недела, 11 јануари 2026
Мартин Анастасовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Континенталните окрупнувања во времето на Трамп

Соединетите Американски Држави настапуваа демократски кон земјите што беа заинтересирани да го пресретнат и емулираат нивото на разбирање и применување на западните и водечки политички начела на 20 и 21 век. Сепак, времињата донесоа промени во меѓународните односи и во рамнотежата на силите поради зголемениот волумен на импликативни дејства од т.н. „нови сили”.

Неминовно, САД се одредени да не го предадат својот домицилен вредносен поредок на така-воочените авторитарни и квазидемократски режими. И, рака на срце, без оглед колку и да е критична глобалната интелектуала кон начините на САД, луѓето сѐ уште не можат да си замислат свет во кој човештвото доживува напредок, а хегемоните на мултиполарноста ги носат одлуките авторитарно.
Ова нѐ води до актуелниот претседател на САД. Доналд Трамп не е неупатен тајкун што посакал да се вмеша во политиката. Точно, тој не доаѓа од политичкиот естаблишмент и токму затоа неговиот недипломатски, или поточно „трејдерски“ манеризам претставува Александров меч за глобалните гордиеви јазли.
Уште во првиот мандат, неговите одлуки и постапки беа доследни на главните, односно надоаѓачки предизвици кон САД. Во тоа време не беше јасна сликата на кои полиња засегнатите државни агенции ќе испорачаат одговор, кога и во колкава мера.
Изминативе пет-шест години изнедрија повеќе историски настани отколку целата претходна декада и е очигледно дека дотогашните калкулации веќе се одвиваат наголемо.
За да ја разбереме актуелната положба (и расположението) на Америка наспроти светот, потребно е да протолкуваме неколку потези на Трамп.
Неодамна, кога Трамп си го додаде своето име на натписот на Кенеди центарот во Вашингтон (досега невидена суетност од страна на актуелен т.е. жив претседател), тој уште еднаш нагласи дека намерата му е да носи одлуки на начин што е несвојствен за Америка.
Со преименувањето на Департментот за Одбрана во Департмент за Војна, Трамп најави дека Америка е спремна – затоа што извесно време таму надвиснуваше сенката, односно чувството, на доцнење.
На 5 јануари, официјалниот профил на Х на Стејт департментот објави фотографија на Трамп со натпис „Ова е наша хемисфера“.
Во суштина, Трамп започна отворено да парира на стапките на соперниците на Америка.
Во 2018 Народното Собрание на Кина го втемели Си Жипинг за доживотен претседател односно Генерален секретар, а Владимир Путин одамна царува со Русија. Просто кажано, Трамп покажа дека тој ќе се однесува на ист начин, или поточно, дека ќе ја поведе Америка во отворена конфронтација.
Дали највисоките инстанци на политичко-економската спрега на САД сметаат дека ова е добро и покрај тоа што ги погазува темелните принципи на државата, не би можел да коментирам, но ќе забележам дека научниот и медиумскиот естаблишмент се изразито остри против претседателот, како и растечка група на државници во САД.
Ова што денес наликува на авторитарен режим и кој токму така започна да се однесува на меѓународен план, е логичен одговор на предизвиците.
Авторитарните режими не се обременети од демократскиот процес (без оглед колку тој може да биде сложен или разложен) и нивните далекусежни одлуки не подложат на истите морални и правни делиберации.
Кон нападите врз Авганистан и Ирак, САД тргнаа со одобрение од Конгресот и силен сојуз на држави-помагачи (за Ирак имаше и поддршка со резолуција во ОН).
Во 2011 година, Конгресот на САД не ја поддржа интервенцијата во Либија, а не беше изгласано ниту барањето за поддршка на американска интервенција во Сирија во 2014.
Во 2026, владата на САД се одлучи да постапува авторитарно преку операцијата во Венецуела, екстрахирањето на нејзиниот актуелен претседател Николас Мадуро, како и со најавата на Трамп дека САД ќе раководат со таа земја.
Патем, Тулси Габард, директорката на Националното разузнавање на САД и дел од претседателскиот кабинет, не била вклучена во повеќемесечното планирање на операцијата во Венецуела.
На 8 јануари САД најавија изземање од огромен број на процеси во ОН и меѓународни форуми.
Ова е време во кое Америка делува сама не само за да опстои како конкурентен соперник во крајно комплексна и непредвидлива арена на меѓународни односи, туку и за решително да се избори за меѓународен примат за кој самата смета дека е нејзина природна историска одлика.
Кога Трамп зборуваше за присоединување на Канада и откупување (или освојување) на Гренланд, тој на свој манир претположи политичко и вредносно окрупнување на западната хемисфера.
Ова погоре ќе биде на менито во претстојните неколку години, како противтежа на можното окрупнување во југоисточна Азија предводено од Кина, како и помеѓу Централна Азија и Русија, предводено од таа земја и од страна на Кина.
Бидејќи топењето на снежната покривка на северните лонгтитуди е извесно, споменатото окрупнување на експлоатирачките капацитети е задолжително и ниту еден од моќните светски играчи не сака да извиси од трката по рудни богатства.
На кратко, можното сценарио од руско-кинеското сојузништво: на Кина ѝ се потребни ресурси, а најнепосреден терен за црпење е источниот крај на Русија, каде таа ќе се согласи за отстапување предимство преку меѓусебна соработка.
Секако вреди да се спомене и тоа што, по иста логика, ЕУ направи сериозен трговски договор со Меркосур (Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај) и покрај противењето на Франција, Полска, Ирска и Унгарија, и тоа дури сега, 26 години после официјалното почнување на преговорите во 2000.
Сума сумарум, споменатите окрупнувања, како и воените жаришта низ светот, се рефлексија на мултиполарното раздвижување кое тежнее да предизвика изместување во досегашниот поредок.
Употребата на изразот „орвеловски“ е одамна сведена на клише, но човек тешко може да прогледа низ прсти на фактот што кокетирањето со геополитички окрупнувања оди во паралелен колосек со продлабочувањето на имотните разлики и тежнеењето кон милитаризирана технократија.
А што со Балканот, односно, нашиот западен Балкан? Како што во книгата „1984“ постојат периферии на пролетаријатот каде што не се случува ништо возбудливо, така во актуелниот историски миг се утврдуваат и доутврдуваат периферии и периферии на перифериите.
Уште на почетокот на 2025 Стејт департментот упати сигнал овдешните држави да не се наслонуваат на САД за решавање на меѓусебните проблеми.
Доколку Балканот сака да матурира од неговата периферна фаза, земјите што го сочинуваат треба да креираат или да учествуваат во актуелни и високоимпликативни процеси. На Западот тоа му поаѓа(ше) од рака благодарение на колонијалното минато кое беше исклучително богато со искуства и лекции, и секако, ресурси (да бидам фер, истото може да се каже и за Русија која имаше своја колонијална ера кон Истокот, и која беше, рака на срце, споредбено помалку брутална и трауматична).
Без речиси никакви колонијални исходи, Балканот е тоа што е, и ликата и филингот сосема му прилегаат. Сепак, и за нашиов ќош на глобалната карта важи прашањето на „окрупнување“.
Појдовно се чини дека логичната насока на окрупнување на Балканот е преку ЕУ. За жал, за „одредени“ земји интеграцијата е далечен повидок.
Дали е такво нешто возможно на индустриски план? Во отсуство на критични ресурси или поради недостапност на постоечките, би рекол – не, но сепак, јас не сум упатен во подробните текови на индустриите и ресурсите (а во мојата вредносна книга повеќе значи целовитоста на природата отколку ризикот од хемиска контаминација) така што други се кадарни да пресечат дали може да се случи балканска индустриска спрега.
Од друга страна, во однос на политичко-општественото милје, сѐ ми се чини оти на Западен Балкан не постои појдовна спроводливост, односно агилност за, окрупнување. Според тоа, ако регионот продолжи да функционира периферно, тоа ќе продолжи да нанесува предизвици за неговите земји, како и можности  за оние во ЕУ.
Едно од главните прашања е кој и како ќе го пополни демографскиот вакуум доколку Западот продолжи да отвара авении за лицата што ги сочинуваат кариките на професионалните заедници? Европската домицилна миграцијата е, секако, „фер плеј“, за Европа, но со опаѓањето на производствените способности најверојатно ќе опаѓа и интересот на ЕУ да се интересира за сѐ што не е ЕУ.
Моја опсервација е дека ЕУ повеќе нема да ги турка земјите кон себе, туку остава тие да покажат колку силно сакаат да станат дел од сојузот и на кој начин ќе бидат корисни за него. Впрочем, земјите од Западен Балкан практично треба да се изборат за своето место, доколку се способни да си навртат глава со европеизирано текнувало.
Дотогаш, не може да стане збор за окрупнување, туку за некаков вид на динамична соработка, што треба да ја бараме во самото соседство и регионот.
Западен Балкан може да настапува заедно во земјоделството и во услужните сфери. Вредноста би се стекнала од здружени пласмани, развој на прекугранични микрорегиони и поврзани најблиски градови.
Македонија нема да добие помош од надвор. Времето на алтруизам помина. Денес силните чинители бараат взаемна динамика и корист, а во меѓувреме, земјава ќе може да се заштити од непредвидливата природа на актуелните геополитички движења само доколку излезе од нејзиниот нерефлексивен лер во поглед на практичните потреби.
Затоа е потребен развој и извршување на интелигентни стратегии за економијата, здравството, образованието и општественото уредување.
Во тој поглед, државата и приватниот сектор мораат да вложат максимален труд во унапредување на одржливоста на капацитетите, да создаваат нови капацитети, како и да го унапредат стандардот на јавните добра, јавните услуги и на живеењето.
Најважното нешто за Македонија е да се кренат на високо ниво принципите на хармонија и достоинствен дијалог, како елементарни подлоги за развој на демократијата кај нас. Лично набљудувам дека само зли или непромислени чинители можат да го расипат она што природно му одговара на народот во ова поднебје – комшиство и толеранција, без оглед на разликите. Мудрите луѓе ќе бараат начини како овие вредности да ги унапредат и издигнат како домашна валута.
Македонија треба да ја исполнува и исползува својата улога на јужнобалкански крстопат до совршенство, без импровизации. Сево ова може да го остварат интелигентни (начитани), иновативни (искусни) и интегритетни (добронамерни/неискварени) поединци и тимови, бидејќи сѐ друго ќе се сведе на мимикрија дека нешто се работи.

Без оглед на тоа дали доктрината на Трамп ќе резултира со воени конфронтации, и без оглед дали ќе збувнат неодамнешните жаришта низ светот, општествата немаат друг избор освен да продолжат да постојат, секое во својот микрокосмос, каде логиката на нештата претполага на тоа дека оние што се проактивни подобро ќе се сносат со ненадејните и тешки промени.

Мартин Анастасовски

КОЛУМНИ

Драган Даниловски

Што (не)значат новите американски препораки за вакцини за Македонија?

Билјана Ванковска

Што ги поврзува Венецуела и Тајван?

Алекандар Иванов

Зошто Кочани и Кран‑Монтана не може да се споредуваат

Билјана Ванковска

Кој е следен? Или што е следно?

Брифинг на Џефри Д. Сакс на Советот за безбедност на ОН...

Ристо Цицонков

Ааерозагадувањето на градовите и решенија како да се намали и отстрани...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ