Не верувам дека ќе добијам нови факти за текстот да го менувам мислењето.
Јас не верувам дека ќе имам нови факи за истото прашање по објавениот текст и затоа, овој пат, нема да го менувам мислењето и очекувам СДС да го менува своето однесување.
Последната недела „државотворната“ СДС преку својот лидер Венко Филипче излезе пред јавноста со еден нон пејпер со преполни „црвени линии“ како да се реши македонско-бугарскиот спор и земјата конечно повторно да тргне кон ЕУ оти опозицијата смета дека актуелната власт ги има закочено евроинтеграциските процеси.
Во суштина ова е втор нон пејпер за решавање на овој спор (еден бугарски и еден македонски!), а предложената Резолуција е трета по ред од двете држави, односно втора оти последната не е сѐ уште поднесена до Собранието.
Прво бугарското Собрание донесе една Резолуција со опис на „бугарските црвени линии“ при обидот за решавање на билатералниот спор, потоа возврати нашето Собрание со „Резолуција за утврдување на македонските државни позиции“.
Во 2013 година тогашниот привремен бугарски премиер и министер за надворешни работи на Бугарија Марин Рајков, пред институциите на ЕУ го достави тој фамозен бугарски нон пејпер,
Постоењето на нон пејперот првично беше негиран како таков од Бугарите, а потоа од страна на Постојаната мисија на Бугарија при ЕУ беше претставен не како нон пејпер, туку „интервју на амбасадорот Димитар Цанчев за германски медиуми” потоа испратен министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата (МИА, 2019).
После овој датум никнуваат многу нон пејпери и се цртаат свои црвени линии за решавање на тој спор и спорот никако да се реши дефинитивно.
Бугарскиот нон пејпер, неколку пати беше негиран дека постои од страна на тогашниот претседател Пендаровски и тогашниот премиер Ковачевски, а патот продолжи кон институциите на ЕУ (првично остро спротивставен од претседателот Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски), сѐ до менито на вечерата на двајцата со претседателот Макрон.
После овој настан бугарскиот нон пејпер „модифициран“ стана француски документ кој првично беше одбиен од Владата на Ковачевски со фаворизирање на Португалскиот предлог како алатка за решавање на проблемот, за да на крај заврши како Преговарачка рамка за почеток на преговорите на Република Македонија по укинувањето на бугарската блокада.
Според составувачот на првичниот текст на нон пејперот, Марин Рајков интересот на Бугарија за предложениот нон пејпер бил „да се најде решение на проблемите што ги создава режимот во Скопје“.
Објаснувајќи го тој интерес, Рајков пишуваше дека Бугарија има интерес, да има добри односи со таа земја (Македонија, наша примедба) поради бугарските тесни историски врски. „Ние имаме (продолжува тој) заедничка историска меморија, споделуваме едни и исти јазични традиции и нема никаква причина да живееме со сознанието за некаква спротивставеност…“.
Рајков понатаму објаснува дека „македонизмот како идеологија секогаш имал потреба од надворешно старателство (ЕУ старателство, моја примедба) затоа што е туѓ на населението. Тој бил историски принесен од антибугарски кругови во Белград и Москва (интервју, Трибуна, 2025).
Главното барање на Преговарачката рамка е постоечкиот контекст на мултиетничкото општество на Македонија да зајакне преку вклучување на бугарскиот наратив: Бугарите да се внесат во Уставот, соодветно како и сите други етнички заедници.
Тоа што е поважно во нон пејперот на Рајков, потоа модифициран како француски документ и претворен во Преговарачка рамка за преговори со ЕУ е дека „тие (мнозинско словенско население) кои себе се идентификуваат како Македонци и кои сметаат за посебност на македонскиот народ ќе ја задржат можноста за сопствен аспект и наратив на заедничката историја“.
Што се однесува до „Уставот на Република Бугарија, не содржи текст во насока на дефинирање на идентитетот на лицата што не се бугарски граѓани”. Соодветно на тоа, според тој текст, треба да се поддржи намерата на јакнење на бугарскиот концепт на држава-нација. Ово образложение сѐ уште е присутна кај дел од наши политички аналитичари.
Најглавно според Рајков (прифатено и од ЕУ) е најпрво да се реализираат договорите. Нормално е , вели Рајков, Бугарија да инсистира на гаранции во Преговарачката рамка за Република Македонија дека ќе се имплементира Договорот од 2017 година – и во смисла на одраз на заедничката историја во учебниците…
За македонското инсистирање на гаранции за неповторување и непроширување на бугарските барања, ЕУ институциите немаат позитивен одговор досега, со исклучок на Антонио Кошта, претседател на Советот на ЕУ, кој како многу рзбирливо го смета македонското барање за гаранции.
Реализацијата на Договорот од 2017, бил основна тема на поплаките на политичарите на СДС на нивните средби со некои лидери на некои земји членки на Унијата.
Имено, според поплаките што лидерите на СДС ово лето ги пренеле до политичките институции на ЕУ и до лидерите на некои земји членки актуелната власт не сака да ги направи уставните измени, односно не го почитува Договорот од 2017 потпишан од страна на Владата на СДС-ДУИ со Владата на Бугарија.
Имено, целата јавност веќе знае дека тој Договор кој главно стоеше на два столба – протоколи, ја потпишал претставник на една нелегитимна Влада која немаше етничко македонско мнозинство (на што се жали лидерот на албанската опозиција Ахмети!) и чија противуставна волја со потпишување на разни меѓународни договори, против волјата на народот, падна на народен референдум!
Неспорно е правото на опозицијата активно да учествува во политичкиот живот на земјата преку предлози на закони и резолуции. Неспорно е образложението на СДС дека со предложената Резолуција имаат тенденција да зајакне единствениот глас на политичарите на земјата во однос на интеграциските процеси на земјата, посебно во насока „мултиетничкиот карактер на земјата да се зајакне со бугарскиот наратив“, според бугарскиот услов за непримена на ветото против интеграцијата на Македонија во ЕУ!
Сега се наметнува прашањето каква потреба имаше СДС да ангажира домашни и странски експерти (како што изјавија) за состав на еден текст со неколку прости реченици. Имаше ли потреба за усвојување на предложена партиска Резолуција во услови на постоечка собраниска Резолуција бр.08 – 3602/1 29 јули 2021 година „Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, усвоена со 95 гласа „за“, ниту еден глас против и еден воздржан?
На крај се поставува прашањето: што беше крајната цел на предлагачите на Резолуцијата? Да се обезбеди датум за уставни измени ( февруари 2026 година) или да се брише член 2 од постоечката Резолуција (или целата) кој гласи: „да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет“, наместо „ние имаме заедничката историска меморија и споделуваме едни и исти јазични традиции и нема никаква причина да живееме со сознанието за некаква спротивставеност“ (Марин Рајков).
Кој празник ќе го славиме на секој 2 август, според Протоколот (кој според Османи го потпишал Никола Димитров: Илинденско востание или Илинденско-преображенское востание?
И многу други оправдани дилеми за кои одговорот допрва треба да стигне.
Мухамед Халили












