Европа е под голем притисок. Од неа се бара не само да одговори на прашањето дали може да се брани сама, без помошта на САД, туку и да премине од зборови на дела и да изгради своја одбрана без да се потпира на американскиот сојузник. Новиот претседател на САД, Доналд Трамп, редовно изјавува дека европските земји мораат да инвестираат повеќе во одбраната и дека не можат вечно да сметаат на американскиот сојузник.
За јавноста ова можеби се чини како нова дебата, но САД одамна ова го бараат од Европа, уште од времето на Барак Обама. И тогаш, од членките на НАТО се бараше да го зголемат придонесот во НАТО на 2 отсто од нивниот буџет. Денес, тој процент достигнува до 5 отсто, но ретко која членка го исполнува бараниот придонес. Тогаш, во 2016 година, како никој да не обрнуваше доволно внимание на барањето на САД. Овој пат очигледно нема бегање, особено што Европа се чувствува загрозена од руската закана, но чувствува и обврска да и помогне на Украина.
Особено по немилиот настан во Белата куќа кога претседателот на САД практично го избрка неговиот украински колега Володимир Зеленски од Овалната соба каде се очекуваше да се потпише договор за ретки минерали помеѓу двете страни што требаше да води потоа, во притисок на САД врз Русија, прекин на оган и примирје помеѓу Москва и Киев.
Европски планови
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, на 4 март 2025 година објави план за издвојување на 800 милијарди евра за вооружување на Европа.
На состанокот во Брисел на специјален самит на 6 март, европските шефови на држави и влади дадоа зелено светло за планот „Превооружување на Европа“ (ReArm Europe). ЕК бара да се издвојат 800 милијарди евра (околу 650 милијарди евра преку ново задолжување на одделни земји од ЕУ, а 150 милијарди преку заеми обезбедени од буџетот на ЕУ) за да се забрза набавката на воена опрема, вклучувајќи системи за противвоздушна одбрана, ракети, беспилотни летала итн.
Според Институтот Бројгел, тинк-тенк специјализиран за економски прашања, на Европа ѝ се потребни 300.000 дополнителни војници и годишно зголемување на трошоците за одбрана од најмалку 250 милијарди евра на краток рок, за да се одврати руската агресија. Засега, американските трупи во Европа се поддржани од стратешката авијација и вселенските ресурси.
Како што вели овој Институт, за руската војска војната во Украина е скапа. Сепак, благодарение на широката мобилизација на руското општество и индустрија, руската војска сега е значително поголема, поискусна и подобро опремена од онаа што ја нападна Украина во 2022 година. Руската војска и Генералштабот сега поседуваат непроценливо искуство на бојното поле, неспоредливо со ниту една друга војска освен Украина. Ништо не остана од изјавите на фон дер Лајен од пред две години, во кои таа храбро изјавуваше дека Русија мора да биде поразена.
Според експертите, за својата безбедност и заштита од Русија, Европа засега може да смета само на Украина и нејзината војска која има над милион и 300 илјади војници.
Претпазливоста на Европа кон САД
Земјите членки на ЕУ кои ветија свои средства за воени цели, почнуваат да покажуваат нервоза. Некои земји, како вечниот партнер на САД, Велика Британија но и Полска, изразија надеж дека американската помош ќе се врати на нашиот континент.
Помеѓу земјите кои и понатаму сметаат и сакаат САД да останат со нив се балтичките земји. Додворувачка изјава даде и полскиот министер за одбрана Радослав Сикорски, кој за „Њујорк Тајмс“ изјави дека „Полска издвојува 5 отсто од својот бруто производ на одбрана, односно највисоката пропорција во НАТО. Ние станавме еден од најважните клиенти на американската воена индустрија со нарачки од десетици милијарди долари од 2022 година“.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте дури изјави дека огромните трошоци за одбрана се приоритет за секоја влада. „Ако не издвоите многу повеќе пари за воените обврски од сегашните 2 отсто, ќе треба да учите руски или да се преселите на Нов Зеланд“, изјави тој во Европскиот парламент во јануари.
ЕУ земјите се претпазливи. Не сакаат тотално да ја уништат довербата со САД, па и понатаму можат да се чујат изјави во насока на тоа дека САД се сојузници. Францускот претседател Емануел Макрон, на пример, изјави дека Европјаните „се лојални и верни сојзници“ и изрази „почит и пријателство“ кон САД. Тој додаде „дека можеме да очекуваме иста позиција и кон нас“. Макрон, исто така, потсети на членот 5 од Вашингтонскиот договор на НАТО, кој ги обврзува земјите членки да одговорат доколку една земја членка е нападната и на единствениот момент во историјата на НАТО кога членот 5 беше активиран, пред се, како сојузничка поддршка за САД на 11 септември 2001 година.
Како и да е, на европската одбрана и требаат повеќе години да се оформи и да биде ефикасна без американска помош.
И тоа не е сé што ѝ недостасува на Европа. Европските земји се зависни од САД и од оружјето произведено во САД, а НАТО отсекогаш инсистирал на интероперабилност.
Има ли САД стоп-копче за авионите Ф35
Како пример, да ги споменеме авионите Ф35 кои се, велат експертите, вистинско технолошко чудо, но Американците можат да ги деактивираат на дистанца. Така, во Белгија се води дебата за купувањето на 34 од овие авиони. Во 2018 година, Шарл Мишел, тогашен белгиски премиер и експретседател на Европскиот совет, потпиша договор со САД за овие авиони. Министерот за одбрана на новата десничарска влада на Белгија, фламанскиот националист Тео Франкен, вели дека не е точно дека САД можат на дистанца да ги спречат овие авиони да полетаат. И го напиша на Х својот став за овие авиони, но и неговото мислење за администрацијата на Доналд Трамп:
„Би сакал да истакнам дека инсинуацијата за таков нелојален однос од САД во однос на Ф35 не се заснова на ништо. И покрај силните и понекогаш контрадикторни политички изјави од САД, во моментов, не се зборува за американско повлекување од НАТО. Минатата недела сосема нова американска бригада пристигна во Антверпен“, напиша тој на 14 март.
Но, редица експерти тврдат дека овој страв за Ф35 авионите е сосема реален. Според Фредерик Мауро, експерт за одбрана на Институтот ИРИС, не е сигурно дека на Белгија ќе и биде дозволено да ги активира овие авиони за вистински мисии во случај САД да се спротивстават. Станува збор за „ажурирања на софтверот, таргетирање и пристапот до резервни делови кои имаат смисла само ако Ф35 се поврзани со американскиот борбен облак“, вели Мауро и додава дека денес е тешко да се верува во американската гаранција. И германските економисти неодамна предупредија да не се купуваат американски борбени авиони Ф35.
Ова доведе до повици од европските земји да ја ограничат нивната зависност од американското оружје. На пример, Стратешката цел на НАТО веќе со децении е интероперабилност на оружјето, но во момент на заладување на односите со Вашингтон, европските лидери се наоѓаат „во небрано“.
Зависноста од САД во пораст
Европските членки на НАТО cе зависни од американското оружје и таа зависност се зголемува, констатира извештајот на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ). Европскиот увоз на оружје се зголемил за 155% во периодот 2020-2024 година, во споредба со периодот 2015-2019 година, како одговор на нападот на Русија на Украина пред три години. САД испорачале 52% од воената опрема на европските членки на НАТО помеѓу 2015 година и 2019 година, овој удел се зголемил на 64% во наредниот петгодишен период.
Според СИПРИ, Франција, Јужна Кореја, Германија и Израел се производители на оружје, извозници се САД, Франција, Русија, Кина и Германија а најголем увозник во последните три години е Украина.
Некои од европските земји, како Франција и Велика Британија, можеби Германија и Полска, се понудија, во рамки на „коалицијата на волонтери“, да пратат војници и авиони во Украина како гаранција за идниот мировен договор. Италија стави јасно на знаење дека нејзините војници нема да бидат дел од оваа коалиција.
Но, досега единствениот одговор стаса од Владимир Путин кој не сака да чуе за трупи на НАТО во Украина, дури и тие да оперираат под друго знаме. Европјаните сметаат дека Доналд Трамп ќе успее да ја убеди Москва за позитивната улога на европската војска во потрагата по мирот.
Турција како спас?
Конечно, во оваа незавидна ситуација во која се наоѓа Европа по најавата на Трамп дека САД би можеле да се повлечат и сознанието дека и треба многу време да се подготви за самоодбрана и за одбрана на Украина, трошка надеж дојде од Турција.
Турција е членка на НАТО, одржува добри односи со Киев и Москва и ја има втората најголема НАТО армија по САД. Анкара би можела да придонесе за мировната мисија во Украина, а Турција и Европа имаат заеднички безбедносни интереси. Според Турција, европската безбедност не е можна без нејзино вклучување.
Полскиот претседател и претседавач со ЕУ Доналд Туск го посети турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 12 март и по разговорите изјави дека дал „јасен предлог Турција да преземе најголема можна ко-одговорност“ за мирот во Украина и за регионалната стабилност. Висок европски дипломат за Ројтерс изјавил дека Турција има „многу важни ставови“ за тоа што е потребно за мир во Украина. Ердоган успеал да ги балансира односите помеѓу Зеленски и Путин за време на војната, така што е сосема логично Турција да биде со ЕУ во оваа криза.
Сакала ЕУ или не, Турција останува клучна членка на НАТО. Земјата со која управува Ердоган 22 години е една од ретките регионални сили способни да соработуваат со Русија и да го ограничат нејзиното влијание, како во Сирија.
Но, турскиот претседател има свои услови а тоа е продолжување на преговорите за членство на неговата земја во ЕУ, започнати во 2005-та и замрзнати од 2016 година, за во 2019 година, Европскиот парламент да гласа за суспензија на преговорите.
„Ако ЕУ сака да го избегне, па дури и да го смени губењето на моќ, тоа може да го постигне само со полноправно членство на Турција“, рече претседателот Ердоган на прес-конференцијата со Туск. Тој претходно изјави дека „европска одбранбена архитектура без Турција е незамислива“.
Факт е дека работите ѝ одат на рака на Турција. ЕУ работи на форма на привилегирано партнерство, предвидено пред години од европските демохристијани за Турција како алтернатива на членството. Пристапот до зајакната европска царинска унија може да биде столб на оваа соработка.
Друга би можела да биде безбедносната соработка, во Украина, но и за прашања како што се набавките за одбрана или реконструкцијата на Сирија. Заедно со Велика Британија, која повеќе не е членка на ЕУ, Турција нема да се смета како членка од втор план. Турција е секако важен член на НАТО и на Европската политичка заедница.
Светлана Јовановска