понеделник, 8 декември 2025
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Меѓународни златни резерви

Кошаркари како Јокиќ, Дончиќ, Адетокумбо, Вембањама... во НБА орбитата влегуваат како најсветли комети со интернационален шмек и цели сезони се посветни на промоција на нивниот сјај.

Но, НБА космосот го сочинуваат и помали планети, играчи кои орбитрираат окулу најсјајните ѕвезди, но чија гравитација ги држи тимовите заедно, компактни во една цврста целина и без чие присуство тимовите би имале сосема поинаква кохезија и изглед. Не мал дел од овие, за навивачите скоро невидливи центри на гравитација, доаѓаат надвор од САД.

Тоа се играчи кои кошарката ја научиле во европски, јужноамерикански, африкански или азиски лиги, а чија амбиција за настап во најсилната конкуренција во нивниот спорт, ги натерала да прелетаат океани, да се адаптираат на друга култура и да го променат животот. Кошаркари кои на теренот носат воља и трпеливо знаење кое нема да го видите во ниту еден НБА „хајлајтс“. Играчки потенцијал еднаков на нивниот секако може да се најде и во главниот извор на НБА играчи  – НЦАА, но тоа што овие интернационални кошаркари го носат е специфично и сѐ повеќе барано од тимовите во НБА лигата.

Земете го на пример Гога Битадзе, грузискиот центар на Орландо Меџик. Посветен и упорен во градењето на кариерата, Битадзе игра профи кошарка од својата 16-та година. Од Грузија, преку Србија каде што настапуваше за Мега и Смедерево, до Црна Гора и Будуќност, во секоја од овие попатни станици, чекор по чекор го градеше својот играчки профил, сѐ до моментот кога НБА не можеше, а да не го забележи неговиот раст и квалитет. На драфтот во 2019-та во првата рунда го избра Индијана Пејсерс. И таму започна бавно, со адаптација и учење на системот, за лани во дресот на Орландо, да одигра просечни преку 20 минути во 70 натпревари, во кои стигна до просек од 7 поени и 6,6 скокови. Поените и скоковите можеби не изгледаат многу, но сликата е поинаква ако се види неговиот процент на прецизност од преку 61% што го сместува на 5-то место во лигата и меѓу само 6-те кошаркари со просек од преку 60% шут од игра. Но, неговото присуство на теренот носи и многу повеќе од овие бројки. Неуморен во поставување блокови за шутерот, перфектен во заградување на противничките играчи во одбраната, борба за секоја „ничија“ топка, беспоговорна дисциплина и читање на играта, емоција во секој натпревар што ги мотивира соиграчите… Резерва што ќе ги врши сите валкани и помалку валкани работи на теренот и ќе шутне со преку 60-постотна сигурност не е во понуда баш секоја година. Нема многу НЦАА играчи што во толкава мера ќе ги имаат овие карактеристики и ќе ги донесат овие квалитети во НБА тим. Од тие причини тренерот Џамал Моузли го повикува од клупата секогаш кога на Орландо му е потребна енергија, мотивација и борба.

Грузиецот е веројатно меѓу последните на кои ќе се сетите при набројувањето на европските кошаркари во НБА. Доколку и се продаде по некој дрес со неговото име, сигурно некој грузиец го нарачал на веб. Но, ако го прашате тренерот Моузли, веројатно ќе признае дека и тој е еден од оние што „купиле“ негов дрес.

Шпанецот Санти Алдама во НБА влезе преку драфтот тивко, како талентиран европски потенцијал, но во 4 НБА сезони прерасна во сигурна и стабилна прва замена што на клубот низ ланската сезона му носеше по 12,5 поени, 6,5 скокови и 3 асиста по натпревар. И тој во дебитантската сезона имаше лимитирано време, но веќе во втората оствари преку 20 минути во просек и од тогаш постојано минува во игра повеќе од половина натпревар. Летово потпиша нов тригодишен договор со својот клуб за 52,5 милиони долари што е 17,5 милиони по сезона. Тоа јасно говори колку неговата игра и залагање се ценат од менаџментот на Мемфис. Следнава сезона, финскиот тренер Туомас Лисало кој го презеде тимот на крајот од ланската, веројатно ќе му даде уште поголема минутажа на шпанскиот крилен центар со оглед на тоа дека важи за тренер кој многу повеќе ја цени цврстината од гламурот. Кариерата на Санти Алдама е класична сторија за најголемиот број странски, посебно европски кошаркари, кои многу поретко се Ол Стар ѕвезди, а многу повеќе се една сигурна стабилност на клупата што на тимот му дава длабочина.

Посебна приказна е Богдан Богдановиќ, еден од најлуцидните шутери во лигата. Кошаркар во кој соиграчите и тренерите во трите НБА тимови за кои настапуваше во веќе 8-годишната НБА кариера, секогаш имале сигурност да му го доверат шутот за одлука.

Никогаш Ол Стар, но секогаш во орбита на НБА елитата, Богдановиќ успешно го пренесе своето беспрекорно европско педигре во Америка, етаблирајќи се како еден од највредните и најразновидните шутери во лигата. Познат по својот исклучително елегантен шут и висок кошаркарски коефициент на интелигенција, тренерите секогаш го ставаат во игра кога треба да се изведат сложени акции во нападот или, се разбира, кога треба да се шутне клучна тројка.

Канадскиот ветеран Кели Олиник 12 сезони нуди исклучителна вредност како во нападот, така и во одбраната. Од вкупно 800 натпревари досега одиграни во НБА, само во 35% од нив бил член на стартната петорка. Но, со просечни 10 поени и 5 скокови за 22 минути игра секогаш представувал силна и сигурна опција од клупата. Процентот на победи во неговата кариера е скоро 50% што говори за доследност, постојаност и професионализам. Играчи како Олиник, кои носат ветеранско искуство и знаење, а се стандардни, скоро унифицирани во својот придонес без оглед на тимот во кој играат и без оглед на противникот, се секогаш на цена во НБА. Неговите скоро 50% шут од поле и 80% за слободни фрлања минимално варирале низ 12-те НБА сезони, а тоа е податок кој секој тренер го цени и бара.

На оваа листа не се вклучени интернационални играчи како Домантас Сабонис, Алперен Шенгун, Никола Вучевиќ, Кристапс Порзингис, Паскал Сиакам, Јусуф Нуркиќ, Ивица Зубац, Лаури Марканен, Франц Вагнер, О.Џ.Ануноби… од проста причина што тие се веќе промовирани во носители на играта и стандардни членови на првите петорки во своите тимови, а дел од нив и со Ол Стар статус.

Она што ги поврзува овие приказни е одредена скромност на актерите. Посебно за американски стандарди. Интернационалните кошаркари кои секој натпревар го започнуваат од клупата за резервни играчи најчесто доаѓаат од поинаков кошаркарски амбиент и кошаркарска филозофија. Тие се повеќе посветени на колективот и на позиционирање на теренот и во тимот според барањата и потребите на клубот, со цел екипата да биде успешена. За разлика од помладите американски надежи чиј фокус е шутирање од секаде и во секоја фаза од нападот, бркање просеци и статистика, сѐ со цел следниот уговор да биде „подебел“. Интернационалните резерви знаат дека мерката за нивниот успех нема да биде еден куп поени или „хајлајт“ моменти, туку реализација на секоја замисла на тренерот и довербата од соиграчите. Нивната игра е составена од многу мали детали, навремен блок, преземања во одбраната, офанзивен и дефанзивен скок, а некогаш и шут што носи победа. Тие детали ѝ даваат текстура на играта на тимовите и им дозволуваат на ѕвездите да го прават она што го најдобро го знаат. Нивната посветеност е причина зошто тимовите можат да ја издржат напорната сезона, а за освоената титула нивниот придонес е не помалку важен од оној на стартните пет.
Кога ја мериме глобализацијата на НБА, треба да погледнеме подалеку од првите дваесет имиња и да ги забележиме оние помалите кои од сенка вршат голема работа. Величината на НБА ѕвездите, оние со МВП титули и Ол Стар статуси, е можна само поради трпеливите и посветени играчи на клупата кои прелетуваат океани, учат јазици, се адаптираат на поинаков живот, а сѐ во служба на тимот што им ја дал својата доверба. Нивните придонеси се помалку видливи, но тие, во многу реална смисла, се тајната архитектура на лигата.

Љубомир Николовски

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ