Лицемерието е заеднички психолошко-реторички именител на политиката и капитализмот: развлекувате голема идиотска насмевка и златословите неколку секунди, додека не ѝ го продадете на целната личност (или во политиката: „политички субјект“ ) тоа што сте го намериле: рекламите се преполни со насмеани лица (обично од женскиот пол, сексизам, би рекле феминистките) кои се тука 24 часа за вас, на кои секогаш можете да им верувате, кои се грижат за вас, кои се ваши најдобри пријатели…
Впрочем, проблемот на капиталистичкото лицемерие би можел правно да се пресече со окамовска леснотија: наместо разни високоцветни и небулозни закони кои разни левичари, групи за вакви и онакви права ги предлагаат, донесете еден прост закон: дека субјектот кој рекламира е обврзан да се држи до своите зборови! Поинаку кажано – метафорите само за поетите, за претприемачите само буквално толкување според она што важи како здрав разум (sensus communis), power to the people! Велите: „секогаш тука за вас“! СЕКОГАШ? Добро, ќе одам во 3.30 по полноќ кај директорот на „Т-Мобајл“ кој е правниот субјект зад овој слоган, и или има да ми отвори врата, да ми тури од тоа вискито што го чува за ВИП-гостите и да ме трпи како „му го дрвам“ дур не ми здосади (оти, нели, „ми е најдобриот пријател“) или – ќорка! Тој ми опалил на сто билборда и насекаде по интернет дека ми е најдобар пријател и дека секогаш е тука за мене, па – нека се држи до ветеното!
Значи, неколку минути корпоративна љубезност, а потоа – сте ѓубре што отплаќа рати и кредити! Меѓутоа, во капитализмот и во политката има и подолу од ѓубре. А тоа е – Северна! Онаква, каква што дееволуираните безрбетници Заев и Ковачевски ни ја оставија. Имено, тие не само што се безрбетници, туку развиле и „негативна кичма“, најнова мутација во балканската политичка еволуција – тоа ти е како некаква анатомска хармоника наместо ‘рбет, која се собира пред евроатланските господари, правејќи те од мал помал, а кога е сама во „балканската крчма“, се растегнува во какафонични звуци кои не се трпат ни после сто ракии!
Имено, ете, Кос веќе не се мачи ни да ни ја продаде ЕУ-идејата, после Заев и Ковачевски сме толку безвредни во нивните очи, што не сме достојни ни да бидеме прележани, туку онака, ќе ни го вперат пиштолот, а ние мора да бидеме благодарни и почестени, што ете, ќе бидеме прострелани, куршум по куршум од евроатлански пиштол! Првиот куршум ни го разби черепот (Преспа), но ете, уште некако дишеме, сега, Кос сака да ни ги извади дробовите, и притоа вели: па, можеби, впрочем, најверојатно после ќе ви ги извадиме и бубрезите, и срцето… и пак не сме сигурни дали најпосле ќе ве пуштиме!
Односот на ЕУ кон Македонија е парадигматски за кризата во која се наоѓа ЕУ: радикален диспаритет помеѓу самоперцепцијата и стварноста: ЕУ сѐ уште мисли дека е (нео)колонијална збирштина на (пост)колонијални империи и така и се однесува. Во реалноста, таа е притеснета змија: сè што може да се очекува од притеснета змија е саскање и отров! Фон дер Лајен, онака шпенглеровски, го прогласи Западот за мртов, заради ривалството меѓу САД и Кина, но и заради „рускиот империјализам“. Да ни беше тука Марјановиќ, ќе го речеше она негово славно кумановско „да се крсти човек с’с леву руку!“.
Прво, рускиот империјализам историски секогаш бил дел од европскиот империјализам. Уште од крајот на XVIII век наваму се оформува политичкиот пејзаж на европскиот империјализам, кој секогаш се состоел од блоковски поделби кои кулминираа со две светски војни. Русија секогаш била дел од европските империјални сојузи. Второ, единствениот момент пред сегашниов, кога Европа изолирала некоја европска велесила претходно (ако ја изземеме Хитлерова Германија, која меѓутоа имала сојузници во Европа (Италија, „квислинзи“…) бил Наполеоновиот период, кога сите европски велесили и нивните сателити биле во сојуз против прогресивниот корзиканец. Зад идеолошкиот судир се криело всушност монархо-феудално реакционерство на социо-економски дотраените монархистички сили кои се сојузуваат со раниот либерализам и ги задушуваат вистинските прогресивни сили на XIX век, социјализмот и анархизмот и го исцртуваат денешниот глобален поредок многу пред она што разни „експерти“ го лоцираат во т.н. поствоен поредок.
Денес конфликтот е меѓу дотраените ЕУ-либерални монархии и она што грубо наликува на нов хибриден поредок заснован на оската суверенизам-регионализам-еквилибризам. Некои се обидуваат да го дефинираат како некаков нов глобализам напојуван од Кина, но уште е рано за теоретско ловење во матно; приказната е во фаза на жестоко испишување, а таа е сложен и опасен трилер. Како и да е, називот „либерални монархии“ е намерно (навидум) парадоксален, но во основа може да се валидира и историски – коалициите на либералните групи и монархистичко-националистичките реакционери од XIX век – и во контекст на актуелните состојби: инструментализаија на правото и идеологијата – досиеја: Македонија, Палестина…, реакционерска цензура, која како „златна“ нишка се провлекува од XIX век па до денес). Место Наполеонова Франција „изолирана“ е Путинова Русија. Претходниот пат тоа заврши лошо за Франција. Но, главната поука е дека секогаш кога европските велесили се здружувале со реакционерски побуди, изолирајќи некоја автохтона европска велесила (Франција, Русија) следела жестока агресија на континентот и социо-економски депресии. Со Франција и Русија сигурно не мораше да биде така, нацизмот е посебна приказна, но можеби дури и тој можеше да се превенира, меѓу другото, со посензибилен однос кон Германија наместо понижувачкиот Версајски договор; тоа е друга, долга тема. Со денешниот технолошки паритет, тие депресии ќе бидат (и веќе се движат во тој правец) на ранг на тектонски потреси.
И Кос и Фон дер Лајен се израз на една болна колективна политичка психопатологија во опаѓање, чија патологија се состои во хронична неспособност за саморефлексија и самокритика, што од своја страна резултира со децении на масовна политичка хистерија и психоза – џунглата од Западен Балкан, варварите од Русија, популистичкиот џган…
Ние, западните либерал-прогресивци кои го прекршуваме меѓународното право или го користиме како оружје по потреба, кои наместо демократско-правни, уважуваме клановски принципи (внимавајте: не се ни реалполитички повеќе, оти ЕУ го нема ни она „реал“ за да биде реалполитички актер), кои селективно допуштаме/спонзорираме/премолчуваме пред геноциди, кои допуштивме и коспонзориравме геноциди и разорни војни на европското тло (геноцидот врз Македонците во Граѓанската Војна во Грција, бомбардирањето со ослабен ураниум врз тогашна Југославија), а за геноцид, вредности и право вревиме само тогаш кога тоа ни користи да го легитимираме нашиот антагоноизам кон нашите политичко-економски ривали или нашите неприкосновени демо(н)кратски претензии кон тоа-таа-џунглата-таму-надвор-од-Шенген, ние кои збришавме и бришеме цели културни идентитети (Македонија), кои ги узурпираме дискурсите како оружје, се кинџуриме идеолошки со фенси-шменси (псевдо)феминизам, прогресивизам, диверзитет како политичка валута…. неее, ние криви за пропаста на Западот… нее, ни под разно! Или, како онаа шега на студентите по македонистика: има ли турцизми во македонскиот јазик? Ма, јок!
Само што ЕУ не се шегува, туку е терминален патолошки случај со сериозно изместена перцепција за реалноста која резултира со растечка хистерија, анксиозност и дисоцијација на нејзиниот севкупен политички и културен идентитет. Македонски политичари: ако уште сакате во ЕУ, тогаш, народски кажано, не сте со сите! Или: од лудиот подалеку! И не само народски кажано, туку и реалполитички – светот веќе од пред неколку децении стана многу, многу поголемо место од ЕУ, која реалполитички на светскиот глобус е веќе значително помала одошто е географски. Само што вие сте премногу корумпирани, лакоми, ропски настроени и кусовиди за да го согледате тоа! Доколку тогашната империја, Византија, ги ослепи Самоиловите војници, денешната империја во опаѓање целосно ве ослепила вас, кои со едно подотворено око уште му намигнувате на џелатот и се надевате да добиете подадена рака, наместо тупаницата која со децении мава по овој народ и регион, бидејќи веќе си ги искрши коските за да мава подалеку!
Филип Клетников