Работејќи за младинската христијанска асоцијација во Спрингфилд, Масачусетс, како професор по физичко воспитување, на Нејсмит му беше дадена задача да креира игра за зимски тренинг на спортистите од другите спортови. Игра што ќе се одвива во сала и нема да биде посебно груба, со цел играчите да можат да задржат форма, но и здрави да ги дочекаат првенствата во нивните основни спортови. Во тоа време главни спортови во САД беа бејзбол, американски фудбал, хокеј, фудбал, рагби и лакрос.
Аналитичен по природа, Нејсмит во детали ги анализирал сите спортови и дошол до заклучок дека средната, ниту мал, ниту голем обем на топката, би била најприфатлива за тренинг и координација на спортистите. Исто така, со оглед на тоа дека не смееше да се дозволат повреди за време на новата тренинг игра, дошол до заклучок дека грубите контакти и стартови најчесто се случуваат кога топката се има во рацете или нозете и кога се дрибла. Така дошол и до првото правило за новата игра – нема трчање со топка, ниту дриблинзи.
Следното набљудување го довело до заклучок дека многу туркање и груба игра се случува во моментите на одбрана на голот, мрежата или гол линијата.
Решение – нема гол, ниту мрежа, ниту гол линија, туку кошница, односно корпа и тоа поставена повисоко од сите играчи за да не може да се чува.
На базa на овие основни согледувања на играта Нејсмит ги развил и првите 13 кошаркарски правила, меѓу кои поинтересни, посебно од денешен аспект, се следните:
– Играчот не смеел да трча со топката. Морал да стои на место каде што ја добил, со исклучок во случај доколку трчал во моментот кога му била додадена. Тогаш можел да направи уште некој чекор, два за да запре. Ова значи дека во својата изворна форма, во кошарката не постоеле дриблинзи.
– Топката морала да се држи исклучиво со дланките. Играчот не смеел да ја стави под мишки, ниту пак да ја потпира на телото.
– Нема држење, туркање, сопкање, ниту удирање. Првото кршење на ова правило се сметало за фаул, второто го дисквалификувало извршителот до постигнување на следниот поен од која било екипа, а доколку имало очигледна намера да се повреди противничкиот играч, следувала дисквалификација за целиот натпревар без дозвола за замена на исклучениот играч.
– Топката не смеела да се удри со бокс.
– Три последователни прекршоци од една екипа, значат поен за противничката.
– Поен се добивал кога топката ќе заврши во кошницата и ќе остане таму… инаку, првите кошеви биле кошници за праски закачени на балконите од салите. По постигнат поен некој од резервните играчи се качувал да ја врати топката во игра.
– Натпреварот траел два пати по 15 минути, со 5 минути пауза меѓу двете полувремиња.
Иако бројот на играчи не бил предвиден во правилата, но по 9 во секој тим било непишано правило.
Една од должностите на првите кошаркарски судии била и да го следи времето на натпреварот и за таа цел секој од нив имал часовник на раката. Но, со оглед на тоа дека тогаш немало лимит на времето за напад, оваа обврска и не им била посебно тешка бидејќи требале да внимаваат само на истекот на 15 минути по полувреме.
Дриблингот за прв пат не бил санкциониран како прекршок шест години подоцна, во 1897 година на натпревар на универзитетот Јел, а во 1901 е воведен како можност и во правилата, но само по еден дриблинг при посед на топката. По тој еден изведен дриблинг, играчот не смеел да шутира, туку морал да ја додаде.
На почетокот се користеле фудбалски кожни топки, но тие не биле погодни за овој спорт. Лесно се лизгале и не биле адекватни за рачно водење и дриблинзи. Во 1894 година, Нејсмит контактирал со А.Г. Спалдинг и Брос, со барање да направат топка за кошарка. Компанијата произвела кожна топка споена со врвки, со тежина нешто помала од 500 грама и со обем од 80 см, поголема од фудбалска топка за 10 см. На Нејсмит топката му се допаднала и кон крајот на 1890-те, Спалдинг станал официјален производител на кошаркарски топки. Во 1929 година, кошаркарските топки биле редизајнирани за поголемо отскокнување и со скриени врвки за да се елиминираат неправилните отскокнувања. Овие топки биле поголеми, полесни и поадекватни за водење.

По инерција, бојата на кошаркарските топки постојано била кафено-кожена. Но, со првите преноси на кошаркарските натпревари се појавил проблем со следење на движењето на топката бидејќи нејзината боја била речиси еднаква со паркетот во салите каде што се играле натпреварите. Во 50-те години, тренерот на Универзитетот Батлер, Тони Хикл, дошол до идеја и поднел барање за промена на бојата на топката, а како најзабележлива ја навел портокаловата. Неколку месеци подоцна, како резултат на оваа успешна идеја, била променета и бојата на обрачите во портокалова.
Верувале или не, височината на која биле поставени првите кошници како кошеви за новиот спорт, била 3,05 метри и никогаш никој не нашол потреба да ја промени. Џејмс Нејсмит височината ја одредил според оградата што ги двоела ателетската патека и неговата сала за тренинг.
Историјата вели дека првиот официјален кошаркарски натпревар според правилата на Нејсмит бил одигран во салата на младинската христијанска асоцијација во Спрингфилд на 21 декември 1891 година, а судија бил лично, тогаш 30-годишниот Нејсмит.
Спортот на Нејсмит е промовиран во Олимписки на игрите во Берлин 1936 година. На кошаркарскиот турнир учествувале 21 земја, а прв олимписки шампион на кошаркарскиот турнир, логично, била екипата на САД со победа во финалето над Канада од 19:8. Натпреварот бил решен уште во првото полувреме кое американската селекција го завршила со водство од 11 поени 15:4, а второто завршило со израмнети 4:4.
НБА занимливости
За овој аспект на НБА може да се напише цела една книга, но овде ќе одвоиме само еден помал интересен дел од нив.
– Првиот официјален НБА натпревар е одигран на 1-ви ноември 1946 год помеѓу Њу Јорк Никербокерс и Торонто Хаскис. Во многу возбдлив и неизвесен натпревар прв победник воопшто во историјата на НБА стана екипата на Њу Јорк со триумф од 68:66. Ова е дел од НБА историјата што вреди да се запомни, бидејќи го означува почетокот на лигата што ќе прерасне во глобална атракција.
– Само еднаш во историјата на НБА драфтот, како систем на селекција на нови НБА играчи, се случило одлуката кој ќе бира прв да се донесе по пат на фрлање паричка. Во 1969 година, во потфрлањето учествуваа екипите на Феникс Санс и Милвоки Бакс. Првите избраа „глава“, вторите „петка“ која за нив беше среќна и во тимот им го донесе можеби најдобриот кошаркар на сите времиња Карим Абдул Џабар, тогаш со име Лу Алсиндор.
– Тројката донесе вистинска револуција во кошарката, посебно во последните 15-тина години кога клубовите целокупната офанзивна тактика ја подредија на овој елемент. Но, шутот за три поени всушност не постоеше во НБА сè до сезоната 1979/80, кога ја позајмија идејата од АБА лигата. Претходно, менаџментот на НБА шутот за три го сметаше за циркуски елемент исклучиво за забава на публиката.
Во првата сезона тимовите во просек за тројка шутираа по 2,8 пати и имаа 0,8 реализирани по натпревар, или процент на прецизност од приближно 28,6%.
– Нема сомнение дека забивањето е еден од најатрактивните елементи на кошаркарската игра. Ќе остане запишано дека првиот што забил топка во обрачот е Џо Фортенбери, центар висок 215 цм од Мекферсон Глоуб Рафинерс од Канзас во 1936 година. Неговото забивање се случи за време на натпревар во Медисон Сквер Гарден. Истиот играч, како капитен на американската репрезентација, на Олимписките игри во Берлин истата година, стана и првиот играч што го извел забивањето на меѓународна сцена и тоа во финалниот натпревар против Канада. Интересно е дека во колеџ лигата (NCAA) во период од десетина години низ 60-те и 70-те забивањето беше забрането. Причина: доминацијата на Карим Абдул-Џабар во дресот на Универзитетот Лос Анџелес (UCLA). Никој под обрачот не му можеше ништо и НЦАА одлучи да го забрани овој потег.
Инаку кошаркар со најмногу забивања во историјата на НБА е Двајт Хауард кој во својата 18-годишна кариера остварил 2.950 забивања, или во просек скоро 164 во сезона. Ова се бројки од официјалната статистика која почна да се води од 1996 наваму и на чија листа на второ место е Шекил О‘Нил со 2.626 забивања. Но, Шекил О‘Нил веќе беше 4 години во лигата пред официјално да почне да се води статистика за овој кошаркарски елемент. Неофицијално, Шекил само во својата прва НБА сезона имал преку 300 забивања. Тоа значи дека Шек е неофицијалниот лидер на листата на најдобри данкери на сите времиња. Но, бидејќи не може да се смета бројот на забивања пред нивното официјално воведување како статистички елемент, Хауард технички и натаму останува лидер на сите времиња во оваа статистичка категорија.
– Најкратка кариера во историјата НБА со официјален настап на натпревар има Џејмисон Кари од Лос Анџелес Клиперс. Неговиот вкупен настап во НБА е точно 3,9 секунди. Неговите напори да влезе во НБА се остварија кога Клиперси го ангажираа на 10-дневен договор. Во игра влезе само еднаш, во последниот ден од договорот но, само на 3,9 секунди пред крајот на третата четвртина. По тој натпревар Клиперси не му го продолжија договорот и ја заврши својата НБА кариера.
Наспроти него, најдолги НБА кариери имаат две легенди, Винс Картер и ЛеБрон Џејмс. Двајцата по 22 години во лигата. Кариерата на Картер траеше од 1988 до 2020 , а на ЛеБрон од 2003 заклучно со следната, а можеби и повеќе.

Винс Картер се наоѓа и на листата на најстари кошаркари што некогаш играле во НБА. На неговиот последен НБА натпревар Картер имаше точно 43 години и 45 дена. Најстариот кошаркар што настапил на еден официјален НБА натпревар е Нет Хинки, од тимот на Провиденс Стимролерс кој последниот натпревар го одигра со точно 46 години, без 3 дена. Втор е Кевин Вилис со 44 години и 224 дена, а трет Роберт Периш со 43 години и 254 дена.
Како најмлад во историјата на лигата влезе центарот на Лејкерси, Ендрју Бајнам со 18 години и 6 дена.
– Вилт Чембрлен е недостижен во однос на постигнати поени во една сезона со неверојатни 4.029 реализирани во 1962 година. До овој резултат Чембрлен дојде остварувајќи просек од 50,4 поени по натпревар! На листата најефикасни играчи по вкупниот број на поени во една сезона, Чембрлен држи 4 од првите 5 позиции. Единствено Мајкл Џордан, на третото место со 3.041 поен реализирани во 1987 година, успе да ја разбие оваа доминација на Чембрлен. Вилт беше и првиот кошаркар што постигна преку 3.000 поени во една сезона во 1961 година. Прв НБА играч со постигнати преку 2.000 поени е Џорџ Јардли од Детроит Фалконс во сезоната 57/58 со вкупно со 2.001 поен.
– Вилт Чембрлен е главната причина и што Лос Анџелес Лејкерс го држи рекордот за најдолга серија на победи во една сезона. Во сезоната 71/72 Лејкерси остварија 33 победи едно по друго. Овој подвиг останува невидено достигнување во историјата на лигата. Најблизу му дојдоа Голден Стејт Вориорс со 28 последовни победи, но низ две сезони, финишот на 2015/16-та со 24 победи по ред и стартот на 2016/17 со 4 победи по ред. Доколку се сметаат само победите во рамките на една натпреварувачка сезона, тогаш Мајами Хит се втори со серија од 27 едноподруго остварени во сезоната 2012/13.
Што се однесува до најдолгата серија на порази, неа ја делат тимовите на Детроит Пистонс во 2023/24 и Филаделфија ‘76 во 2014/15 со по 28 порази по ред.
– Најмногу поени постигнати на НБА натпревар од еден тим е 186. Во декември 1983 Детроит Пистонс и Денвер Нагетс одиграа натпревар со три продолженија што заврши со победа на Детроит од 186:184. Овој натпревар воедно го држи и рекордот по бројот на вкупно постигнати поени на една средба од регуларното првенство со 370. Прв стрелец во победничкиот тим беше Ајзеа Томас со 47 кошеви, а Џон Лонг постигна 41. Но, најефикасниот играч беше од противничкиот тим, Кики ВанДеВеге со 51 поен, следен од соиграчот Алекс Инглиш со 47 поени.
– Тајрон “Магзи“ Богс е најнискиот кошаркар што некогаш заиграл во еден НБА тим. И покрај своите 160 cм, Богс оствари завидна кариера од 14 НБА сезони во 4 тима, Вашингтон, Шарлот, Голден Стејт и Торонто, со просек од скоро 8 поени и 7,5 асистенции по натпревар. Беше член и на американската селекција на светското првенство во Шпанија која го освои златниот медал, а еден од најуспешните настапи му беше против селекцијата на Југославија, кога задолжен за Дражен Петровиќ, перфектно ја заврши работата и придонесе за победа од 69:60.
Највисокиот што некогаш настапил во НБА е Романецот Георге Мурешан со 232 см. Во НБА настапи за 2 клуба, Вашингтон и Њу Џерси низ 6 сезони и оствари просек од 10 поени и 6,5 скокови по натпревар. Кога сме веќе кај највисоките, со по 236 см највисоки се кинезот Сунг Мингминг кој ја заврши својата кариера во Кина во 2014-та година и моментно највисокиот тинејџер во светот, 19-годишниот Канаѓанец Оливие Риу, играч на Флорида колеџот.
– Засега ниту еден кошаркар не успеал да реализира 100 слободни фрлања по ред. Најблиску до овој недостижен рекорд дојде Мајкл Вилијамс од Минесота Тимбрвулфс кој во 19 последовни натпревари погоди 97 слободни фрлања без промашување. Претходниот рекорд го држеше Калвин Марфи од Хјустон Рокетс со 78 погодени слободни фрлања последовно. Инаку според процентот на успешно реализирани слободни фрлања, најдобар во 78-годишната историја на лигата досега е Стивен Кари со 91,1% прецизност. Само уште тројца кошаркари успеале низ кариерите да шутираат со процент повисок од 90%, Стив Неш и Марк Прајс со 90,4 и Рик Бери со точно 90%. Блиску до ова дојде и Предраг Стојаковиќ, 5-ти на оваа листа со 89,5%.
– Мајами Хит е единствениот тим во историјата на лигата што никогаш не бирал прв на драфтот. Најблиску до таа можност дојдоа во 2008 година кога бираа како втори, а нивен пик беше Мајкл Бисли од Канзас Стејт. Вкупно во 36-годишната историја на клубот, само 9 пати бирале меѓу првите 10 тимови, од кои три пати како 10-ти, два пати како 9-ти, два пати како 5-ти и по еднаш како четврти и втори.
И покрај тоа, преку драфтот дојдоа до врвни играчи како Глен Рајс, Стив Смит, Двејн Вејд, Карон Батлер и Бем Адебајо.
Најчесто како први бирале два тима, Кливленд Кавалирс и Вашингтон Визардс кои по шест пати ја имале можноста да го изберат најдобриот играч од драфт понудата. Кливленд на овој начин дојде до ЛеБрон Џејмс и Кајри Ирвинг, а Вашингтон до Џон Вол, но нивниот избор на Квејми Браун од 2001-ва остана запаметен како едно од најголемите промашувања во историјата на драфтот. Како први имаа можност да бираат меѓу По Гасол, Тајсон Чендлер, Ричард Џеферсон, Џејсон Ричардсон, Џо Џонсон, Шејн Батие, Зек Рендлоф… но, тие се решија за тинејџерот кој имаше скоро незабележлива НБА кариера.
Сите овие занимливости, смешни, чудни и интересни факти нѐ потсетуваат дека НБА не се само резултатите, поените, скоковите и додавањата, туку и неисцрпна историја на приказни што чекаат да бидат раскажани и запаметени.
Љубомир Николовски












