Вашингтон инсистира Русија целосно да излезе од сопственичката структура – во спротивно Србија може да се соочи со сериозен економски удар. Во такви услови, национализацијата на НИС, некогаш незамислива, сè погласно се споменува како опција.
На прв поглед, идејата изгледа патриотски и логична: државата повторно да преземе контрола врз стратешкиот ресурс, да го засили енергетскиот суверенитет и да демонстрира дека може да носи одлуки независно од странските центри на моќ. Но зад оваа политичка реторика се крие длабок ризик, кој може да ја турне Србија во криза од која тешко ќе се извлече.
НИС е клучен столб на српскиот енергетски сектор. Компанијата обезбедува најголем дел од нафтените деривати на пазарот и управува со единствената голема рафинерија во земјата. Национализацијата би значела веднаш соочување со високи компензации за руските акционери. Москва, поддржана од меѓународно право, би поднела тужби во кои сумите лесно би достигнале стотици милиони или милијарди евра – товар што српската економија тешко може да го поднесе.
Дури и варијантата со откуп на уделите не е поевтина. Државниот долг би се зголемил, а буџетот и онака се справува со високи трошоци. Потегот преземен за укинување на санкциите на САД може да биде најскапиот политички компромис во последните децении – и тежок за објаснување пред граѓаните кои веќе се борат со инфлација и пад на реалните приходи.
Но, финансискиот аспект е само една страна од проблемот. Русија останува доминантен снабдувач со гас за Србија. Секое влошување на односите со Москва би можело да предизвика раст на цените и нестабилност во снабдувањето со енергија – сценарио што директно би го почувствувале сите домаќинства.
Тука е и прашањето на инвестициската клима. Принудното одземање на бизнис од странски инвеститор испраќа опасен сигнал – вложувањето во Србија носи политички ризици. Довербата на инвеститорите се губи за момент, а се гради со години. За земја која се натпреварува за странски капитал со остатокот од регионот, тоа би била болна загуба.
Внатрешнополитичките последици исто така не се занемарливи. Дел од јавноста, блиска до Москва, би ја доживеал национализацијата како политичко предавство. Поларизацијата би се продлабочила, а уличните тензии би станале нова реалност во Белград.
И најпарадоксално од сè: дури и по национализацијата, Србија нема да ја добие посакуваната енергетска независност. Рускиот капитал најверојатно би го заменил западен, преку инвестиции, опрема и нови договори за снабдување – со нови политички услови. Геополитиката не трпи празен простор: ако си замине еден играч, втор веднаш ќе го заземе неговото место.
Ова не е битка за суверенитет, туку борба за одржливост со многу ограничени избори. Секој потег носи висок ризик. Секоја одлука бара жртви.
Токму затоа, Македонија треба внимателно да ја следи оваа приказна. И кај нас има повици за „државен поврат“ на клучните енергетски компании. Но економија како македонската не може да си дозволи експерименти под политички притисок. Национализација спроведена без јасна стратегија може да предизвика штета што ќе се чувствува со генерации.
Случајот со НИС е предупредување за целиот регион. Тој покажува дека исти мерки имаат различна тежина во различни економии. Ако за Србија ова е борба за опстанокот на енергетиката, за Македонија сличен чекор би можел да значи почеток на економски пад од кој тешко се излегува.
Александар Стојановски, Брисел











