сабота, 3 мај 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Националниот однос кон понижувањата: примерот со Кина

Веројатно се сеќавате на старата изрека, која му се припишува на Винстон Черчил, дека Балканот произведува повеќе историја одошто може да консумира. Ваквиот (во основа, неточен) став е тесно поврзан со расистичкиот и арогантен однос на големите сили кон Балканот.

Токму оние кои ѝ кумувале на „богатата“ и крвава историја на овие простори, делењето на териториите и народите по своја желба, на крајот вината ја префрлаат на оние кои биле објект и жртва. Оттука, впрочем, потекнува и оној израз (кој сè уште ме лути кога ќе го слушнам, макар и за распарчувањето на Сирија): балканизација! Кога западните сили пишуваат или зборуваат за својата историја страдаат од амнезија или одвратен ревизионизам. Обидете се да ја најдете целата вистина за белгиската историја во Конго, па ќе видите што ќе ви се случи. Ќе ви речат: не сме подготвени за тоа, уште сме чувствителни на таа епизода. А „епизодата“ е екстерминација на 10 милиони луѓе од белгискиот крал Леополд. Соочувањето со минатото во Британија или Германија нема ни да почнувам да го објаснувам, затоа што тие мислат дека останатите треба да им простат и заборават, затоа што се „стари демократии“, а и водечки сили на Европа. Такви потфати, меѓутоа, финансираа(т) во регионот на бивша Југославија, во име на помирувањето. Иако сум за соочување со темните петна на историјата (нема нација која ги нема), никогаш не сфатив зошто ТИЕ се изземаат себе си од овој болен потфат.

Нејсе! Инспирацијата за овој текст ми дојде од другата страна на планетата. Странски пријател на социјалните мрежи напиша: „Ја посетив изложбата ‘Патот кон препородот’ во Националниот музеј во Пекинг, која ја раскажува ужасната приказна за ‘Векот на понижувања’. Дури сега разбирам зошто секој кинески граѓанин сака да ја посети оваа изложба. Повеќето нации би ја избришале и сокриле таа страница од својата историја, прикажувајќи ја само историската слава. Но, не и Кина! И за тоа има причина! Кинескиот народ никогаш повеќе нема да дозволи да биде потценуван и понижуван.“

Не треба да си историчар за да стекнеш претстава низ какви страдања, грабеж и понижувања минал кинескиот народ во период од стотина години, од 19 век до победата на Кинеската револуција. Тоа е историја на серија на воени и државни порази, страдања, колонијално ропство, неправедни договори наметнувани од западните сили кои чинеле што сакаат. Музејската поставка не сум ја видела (иако за време на двете посети на Кина видов три извонредни музеи, од кои едниот се однесуваше на страдањата во еден концентрационен камп). Но, ова е повод да отвориме очи кога ги анализираме потезите на кинеското водство во ова драматично време.

Мојот колега, познатиот шангајски професор Џанг Веивеи, зборува за цивилизациска држава, држава која се протега низ 5.000 години (на разни териториски конфигурации, под разни династии и уредувања, но со континуирани културни традиции). Кога зборуваш со обичните луѓе, особено тие од помладата генерација, од нив зрачи нешто што овде одамна згасна: оптимизам и национална гордост! Притоа, нема да почувствувате гнев, злорадост или желба за одмазда за старите неправди. Да минеш низ невидени понижувања, да ги паметиш, да застанеш на нозе и пораснеш во социоекономски џин, а да шириш наратив за соработка и мир – тоа, ќе признаете, денес е вистинска реткост. А таа реткост е токму Кина.

Секоја нација е формирана од историските и социо-економските и политичките искушенија низ кои минувала. Затоа и зборуваме за колективна меморија, која не мора да значи непосредно паметење за доживеани настани, туку за пренесување на наративот и вистината за себе од генерација на генерација. Многу нации, особено кога ќе им се даде можност самостојно да се претстават себе си преку музеи и споменици, запаѓаAT во грешката да ја бараат својата најдобра, најхеројска и најславна страна. Најубавиот профил, како за селфи и тоа со фотошоп – што е лажење и на другите и на самиот себе. За таквиот незрел пристап обично велиме дека е однос кон историјата како кон самопослуга: влегуваш, одбираш од тоа што се нуди по сопствен вкус, за да си ги задоволиш сетилата и потребите. Непријатните епизоди или намерно се „забораваат“, туркаат под чергиче или извртуваат. Најголема храброст е потребна да признаеш понижување, а најголема мудрост – од тоа историско искуство да извлечеш поука. Никогаш повеќе!

Верувам дека оваа мисла е во главата на целото кинеско водство, сега кога првичната битка со царините се претвора во нешто сосема друго – и опасно. На почеток, можевме да ја видиме мудроста и смиреноста со која Си Џинпинг го нокаутираше Доналд Трамп со неговиот „Ден на ослободувањето“ и војната на царините. Додека вториов правеше циркуски претстави, и како што вели една кинеска изрека „подигна камен само за да си ја повреди сопствената нога“ (англиската изрека е слична, само што кај нив е со пукање во својата нога), Кина трпеливо одговараше без фанфари, без церемонии, говори – но, со одлуки и акции. Трамп доби нокаут во првата рунда. И за тоа е казнет од неоконзервативците кои полека го преземаат кормилото. Во меѓувреме, Си склучува 40-тина договори за соработка само со Виетнам, но и презема мерки за градење поблиски дипломатски и трговски договори со многу земји, меѓу кои се и некои од ЕУ (оние на кои уште им останал здрав разум). Кина веќе нема да дозволи да биде покорената и понижената страна (колку и Д.Ј. Венс да зборува за „кинеските селани“ со очигледна расистичка и навредлива побуда). Кина знае да ги брани своите интереси без да ги навредува и понижува другите. Срамота е овде и да повторам што кажа Трамп за лидерите кои му доаѓале на поклонение… Тоа за кинеската политичка култура е примитивизам. Но, бруталните каубојци немаат намера да запрат. Лицитирањето со царини чија граница е само небото веќе зборува за промена на  планот. Наместо „Денот на ослободувањето“, ова добива контури на кошмарно воено сценарио. Царините ја изгубија економската смисла, ако воопшто и ја имаа во небулозните објаснувања на Трамп. Тие околу него сега гледаат шанса да ја стават Кина под целосен систем на de facto санкции, да ја ослабат, изолираат, и така поведат (за почеток) економска војна. Вистинската воена стапица отсекогаш бил Тајван. Аналитичарите низ светот веќе наголемо зборуваат дека Вашингтон ќе тргне со уцени низ светот, притискајќи ги послабите држави да ги прекинат сите трговски и економски односи со Кина – во замена за смалување или бришење на царините, а можеби и други погодности.

Кина не е онаа од пред сто години. И нема да попушти пред насилниците, кои сакаат да ја вратат во ера на вазалство. Промена на режим со шарена револуција не им успеа ниту во Грузија, а за Русија и да не зборувам. Рационалната анализа покажува дека САД не добиле ниту една војна, почнувајќи од Виетнам до денес (губат и во Украина). На подолг рок, Кина ќе издржи и ќе се препороди – можеби не на начин каков што планира Пекинг, но условите се менуваат и таа ќе се прилагоди како што мораше и Русија. Она што треба да го загрижи целиот свет е фактот дека мировниот план за Украина веќе бледнее, а Европа се вооружува и заканува. Трамп ниту е миротворец, ама ниту господар во Белата куќа. Израел ја празни Газа од час во час (на секои 45 минути умира по едно дете). Решение нема ама баш за ниту еден светски проблем. Вовлекувањето на Кина во воени игри ќе ја чини скапо Империјата на хаосот, но се плашам дека и светот ќе плати превисока цена.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Преглед на потрошувачката на енергија во светот

Љубомир Николовски

НБА МВП

Aмер Капетановиќ

Достоинство на работа во ерата на турбуленции

Рајко Пеколски

Сериски самоубиец

Билјана Ванковска

Златен јубилеј, сложена врска: 50 години од билатералните односи меѓу ЕУ...

Кристина Пота Радуловиќ

Како се „штимаме“ за лутина и повреденост?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ