Може слободно да се каже дека Лука не го открил баскетот и кошот како секое друго дете. За него кошаркарката е наследство – физиономијата, ликот или бојата на очите. Неговиот татко, Саша Дончиќ е поранешен профи кошаркар со успешна кариера, пред сѐ во Словенија, а на кратко и во Србија и Франција. Тој е човекот што на Лука му го дал баскетот во раце на негова 7-месечна возраст. Додека повеќето деца заспивале со приказни, Лука спиел со баскетот во раце. На пет години почнал да тренира, а на седумгодишна возраст веќе настапувал тимски со постари деца. Нормално, против нив не можел да се потпира на својата сила, туку на интелигенција и штос во играта. Ова е посебно важен момент што го следи Лука низ целата негова кариера. Дури и денеска неговата генијалност на теренот не е атлетска, туку е когнитивна.
Еден турнир е посебно интересен за развојот на неговата кариера. Во 2012-та на Лидо ди Рома купот за кошаркари до 13 години, настапувајќи за Олимпија, Лука Дончиќ беше програсен за МВП со просек од 34,5 поени по натпревар, а во финалето против Лацио постигна 54 поени, 11 скокови и 10 асистенции. Тоа воедно беше и преломен момент кога Реал реши да го доведе во Мадрид. Кралскиот тим потпиша 5-годишен договор со 13 годишно дете да настапува за нивниот кадетски тим составен од 16-годишни момчиња. Од тој момент, на свои 13 години, Лука Дончиќ стана кошаркарски професионалец. Само што наполни 16 години веќе заигра за првиот тим на Реал на натпревар против Уникаха, а дебито го круниса со погодена тројка уште при првиот шут. На 19 ја освои Европа, кревајќи го пехарот за шампион на Евролигата, трофеите за МВП на сезоната и МВП на финалниот турнир. Неговата НБА кариера е веќе многу попозната. Преку своите игри во Далас и во Лејкерси се здоби со статус не само на светска кошаркарска, туку и на спортска ѕвезда воопшто.
Зад сцената
Но… Постои една посебна дименазија што доаѓа со прераното созревање, а не се појавува во статистиката или во хајлајт риловите. Лука Дончиќ ја носи нејзината тежина низ поголемиот дел од својот живот. Ако како мал кошарката му била само игра, како тинејџер, тој веќе бил споредуван со прекалени професионалци, третиран како некој чија иднина се случува сега. За него заминувањето од Љубљана во Мадрид не било само географско или културно, туку егзистенцијално. Детството, во многу погледи, завршило со таа преселба. 5-годишниот договор носел не мали обврски за 13-годишно дете. Неговиот кошаркарски раст веќе не бил охрабруван од родителите, туку очекуван и баран од тренерите. Неговите потреби повеќе не ги финансирале родителите, туку професионален клуб со буџети и сметководители.
На 19-годишна возраст, Дончиќ ја освои европската кошарка на дотогаш невиден начин. Титули, награди за најкорисен играч, доминација против искусни професионалци. На 19 години Лука ги доби сите признанија што повеќето играчи ги бркаат цела кариера. Но, кога сè доаѓа пребрзо, природната прогресија на развојот на некој начин е нарушена. Околината почнува да ве третира како целосно оформен и комплетен, иако внатрешно сè уште се формирате. Со доаѓањето во Далас, Дончиќ влезе во лига која традиционално нема многу разбирање за дебитантите. Тука сѐ се очекува веднаш и сега. Лука веќе навикнат на такви очекувања, прескокна секоја фаза на прилагодување на лигата и веднаш почна да ја обликува, да диктира темпо, да контролира и да ги принудува другите да се прилагодат на него, а не обратно. Со еден збор, веднаш прерасна во лидер на една врвно професионална франшиза. Но, лидерство во професионалниот спорт не е само талент и статистика. Тоа бара и комуникација, емоционална рамнотежа и способност да ги усогласите другите со вашата визија. Тоа се квалитети кои обично се развиваат со години, како преку успех, така и преку неуспех. А кај Дончиќ не постои искуство за ова второто. Моментите кога кај него се јавува фрустрација, без разлика дали е насочена кон соиграчите, судиите или навивачите, не се изолирани реакции, туку одраз на неговиот суперсоничен развој. Тие се резултат на судирот меѓу чувството на постојана доминација и побавната динамика на сѐ поголемите очекувања.

Кога успехот станува норма уште на млада возраст, се менува погледот и односот кон препреките кои објективно се неизбежни. Тие не се веќе дел од постепениот раст, туку нарушувања на постоечкиот стандард. За Дончиќ, поразот не е само победа помалку, туку отстапување од траекторијата која низ целата кариера го движела само во еден правец. Тука лежи тајната на интензитетот со кој игра и со кој реагира и неговите постојани дијалози со судиите, противниците и навивачите. Тие не се само одраз на неговата компетитивност, туку е инстинкт на некој што е навикнат да контролира, а се соочил со ситуација која е надвор од неговата контрола.
Но, во исто време, колку што брзиот успех го компресира развојот, толку и помага во изградба на ментална издржливост. Ова искуство на Дончиќ му дава ниво на смиреност во критични моменти што не може да се научи. Затоа изгледа непоколеблив во ситуации под висок притисок. Изложеноста на постојан притисок му дава ладнокрвност кога натпреварот се решава.
Она што ја прави неговата приказна особено интересна е тоа што сѐ уште е недовршена. Неговата игра и неговиот индивидуален раст несомнено ќе еволуира. Предизвикот за него повеќе не е докажување на супериорниот талент, туку развој на неговата улога во поширок контекст. Својата индивидуална контрола во играта треба да ја преточи во колективен успех, да најде баланс меѓу инстинктот и трпението, да дозволи играта да се прелее и на другите соиграчи без да ги изгуби квалитетите што го прават уникатен. Пред него е фаза каде што многу одлични играчи паднале. Во таа фаза беше и Мајкл Џордан. Пред да дојде до својата прва шампионска титула, Џордан беше прогласен за МВП на сезоната, најдобар дефанзивец на лигата, дебитант на годината и 5 пати најдобар стрелец на шампионатите. Дури откога со помош на Фил Џексон индивидуалната совршеност ја вклопи во колектив, успеа да освои 6 титули и уште безброј индивидуални признанија и да дојде до статусот на најдобар на сите времиња. Дончиќ исто така беше дебитант на годината, има една титула најдобар стрелец на лигата, 6 пати Олстар, МВП на финалето на западната конференција…. Во оваа фаза во која сега се наоѓа Лука, а низ која совршено помина Џордан, вистинските мајстори и шампиони се редефинираат, но не со додавање нови вештини бидејќи со сите веќе располагаат, туку со начинот на кој истите ги применуваат на теренот и на кој му пристапуваат на секој следен натпревар.
Љубомир Николовски












