недела, 1 март 2026
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Корпоративниот шмек на НБА

Во модерната НБА, вистинската моќ што води до успех не е во рацете на оние што се на теренот или седат на клупата и ги подготвуваат акциите. Моќта е седната во стаклени канцеларии со поглед на главниот терен, во сали за состаноци во кои не се цртаат акции за напад и тактики за одбрана.

Таму се калкулираат бројките за лимити на плати, приходите од реклами, продадени влезници и дресови и се проектираат инвестиции што ќе ја обликуваат судбината на клубот. Вака донесените одлуки се поважни од резултатот од синоќешниот натпревар. Во вокабуларот на модерниот НБА менаџмент многу малку се користат спортски термини, а многу повеќе изрази како и во секоја мултинационална корпорација со вредност што се мери во милијарди.

ЦЕО – извршен директор, негов заменик, среден менаџмент, посебни оддели за анализа на податоци, тимови за анализа на ризик, медицински тимови, обезбедување, медиуми, ентертејмент екипи… Секој НБА клуб е свој екосистем што функционира како мултимилијардерска компанија за забава во еден многу популарен спортски бизнис. Секој тим ги има сите атрибути на вистинска бизнис корпорација. Има свои акционери, засебна стратегија за брендирање, таргетирани цели за приходи и долгорочни планови на управување. Победите и поразите во голем дел ја рефлектираат работата на менаџментот и успешноста на управувањето, но главната поента на оваа менаџерска структура е финансиската одржливост во бизнисот и краен профит.

На врвот се наоѓа сопственикот, или сопствениците. Тие ги дефинираат праговите на трошење, крајната амбиција за актуелната сезона, проекцијата за следните и границите на толеранција во однос на финансискиот ризик. Тие утврдуваат што е прифатливо, што не, и како целиот процес се контролира. Некои од нив одат бавно, претпочитајќи стабилен раст и финансиска предвидливост. Други прифаќаат поголем ризик со цел да обезбедат шанса за моментна доминација во лигата и на НБА пазарот. Некои се решаваат за вложување огромни средства сред сезона, други својот раст го градат постепено и трпеливо.

Под сопствениците, или по нашки – газдите, е претседателот на кошаркарските операции или генералниот/извршниот директор. Можеби клучниот човек кој мора да ја спроведе филозофијата и визијата на газдите во оперативна реалност. Како и секој корпоративен лидер, генералниот директор ги надгледува сите оддели: финансиите, човечките ресурси во клубот, вклучително играчите и стручниот штаб, аналитиката, скаутингот, па дури медицинскиот персонал. Секој потег, секоја одлука е базирана на вкрстени информации од сите овие оддели.

Секој драфт за клупскиот менаџмент претставува нова корпоративна аквизиција. Изборот на дебитанти е како стартап инвестиција со поголем или помал ризик. Скаутите нудат длабинска анализа, од проверки на биографијата, преку психолошко профилирање, до увид во перформансите со сите лоши и добри страни на кандидатите. Аналитичарите прават проекции на нивниот развој, за нивната адаптација во НБА, за културните разлики доколку пикот доаѓа надвор од САД. Сите овие анализи се слични на проекциите за приходи во секоја поголема корпорација. Генералниот директор на клубот одлучува дали да инвестира, дали го размени својот пик со друг или да го отстапи за финансиски надомест или за идни избори на драфтот. Исто како што неговиот пандан во една корпорација одлучува кога, каде и колку да инвестира, дали да оди самостојно или партнерски и колкав е конечниот ризик. Запрашан зошто даваат играчи за пикови од драфтот, генералниот менаџер на Оклахома Сити Тандер, Сем Прести, одговори дека тие не даваат никому ништо, туку спроведуваат стратегија на складирање пикови и таленти со што го распределуваат инвестицискиот ризик на повеќе играчи низ повеќе години, со надеж дека неколку од нив ќе ги надминат очекувањата и вкупната инвестиција за одреден период ќе се исплати. Ова е одговор на еден класичен бизнисмен кој на играчите гледа како на вложување во средства за работа што треба да ѝ донесат нова вредност на компанијата.

Изборот на слободни играчи, надвор и во текот на сезоната, за менаџментот е исто како регрутирањето на раководни кадри во корпоративниот свет. Потпишувањето максимален договор со мегаѕвезда од тимпот на Дончиќ, Дурант, Јокиќ, Адетокумбо… е слично на ангажирање на високопрофилен извршен директор. Тоа веднаш ја зголемува вредноста на брендот. Но, ако не е детално анализиран и прецизно спроведен, може да ја наруши структурата на платите. Лошо структуриран договор со играч може да го онеспособи клубот, исто како што преплатен извршен директор може да го оптовари билансот на компанијата. Пет Рајли, претседателот на кошаркарски операции на Мајами Хит, важи како експерт со најдетална анализа при процена на долгорочниот ефект од инвестициите во играчи.

Размените на играчи во НБА функционираат како спојувања и аквизиции на фирми во корпоративниот свет. Пред да се случи било која размена и да стане главна вест во спортската јавност, одлуката за неа веќе поминала низ слоеви на проценка и суштинска евалуација. Тоа многу помалку личи на спортски или кошаркарски процес, а многу повеќе на комплексно корпоративно управување со финансиите и работна сила. На пример, трансферот на Бредли Бил од Вашингтон Визардс во Феникс Санс во 2023 година не беше сложен само по својата огромна финансиска тежина од 251 милион долари распоредени на 5 години, туку вклучуваше и клаузула за забрана на размена и прецизна калкулација на строгите НБА регулативи за ограничување на платите, вклучувајќи и балансирање на вкупниот платежен фонд на клубот.  Со оглед на тоа дека неговиот договор беше далеку над првиот даночен лимит од 195 милиони и вториот од скоро 208 милиони долари, во калкулациите мораа да бидат вклучени платите на сите играчи, за сите 5 години, за да се дојде до вкупниот баланс и реализира трансферот.  Сите тие процеси бараат финансиски и економски стручњаци, па дури и екстерни мислења на експерти за општите финансиски движења во претстојниот период за кој се потпишуваат договорите. Ангажманот на Бредли Бил може комотно да се спореди со било која корпоративна инвестиција од 250 милиони евра за период од 5 години во било кој друг бизнис. Веројатно е дури и покомплицирано со оглед на тоа што не се вложува во инфраструктура или производство, туку во човечки ресурси. Притоа, целата операција мора да биде во согласност и со колективениот договор меѓу НБА, играчите и клубовите кој содржи 800 страници и ги регулира сите аспекти на односите меѓу овие три страни.

Аналитичкиот тим на еден НБА клуб има свој пандан во одделот за анализа на податоци во големите корпорации. Секој НБА клуб ангажира статистичари и програмери кои работат на анализа на сите играчи и учинокот на различните комбинации на петорки на теренот со цел главниот тренер да има увид за најдобриот избор на играчи за секоја можна ситуација во текот на играта. Посебен дел од аналитичкиот тим ги проектира и веројатноста од повреди и трендот на формата за секој од играчите. Одлуките на тренерскиот тим, како и на секое друго ниво во клубот, најчесто се базираат на анализирано сценарио, а  многу ретко, скоро никогаш, на емоција.

Врз основа на сите податоци, анализи и одлуки на пониските оддели, врвниот менаџмент прави избор од веќе изработени проекции за најдобро и најлошо сценарио пред да донесе одлука. Ризикот е однапред пресметан, а не претпоставен. А сепак, корпоративното управување во НБА има една голема специфика – човечката димензија од која во крајна линија зависи сѐ, брендот, финансискиот и спортскиот резултат. За разлика од бројките и билансите, играчите се живи луѓе со сите свои слабости, ега, амбиции, летаргии и нервози. Една успешна франшиза мора да направи и спроведе студиозен баланс на сето претходно напишано од една страна и човечкиот фактор на избраниот состав од друга. Можеби најуспешен клуб од овој аспект во последните 10-тина години е Сан Антонио Спарс кој без никакви девијации и многу јасно и прецизно го пресликува брендот и филозофијата на газдите и менаџментот врз генерации играчи. Најголемата заслуга за тоа му припаѓа на легендарниот Грег Поповиќ. Претходно таков јасен бренд и клупска филозофија имаа и Детроит и нивните „бед бојси“, Лејкерси и нивниот „шоутајм“, Чикаго, Њу Јорк… Филозофијата на газдите и менаџментот кај нив е пресликана во изборот и вложувањата во играчи и тренери кои визијата на врвот на управувачката пирамида го прифатија и спроведоа на теренот.

Тоа што ги разликува елитните менаџерски тимови од оние што се „мачат“ е визијата и трпението. Силните клубови, како и големите корпорации, не потпаѓаат под јавен притисок. Кај нив нема реакција и избрзани одлуки по испаѓање од плејофот или по силни медиумски критики. Како и успешните корпорации, тие ги мерат перформансите квартално, но планираат стратешки со години нанапред. Во изминатите пет сезони, клубови како Оклахома, Бостон, Мајами, докажаа дека корпоративната дисциплина може да се преточи во конкурентски успех. Импулсивните трошења и краткорочните коцкања со размена и купување на играчи ги заменија со успешни финансиски вложувања, со изградба на тимска кохезија и потпирање врз ригорозна аналитика. За нив изборите на драфтот се капитал, ограничувањето на платите е пат кон ликвидност, а развојот на играчите е долгорочна капитална инвестиција. Извршниот директор на Њу Јорк Никербокерс, Џејмс Долан, менаџерската работа во НБА тим ја нарече корпоративно управување во патики. Во индустрија вредна милијарди долари каде што очекувањата и можностите за финансиски успех се огромни, најпаметните менаџменти градат победи не само врз основа на тоа кого бираат и како комбинираат на теренот, туку и врз основа на тоа како ја водат компанијата што стои зад оние што погодуваат кошеви.

Љубомир Николовски

КОЛУМНИ

Александар Стојановски

Правда со ограничен дострел: политичките граници на Меѓународниот кривичен суд

Алекандар Иванов

Образованието, инфраструктурата и прогресивноста на идеите: зошто старите ѕидови бараат нови...

Ристо Цицонков

Извесни трендови во денешната енергетска неизвеност

Џефри Д. Сакс

Претседателе Трамп, вратете ги парите и престанете да земате повеќе

Александар Стојановски

Кога знамето станува поважно од стартот

Братислав Димитров

Дај малку од тоа бурекот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ