недела, 7 декември 2025

Костурчанецот што ги збуни и Атина и Софија: Анастас Јанков, Македонец по избор, не по служба

Интервју во грчкиот весник „Емброс“ кое јасно ја покажува самосвеста на македонските револуционери.

Објавено на

часот

Сподели

Интервјуто на Анастас Јанков, објавено во атинскиот весник Εμπρός (Емброс) на 12 ноември 1902 година, претставува исклучително важен историски извор за разбирањето на општествено-политичкиот контекст во османлиска Македонија и националната самосвест кај дел од македонските револуционери во периодот непосредно пред Илинденското востание.

Ова интервју има поголемо значење поради тоа што е дадено пред грчката публика, во момент кога грчко-бугарската борба за влијание во османлиска Македонија станува сè поинтензивна. Фактот што грчки весник му дава простор на еден македонски револуционер да говори за автономија, и уште поважно, за македонска национална посебност, го прави текстот уникатен документ на своето време.

Кој е Анастас Јанков?

Тој бил роден во 1857 година во костурското село Загоричани, каде што го започнал своето образование. Подоцна се префрла во Истанбул, каде и го завршува образованието во 1875 година. Прогонуван од османлиските власти заминува за Одеса, каде се приклучува како доброволец во српската војска во Српско-осмналиската војна (1876) и Руско-османлиската војна (1877-78). Конечно, учествувал и во војната меѓу Бугарија и Србија од 1885 година.

По формирањето на Врховниот македонски комитет (ВМК), Јанков се вклучил во неговите редови и во 1902 години заминува за османлиска Македонија, поточно во костурско-леринскиот крај, како дел од т.н. Гроноџумајско востание. Имено, ВМК под раководство на Стојан Михајловски и Иван Цончев, уште во 1901 година започнале подготовки за пенетрација во османлиска Македонија и преземање на териториите кои биле веќе организирани од Македонската револуционерна организација (МРО). „Востанието“ било планирано да се „крене“ во источниот дел на османлиска Македонија, но исто така било одлучено да се предизвикаат немири и во Битолскиот вилает, односно во реонот откаде потекнувал Јанков. Дејноста на Јанков во овој дел на Македонија траела неколку месеци, при што освен неколку судири со османлиските вооружени власти, постојаните конфликти со костурското раководство на МРО, но и соработката со грчкиот ренегат Коте Христов, тој не успеал да создаде некоја сериозна база на востаничко дејствo, што се разбира и не било можно со оглед да немањето системска подготовка за такво нешто од негова страна.

По повлекувањето од османлиска Македонија, Јанков се упатува во Атина, каде и го дава ова интервју, по што заминува за Бугарија. Учествувал во Илинденското востание, дејствувајќи во источниот дел на османлиска Македонија. По востанието повторно влегува со чета во Македонија, при што загинува во судир со османлиската војска во април 1906 година.

Главни поенти на интервјуто

Анастас Јанков во интервјуто се декларира како Македонец и тоа претставува највпечатлив момент, особено што го изјавува пред грчки новинар, јавно, недвосмислено и со целосна самодоверба, при што вели: „Јас служев во бугарската армија како полковник, но не сум Бугарин. Јас сум Македонец.“

Истовремено, Јанков зборува и за заедничката идеја на Македонците, т.е. кога бил прашан кој ги поддржува „востаниците“, одговара: „Сите Македонци, без разлика на народноста, ја имаат прифатено идејата за автономија.“ Оттука, тој автономијата на Македонија не ја гледа етнички, туку територијално-политички дефинирана, и дека токму тоа создава заедничка „македонска“ свест.

Јанков, исто така, ја изговара фразата: „Македонија за Македонците“, што била секако поблиску до идеологијата на МРО. Оттука, тој ја поддржува автономијата по „критски модел“, односно самоуправа под христијански владетел, но најважното е дека Македонија треба да биде целосна, неподелена и сопствена политичка единица.

Интервју со Јанков – неговите идеи за Македонија, бара само автономија

Вчера го објавивме пристигнувањето на Македонецот, резервен полковник на бугарската армија, г. Анастас Јанков.

Г. Јанков претставува сосема посебен тип на човек, со силно тело и широки гради, со густа црна брада разделена на два дела, со очи што вадат искри и со коса кратко потстрижена. Носи волнена и груба бугарска облека.

За неговата дејност во Македонија имаме информации дека таа воопшто не била штетна за интересите на Грција.

Роден е во селото Загоричани, Костурско, и денес има 43 години. Грчкиот јазик го изучил во грчкото училиште во неговото село.

Бугарска писменост учел во Константинопол, каде што како млад заминал. Како обичен војник учествувал на страната на Русите во Руско-турската војна, борејќи се храбро на Шипка. Како капетан на бугарската армија учествувал во Српско-турската и во Српско-бугарската војна, истакнувајќи се во сите битки во кои земал учество.

Тој е православен по вероисповед. Неговиот дедо бил свештеник, како и неговиот вујко од мајчина страна, кој сè уште живее во Загоричани.

Вчера вечерта го видовме бугарскиот полковник, или подобро, како што самиот вели, само Македонец, г. Анастас Јанков, за кого вчера пишувавме дека од Трикала дошол во Атина.

Г. Јанков протестираше за она што беше напишано за него во врска со неговите средби со Бугарите во Атина и топло нè замоли да го демантираме.

– Дојдов завчеравечер од Трикала, ни рече, и природно беше, мислам, да побарам некој познаник да сретнам. Прашав други мои сонародници од Македонија и ме одведоа да ја најдам продавницата на Наум, со кого ме поврзува долгогодишно пријателство. Го запознав во мојот роден град Костур, и оттогаш не престанавме да бидеме добри пријатели. Се боревме заедно против Турците за време на Српско-турската војна, и од тоа време се поврзавме уште повеќе.

Неговото пристигнување во Атина

Го прашавме г. Јанков за неговото пристигнување тука.

– Пред да ви ги изложам причините, ни рече г. Јанков, поради кои влегов на грчка територија, сакав да знаете како и под кои околности се најдов како водач на востаничка чета во Македонија.

Какви принципи поддржува

Ги поддржувам идеите на водачот на Врховниот македонски комитет, г-дин Михајловски, и за спроведување на програмата на тој комитет регрутирав 300 луѓе во Бугарија кои ги наменив за востанието на Македонците:

– Ги собрав нив во Дупница и оттаму влегов на турска територија.

– Дали бугарските власти знаеја за влезот?

– Секако не. Во Софија, два дена претходно, бев гонет од полицијата и ризикував да бидам уапсен, но благодарение на посветеноста на некои мои лични пријатели, избегав.

Од бугарско-турската граница

– По два дена излегов, водејќи 300 луѓе во османлиското царство, сите подготвени да умрат за Македонија.

– А граничните стражи, барем бугарските, не ве забележаа?

– Не, бидејќи влеговме скришум и ноќе.

– Во кое време од годината? прашавме.

– На почетокот на минатиот мај. Од Дупница се упативме кон Малешево, оттаму кон Мелник, Гевгелија, Воден, Лерин и Костур. Овој пат го следевме.

Првата битка

– За време на походот на вашиот одред до Костур, не се случи ли да сретнете турска војска?

– Не, само еднаш. Првата битка ја имавме кај Загоричани, а следниот ден се судривме уште двапати со Турците, на истото место. Не добивме сигурни информации за турските загуби, но според мештаните тие биле големи.

Од моите востаници, во сите три битки загинаа само 6 борци, а дека загубите на Турците биле големи и во овие три и во следните битки, докажува фактот што воените болници во Солун и Константинопол беа преполни со ранети.

Растурањето на востаничкиот одред

– Бевме принудени да го напуштиме Загоричани. Турската војска добиваше значителни засилувања, додека мојот востанички одред, поделен на разни мали групи од по 15 луѓе, тргна во различни правци за да го разбуди населението против заедничкиот непријател.

Мојот мал одред пристигна во селото Смрдеш, каде што се судривме со турската војска која нè чекаше. Во оваа битка загубив еден човек. Турците, кои се чини имаа доста загуби, ни го оставија патот слободен и ние се упативме кон Губица (?) и Влахоклисура. Тогаш имав 42 луѓе и со нив во Влахоклисура водев жестока битка, при која меѓу Турците, обединет со нив, го имав спроти мене и Караливанос.

– И за време на оваа битка, која беше многу жестока, загубив уште еден човек, кој сепак не беше убиен, туку беше сериозно ранет, на начин што повеќе му забрануваше да ни биде корисен во сегашноста. Последната битка, или подобро кажано престрелка, ја имавме кај Загоричани, на 10-ти октомври. За време на оваа престрелка, турската војска, откако го забележа нашето присуство, пукаше постојано кон нас, но потоа се даде на бегство. Оттогаш повеќе не нè вознемируваше.

Пари за востаниците

– А вие како се издржувавте таму? Можеби Михајлевски ве снабди со пари и храна?

– Ништо од тоа. Од секое село низ кое минувавме, селаните, секој домаќин, ни даваа по две лири или соодветно на нивните приходи.

– Спонтано, рековте? — прашавме.

– Секако, спонтано. Треба да знаете дека сите Македонци, без разлика на народноста, ја имаат прифатено идејата за Автономија и на разни начини им помагаат на оние кои се борат за неа.

-А тогаш зошто не останавте?

– Причината е многу едноставна. Во Македонија оваа година зимата е исклучително сурова. Снеговите ги покрија планините каде што бевме принудени да престојуваме. Храна, иако имавме пари, беше невозможно да се најде. Комуникациите речиси насекаде се прекинати. Еден одред со малку луѓе лесно може да се издржува во разни села. Таму, особено каде што нема турски војници, соживотот меѓу востаниците и селаните е братски.

Снегот ги предаде

– Но снегот ни ги расипуваше плановите. Трагите од нозете на луѓето што се оцртуваа на патот по кој минувавме, ги известуваа турските војници, кои патролираа низ тие краишта, за правецот по кој се движеше нашиот одред.

Ова нè принуди да побараме безбедно засолниште и како такво ја избравме Грција. И не бевме излажани. Ги собрав моите следбеници, им соопштив дека железната неопходност нè натера да ја напуштиме Македонија.

Сите го прифатија мојот предлог. Тргнавме од Костур, стигнавме во Гревена, оттаму во Елефтерохори и Велемисти и од таму, преку граничната линија, влеговме во Каламбака.

Како влегоа во Грција

– Не се плашевте да не ве уапсат кога влегувавте на грчка територија?

– Зошто да се плашиме? Не сме наштетиле на ниеден Грк во Македонија. Слободно и со храброст можеме да влеземе како во Грција, така и во Србија и Бугарија, бидејќи не сме убиле ниеден сонародник. Се бориме за Македонија како Македонци и само за Македонија…
Од Каламбака заминав со моите 15 следбеници во Трикала. Таму бевме уапсени и затворени, но следниот ден, кога го открив мојот идентитет, ме пуштија слободен и ми дозволија да одам каде што сакам. Избрав да го посетам главниот град и од завчеравечер сум тука. Ме придружува мојот пријател г. Ст. Дампсас, кој исто така е Македонец.

Што ќе прави Јанков?

– А сега што мислите да правите?

– Ја чекам одлуката на Владата за судбината на моите 15 следбеници затворени во Трикала. Се надевам дека брзо ќе бидат ослободени и тогаш ќе се вратам во Бугарија.

– Со која цел?

– Прво, за да го видам моето семејство, кое не сум го сретнал од минатиот мај. Потоа, човек има толку многу работи да размисли, додаде тој насмевнувајќи се.

– Можеби станува збор за ново влегување во Македонија?

– Кој знае!…

„Македонија за Македонците“

– Ова е симболот на вистинските Македонци. Јас служев во бугарската армија како полковник, но не сум Бугарин. Јас сум Македонец. Потекнувам од Костур и сум православен христијанин кој го признава Вселенскиот Патријарх за свој верски водач. Но, тоа не ме спречува да соработувам со секој што работи за ослободување на мојата татковина од турскиот јарем. Сакаме автономија, како онаа на Крит, под христијански владетел, кој ќе обезбеди малку сигурност, чест, живот и имот на ова несреќно место. Се бориме против идејата за поделба на Македонија меѓу различните соседни држави.

Ја сакаме цела и автономна. Ако Македонија требаше да биде дадена на некоја држава, таа држава би претпочитал да биде Бугарија. Инаку, ако тоа е невозможно, ја претпочитам автономијата.

Општо земено, г-дин Јанков нѐ увери дека тој и неговите истомисленици бараат примена на 23-тиот член од Берлинскиот договор, чие неисполнување, како што вели, ќе има големи последици доколку Силите не интервенираат активно.

Делата (злосторствата) на Сарафов во Македонија

Го прашавме г-дин Јанков дали е вистинит извештајот што го објавивме за време на неговото навлегување на Македонија и кој го носеше неговиот потпис.

Овој извештај беше испратен од Плачковица од г-дин Јанков до бугарскиот комитет под претседателство на Михајловски и ги опишуваше злосторствата што ги извршиле следбениците на Сарафов и куповите скелети што ги открил во пештерите.

Г-дин Јанков ги потврди сите ѕверства што ги извршил Комитетот под Сарафов.

Сакаше и да го убие

На крајот ни додаде, дека Сарафов, чија монструозна убиствена работа ја откри, на 20-ти октомври годинава испратил во Костур еден од неговите луѓе посветени со наредба да го убие. Г-дин Јанков сепак ја избегна смртта, а следбеникот на убиецот Сарафов побегна за да не биде фатен.

За Грција, г-дин Јанков има одлично мислење. Приемот од властите во Трикала го воодушевил. Тој изразува благодарност кон нив.

Вчера го посети стадионот, а денес ќе се искачи на Акропол и на ридот Филопапос. Колку време ќе остане тука, не знае, тоа зависи од ослободувањето на неговите следбеници во Трикала.

Напишаното вчера дека бугарскиот полковник Јанков е сместен кај г. Тр. Рука е сосема неточно, и ние мора да го демантираме заради вистината. Вчера го видовме г. Тр. Рука, кој ни го кажа следново:

„Јас ниту знам кој е Јанков, ниту сум го видел кога било. Дознав само дека вчера отишол во мојата продавница придружуван од Стеф. Дампсас, и дадов наредба да не го пуштат повторно да стапне таму. Се чудам што сакаат тие луѓе од мене. Јас живеам 40 години во Атина, работам и имам семејство, а сум Грк, како сите други“.

Подготвил: Димитар Љоровски Вамваковски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ