Идеално време за властите да протуркаат некоја „генијална“ идеја. Сакате да набројам неколку значајни моменти кои се случија среде лето? Ајде да не одиме поназад, ама да почнеме од Рамковниот договор, па промената на Законот за територијална организација (општинските граници), Бугарскиот договор, Преспанскиот договор и предвечерието на референдумот, „францускиот предлог“… Сега е на ред нова „брилијантна идеја“ за решавање на пречките поврзани со бугарското негирање на македонскиот јазик и идентитет.
Не знам дали автор на идејата бил пратеникот Антонијо Милошоски (бивш министер за надворешни работи) или актуелниот министер Тимчо Муцунски, или можеби зад ваквиот зачудувачки предлог за поднесување заедничка декларација со Бугарија пред Европскиот парламент (ЕП) стои целата извршна власт (заедно со претседателката Сиљановска-Давкова)? Исфрустрирани поради она што го видоа како фијаско во ЕП, по неспоменувањето на јазикот и идентитетот во извештајот за напредокот на Македонија, веројатно мислат дека измислиле идеален план на цел свет да му покажат каква е Бугарија. Во ТВ интервју, Милошоски изјави дека нам „не ни треба потврда за постоењето, туку за вистинските намери на Бугарија“. Уште поинтересен е ставот на министерот Муцунски кој зборуваше за „намерата на премиерот Мицкоски“ да побара поднесување заедничка (македонско-бугарска) резолуција во ЕП за признавање на македонскиот јазик и идентитет. Во истата изјава за медиумите, тој всушност кажа дека таков текст на резолуција (или предлог?) е веќе стасан во Софија, од која се чека одговор. Сепак, најрелевантен во низата најави/изјави е онаа на премиерот, кој смета дека заедничка резолуција со Бугарија ќе покаже дека двете држави се добри соседи. И тука доаѓаме до министерството (или владата/двоглавата извршна власт) на глупави чекори, бидејќи овој изум на заедничка резолуција е јасно пукање во воздух и со ќорак. Ако е така, тогаш зошто ваква вознемиреност и реакции кај дел од академската и интелектуалната јавност? Проблем навидум нема, бидејќи и на врапчињата им е јасно дека Софија нема никаква причина, од позиција на моќ и членство во ЕУ, да прифаќа небулозни предлози на Скопје. Ним им е совршено јасно дека се ова очајнички чекори на македонската власт среде лето да создаде врнежи на снег, кои ќе го покријат брегот, за ѕверките да си ги покажат вистинските траги. Демек, ние сме добрите соседи, ама тие се оние што нè блокираат и не нè признаваат. И да, цела Европа ќе се потресе. Исто како и ЕП пред некое време… Како да им нацрташ на нашиве недоветни итреци дека тука нема ни дипломатија, ни кадифени ракавици: Бугарија наметна услови, Македонија ги прифати, а Европа ги благослови. Не вреди тука кодошење, не сме ние виновни, туку оние пред нас (Заев, Ковачевски, Османи, Димитров, итн.). Бугарската власт во континуитет, без оглед дали има привремена или стабилна влада, во сите можни институции (од политички до академски) го повтори ставот за (не)постоењето на Македонците или за нивниот „модерен изглед и происход“. За јазикот стави дури и фуснота на европски документ. Нашата претседателка, љубителка на европски симфонии, уште верува дека Европа е добрата самовила, ама уште не го сфатила триосминскиот такт, па ни своите основачки договори и повелба за човекови права. Колку наивен треба да си за да го тврдиш ова?!
Оваа власт треба да признае дека ниту имаше решение (или храброст) за време на изборната кампања (и претседателска и парламентарна), ниту сега ги има. Таа, всушност, од ден на ден манифестира субмисивност, покорност и свиткан р’бет – најнапред со „генијалниот“ предлог за промена на Уставот согласно бугарската уцена ама со одложено дејство (уау, каков изум! Брисел им се насмеа в лице). Сега сакале да ја доведат Бугарија на чистина, а всушност ни нанесуваат уште едно големо понижување и нè подготвуваат за некој „добрососедски финален чин“. Прво, повикуваш држава да ти стави печат на постоење, а потоа заедно се обраќаш до политички најневажната институција на политичкиот систем на ЕУ!!! Еве, дури и да го добијат тоа што го бараат, каква правна важност има тоа за почетокот на преговорите со Унијата? Апсолутно никаква! Треба како „попчиња“ да си смениме Устав, ако помислуваме на (долгогодишни) преговори со Унија која се распаѓа однатре преку забрзана милитаризација и подготовки за војна. Вистинското прашање што малкумина сакаат да си го постават гласи: дали нам ни е место во таква Унија која веќе не е ниту зона на мир, ниту на човекови слободи и права, а уште помалку на демократија? Што всушност ние очекуваме од ЕУ на која буквално ѝ се прди за нас (да го цитирам великиот Горан Стефановски).
Станува збор на сплет на чекори, или поточно потези кои како да излегле од „Министерството за смешно одење“, т.е. познатиот комичен скеч од „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“. Во овој скеч се сатиризира бирократската неефикасност преку прикажување на владино министерство посветено на развивање и финансирање разни смешни начини на одење. За жал, кај нас нема сатира, само брутална стварност. Најнедоветен, ама и најзагрижувачки чекор е оној кој се однесува на нетранспаретноста во носењето одлуки, како и односот кон критичката академска јавност. Прво преземаат непромислен чекор, а потоа прво дознава Софија, а потоа ние. Да биде иронијата поголема, клучните луѓе одговорни за надворешната политика се универзитетски професори. Но, најмладиот од нив ќе ни порача: „Сето тоа што го прочитав како забелешки од експертската јавност, да, тие се ноторни факти кои што постојат, се потврдени од меѓународни организации, од научниот свет, но истовремено и академската заедница некогаш треба да биде свесна за политичката реалност, а политичката реалност е дека нашиот сосед и покај сите овие непобитни факти ги негира нашиот идентитет, нашата историја и нашиот јазик и тоа за нас претстаувва не само ризик, туку и пречка.“ Овој речник потсетува на „мудростите“ со кои Денко Малески и Стево Пендаровски укажуваа дека едно е наука, а друго е реал-политика. За жал, дел од овие реплики ѝ беа упатени на сегашната претседателка во кампањата од 2019 година, тогаш кога таа сè уште беше повеќе професорка од министерка за култура; пардон, претседателка. Таа беше коавторка на еден заеднички труд за јазикот и јазичната култура со уште две колешки. Беше потписничка на еден куп отворени писма кога научната јавност се обидуваше да ја предупреди власта да не прави глупави чекори. Тоа го знам и како организатор и како автор на дел од тие писанија.
На ваквото суптилно замолчување на познавачите и професорите ќе се придружат и некои „бардови на новинарството“ (кои менуваат страна како вејката на ветрот), но и некои новопечени јавни ликови како излезени од стрип. Тие ни порачуваат: бидете си вие совршени во вашите академски полиња, ама не се мешајте во политиката. Во најмала рака ќе очекував претсдеталеката да се разбуди од сонот на летната ноќ и да сфати дека има ингеренции во сферата на надворешната политика. Да се сети дека била професорка и уставен правник, дека и таа била во ситуација да се „меша“ и поправа монтипајтоновски чекори. Наместо да молчи.
Не сакам да бидам Касандра, зошто за жал прецизно ги погодувам лошите настани. Само ќе кажам дека зад глупавите чекори се крие многу повеќе од незнаење или невештост. Ова наликува на нешто веќе видено, нешто што води кон целосна капитулација и распродажба на она малку што преостана од македонството. На чело на власта се професори, кои се прават креативни и поумни од сите други, а длабоко во себе се грижат само за позициите на моќ. Ништо повеќе, ништо помалку. Ние, останатите, ќе си продолжиме да им кажуваме дека сме го читале Андерсен и сме ја разбрале бајката за царевата нова облека – која не постои. Голи и боси се. Толку.
Билјана Ванковска











