вторник, 17 март 2026
Перо Димшоски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Македонските eвроинтеграции и бугарско-европските условувања. Кој тропа на отворени порти?

Застојот на македонските евроинтеграциски процеси ја чинат земјата огромни финансиски средства и неизмерна загуба во неостварен човечки потенцијал на заминати, но и тие што останале граѓани кои не успале во целост да го остварат својот работен и творечки потенцијал.

Дали постои алтернатива за евроинтеграцијата на Македонија?

На земјата во еден  европски петтогодишен буџетски циклус (МФФ, мултигодишна финансиска рамка) на располагање ѝ стојат 3 до 5 милјарди евра неповратна директна помош од ЕУ и пропратна финансиска билатерална помош од Германија, Шведска, Швајцарија, САД, Јапонија, Велика Британија и други земји и меѓународни организации. Овие пари се наменети пред сѐ за наменски проекти, кои Македонија може да ги користи и ги користи со варијабилна ефективност, и за чие користење има мала заинтересираност од политичките субјекти во земјата. Имено, парцијалното користење на „странската помош“ е поради тешкотијата за комплетна контрола и арбитрарност при нивното користење од страна на политичкиот естаблишмент. Многу е потешко при користење на средствата од „странската помош“ да се прават списоци за вработување, да се местат тендери и други коруптивни дејности поврзани со македонската плуралистичка транзиција. За такви работи многу полесни за користење се средствата што стојат на располагање од домашниот буџет. Но за жал, тие средства, со оглед на веќе прифатените обврски кои се во неконтролиран пораст (плати на државна администрација, отплата на кредити и камати) секоја година се сѐ помали. Така, сака некој или не, не постојат опции во македонскиот економски развој што е исклучително возможен само со успешно завршување на евроинтегративните процеси на земјата. Впрочем, ова го согледале мудрите македонски политички лидери веднаш по прогласувањето на независноста кога се согласиле главната стратешка цел на земјата во надворешната политика да биде членството во НАТО и Европската Унија.

Зошто застој?

Во моментов, македонските евроинтеграциски процеси (преговори за членство) се закочени поради не внесувањето на Бугарите и некои други малцинства во Уставот на државата, со што ниту една политичка партија во Македонија нема проблем. Имено, проблемот произлезе од т.н. Втор протокол кои содржи неодредени чудни содржини поврзани со темите историја, образование, говор на омраза и рехабилитација на жртвите од комунистичкиот период. Зошто овие „услови“ се во најмала рака чудни? Како прво, спомнатите теми биле или се активни и соодветно адресирани од внатрешнополитичките процеси во земјата. Имено, Македонија е една од ретките земји од посткомунистичка источна Европа, која не еднаш, туку два и повеќе пати ги има отворено и адресирано двата главни услови за остварување на успешна транзиција кон плуралистичко демократско општество. Законот за реституција (несреќно наречен „закон за денационализација“) и законите за лустрација и пристапот до архивите се повеќе пати спроведени во дело. Земјата неколку пати ги има признато и соодветно адресирано жртвите на комунистичкото владеење. Говорот на омраза е преточен соодветно во многу закони согласно европското законодавство и домашното искуство до таа мера што ризикува да биде ставена на тапет заедно со голем број други европски земји од страна на САД за нарушување на правото на говор и израз. Исто така, Законот за образование толку често се менува за да се усогласи со современите искуства и интерпретации што е речиси невозможно да се знае точниот број.

Нови теми, стари дискусии

Овие теми и претходната повеќедецениска дискусија отворени од Бугарија, најдобро можат да се објаснат со тоа што влијателната бугарска историчарка, Мариа Тодорова, го нарекува, „постојана рана во бугарската национална психа“, односно, „Македонското прашање“. Имено, опседнатоста на бугарското општество со Санстефанскиот мировен договор не може поинаку да се објасни освен со национална психичка траума. По крајот на Втората светска војна, веќе решеното „Македонско прашање“ во комунистичкиот свет од бугарска страна успешно го отвора Цола Драгојчева со тезата дека југословенските комунисти ја отстапиле доброволно македонската партија на бугарската во периодот кога со неа управувал Методија Шаторов, имплицирајќи притоа ако тоа така останало, ќе било решено македонското прашање за сите делови на Македонија. На тезите на Драгојчева е одговорено од Светозар Вукмановиќ – Темпо кој издржано ги аргументира принципиелните ставови на КПЈ во однос на „Македонското прашање“ и ги документира настаните и случувањата со покраинскиот комитет во Македонија тврдејќи дека самите Македонци се приклучиле на другите југословенски народи во нивната борба против фашизмот со што е валидирана официјалната југословенска (македонска) историја. Таа рунда и од тогашен, но и од денешен аспект на светската историја, ја добива Темпо. Но таа дискусија тука не застанува. Имено, после децениски молк, славниот партизански командат, член на АСНОМ, првиот градоначалник на ослободено Скопје, првиот министер за земјоделство на слободна Македонија, и народниот херој на Југославија, Вера Ацева, прво со писмо до „Борба“, и подоцна во интервју со новинарот Синиша Станковиќ од „Млад Борец“, чиј уредник тогаш е Никола Младенов, одговарајќи на 31 поставени прашања излегува со теза дека македонските комунисти не сакале да бидат владеени ни од Белград ниту од Софија. Таа целата ситуација ја опиша со зборовите „ние сами ја ослободивме Македонија после што ни ги испратија Светозар Вукмановиќ – Темпо, Лазар Колишевски, и Видое Смилевски да нѐ владеат“. На Вера Ацева поддршка ѝ дава Крсте Црвенкоски, кој ги критикува „вечните анѓели чувари“ на официјалната вистина и официјалната историја и со тоа ги оневозможуваат ставовите и гледиштата на други да дојдат до израз. Значи, „Македонското прашање“ покренато од Цола Драгојчева, станува „внатрешномакедонско прашање“, кое го губи „драматуршкиот ефект“ со доаѓањето на Петар Гошев на чело на македонските комунисти и новата декларирана цел за „градење на општество во кое граѓаните ќе мислат слободно и ќе ја зборуваат вистината“.

Македонски дискурс и вртење во круг

Денешниот јавен дискурс во Македонија многу наликува на историските процеси опишани погоре. Се чини дека поради вртењето во круг земјата не може да заземе правец кон декларираните стратешки определби. Имено, многу брзо по повторното отворање на „Македонското прашање“ од страна на бугарската министерка за надворешни работи Катерина Захариева и неговото ставање во преговарачкиот процес за ЕУ, тоа од македонско-бугарска дискусија стана внатрешномакедонска дискусија. Исто така, како што Цола Драгојчева го врати во игра Методија Шаторов, некои денес јавни личности и партии во игра го враќаат Лазар Колишевски. И најголемата сличност, како што Вера Ацева, после децениско молчење, излезе со свој став по однос на „Македонското прашање“, така и Бранко Црвенковски, поранешен претседател на Македонија и долгогодишен член и основач на СДСМ, после децениско молчење изрази сопствено мислење по однос на „Македонското прашање“. Ако Тодорова „Македонското прашање“ го опишува како „постојана рана во бугарската национална психа“, може да се каже дека „Македонското прашање“ е „отворена жива рана во македонската национална психа“. Но едно треба да биде јасно, тие што сега го „воскреснуваат“ Лазар Колишевски треба да бидат свесни дека Југославија не постои, а од спротивната страна ги имаат следбениците на Ченто, Вера Ацева, Кузман Јосифоски-Питу, Крсте Црвенкоски, Петар Гошев и определбата за изградба на општество каде граѓаните ќе мислат слободно и ќе ја зборуваат вистината.

Како до решение?

Земајќи предвид дека политичките партии имаат дадено позитивно мислење за давање уставен статус на Бугарите и другите малцинства, земјаќи предвид дека остатокот на Вториот протокол се состои од прашања кои веќе се дискутирани и апсолвирани во македонското опшество, односно, тој пат е веќе поминат, но исто така, земјаќи ги предвид неодреденостите кои произлегуваат од т.н. „историски теми“ во договорот, кој како текст е многу лошо напишан, без јасни ставови и конкретни објаснувања на разните поими, потребно е усогласување на внатрешномакедонските ставови по три основни точки.

Првата, секако треба да биде одлуката за внесување на Бугарите и другите малцинства во Уставот на Македонија и ефективно започнување на преговорите за членство во ЕУ.

Втората точка по која е потребна согласност, е ситуација која би предизвикала застој и напуштање на текот на преговорите. Имено, иако ова е малку веројатно, самиот Втор протокол, преку точките за усогласување на историските ставови ѝ дава можност на Бугарија да условува со ревизионистичка интерпретација на историјата. Доколку ова се случи во текот на преговорите, истите треба да бидат прекинати. Притоа, три теми се исклучително важни кои не трпат никаква ревизија.

Прва е темата што се однесува на историјата на македонскиот јазик и други идентитески одлики на Македонците.

Втората тема која не трпи ревизија е историската вистина за уништувањето на македонските Евреи во Втората светска војна.

Третата тема која не трпи историски ревизионизам се интерпретациите за Народно ослободителната борба на македонскиот народ во Втората Светска Војна и нејзините придобивки, односно суверена македонска држава. Периодот на кои се однесуваат последните две теми не е сосема јасно дали е опфатен со Вториот протокол, и малку е вероватно дека Бугарија ќе оди на отворен ревизионизам по истите.

Кој тропа на отворени порти?

Избраните македонски функционери имаат должност и одговорност да ја водат земјата кон остварување на нејзините стратешки цели. Платата која ја добиваат, самите знаат дека не е највисока, и може да се нарече и надница, надница за страв! Потребен е рационален и ладнокрвен пристап при исполнувањето на последниот услов за почеток на преговори. За македонското водство, гледано од историски аспект, никогаш не било поинаку.

И така стигнуваме до одговор на прашањето во насловот, кој тропа на отворени порти?

Бугарија и Македонија заеднички тропаат на отворените порти! Бугарија со тоа што отвора апсолвирани теми со Вториот протокол, а Македонија што не почнува преговори плашејќи се од теми кои повеќе пати самата ги дискутирала и апсолвирала.

Др. Перо Димшоски

(Авторот е поранешен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство поранешен Национален координатор за акредитација на ИПАРД програмата, поранешен в.д. директор на Платежната агенција, поранешен главен преговарач на Македонија со ЕУ во однос на Договорот за стабилизација и асоцијација после влезот на Бугарија и Романија во ЕУ, поранешен назначен државен секретар во Секретарјатот за европски прашања)

КОЛУМНИ

Џефри Д. Сакс

Завршување на војната Трамп-Нетанјаху на Блискиот Исток

Јове Кекеновски

Стручните соработници – неискористен потенцијал на правосудството?

Ристо Цицонков

Енергетска криза, за кого како

Александар Иванов

Од „Колектив“ до Кочани

Љубомир Николовски

Различни ноти за иста игра

Клементина Брзаковска

Фрчковизмот што ја претвори опозициската СДСМ во циркус без компас

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ