Изборот и именувањето на судиите во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) се засноваат пред сè на: член 22 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП); Резолуција 1646 (2009) и Резолуција 2002 (2014) на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ); насоките на Комитетот на министри (CM(2012)40-final) за избор на кандидати; и советодавните мислења и стандардите развиени од Советодавниот панел на експерти за кандидати за избор на судија во ЕСЧП.
Целата постапка е доста ригидна и прецизна, а Националното тело за селекција мора строго да се придржува кон утврдените упатства, насоки и процедури при оценувањето на компетентноста, искуството и интегритетот на кандидатите. Секоја држава номинира три кандидати со почитување на родовиот баланс, Владата ја доставува финалната листа до Советодавниот панел на експерти, кој ја потврдува соодветноста, а потоа листата се испраќа до ПССЕ за интервјуа, оценување и препорака. Крајниот избор се врши на пленарна седница со тајно гласање, при што избраниот судија дава свечена заклетва пред претседателот на Судот.
По објавата на листата од 11 кандидати кои ќе бидат повикани на интервју од страна на домашната комисија за избор на судија за ЕСЧП, се отвораат сериозни прашања во врска со транспарентноста, критериумите и потенцијалните конфликти на интереси во постапката.
Прашања кои бараат јасни одговори:
1.Кои се конкретните критериуми врз основа на кои Комисијата ја изврши првичната селекција на пријавените кандидати? Јавноста има право да знае кои параметри биле пресудни академскиот профил, професионалното искуство, меѓународната ангажираност или нешто друго.
2.Јазичната компетентност е еден од главните услови за судија во ЕСЧП. Дали сите кандидати кои ја поминале првичната селекција поседуваат валидни сертификати за англиски и француски јазик издадени од европски признати тестатори, согласно барањата на Советот на Европа?
3.Методологија и бодирање. Дали Комисијата изготвила Деловник или Правилник со јасно утврдени критериуми за бодирање и евалуација на кандидатите? Ако постои таков документ, дали е јавно достапен, за да се спречи можност за произволни одлуки?
Особено внимание заслужува сознанието и гласините дека претседателот на Комисијата и претседател на Уставниот суд претходно бил магистрант и докториран под менторство на професор кој сега е еден од кандидатите за судија во ЕСЧП, за кој претседателот на Комисијата треба да го даде својот глас. Во ваква ситуација, според сите европски стандарди за интегритет и непристрасност, постои најмалку перцепиран конфликт на интереси, што бара целосна транспарентност и изземање од постапката.
Но да бидеме на јасно. Лично сметам дека не е доволно само формално изземање. Не станува збор само за тоа дали претседателот ќе се изземе во фазата на интервјуа. Многу посуштинско прашање е дали тој се изземал уште во првата фаза при административната проверка и гласањето со кое е утврдена листата на 11 кандидати што ќе бидат повикани на интервју.
Ако не се изземал, тогаш се отвора сомнеж дека уште при почетното филтрирање можело, свесно или несвесно, да има влијание врз исходот. Во постапки од ваков значај, и најмалиот сомнеж за пристрасност е доволен да го наруши кредибилитетот на целиот процес.
Затоа, неопходно е Комисијата да објави: дали и кога претседателот формално се изземал; дали изземањето е евидентирано во записник; и дали Комисијата има протокол за постапување во вакви случаи. Ако изземање не било спроведено од самиот почеток, јавноста има право да бара ревидирање на досегашните одлуки.
На крај, останува прашањето врз основа на кои објективни критериуми ќе биде изготвена финалната листа од тројца кандидати што Владата ќе ја предложи до Советот на Европа? Ќе има ли јавноста увид во бодирањето, оценувањето и образложенијата за секој кандидат?
Овој избор не е формалност; тоа е тест за зрелоста на нашите институции и нивната способност да демонстрираат европски стандарди дома. Транспарентноста и одговорноста не се административна процедура, туку темел на довербата. Затоа, сите прашања поставени овде не се израз на сомнеж, туку на одговорна јавна грижа: да обезбедиме изборен процес кој ќе биде фер, чист и кредибилен и судија кој со својата независност и интегритет ќе ја претставува државата достојно во Стразбур.
Проф д-р Јове Кекеновски
Оваа колумна претставува јавна реакција со цел поттикнување на транспарентност и отчетност во постапката за избор на судија во Европскиот суд за човекови права.











