понеделник, 8 декември 2025
Жидас Даскаловски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Македонија – демократија на хартија, без суштина во пракса

Во пресрет на Меѓународниот ден на демократијата, се поставува прашањето: дали Македонија е вистинска демократија? Формално, да. Имаме Устав кој гарантира човекови права, повеќепартиски систем, редовни избори и институционална поставеност што одговара на демократските стандарди. Во секојдневието, меѓутоа, демократијата е во судир со три хронични слабости: системска неспособност, отсуство на политичка одговорност и култура на неказнивост.

Системска неспособност како хронична слабост

Неспособноста на институциите и нивните кадри е хронична болест на македонската држава. Кадарот ретко се бира според компетенции, а многу почесто според партиска лојалност. Државната администрација останува заробена од клиентелизам. Кадарот премногу често се избира според лојалност, а не според компетентност. Кога институциите се водат како партиски филијали, политиките се креираат со импровизација и популистички потези. Пример е системот за полнење на Дојранското Езеро, кој со години се распаѓа поради негрижа и непрофесионализам. Чија била одговорноста да го одржува системот? Излегува дека одговорноста бика ничија.

(Не)Одговорност

Втор проблем е отсуството на политичка одговорност. Во зрелите демократии, политичарите даваат оставки за пропусти и носат последици за катастрофални политики. Кај нас, одговорноста е празна флоскула. И по најголеми промашувања, луѓето остануваат на позициите или се рециклираат по други институции. Тоа создава чувство кај граѓаните дека власта никогаш не плаќа цена за своите грешки. Исто така, депонијата Вардариште во Скопје и Буково крај Охрид, а и други, горат и трујат со години, без властите да најдат решение – најдобар доказ дека покрај неспособноста имаме и неодговорност како помалку или повеќе трајна состојба.

Неказнивост: темел на корупцијата

Најсериозниот проблем останува неказнивоста. Македонија одамна ја има изгубено културата на владеење на правото. Катастрофалните политики што имаат последици врз економијата, образованието или здравството остануваат без судска разрешница. Корупцијата – и покрај декларативните борби – сè уште се толерира, па дури и охрабрува преку системот на неформални договори и мрежи на интереси. Приватизацијата во 1990-те години е класичен пример: тогашните економски и политички елити преку благо речено сомнителни процеси ја пренесе општествената сопственост во приватни раце, создавајќи олигархија чии интереси до ден-денес управуваат со политиката. Ниту за скандалите во време на владата на Зоран Заев и Димитар Ковачевски, кога јавноста сведочеше на бројни афери со корупција, ниту за контроверзни договори како оној со Бехтел и Енка, ни за аферите со пасошите за белосветски криминалци, функционерите не сносат никакви последици. Процесите се одолговлекуваат, се завршуваат со застареност или со минимални казни.

Заклучок: демократија без суштина

Македонија на хартија е демократија. Но во пракса, нашите институции функционираат поинаку: како механизми за одржување на елитите на власт, наместо како гаранти на јавниот интерес. Демократијата не е само избори и формални институции – таа е култура на одговорност, владеење на правото и професионализам. Сè додека неспособноста, неодговорноста и неказнивоста доминираат, ќе имаме демократија по форма, но не и во суштина.

Проф. д-р Жидас Даскаловски

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ