Никола Јокиќ без сомневање ќе остане запишан како најголема „кражба“ во историјата на НБА драфтот. Во лигата пристигна неприметливо, драфтуван како 41-ви пик, за време на реклама за Тако Бел, без никаква возбуда, без спектакл и без физички профил што би најавил некаква посебно успешна кариера. Но, во 10-те НБА сезони зад него „дебелкастиот“ српски центар стигна да биде споредуван со НБА легенди како Џабар, Брд, Стоктон. Со легендарни центри, крила и бекови. И не случајно со различни профили на играчи и играчки позиции, туку како резултат на неговата мултидимензионална игра претходно невидена во НБА лигата. Рекордите и постигнувањата што ги урна во досегашните 10 НБА сезони, можат да бидат само надоградени со оглед на тоа што 30-годишниот Србин пред себе има барем уште 6-7 години кариера.
Но, овојпат нема да се освренеме на достигнувањата изразени преку статистика, затоа што со секој следен натпревар, Јокиќ упорно ги менува и ги прави сѐ поневеројатни. Овојпат ќе се осврнеме на начинот на кој ја измени кошаркарската игра.
На прв поглед, Јокиќ изгледа речиси обичен. Трча „уморно“, без итност, скока без експлозија, Американците велат „не може да прескокне банкнота од еден долар“. Но, неговата игра во однос на останатите изгледа како игра на промислен и студиозен шахист со предвидени 3,4,5 потези однапред, наспроти таблаџија кој фрла коцки и чека што ќе му донесе зарот. Никола Јокиќ ги совладува противниците со геометрија, тајминг и интелигенција која се граничи со видовитост. Играта на Јокиќ е кошаркарска симфонија во „забавена снимка“. Тој го визуелизира нападот пред да се реализира, ги чита одбраните пред да се наместат и ги манипулира противниците со суптилни „лажњаци“. И сето тоа го прави со свој сопствен тајминг. Неговото чувство за простор околу кошот е совршено до точка на иронија. Неговото шутирање е меко и неодбранливо. Тоа што навистина го разликува од сите други во НБА, во моментот, но и низ историјата, е играта на центар кој размислува како плејмејкер. Неговите додавања се неговото најсмртоносно оружје. Без разлика дали асистира во ватерполо стил со една рака преку глава или додава без гледање од зад грб, Јокиќ го чита теренот три секунди пред сите други. Нападот на Денвер не тече низ него, туку тече од него. Тој е центарот на сѐ, планер, одработувач и играч што ја носи конечната одлука за завршување на нападот. Секој посед, кога топката е во негови раце, станува загатка за одбраната, а секоја загатка што противничката одбрана ќе ја подготви за Јокиќ, тој ја решава побрзо од кој било друг на паркетот. Позицијата центар на која традиционално ѝ се даваше завршна улога на шут од близу, тој ја трансформира во епицентар околу кого се случува сѐ. А кога по некоја случајност нападот е заглавен, нема можност за додавање и истекува времето, неговиот Sombor Shuffle, шут во висок лак, со скок наназад од една нога, ја решава работата. Сетете се само како ги излуде Лејкерси и Ентони Дејвис во ланскиот плејоф…

Неговите статистички достигнувања зборуваат за целосна доминација на теренот. Она што ги прави овие достигнувања извонредни не е само нивниот обем, туку и нивната природа. Јокиќ доминира во играта без да доминира сам со топката. Тој не ги засенува соиграчите, напротив тој ја крева нивната игра на повисоко ниво. Во последните три натпревари вклучително и средбата на која се повреди, редеше чудесни бројки: против Минесота 56п.16 ск. 15ас. со 71,5% шут, против Орландо 34п. 21ск. 12ас. со 50% шут, против Мајами за само 19 минути игра 21п. 5ск. 8ас. со 65% шут. Поентира како роден шутер, скока како најдобар центар, асистира како елитен плеј. Без форсирање, без бркање бројки и индивидуална статистика, едноставно целосна контрола врз играта од почеток до крај. Секој следен натпревар сме сведоци на игра со која Јокиќ редефинира како изгледа една сезона на НБА суперѕвезда. Сега веќе прашањето не е како го прави ова, туку колку долго лигата ќе се преправа дека една ваква доминација е нормална работа.
Јокиќ ги принуди НБА тимовите од корен да ја преиспитаат центарската позицијата. Со децении во лигата високите играчи беа чувари во рекетот во одбраната и стрелци од пост или директно под кошот во нападот. Јокиќ воведе трета димензија и една цела нова офанзивна филозофија. Како резултат на тоа, тимовите сега им даваат приоритет на високите играчи кои имаат смисла да ја креираат играта, да дизајнираат напади во кои центрите се сообраќајци при изведбата на акциите, а не само реализатори во рекетот. При селекцијата, многу повеќе почна да се цени нивната визија на играта и ефикасноста на одлуките на теренот, а помалку физикусот и „трчи и шутирај“ филозофијата на играчите.
Европска душа во американска лига
За европската кошарка, Јокиќ е и симбол и потврда. Тој го отелотворува европскиот поглед и стил на кошаркарката: дисциплина, движење на топката, вклученост на сите петмина на паркетот, читање на играта и колективна одговорност. И додека европската кошарка го губи својот традиционален шмек преку увоз на просечни и нешто преку просечни американски кошаркари, НБА, благодарние на “дебелкастиот србин“ се свртува кон фундаментите сфаќајќи дека играчи со силни кошаркарски основи, научени да ја разбираат, анализираат и организираат играта се играчи способни да доминираат во НБА на највисоко ниво. Јокиќ ја претставува крајната совршена еволуција на европските центри во НБА. Рик Смитс, Владе Дивац, Арвидас Сабонис, По Гасол, Дирк Новицки го трасираа патот, но Јокиќ ја заврши еволуцијата. Тој докажа дека европската школа на кошарка, која става акцент на разбирање на играта, комбинаториката, вицот во играта и перфектно изработениот шут, не е само успешна алтернатива во однос на суровиот атлетизам, туку и супериорен начин за играње победничка кошарка. Никола Јокиќ со својата игра, рекорди и остварување до младите европски играчи испраќа јасна и моќна порака дека не треба да изгледате како НБА ѕвезда за навистина да станете тоа. Треба да ја разбирате играта подобро од сите други. Звучи едноставно…
Лидерство без театар
Она што можеби го прави Јокиќ посебно фасцинантен е неговата личност. Тој е спортска мегаѕвезда што не се интересира за „ѕвездениот“ стил на живот. Во своите медиумски настапи не прави театар, не доминира, туку приземно, воздржано и аналитички разговара и секогаш го истакнува тимот. На кошарката гледа како на работа, во која е извонреден, но сепак како работа која завршува со последниот звук на сирената или со крајот на тренингот. Неговото срце и душа се свртени кон семејството и коњите во Сомбор. Оваа приземност го направи култен херој, човек кој го освои светот со својата скромност, лежерност и човечност исто како и со својата посветеност на работата. Никола Јокиќ сè уште ја пишува својата приказна, но неговото влијание е веќе неспорно. Тој докажа дека кошаркарската интелигенција не е секундарна особина, туку врвна предност. Во ера опседната со брзина и спектакл, Јокиќ ја забавува играта, а сепак победува и никој не му може ништо. Тој не е само еден од најголемите центри на сите времиња. Тој е еден од најважните играчи што НБА некогаш ги видела, кошаркар кој со својата посебност, интелигенција и карактер ја преобликува кошарката од двете страни на Атлантикот.
Љубомир Николовски













