четврток, 5 март 2026
Перо Димшоски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Македонски евроинтеграции – закопани во минатото, изгубени во сегашноста!

„Мора да ставиме крај на вештачките причини и причините од идентитетски карактер за членство во ЕУ и да се фокусираме на Копенхагенските критериуми, го подучи претседателката Сиљановска-Давкова, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, при неговата неодамнешна посета на земјата.

Жалам, но професорката Сиљановска падна на испитот „Основи на македонските евроинтеграции“ поради непознавање на основните поими и принципи, како што се Копенхагенските критериуми кои впрочем во моментов се единствен услов кој треба Македонија да го исполни за да ги почне преговорите за членство во Европската Унија. Се разбира дека можност да го положи испитот професорката ќе има наредната испитна сесија, за некој месец, се разбира, доколку ја совлада веќе неколку пати објаснетата материја, но изгубеното време се мери во пари, и тоа многу пари што Македонија ги губи со тоа што не ги започнува преговорите за членство.

Така на пример, преку ИПА инструментот на ЕУ од 2007 до денес во Македонија се инвестирани 1,7 милјарди евра кои не треба да се враќаат. Од тие, 350 милиони евра се влезени во земјоделството и руралниот развој преку ИПАРД програмата за чија акредитација и зголемување на капацитетите на државните институции земјата потроши 30 милиони евра. Таков поврат на капитал и остварување на чист профит на вложен капитал помножен со 50, ретко кој достигнал во историјата на Вол Стрит. Средствата на располагање со отварање на преговори се далеку поголеми. Со неотворање на преговорите, Македонија полека ја затвора својата економска и животна иднина.

Но реалната загуба е ниезмерлива, бидејќи ефектите се изгубени млади генерации кои секојдневно ја напуштаат земјата. И треба да се очекува наредните генерации студенти од историски најзапоставениот регион во земјата, Пелагониско – преспанскиот регион, да се запишуваат во поголем број на универзитетите во Словенија отколку на домашните. Таму во Словенија, учат работи кои имаат смисла, што само по себе ќе им ја зголеми самодовербата (знаењето, навистина е моќ!) и како оформени и стабилни личности, ќе ги мотивира да ги вложат своите животи во човековиот прогрес. Но, најверојатно не во Македонија, земја закопана во минатото, чии функционери имаат обичај да му делат бесплатни лекции на остатокот на светот и упорно одбиваат да научат нешто од него.

Признавањето на бугарското и другите малцинства нема никакви допирни точки со идентитетските прашања и тоа е услов што Македонија мора да го исполни бидејќи е опфатен токму од тие исти Копенхагенски критериуми на кои претседателката сака да се фокусира. Еве ве повикуваме јавно, повелете фокусирајте се! Испратете предлог до Парламентот за промена на Уставот со тоа што во него ќе бидат опфатени бугарското и другите малцинства кои го бараат тоа и лобирајте вашиот предлог да биде прифатен од потребното мнозинство пратеници!

Ако веќе некој е „загрижен“ за „причините од идентитетски карактер за членство во ЕУ“, тогаш треба да се фокусира и зборува за вториот протокол. Имено, поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, го воскресна, во политичките науки надалеку познатото „Македонско прашање“, кое беше решено во војна, со Народно-ослободителната борба на македонскиот народ, 1941-44, и ѝ даде можност на Бугарија, преку преговорите за пристап кон ЕУ, на главна порта, во срцето на Европската Унија, да внесе ревизионистички интерпретации. Имено, со вториот протокол ѝ се даде на Бугарија моќен инструмент да го обликува македонскиот историски наратив при самите преговори за членство во ЕУ.

Ова секако дека треба да им биде објаснувано до недоглед на официјалните личности на ЕУ и НАТО, откако самите ќе ја научиме лекцијата.

Др. Перо Димшоски

(Авторот е поранешен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство поранешен Национален координатор за акредитација на ИПАРД програмата, поранешен в.д. директор на Платежната агенција, поранешен главен преговарач на Македонија со ЕУ во однос на Договорот за стабилизација и асоцијација после влезот на Бугарија и Романија во ЕУ, поранешен назначен државен секретар во Секретарјатот за европски прашања)

КОЛУМНИ

Јове Кекеновски

Кога институцијата не го препознава сопствениот капитал  

Љубомир Николовски

Корпоративниот шмек на НБА

Александар Стојановски

Правда со ограничен дострел: политичките граници на Меѓународниот кривичен суд

Александар Иванов

Образованието, инфраструктурата и прогресивноста на идеите: зошто старите ѕидови бараат нови...

Ристо Цицонков

Извесни трендови во денешната енергетска неизвеност

Џефри Д. Сакс

Претседателе Трамп, вратете ги парите и престанете да земате повеќе

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ