувањето. За тоа говорат и изразите што ги употребуваме: „Натпреварувањето е неизбежно во животот“; „Натпреварувањето нѐ мотивира да го дадеме најдоброто од себе“; „Натпреварувањето е забавно“; „Натпреварувањето ни помага да се изградиме себеси“ итн.

Вакви и слични сфаќања ни го одвлекуваат вниманието од важноста на соработката. Натпреварувањето создава напнатост, соработката ни носи мир. Во натпреварувањето, другата личност ја гледаме како ривал и непријател што треба да го победиме – а во соработката има место и доволно колачи за двајцата.

Во соработката, другата личност е наш соработник – а во натпреварувањето е противник. И самата морфологија на зборовите што се употребуваат е сликовита: во натпреварувањето имаме натпреварувачи што натпреварувањето го завршуваат со раздвојување на победник и губитник, а во соработката имаме соработници – другата личност е исто работник, кој работи со нас (со+работник). Нема раздвојување, на „рамна нога“ сме и имаме дури и ист назив – соработник. Во соработката, добробитта е заедничка, во натпреварувањето таа му припаѓа само на еден – на победникот. Соработката нема губитник, за разлика од натпреварувањето.

Натпреварување и комуникација

Натпреварувањето ја попречува комуникацијата. Кога сме ориентирани на соработка, отворени сме да слушнеме и да толерираме различни гледишта, додека во натпреварувањето сме насочени кон убедување и наговарање. Не е исто дали луѓето со кои комуницираме ги гледаме како противници или соработници. Во натпреварувањето, луѓето ги претвораме во противници, а со противниците не сакаме дружење и блискост. Натпреварувањето ги расипува врските помеѓу луѓето.

Поради самата основа на која почива натпреварувањето (постоење на борба, победник и губитник, еден е горе, а друг доле), луѓето меѓусебно не се на „рамна нога“, немаат исти права и можности. Затоа во натпреварувањето нема комуникација чија цел е поврзување, блискост и интимност. Натпреварувањето евентуално има соборци, а соработката соработници, другари и пријатели.

Натпревар со себеси

Натпреварувањето со себеси често се наведува како најпожелен облик на натпреварување. Се споменува како начин да напредуваме и да ги поместуваме сопствените граници бидејќи тогаш се занимаваме со себе, а не со противникот. Со оглед на духот на натпреварувањето – едниот да мора да изгуби за другиот да победи, и на неговата структура – да има победник и губитник, ризикуваме да креираме вештачки расцеп во нас и да ја изгубиме својата целовитост. На тој начин создаваме вештачко натпреварување (конфликт) помеѓу различни делови на нашата личност, или помеѓу телото и психата, а последиците може да бидат сериозни. На пример, трпењето и нереагирањето на болката што ја чувствуваме во различни делови на телото додека се занимаваме со одредени активности и продолжение на тие активности. Или работа „под инјекции и блокада“.

Овие однесувања може да бидат знак за натпревар помеѓу телото и психата. Чувството на болка има функција да нѐ предупреди со цел да го сочува нашиот интегритет. Дали можеме да зборуваме за победа ако нејзината цена е губење на нашиот интегритет? Каква би била поделбата на улогите на победник и губитник? Дали воопшто можеме така да ги поставиме работите?

Од друга страна, соработката повикува да станеме повторно целина. Ние сме составени од меѓусебно поврзани делови што формираат единствена целина. Уважувањето на сите наши аспекти, дразби и чувства ни дава многу корисни и важни информации во врска со нас. Ни овозможува да донесуваме одлуки што се добри за нас и кои се во склад со нашите потреби. Повторно да станеме целина е единствениот начин да бидеме комплетна личност и во тоа се состои вистинската грижа и љубов према себе. Соработката е пат кон тоа повторно да бидеме целина, а натпреварувањето води кон поделба и раздвојување.

Психотерапија, соработка и натпреварување

Психотерапијата ни овозможува да ја согледаме актуелната ситуација од поинаков агол. Психотерапевтот и клиентот се соработници во процесот на психотерапија. Нивната релација е хоризонтална, нема надреден и подреден. Следејќи ги потребите на клиентот, психотерапевтот го поттикнува да стане свесен за себе, за околината и за тоа што тој прави во таа околина. Клиентот е во позиција да ги освести своите ресурси, да научи да ги користи за своја добробит и да тргне во акција да го обликува животот според своите потреби. Психотерапевтот и клиентот се двајца соработници од кои секој ја работи својата работа, а наградата е заедничка.

Кристина Пота Радуловиќ

психотерапевт, клинички психолог и гешталт-терапевт

Фото: Бошко Радуловиќ

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ