сабота, 17 јануари 2026
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Мујо во Иран

Луѓето од просторите на бивша Југославија веднаш ќе го разберат насловот. Мујо е легендарен (иако фиктивен) карактер од Босна, главен јунак (заедно со неговиот пријател Хасо) на многу духовити вицови со кои растеле генерации Југословени. Воениот виор кој ја зафати земјата однесе многу животи, но Мујо преживеа, дури и во најлошите времиња на босанскиот конфликт.

Еден посебен виц ми остана во сеќавање и триесет години подоцна. Дејствието се случува во локална кафеана во внатрешноста на Босна, во некое мало гратче, во кое лик на странец (од Западот) лесно се препознава. Влегува така Мујо еден ден во локалната биртија и здогледува странец. Му приоѓа срдечно, како што прават локалците, и го поздравува, прашувајќи го кога пристигнал и колку време ќе остане. Овој одговара дека стасал вчера и заминува наредниот ден. „А што правиш тука?“ – прашува Мујо. „Пишувам книга за Босна“, одговара странецот. Зачуден Мујо прашува: „а како ќе се вика твојата книга?“. Одговорот е легендарен: „Босна: вчера, денес и утре“. Ете, така изгледаат сите кои ако еднаш-двапати стапнале во некоја земја или сретнале луѓе од таа земја, мислат дека се способни да ја разберат.

Затоа, да се разбереме: јас отворено кажувам дека во Иран не сум била, иако имам колеги со кои соработувам, мене лично ми е дестинација на соништата, која сакав да ја посетам пред пандемијата, а сега веќе се прашувам дали ќе дојде таква прилика. Сепак, како човек кој знае што е војна, знае дури и што е обоена револуција и воена интервенција, но и како некој кој се занимава со прашањата на мирот и конфликтите, и е левичар по убедување, чувствувам потреба да не молчам во момент кога она портокалово суштество во Белата куќа може да преземе катастрофална акција против уште една земја. Иако не сум експерт за Иран, го имам искуството и знаењето од своја кожа, а западниот империјализам функционира по исто упатство: демонизирај држава или лидер, елиминирај го (на мек начин или со сила), злоупотреби ги легитимните незадоволства и расцепи во општеството, дотури масло на оган, очекувај крвопролевање – и прати ја „американската коњица“! Таму каде што САД интервенира, трева веќе не расте, но може да се појават нови држави, нови лидери (дури и преоблечени ИСИС-ови кољачи), и експлоатација на ресурсите на државата. Нема ни збор од демократија, човекови права, бла-бла… Има само вечен интерес. Населението кое веројатно страдало од лошото управување на својата власт, сега ќе биде послушно пред гибернаторот во вид на американски амбасадор или намесник. Ако и не дојде до крвопролевање за да се оправда „хуманитарна“ интервенција, тоа лесно се фабрикува.

И токму салдото во изгубени животи по насилните протести во Иран станаа точка на разграничување кај оние кои искрено или не се грижат за судбината на овој народ. Тука се делат не само левите и десните, туку и внатре во самата левица има различни ставови. Како и да е, ваквите настани се вододелница по која почнуваме да си ги преиспитуваме моралните, принципиелните и идеолошките позиции. За жал, тоа не го правиме навреме пиоради многу причини, а хипокризијата е една од нив.

Кога деновиве, на еден или друг начин, влегов во дискусии во некои кругови на кои им припаѓам, на ум ми дојде Марксовата позната мисла од „18-иот Бример на Луј Бонапарта“, според која човекот ја создава својата историја, но не онака како што самиот сака, туку во условите и околностите директно наследени од минатото. Истото важи и за пустите желби да го видиме Иран како мирно, развиено, слободно општество (иако визиите се разликуваат според светогледот на посматрачот).

Деновиве читав, слушав, гледав сè што можев да најдам, главно од Иранци (и Иранки) и од кредибилни извори. Некредибилните медиуми служеа како чек-поинт за да видам до каде може да оди пропагандата (која за жал минува и кај интелигентни луѓе со добра волја). Повторно не тврдам дека можам да знам што се случува во една огромна земја со 90 милиони жители и не знам колку етнички и верски групи, генерациски и идеолошки разлики и сл. Но, знам дека она што ќе беше природен тек на развој на едно општество прекина во моментот кога Иран стана прво посакувана цел за алчниот Запад, а потоа кога стана општество подложено на невидено сурови санкции. Безброј научни студии покажуваат дека санкциите (дури и ако се наметнати од ОН, а овие во Иран никогаш не биле легални) прво ја погодуваат популацијата, додека елитите минуваат речиси без последици. Иранското општество доживеа невидлив инженеринг со „давење“, со гушење на секоја можност за економски и друг развој. Сите сме виновни што не водевме долгогодишна кампања „Стоп за санкциите“. Не дека ќе успеевме – видете го примерот на Куба!

Второ, со промена на лидер не се менуваат структурите кои се длабоко вкоренети и моделирани според околностите. Ако сте окружени со воени бази, ако ви се закануваат на разни начини и ве казнуваат зошто постоите, не е чудо елитата да се брани (и себе и земјата), така што ќе покажува со прст на надворешниот фактор. Тој не е измислен, не е фатаморгана: надворешниот фактор активно придонесе за воспоставување на специфичен политички систем и политичка култура, кои ни се допаѓале нам или не, сепак се легитимни претставници на таа држава. Дополнителната тортура и понижување на иранската цивилизација (бидејќи Персија е навистина цивилизација со длабоки корени) е постојаната демонизација, дехуманизација, создавање наратив за „мулите“, „чадорите и хиџабот“ и слично. Деновиве имав можност да слушнам извонредна анализа на две брилијатни жени кои зборуваа за вибрантното граѓанско општество, за начинот на кој во рамки на постоечкот систем и жените и синдикатите и другите социјални групации се борат за подобар живот.

После она што се случи во Венецуела (да не потсетувам на сите претходни случаи на помалку или повеќе спектакуларни елиминации на лидери), сега е на ред Иран. Засега властите го спречија западното сценарио, но паднатата крв остава лузни во општеството. Некои заговараат уште повеќе санкции (за лошиот „режим“ кој убива свои граѓани – небаре е тоа омилена спортска дисциплина дури и на недемократските системи кога се нападнати). Други навиваат Трамп да изведе уште една „спектакуларна и брза акција“. Во очекување сме на сите можни сценарија, а истовремено се прашуваме како да ја спречиме оваа империјална наезда. Забраната на тргување со Иран (зголемени царини или нешто полошо) е веќе изречена од Трамп, но тука е и ЕУ која се придружува и е страшно загрижена за цивилните жртви на техеранскиот режим, додека во исто време не гледа и не слуша за злото во Газа. И тука му доаѓа на човек да си пукне од мака: геноцидни држави, империјални аждаи се намерачиле на нова цел (за ресурси и геополитичка контрола), страдањата на Иранците од сите социјални слоеви ќе бидат само енормно зголемени, но ние дебатираме дали треба да ја осудиме жртвата (т.е. Техеран) за кршење на човекови права и авторитаризам?!? Искрено, штом слушнам за „човекови права“ од некој од западот мене веќе ми се превртува стомакот поради сите интервенции во тоа име, од Југославија до Сирија. Сите до една беа лажни и цинични – и многу профитни за изведувачите.

Ми се темни пред очи кога слушам за „балканизација на Иран“ – т.е. негово черечење, т.е. или создавање пропадната држава или повеќе држави. Балканот како таков никогаш не бил држава како Иран/Персија. Да, на негова територија се создавале и умирале држави, кои сега се повеќе или помалку во фаза на тивко пропаѓање. Благодарение на западните лекови и терапии… Но, Иран и Сирија не можат да бидат „балканизирани“ затоа што тие биле и се држави.

Секој вид на мешање во внатрешните работи на една држава се атак на неговото право на политичко самоопределување, слободно градење сопствен социо-економски систем и култура. Секоја потреба на сила без овластување од ОН е злосторство, а во дадени околности и злосторство против човечноста (не само против човековите права). Она што важи за земјите на западот, важи и за Венецуела, Иран, Русија, Кина, и секоја помала или поголема држава. Иранскиот народ е осакатен со генерации, но е мудар и не е инфантилен. Тој ќе знае најдобро што му одговара, а ако сакате да помогнете барајте итно симнување на сите незаконски санкции. Стоп за воени и прикриени операции на актери без никакво правно, морално или политичко покритие.

Билјана Ванковска       

КОЛУМНИ

Јове Кекеновски

Од опинок до италијански брендирани чевли

Љубомир Николовски

Одлуки што ја променија историјата на НБА

Александар Иванов

20 дена до новата геополитичка анархија? Од Ерос до Танатос

Ристо Цицонков

Јaглероден хаос

Братислав Димитров

Графити

Алекандар Иванов

Кризите не се „менаџираат“ – тие се командуваат: Зошто ни е...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ