среда, 4 јуни 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Mакедонските стратешки партнерства или стратешки капитулации

Македонското државно раководство како да ја олицетворува горчливата Хегелова мудрост: единственото нешто што го учиме од историјата е дека не учиме ништо од неа. Затоа не е ни чудно што македонската држава слепо чекори од една стратешка грешка кон друга – без компас, без знаење и без најмала свест за тоа што ѝ се случува пред носот.

Тукушто е потпишан уште еден „историски договор“ за стратешко партнерство – сега со Обединетото Кралство, нешто за што британската јавност едвај и да слушнала нешто, освен во контекст на „решавањето на прашањето на миграцијата“. Ова го проверив самата, а и прашав повеќе колеги кои ми кажаа дека Македонија едвај и да е присутна како тема во нивната јавност. Нејсе! За нас „нов лист на историјата“, а за британската колонијална свест – само уште еден пион. Впрочем, тоа е земјата од која ја паметиме изреката за вечни национални интереси, а не за вечни пријатели на меѓународната сцена.

Ја паметиме ние, иако не преку лично искуство, туку преку семејните истории, и не по добро. Но, ова не е местото на кое сакам да ги отворам старите рани, како на пример употребата на напалм бомби од страна на британското кралско воено воздухопловство врз македонски цивили за време на Граѓанската војна во Грција. Нивниот грев? Беа Македонци – значи ирелевантни за традиционалната блиска (и монархистичка) врска и политика кон Грција – кои застанаа на страната на борбата за комунистичка иднина. Тие бомби испразнија села и предизвикаа масовен егзодус, чии трауми сè уште се чувствуваат, особено кај Македонците со корени од Егејска Македонија. Барем низ овој аспект, оваа историска епизода би можела да поттикне емпатија кон сите што биле насила истерани од своите домови – претворени во мигранти против својата волја. Но, за каква емпатија зборувам јас, кога уништувачкиот и грабежлив дух не го поштеди ни споменикот на децата бегалци среде Скопје? Од друга страна, еден „лидерски новинар“ веќе јавно ги осуди жртвите од напалм бомбите, во емисија зборувајќи дека никој не им е виновен што биле на „погрешната страна на историјата“! Ете, до таму оди умот во одбраната на изворот на егзистенција…

Првото големо „стратешко партнерство“, Македонија го доби во 2008 година веднаш по Самитот во Букурешт, како утешна награда од тогашниот американски претседател Џорџ Буш. Грчкото вето на Самитот беше намерно замаглено во официјалното соопштение, но ние знаевме (а потоа и Меѓународниот суд на правдата на ОН го потврди тоа) дека пречката беше нашето име. Времената спогодба од 1995 година експлицитно забрануваше Грција да го блокира патот на Македонија кон НАТО и ЕУ. Сепак, претседателската кариера на Џорџ Буш помладиот заврши со шлаканица од една мала балканска држава – навреда што сигурно не ја заборавил. Или можеби се залажувам кога мислам дека тие луѓе имаат образ наместо ѓон? Но, Македонија беше ирелевантна (размислете сега за улогата што на тој Самит ја имаше проширувањето кон Украина и Грузија, па ќе видите колку сме биле наивни). Традиционално послушна, лојална и подготвена да прифати сè (како што направи и за време на НАТО-интервенцијата во 1999), Македонија можеше да чека. Утехата беше во вид на договор за стратешко партнерство со САД. Резултатите стасаа со Преспанскиот договор од 2018/2019, кој спротивно на волјата изразена на два референдума (1991 и 2018), ни ги смени Уставот, името, па и историјата со благослов на Вашингтон. Но, да не ги заборавиме и Лондон, Берлин, Париз и останатите. Не само што британската премиерка Тереза Меј дојде во Скопје, туку беше општо познато дека беа ангажирани британски пи-ар фирми за моделирање на јавното мислење, односно за свртување на расположението кон гласање „ЗА“. Огромни финансиски средства се слеаја од Западот, и против народната волја и во битката против наводното „руско влијание“ (глупави ние, не знаевме што значи промена на име, па Русите требаше да ни вршат пропаганда; да не е трагично би било смешно). „Наградата“ стаса во вид на членство во НАТО во 2020 – токму навреме за да се облечат униформи и чизми, бидејќи Алијансата веќе се подготвуваше за војната во Украина. Со други зборови, Македонија даде сè што ниту една друга држава не би го дала и за возврат доби – војна. Идниот месец на Хашкиот самит ќе добиеме и повисока сметка за членството, барање за издвојување од 5 отсто од БДП за потребите на НАТО. Но, нашата претседателка не се секира за тој буџетски товар, бидејќи ќе им држи предавања по европско уставно право на челниците на ЕУ среде НАТО самит. Некои овде уште веруваат во бајки.

Да се вратиме на нашиот нов „историски договор“ кој ќе донел невиден прогрес (по малку, искрено, сето ова ми наликува на Тајванската „милијарда“ на Тупурковски, што само покажува каква магична моќ имаат парите во умовите на нашите политичари). Некои можеби ќе тврдат дека сето ова било дело на претходната влада, предводена од таканаречените социјалдемократи (номинално левичари), и дека тие беа казнети на изборите во 2024 (патем, и од опозиција СДСМ нема храброст да се спротивстави на новото стратегиско партнерство, туку само бара транспарентност и отчетност од власта – небаре им ги заборавивме Бехтел и Енка). Сега, на власт е нели нова влада со свежи визии. Но, колку навистина се нови и визионерски тие перспективи? Мицкоски, привлече внимание на последната Минхенска конференција поради аплаузот за Џ. Д. Ванс, а потоа двапати го посети Вашингтон. На еден голем републикански собир даде незаборавно интервју во кое му се заколна на верност на Трамп. Многумина беа шокирани; сепак, ова општество со децении се храни со реторика за европски вредности и интеграции. Па, за волја на вистината и претседателката е голем еврофил (и љубителка на европски симфонии). Како што веќе напишав: Македонија – земја каде што сонцето изгрева на Запад – беше фрлена во вител, за на крај да го избере сонцето од Вашингтон.

Во меѓувреме, пукнатините во Западот се продлабочуваат, особено околу прашањето за Украина, но и на царините. Украина – држава во војна со неизвесна иднина – веќе ги отвори пристапните преговори со ЕУ. А Македонија чека на тоа повеќе од две децении. Сегашната пречка е апсурдното бугарско вето, кое бара македонските Бугари да се внесат во Уставот како конститутивен народ – иако на последниот попис едвај 1.000 се изјасниле така. Но, тоа тука не е поентата. Поентата е дека Македонија дури ни не протестира против ваквите непринципиелни и понижувачки услови. Наместо тоа, таа се поклонува во еден вид политички мазохизам. Ќе преговара за капитулација со одложен рок. И силно го поддржува членството на Украина во ЕУ, дури и пред нас.

Мицкоски дојде на власт благодарение на мистериозен унгарски заем, договорен пред да ја преземе функцијата. Тие пари веќе се распределуваат по партиска и општинска линија, и се само капка во преполнетата чаша на долгови што ја дави државата. Но, тоа е добар влог во победа на локалните избори. Само една година подоцна, од Тирана, на Европскиот политички самит, Мицкоски ја објави втората „убава вест“: Македонија има нов стратешки партнер – Обединетото Кралство. Кеир Стармер наводно ветил 5 милијарди фунти за Македонија, иако тоа експлицитно нема да го видите, а и објаснувањата на министерската за финансии се во духот на „не умри магаре до зелена трева“. Деталите не се познати, но листата на желби и ветувања што сè ќе се случи благодарение на овој заем наликува на детско писмо до Дедо Мраз. Човек би помислил дека Стармер е некој богат вујко Фридрих Енгелс што им ветува социјалистичка утопија на македонските конзервативци. Болници, студентски домови, патишта, железница – што и да посакаш. Но, договорот спомнува и одбрана, безбедност – и миграциска политика (sic)!? Попаметни економисти веќе зборуваат дека со влезот на Украина во ЕУ средствата ќе почнат да се прелеваат таму, а социјалниот удар ќе го почувствуваат граѓаните на целата Унија. Знаејќи ги силните (иако неразумни) страсти на ЛОндон кон Киев (а против Москва), чудно е воопшто и да замислиме дека тие би фрлиле толку средства во еден мал темен вилает на Балканот. Освен за свои геостратешки цели…

Разумен човек се прашува: зошто Британија, и самата во длабока економска и социјална криза и со милитаристичка улога во европската геополитика, би инвестирала во една од најсиромашните периферни држави на Европа? Каква е поврзаноста меѓу мигрантите од Британија и Македонија? Некои веднаш ја поврзаа оваа вест со одбивањето на албанскиот премиер Еди Рама да прифати понуда за „руандски“ договор за мигранти. Но Мицкоски инсистира дека новото стратешко партнерство е алтруистичко и нема никаква врска со прифаќање одбиени, „илегални“ мигранти од Британија. Како доказ ги наведува зборовите на британскиот амбасадор во Скопје – како тој да е заколнат бранител на вистината, а не дипломат кој ги брани интересите на својата држава.

Прашањето за миграцијата – вистинска современа Голгота – заслужува посебна анализа, со емпатија кон луѓето чии домови и иднини се уништени од истиот тој Запад што денес ги третира како homo sacer – вишок на непотребни животи. Ако се размислува за префрлување на Палестинци во Либија, а веќе се испраќаат мигранти во други „центри за враќање“, зошто не би го направиле истото во држава чиј премиер е толку очаен и корумпиран што би ја изнајмил цела земја само за да преживее политички? Но, запомнете – тие пари не се грант. Стратешките партнери очекуваат поврат. Целта не е само да се ослободат од несакани човечки животи, туку да се профитира од заемот. Македонија веќе ни не знае колку должи, ниту кому. Висината на долгот го надминува и буџетот и БДП. Владината логика останува: „купи еден ден, распродади ја иднината“ – владеј од денес за утре, или барем до следните избори.

Најапсурдно е што провладините медиуми се запенија славејќи ја и бранејќи стратешката одлука на Мицкоски. На толкава медиумска пропаганда нужно е човек да стане сомничав. Еден од најстарите весници во државата објави дека договорот се темели на „суверенизам“ и дека Македонија конечно научила како да се однесува во мултиполарен свет. Смешно е и да се зборува за суверенитет кога државата си го смени името, историјата, учебниците – и кога увезува сè, вклучувајќи и опасен отпад од западните земји, а веројатно и луѓе што Западот ги третира како отпад. Спомнувањето на мултиполарноста е или од незнаење или од цинизам. Или можеби некои веруваат дека самиот Запад станал мултиполарен, а македонската влада вешто маневрира меѓу поларитетите внатре во евроатлантската заедница? Набргу по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин, еден угледен поранешен британски дипломат напиша дека Стармер бил „екскомунициран“ од Трамп – исклучен од видео-конферецијата на која американскиот претседател сподели детали со европските партнери. Накусо, Вашингтон гледа на ЛОндон како на „расипувач на мировниот план“ на Белата куќа. Стармер е цел на подбивот и критиките на бројни британски аналитичари кои го нарекуваат еден од најлошите премиери во поновата историја (во навистина голема конкуренција), критикувајќи ги и неговите внатрешни неуспеси и надворешнополитички воинствени илузии.

Заклучок? Македонија е вејка на ветерот – без кормилар, без компас, без разум. А народот? Па, како и секогаш, тој ќе го позлати сето тоа, кога ќе ја плати сметката на крајот.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Конрад Блејер-Симон

Европа покажува како треба да се спротивставиме на странското манипулирање со...

Љубомир Николовски

Нема повеќе бекови, крила и центри – има само кошаркари!

Клементина Брзаковска

Меѓу идеалот и механизмот

Калина Малеска

Познати цитати, други перспективи

Билјана Ванковска

Стратешки партнерства или капитулации?

Ристо Цицонков

Нaродна банка од стара неефикасна зграда ќе дава совети за климатски...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ