Во една од сцените, младата болничарка Дана се обидува да им помогне на паднатите камаради, кои паѓаат покосени еден по еден. Од сите страни доаѓаат врисоци: „Дано, овде! Дано, помогни!“. А Дана е избезумена, не знае каде побрзо да тргне, а притоа и знае дека не може да им помогне на смртно погодените партизани. Можеби е претенциозно, но сè почесто се соживувам со таа улога, макар и како коментатор и интелектуалец, кој не лекува но „скока“ со вниманието од еден крај на светот до друг. Ако и не можам да помогнам, можам да зборувам, да алармирам, да… ? Што? Што всушност можеме да сториме со нашите пишани зборови? Како да Газа не ни беше доволна за будење на совеста, па сега како Дана трчаме од еден крај на светот на друг за да предупредиме за нови геноциди (Судан, Конго, Куба), нови воени интервенции (Иран) и киднапирање на легитимни политичари (Венецуела), блокади и ембарга (секундарни санкции)…
Додека чекаме секој миг да „пукне“ во Иран и предупредуваме за можна ескалација, како Газа да паѓа во втор план. А таму се гине и тогаш кога се зборува за Трамповиот Мировен борд. Се случи Венецуела со сцени како во акционен американски филм: грабнат не само претседател, туку и неговата сопруга. Американскиот суд глуми институција на делење правда врз странски државник, а фајловите на Епстин служат повеќе за сеир отколку за правда, но и за интелектуална дебата (особено е актуелна таа во врска со разочарувањето со Чомски и други академски ликови) отколку актуелните злосторства врз деца, старци, болни… Зарем нашите лични разочарувања или погрешни проценки се поважни од она што се случува на терен?
Не ни требаше Минхенската воена конференција за да сфатиме дека зад сите зла на овој свет стои една супер сила – САД; сите знаат ама не ѝ можат ништо. Разулавен Левијатан кој пуштил пипци низ целиот свет, стега и попушта по волја на императорот. Повторно, само зборови на морална осуда (кај обичните луѓе) и политичка поддршка кај зависните елити. Либералите зборуваа за Pax Americana, но сега веќе се зборува за Bellum Americanum. Култот на смртта има чудна и бизарна имагинација во САД: погледнете ги само криминалистичките серии (CSI е една од нив, со сите нејзини верзии) за да видите на какви сè начини може да се убие човек. Но, државата (политичката и корпоративната моќ) таа имагинација ја има усовршено и применето на цели народи и држави. Паѓаат една по една како домино, а никој ни да мрдне со прст. Гледаме класични и некласични методи на уништување држава, но сега најмодернио е во вид на варијации на тема геноцидот: систематско убивање на цели популации со „давење“, „гушење“ или „истоштувачко војување“. Целта е грабеж, одземање на моќта на дејствување (суверенитет) и конечно елиминирање на домицилното население со помош на компрадорски елити.
Пред неколку години, колега од Белград кој тукушто се беше вратил од одмор на Куба, ми рече: ако имаш намера да ја видиш таа прекрасна земја, побрзај! На последната редовна неделна средба со камарадите од No Cold War колективот, прва точка за дебата ни беше Куба. На тие средби обично се брифираме и разговараме за најзначајните случувања во светот, понекогаш иницираме акции, медиумски настапи и сл. Зборувајќи за Куба, Гисела кажа нешто што остана да ми одѕвонува во главата и часови подоцна: геноцидна блокада! Навистина, лесно е понекогаш да се занесеме во вербата дека оние кон кои градиме солидарност се храбри, посилни од сè, издржале многу и во минатото, тие ни се инспирација. Но, сликите од теренот не се само отрезнувачки, туку шокантни: се одвива систематска парализа на целата земја, неможност за одржување на прочистување на водата, хигиената, проблемите во доставата на храна создава глад, заразните болести чукаат на врата (во земја со извонреден здравствен систем – која иронија!). Куба, земја на 11 милиони луѓе, стенка и страда. Всушност, таа е одамна на коленици, само што ние чекаме некој уште поекстремен чин на САД за да ѝ обрнеме внимание. (Слично како и со Иран, Сирија или која и да е друга земја…). Сега Трамп прогласи дека Куба претставува итна закана за националната безбедност на САД. Ова е како во басната за јагнето што му ја матело водата на волкот. Островот веќе шеесетина години живее под опсада, а сега единствената разлика е што јажето околу нејзиниот врат се затега. Идеологот и оној кој Куба ја мрази од дното на душата е Марко Рубио, кој само ја потврдува старата балканска изрека „Гори Потурица од Турака“. Роден од кубански родители, сега е адвокат на славата на конквистадорите и американските предатори, кои не можат да поднесат ни отпор ни некој да понуди поинакво општество од нивното болно, до корен. Неговиот Минхенски говор е соодветен за наследниците на неонацизмот и неоколонијализмот, но уште полошо од изговореното беше аплаузот на Европјаните. Дали аплаудираа од олеснување што Рубио не користеше шлаканици како Ј.Д. Венс минатата година или се сетија на својата стара колонијална слава (500 години „цивилиирачка мисија“ ширум светот која однесе цели народи и култури, која доведе до експлоатација каква светот не видел, ропство и трговија со луѓе – тоа е таа нивна цивилизација за која тагуваат што ја изгубиле)? Битно е дека од двете страни на Атлантикот има нешто гнило, многу гнило. Опседнато со моќ и смрт.
Ќе бидам груба во заклучокот (затоа што веќе е доста од мудри анализи и вербални акробации). Прво, се срамам од Македонија која не го ни спомнува името Газа, а камо ли Куба или Иран; нивниот поданички говор е целосно санитизиран пред господарот. До минатата година, барем формално дигаа рака во Генералното собрание на ОН за симнување на нелегалните санкции врз Куба. Стоевме на страната на огромното светско мнозинство (иако таму сите знаат дека е попусто симболичко гласање кога САД се над законот и моралот). Но, во октомври минатата година станавме поголеми Американци од Американците, сместувајќи се меѓу само СЕДУМТЕ држави кои гласаа за задржување на санкциите. Некои од нас овде проговорија: срамота! И толку! Нашата претседателка и натаму се слика со дечиња, како што доликува на добра бабичка, но не помислува ниту на децата во Газа или Куба. Молчи и ужива во сесии на кои кажува дека „штрковите не носат бебиња“ – без да спомне кој убива бебиња! Ах, и загрижена е за својата безбедност во авиончето (ќе помисли некој дека навистина води дипломатска активност!).
Во еден интелектуален круг неодамна зборувавме за незавидната положба на ве-де претседателката на Венецуела и нужноста да се преговара со Империјата. Колега кој е многу храбар и инспиративен, спонтано кажа нешто од што ми се смрзна крвта. Сакајќи да ни помогне да ја разбереме ситуацијата на целосна зависност и закани врз невините, тој рече „тие прават сè за Венецуела да не стане нова Газа!“. Сега кога зборуваме за Куба, пак се прави слична паралела: ако не се преговара со разголениот и разулавен Император, тој ќе ја престори Куба во Газа. Тоа значи дека не само што оригиналната Газа е „нормализирана“ (заедно со прогонот на специјалната известувачка на ОН, Франческа Албанезе), туку сега се чуваме од полошо.
На крај се прашувам: што денес значи меѓународна солидарност кога секому му е всаден стравот во коски? Секој си ги гледа своите витални и национални (првенствено економски) интереси. Што е со БРИКС? Дали е фатаморгана, дел на wishful thinking? Зарем не гледаат дека мечот на империјата ги сече артериите на Глобалното мнозинство во сите клучни светски точки, токму тогаш кога се повлекуваат и прават отстапки и договори за купување поскапи енергенси од САД или се поклонуваат пред царинските давачки? Зарем уште ќе си шепотат: само да не стане полошо, ќе издржиме некако?!
Ми доаѓа да кажам, парафразирајќи го Данте: вие што верувате во алтернативен свет, оставете ги сите надежи надвор. Додека вашите лидери на видат дека епицентарот на новиот фашизам е жив и здрав, само е поместен од Европа во Северна Америка, нема ни да формираат вистинска солидарност, оска на отпор и ако треба антифашистичка алијанса. Минатата година беше јубилејна, сите ја одбележаа на свој начин; но секому му е јасно дека злото кое еруптираше пред околу сто години, никогаш не беше сотрено. Тоа се ребрендираше, се препакуваше, си доделуваше вредносни парадигми и интеграции – но остана Зло, за сиот свет, освен за нив малкумина. Барем така веруваат…
Билјана Ванковска










