Се разделуваат и од својата прва љубов, која редовно им пишува долги неутешни писма со мирис на лаванда и паланечка осаменост. Но писмата како во секоја добра мелодрама, редовно се губат. Заради честите промени на адресата и новата девојка која се вика Брижит Бардо.
Целата своја младост ја оставивме во кино. Во мрачните сали преполни со трепкави и шарени целулоидни сенки, можевме бескрајно да фантазираме. За наша голема среќа, во тоа време постоеше врвната културна институција „кино утро“. И наместо во 10 часот сабајле да слушаш за јакост на материјалите, Марксовата млада мисла или оризовата арпа, ти во истиот термин одиш во кино и се запознаваш со Брижит Бардо!
Филмот беше нивната теорија и пракса. Во влажните студентски соби сите ѕидови беа преплавени со фотографии на глумици и глумци. Тогаш имаше и печатени програмчиња со неколку најважни сцени од филмот и сите други податоци. За разлика од учебниците расфрлени на сите страни на светот, програмчињата беа педантно и прецизно наредени на наткасната до креветот. Заедно со „Радио Луксембург“ и „Глас Америке“, се информиравме за „трулиот запад“.
Помеѓу две јетрени паштети или месни нарезак, продолжува нивниот голем сон. Нормално. Бевме презаситени од патриотска литература „Никад робом“ со Мирко и Славко: „Фијууу… Пази метак Славко! Хвала ти Мирко!“ Со филмовите „Партизанска ескадрила“ која еден Сашко од маало ја нарече „Партизанска еспадрила“. Башка битки на Неретви, Сутјески и други реки и притоци. Рецитиравме стихотворби како вода: „Друже Тито љубичице бела, тебе воли омладина цела“. Пароли не лепеа само уште на нашите чела. Во време на работни акции главна беше: „Ми градимо пругу-пруга гради нас“. Имаше и антисоцијалистички елементи. Паролата „Пролетери од сите земји обединете се“ ја преиначија во „Пролетери од сите земји уозбилете се!“. На школо нè учеа за сите наши големи природни и други богатства. Еден сатиричар напиша: „Прије рата нисмо имали ништа. После су дошли Немци и разрушили све“. („Пред војната немавме ништо. После дојдоа Германците и разрушија сè“)
Покрај задолжителниот споменар, многумина водеа и дневник. Овој е пронајден во студентскиот дом „Гоце Делчев“:
„Нејзините другарки мислеа дека тргнала со тој лигуш затоа што е љубителка на апстрактно сликарство. Но незваничната носителка на титулата мис на Мачево, Русиново и Моноспитово, му стана женска на тој копук и жбитак, само затоа што ја потсетува на Жан Пол Белмондо. Цел ден шпацира во нејзината соба по гаќи, чорапи и шарен пешкир околу вратот, мљацкајќи сендвич. Беше тоа навистина „језив“ Белмондо. Но неговите усни како кренвишли ѝ го даваа она неопходно парче стварност од кое може да почне да фантазира“.
Филмовите за нас беа повеќе од живот. Она „Тхе енд“ беше крај за учесниците на филмот, но не и за нас. За нас беше почеток. После кино ќе зацепевме накај корзо и во долгото глуварење се среќававме со нашите колеги. Некој жмиркаше и се клатеше како Џон Вејн. Друг се извишил на чизми со мамузи и нѝ дава до знаење дека е Док Холидеј, а по потреба и Били Кид. Цанко Курбла пола живот пропешачи со едно обесено раме, како Хенри Фонда. Имаше и такви што дигаа веѓа како Грегори Пек и се мрштеа како Џемс Дин.
А јас? Јас лежев дома по цел ден на каучот со ладна крпа на чело и ги санирав моите љубовни јади, кои не беа за потценување. Мојата прва средба со Лив Улман беше во киното „Култура“. Тоа истовремено беше и нашата последна средба. Никогаш повторно не се сретнавме. Причина? Претерана љубомора. Од нејзина страна, разбира се.
После на корзо фатив женска со исти црти како Лив Улман. Само погрешно распоредени.
Братислав Димитров












