Во овој кус текст немам намера да навлегувам подлабоко во стратешкото размислување на Пекинг, кој никогаш не избрзува, ами се држи до своите принципи и до долгорочната визија во она што ќе биде значајна партија шах од која ќе зависи судбината на светот). Само накусо ќе споменам една констатација со која се согласуваат мнозина познавачи на кинеската надворешна политика: Кинеската воздржаност во Советот за безбедност на ОН не е израз на слабост или морална нерешителност, туку на внимателно калкулирана позиција во свет во кој правилата одамна не се неутрални.
Кога резолуциите се пишуваат така што однапред ја распределуваат вината и ја игнорираат почетната агресија, гласањето „за“ значи легитимирање на наративот на моќните, а „против“ носи ризик од директна конфронтација со хегемонот (САД, кој во моментов е тотално непредвидлив и самоубиствено настроен). Затоа, се чини дека Кина избира трет пат: да не ја прифати наметнатата рамка, но и да не го урне формалниот поредок на ОН во кој сè уште настапува (и за кој се залага). Тоа е дипломатија на тивок отпор, т.е. обид да се задржи простор за посредување и мултиполарност во институција која сè почесто служи како алатка на униполарната моќ.
Но, Кина не е пасивен посматрач во војните кои ги разнишуваат темелите на светот, како што мнозина сакаат да ја обвинат. Тоа е веројатно резултат на расположението кај дел од светот (разочаран и исплашен од лудилото на Западот), па дури и кај левичарските кругови кои очекуваат порешителни (револуционерни) чекори. Накусо, како сите ние кои сме против војните кои содржат експлозив да ја уништат планетата во својот очај бараме Спасител. А Кина е единствената моќна, економски стабилна и способна, но и засегната страна која би требала да помогне сега кога е најтешко. Притоа, неретко забораваме на воената доминација на САД (со близу 1.000 воени бази ширум светот) на која Кина ниту може ниту сака да возврати на ист начин, и второ – различните погледи на светот од Вашингтон и од Пекинг.
Накусо ќе потсетам на најмалку три иницијативи кои произлегоа од Пекинг. На првата годишнина од војната во Украина, Кина излезе со рамковен документ во 12 точки, кој беше повеќе нормативен отколку оперативен. Таа се позиционираше како неутрален медијатор и понуди принципи, но не конкретни механизми. И покрај внимателниот пристап, и обидот да ја подотвори вратата за дијалог меѓу завојуваните страни (Русија и Украина), Западот реагираше жестоко против (тоа е оној ист Запад кој го директно го минираше првиот мировен процес во март 2022 во Истанбул).
Се сеќавам дека во таа прилика независниот новинар Аарон Мате на социјалните медиуми напиша „во медиумите на НАТО државите, не постои ништо ‘поконтроверзно’ од мировен предлог.“ Оттогаш, па до денес, обидот војната да заврши со мировни преговори се смета за валкана перфидија и Украина се поттикнува да продолжи да војува до последниот Украинец во прокси војна која треба да донесе плен за Западот, а не за земјата. Нескромно од мене, но ќе спомнам дека на моето прво учество на Владаи конференцијата во 2024, настапив во стил кој отстапуваше од геополитичките и строги анализи на воените дејствија. Мојот обид да внесам хумана димензија, да укажам дека овде пионите на теренот се живи луѓе (на двете страни) кои страдаат предолго во геостратешки судир на колективниот Запад и Русија, наиде на отпор, па и гнев (Караганов ја напушти салата веднаш откако ми постави прашање, чиј одговор не сакаше ни да го слушне).
На тој панел, единствено јас и колегата Венг од Пекинг зборувавме за мир и разрешување на судирот. Таа војна не само што трае, туку е дури и заборавена и нефинансирана сега кога САД и Европа се погодени од ефектите на војната врз Иран. Таа иста година (2024), Кина направи уште еден обид за смирување на ситуацијата во тој дел од светот заедно со Бразил. Тоа беше премин од општи принципи кон создавање дипломатска архитектура, односно обид за вклучување на Глобалниот Југ (Бразил), што ја намали перцепцијата дека Кина делува сама. Поентите звучеа разумно: итна де-ескалација, организирање меѓународна мировна конференција (со учество на двете страни, наместо театарот во Швајцарија каде учествуваше само Украина со поддржувачите на војната), спречување на проширување на конфликтот и поглед кон ефектите врз глобална безбедност (храна, енергија, итн.).
Кон крајот на март, уште пред Трамп да се закани со злосторство против човечноста и „враќање во камено доба на оние кои заслужувале да живеат таму“, беше објавен план во пет точки поддржан од Кина, а составен со посредство на Пакистан (и уште неколку држави во заднина, како Турција, Египет и Саудиска Арабија).
На прв поглед звучи толку едноставно и разумно – но и како листа на добри желби: 1) итен прекин на огнот, 2) отпочнување на работа врз мировни разговори кои би ги респектирале суверенитетот и на Иран и на државите од Заливот; 3. заштита на цивилите и цивилната инфраструктура, вклучувајќи ги и енергетските постројки; 4. гарантирање на поморските рути, особено околу Ормутскиот Теснец, и 5. воспоставување на мировен процес/рамка предводена од ОН, врз основа на меѓународното право и принципот на мултилатерализам.
И на авторите и промоторите на овој кус документ сигурно им било јасно дека тој претставува само симболичен чекор (во време кога никој, ама баш никој не реагира на злосторства против човечноста и закани од најстрашен тип од официјалните говорници во Белата куќа и Пентагон). Тој чин повеќе наликува на поттурање на стапалото пред врата која треба да се затвори со тресок. Обидот е да не се дозволи тресокот, да се покаже дека не само завојуваните страни туку и другите во светот имаат што да кажат и не сакаат глобална војна (која дури и ако не заземе воени размери, ќе ја разниша структурата на најсиромашните, и постепено ќе доведе до Армагедон).
Моите ирански пријатели велат дека приемот на планот таму е двостран: едни гледаат охрабрувачки знак во поглед на задржувањето на суверенитетот и врз Ормутскиот Теснец, додека другите се незадоволни што во документот нема посочување на агресорите и барањето правда.
Но, овде сакам да нагласам нешто друго што ми остави впечаток: тишината во западните медиуми! Додека секоја будалаштина или одвратна навреда за светските лидери изречена од Трамп се повторува до бесвест, обидот за некаков мировен чекор беше пресретнат со игнорирање, како најневажна работа на светот. Не дека во планот има сензационалистички елементи, но сепак би очекувале нешто повеќе од куса агенциска вест. Такви едвај и да се појавија во неколку земји, главно оние вклучени во процесот (медиуми од Западна Азија, Турција, Пакистан, и по малку во Кина). Да, дури и на насловните страници во кинеските медиуми, ова не доби огромна звучност. Ова последното повеќе зборува за кинескиот пристап отколку за контрола на медиумите. Се обидував да најдам повеќе размислувања, особено кај оние автори кои се занимаваат со оваа проблематика и со Кина. Единствено Хелена Кобан веднаш организираше поткаст интервју со познатиот Чес Фриман (но не доби доволно јасни одговори дури и од овој инаку мудар човек), а потоа самата објави одличен текст на Сабстак.
Рационалната анализа (во луди времиња) би ги дала следните одговори за овој ограничен публицитет, и тие би ги барала во структурните и системските фактори. Имено, академските анализи обично зборуваат за нешто што се вика „дилемата на медијаторот“ и јазот во кредибилноста. Според нив, ефективната медијација бара и неутрален став и влијание (моќ да се изврши притисок). Кина е дефинитивно позната по својата специфична неутрална позиција во меѓународните односи, и тоа не ѝ недостасува. Таа располага со влијание, ама тоа е економско, а не безбедносно. Таа постојано повторува дека нема намера да ја преземе хегемонската улога на САД, а уште помалку да ја одржува со воени средства. И тука настанува централниот јаз: на предложениот план му недостасува механизам за спроведување, каков што обично користат западните сили. Затоа нејзините иницијативи и кога се најдоблесни, изгледаат повеќе симболички отколку остварливи, барем во очите на посматрачите.
Вториот проблем лежи во ограничената поддршка од клучните страни засегнати со војната. Иран експлицитно ја изрази недовербата во Пакистан (еден од коспонзорите на планот), земја воено и политички блиска со САД, а економски со Кина. Техеран одбива и директни преговори со Вашингтон, кој во очај дури и измислува дека постојат такви. Значи, моментот во кој се излегува со овој премногу општ и неразработен план е неповолен: двете страни мислат дека ќе победат, односно дека ќе издржат (т.е. нема да бидат поразени). Ова е особено важно за Иран кој со сопствени сили се бори за опстанок пред насилникот кој сака да му ја уништи целата цивилизација стара неколку илјади години.
Кога ја анализираме оваа медиумска тишина, барем од западна страна, таа не зачудува бидејќи за западните медиуми наративот е главна цел, не фактите. Тие се сѐ уште зафатени со демонизирање на „мулите“ и со наоѓање изговори зошто самоодбраната на воено послабата страна треба да се осуди (поради нивните корпоративни интереси во Заливот и ширум светот). Затоа, дехуманизацијата и демонизацијата продолжуваат, а со таков актер „кој наводно ја глорифицира смртта наместо животот“ не е можен мир. Овде постои уште еден проблем за западот: тие по никоја цена нема да дозволат кинески мировен наратив да почне да допира до населението кое е масовно против оваа најнепопуларна војна на САД во последните децении. Тие веќе долго време не само што ги „филтрираат“ критичките или конструктивните пристапи, туку и ги санкционираат.
Дали кинескиот обид (со Пакистан или без него) е безвреден? Ова прашање бара внимателен одговор, бидејќи Кина не води дипломатија со мегафони и во авиони пред групи новинари. Таа работи мирно, тивко и со стратегиски перспективи, со подготвеност да го почека вистинскиот момент. Кинескиот пристап обично се опишува како „моќ да не се користи моќта“, туку да се градат партнерства и изнаоѓаат облици на соработка и избегнување на најлошото. На запад од фаст фуд до фаст фикс, се е набрзина. И со кратка меморија. Конечно, не може да се запостави и уште еден момент: претстојната посета на Трамп на Пекинг, што од Кина бара внимателност во постапувањето (ако не сака да отвори Пандорина кутија на глобален хаос).
Пред да го заборавиме овој тивок обид за потсетување дека за секоја војна мора да постои алтернатива во воспоставување мир, или барем прекин на агресијата која води до самоубиствен крај за сите, треба да се признае дека малкумина денес зборуваат низ мировна вредносна призма. Кина не се заканува со воен одговор кон никого (освен во случај да е нападната). Но, кусиот и симболичен план користи значајни и заборавени категории, како: суверенитет, мултилатерализам, заштита на цивилите и хуманитарен пристап – категории кои ги поддржува целиот Глобално мнозинство, па дури и сѐ поголем дел од западната популација.
Да се потсетиме дека помирувањето меѓу Саудиска Арабија и Иран во 2023 година беше мало чудо на кинеската дипломатија, коешто никој не го очекуваше. Се разбира, тоа е сега минато поради американските интереси и вазалството на заливските земји, кои дури сега сфаќаат дека никогаш немале безбедносни гаранции од САД, туку биле платформи на нивните воени бази.
Билјана Ванковска











