Ова многу јасно зборува за суштественоста и содржајноста на оваа Стратегија, која е збирштина од флоскули, пароли, милион пати повторени секвенци и слично, но затоа не содржи ниту една реченица, ниту еден збор а не па поглавје посветено на препознавање на формите на корупцијата во образованието и на начините за справување со неа во претстојниот петгодишен период 2026-2032. Министерката за образование и наука Јаневска и нејзиниот „најдобар“ тим, како претставници на власта и на Владата на Република Македонија немаат ниту сознанија ни поим за корупцијата во образованието (навидум немаат), си го живеат животот како ноевите со главата во песок и чекаат пригодно да им помине периодот на расправа во врска со Стратегијата (чиј рок дури и го продолжија, а без притоа да поведат сметка дека вебот на ЕНЕР е недостапен повеќето од времето, па граѓанството и да сака не може да остави коментар) и конечно да им помине пред Собранието еден ваков празен документ.
На страната 17 од Стратегијата наведени се „Други стратешки документи” со кои е усогласена Стратегијата и ќе погодите, во нив нема ниту еден „стратешки документ” од областа на борбата со корупцијата.
Во недостаток на новата Национална стратегија за спречување на корупцијата, за претстојниот период 2026-2032, која очигледно не е навреме изготвена од страна на ДКСК, од полза ќе ѝ било на министерката Јаневска и нејзиниот „најдобар“ тим да се осврне на Национална стратегија за спречување на корупцијата за периодот 2021-2025 (ако воопшто знае дека постои овој документ).
Оценувајќи ја можноста дека министерката не го видела нити прочитала овој документ, а лично сум се уверил дека законите не ѝ се јака страна, а особено нивното исчитување, заради што се потпира на тимот околу себе (кој таа самата го избрала), во продолжение ќе посочам на неколку важни поенти од Национална стратегија за спречување на корупцијата за периодот 2021-2025, а кои се однесуваат на образованието и поконкретно на високото образование кое ми е во примарен фокус.
Еве што е напишано уште во 2020 година:
„Образование. Корупцијата во образованието има свои различни облици и ризици согласно степенот на образованието. Детектирано е дека во високото образование е евидентна високата корупција што се потврдува и со судски пресуди, додека пак во средното образование, покрај постоењето на ниска корупција, многу повеќе е евидентно тргување со влијание. За надминување на овие состојби неопходно е вработување на квалитетни човечки ресурси за што е потребно пропишување на прецизни критериуми за избор во секоја фаза од постапката за вработување, како и зајакнат инспекциски надзор. Во таа насока, потребно е и да се зајакнат материјално-техничките и кадровските капацитети на Државниот просветен инспекторат”.
Понатаму во истиот документ е истакнато: „Корупцијата во образованието малку е третирана во релевантните извештаи за корупција, меѓутоа овој сектор често се посочува од страна на граѓаните во разни анкети за нивната перцепција или искуството во однос на коруптивните дејства. Во Министерството за образование и наука не се врши проценка на ризиците од корупција, ниту се споменува во некој од стратешките документи во овој сектор”.
Документот е напишан уште во 2020 година и во него стои дека во МОН не се врши проценка на ризиците од корупција во образованието! Граѓанството очекува од 2020 до денес (2025) белким да бил препознен и проценет ризикот од корупцијата, за кој се зборува во официјален документ усвоен од Собранието на Република Македонија! Ало институции, дали се слушаме, дали вие се слушате помеѓу себе или едноставно секој си пишува Стратегија колку да му помине пред Собранието, а без никаква визија ниту желба нешто навистина да се унапреди во општеството?
Во документот се наведени Приоритетни проблеми во секторот образование, а јас ќе се осврнам само на оние кои се однесуваат на високото образование: „Изразени влијанија и дискрециски овластувања при вработувањето во образованието се среќаваат во сите нивоа на образование… За вработување на наставен кадар и за избор во наставно-научни звања во високообразовните и научните институции постојат пропишани постапки и критериуми во Законот за високо образование. Вреднувањето на кандидатите и предлог-изборот го врши тричлена рецензентска комисија во која двајца членови треба да бидат од потесната научна област, а конечната одлука за избор ја носи Наставно-научниот совет на институцијата или Сенатот на Универзитетот во случај на избор во звањето редовен професор. Тоа создава можност за поширока примена на лични ставови и фаворизирање на определени кандидати од страна на Комисијата. Советот/Сенатот не мора да го потврди предлогот на рецензентската комисија, меѓутоа тоа е редок случај во пракса. Со цел да се создаде клима за вработување во образованието исклучиво врз основа на компетенции, во сферата на високото образование, треба да се воспостави механизам на редовен надзор од страна на Државниот просветен инспекторат над постапките за избор во наставно-научни звања”.
Претходното значи дека, уште во 2000 година од страна на ДКСК како ризичен момент биле препознаени манипулациите и корупцијата во процесот на избор на наставно-научен кадар со препорака за редовен надзор на постапките за избор од страна на Државниот просветен инспекторат. Некој требало само да чита, да се информира и потоа да надоградува. Стратегијата за развој на образованието ниту почнува во 2026 ниту ќе заврши во 2032. Што таа значи и колку може да вреди ако не е усогласена со документи од круцијално значење во општеството како што е Националната стратегија за спречување на корупцијата.
Инклузивност, вмрежување, одржливост, квалитет, правичност, компетентност, благосостојба, барања на пазарот на трудот, глобалните барања на европскиот и светскиот образовен простор, унапредувањето на квалитетот и релевантноста на високото образование, подобрување на условите за истражување и иновации, континуитет во добрите практики, развој на зелени вештини и еколошка писменост, дигитализација, иновации и извонредност во образованието, да се поттикне култура на постојано унапредување, интелектуална љубопитност и професионална амбиција во образованието, студентски стандард, студентското учество во управувањето со високото образование!!!
Сите овие пароли и секвенци се празни и не значат ништо доколку МОН не е во состојба да ги препознае вистинските девијации во сите форми на образованието, а меѓу нив, како најзастапена и многу јасно посочена како од домашните релевантни институции, така и од Советот на Европа, а тоа е корупцијата. Без јасни насоки и визија како МОН планира да се справи со корупцијата во образованието, оваа Нацрт-Стратегија останува празно слово на хартија.
На кој начин е присутна корупцијата во високото образование?
Прво, негативната селекција претставува корупција! Доколку при избор во наставно- научно звање се избере кандидатот со двојно или тројно помалку бодови, а без притоа да се даде ниту кратко образложение зошто е предложен кандидатот со помалку бодови, тоа е корупција и е обврска на МОН како правен субјект врз Државниот просветен инспекторат како нејзин составен дел да го обсервира, регулира и анулира.
Двоен аршин при оценувањето е прототип на корупција! За исто постигнување едниот кандидат е оценет со 10 пати повеќе бодови од другиот, пријавено во Државниот просветен инспекторат, пријавено во МОН, но тие дремат во зимски сон, веројатно и самите улулкани во корупција.
Злоупотреба на дискрециските овластувања! Барем еднаш да го ставевте и закон или во Стратегијава, колку да се знае дека постојат закони во државава кои јасно ги ограничуваат дискрециските овластувања и ги ставаат во јасна корелација со јавниот интерес! Јавен интерес? Што беше тоа? Дали тоа некаде беше застапено во Стратегијата за развој на образованието?
Злоупотреба на дискрециските овластувања е кога на кандидатот ќе му напишете бланко рецензија, уште пред да ги видите конкурсните материјали. Па ќе му напишете не еднаш, туку двапати бланко рецензија и така тој кандидат ќе се искачува по академското скалило со однапред напишани рецензии. А оној со видливи и во светот мерливи резултати ќе гние по судови, инспекторати, комисии и слично, затоа што МОН не сака да си ја врши работата.
На крај, од оваа нацрт Стратегија за развој во образованието 2026-2032 можеме да видиме дека образованието во Македонија, кое е лошо оценето во секој степен, и понатаму ќе си остане заглавено, неразвиено, проблематично и без никаков напредок и следниот петгодишен период 2026-2032. Тоа ќе биде така сѐ додека не се постават кадри кои имаат способност, воља и визија да се справат со вистинските проблеми во образованието.
Ѓорѓи Илиевски,
виш просветен инспектор во пензија











