среда, 18 март 2026
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Кон трета светска војна?

Пред неколку дена имав чест да учествувам на меѓународен вебинар организиран SHAPE - Serving Humanity and Planet Earth. Во превод, овој меѓународен проект е фокусиран на зачувување на човештвото и планетата Земја, а кратенката (на англиски јазик) има убаво симболично значење: обликување!

Темата на која зборував, заедно со исклучителни личности како Ричард Фолк (САД), Џозеф Камилери (Австралија), Музафер Чандра (Малезија) и Хелена Кобен (Велика Британија), беше „Човештвото на работ“. Работ на бездната, амбисот, пропаста. Нашата цел беше донекаде „ничеовска“: да погледнеме во длабочината на амбисот, но да не дозволиме и тој да погледне во нас и да не повлече во неговата темнина. Тоа е исклучително тешка задача во време кога САД и Израел се заедно вовлечени во геноцид (кој трае 2,5 години), а сега и истовремена агресија врз Иран и Либан. Но и Венецуела е фактички под напад (откако беше киднапиран претседателот Мадуро), а Куба е буквално под геноцидна блокада.

Амбициите на „мировниот претседател“ немаат крај, а ние сите сме како навлечени на неговите секојдневни скандалозни изјави: „за мене нема меѓународно право“, „ќе го бомбардирам иранскиот остров Карг од забава, ако сакам“, „Можам да правам сè што сакам со Куба“. Проблемот е што и нормален човек почнува да се навикнува на будалштините на еден очигледно ментално нестабилен човек, па дури и да ги анализира (овој, пак, има право да притисне едно црвено копче кое ќе значи крај на човештвото). Никогаш не знаеш што ќе каже и што од тоа навистина ќе оствари, односно како неговите акции ќе добијат „несакани последици“ (поточно, поинакви последици од тие што тој и неговата клика ги очекувале).

На вебинарот зборувавме како интелектуалци со совест и искрена загриженост, со знаење и мудрост стекната низ годините (особено нашиот мудрец Ричард) – но, останавме на 11 теза за Фоербах на Карл Маркс. Случајно, дебатата се одвиваше само еден ден по годишнината од смртта на Маркс. Таа славна теза е запишана како епитаф на неговиот гроб, но мене ми е врежана во умот како едно од првите прашања на првиот испит на Правниот факултет (Марксистичка филозофија, во далечната 1980). Подоцна ми стана судбина: т.е. дефиниција за мисијата на интелектуалец кој никогаш не сакал да биде само професор кој се бави со „чиста наука“. Таа гласи: „Досега филозофите само го толкуваа светот на различни начини, а поентата е како тој да се промени.“ Имам чувство дека и ние останавме на првиот дел, а до решенија знаевме дека не можеме да дојдеме. Балашевиќ велеше дека со „песна не можеш да го спасиш светот“, па така ниту ние со вебинар или друг вид на интелектуален ангажман не можеме повеќе од надеж дека ќе разбудиме некого. Во мене сепак тлее и чувство на гнев насочен кон „предавството на интелектуалците“ или попрецизно кон професорите. Како е можно да молчат? Како е можно да не организираат петиција, да напишат проглас, да се солидаризираат со Палестина или сега со Куба или Иран? Тој феномен е карактеристичен за глобалните односи во кои правото на отпор/критика/несогласување (disent) е ограничено и сведено на она „или си ја сакаш платата и професијата – или ќе леташ од ова безбедно и привилегирано место“. Мнозинството го одбира првото. Исто како и секој зависен работник, административец или селанец…

Во дискусијата отворив тема која деновиве експлицитно ја кажува Џефри Сакс, дури и на сесиите на Советот за безбедност на ОН, каде често го канат како гостин кој може да се обрати. Дали сме во почетната фаза на Третата светска војна? Сакс одговара потврдно и нуди и убедливи аргументи. Некои мислат дека е тоа непродуктивно кревање на паника и дека треба сепак, наспроти сè, да размислуваме во насока на избегнување на амбисот. Јан Оберг е еден од тие кои постојано инсистираат на креативно мислење и дејствување од позиција на „мир со мирни средства“ и разрешување на конфликтите. Но, дури и тој, и сличните нему неретко паѓаат во очај при секоја наредна катастрофална одлука на Доналд Трамп или неговата влада. Сакс тврди дека американскиот устав не е само повреден, туку и не постои – дека САД се вон контрола, и од внатрешен аспект (на острата поделба на власта) и од надвор (меѓународните инстанци). Моите соговорници на вебинарот најнапред се насмевнаа и одмавнаа со рака во поглед на дефинирањето што е тоа „светска војна“. Што е свет? Кога и дали целиот свет бил опфатен (подеднакво) во Првата и Втората светска војна, или е тоа претежно западната склоност и ароганција светот да го гледа низ своја призма (ова особено е точно во однос на Првата светска војна, се разбира). Ричард е човек кој инспирира со својата смиреност и во време кога е очаен: тој одбива песимизам и оптимизам како позиции за анализа, туку зборува за можности (possibilism), за чинење на сето она што во даден миг е корисно за светот и човештвото. Во приватната порака по вебинарот, на нему својствен нежен начин, ме потсети (или можеби утеши) дека денот е најтемен пред разденување.

Сепак, кога го поставив прашањето за можноста од нова светска војна, мислев на нешто друго. Ниту Ајнштајн (во познатата мисла) не знаеше со какви средства ќе се води таа, но ние гледаме дека денес буквално сè може да стане оружје: и водата и храната и царините и енергенсите и вештачката интелигенција и вештачкото ѓубриво и умот. Сè е „вепонизирано“, а знае да погоди дури и острови населени само со пингвини… Во анализите сè почесто се тврди дека американската империја се ближи кон својот неминовен крај. Но, ист разговор водев пред 25 години со еден друг мудрец, Хакан Виберг, директорот на Копенхагенскиот институт за мир. Тој беше убеден дека САД ќе се распаднат, а заедно со нив и светскиот поредок. Но, моето контрапрашање на кое немаше одговор беше исто: која ќе биде цената на човечки животи? Уште колку војни, уште колку деца, уште колку години?

Светот е веќе во војна, не класична и меѓудржавна (а би рекла дури и не е меѓуцивилизациска), туку повеќе економска, класна, социјална… и бестијална. Секој удар на Трамп со некакво ново оружје „џаст фор фан“ (за забава, како што самиот вели) чини милијарди одземени од обичните луѓе (истото важи и за продолжувањето на војната во Украина и за ЕУ и НАТО кои се натпреваруваат колку средства ќе издвојат за војување). Ороборусот ја јаде сопствената опашка. И така во круг…

Агресијата врз Иран и Либан ја плаќаат најнапред овие два народи, но во нивната егзистенцијална битка се создаваат шокови во концентрични кругови. Стравот (замислен или реален) дека горивото ќе стане недоволно или прескапо, дека ќе се прекинат синџирите на суровините и трговијата, дека цели економии ќе страдаат (и големи и мали), дека немањето доволно вештачко ѓубриво ќе го почувствуваат особено малите и ситни земјоделци кои ќе бидат „изедени“ од големите корпорации, дека санкциите, блокадите и давењето на цели нации нужно ќе доведе до внатрешен распад на системот, грабежи и граѓански војни – сето тоа се реални сценарија. Понекаде веќе не се ни само сценарија…

Се плашам дека овој пат ваквата војна во која нема правила и сè е потенцијално оружје, нема да остави никого поштеден. Третата војна можеби нема да ја наречеме светска, ама глобална сигурно е. Бертранд Расел со право велеше: војната не одлучува кој е во право, а кој не е, туку само кој ќе остане (преживее). Некои аналитичари во ваквата драматична кулминација на „совршената бура“ на безбедносни проблеми гледаат катализатор на неминовното, т.е. бабица на новиот поредок кој ќе се роди низ големи породилни болки. Некои очекуваат и светска револуција која ќе раскрсти со досегашното заложништво во рацете на една збудалена (воена) супер сила. На Трамп треба само да му се даде доволно долго јаже за да се обеси самиот (кажано метафорично). Наоколу сè повеќе се будат „заспаните убавици“. Дури и заслепените Европјани велат „Ова не е наша војна“, одбивајќи го барањето да помогнат во „ослободување“ на Ормутскиот Теснец. Штета што порано не го рекоа тоа – уште во 1999, 2001, 2003, 2011… и потоа, ова не е наш геноцид … Наместо тоа, молчеа и профитираа (Фраческа Албанезе ја докажа политичката економија на геноцидот). Ако има нешто што загрижува тоа е фактот што некои налудничави лидери повеќе се плашат од признавање воен пораз отколку од употреба на нуклеарно оружје. Оној што немал табу кон геноцид, зарем ќе се воздржи од употреба на нуклеарна бомба? Од друга страна, можеби се во право оние кои велат дека губењето на профитот е единственото нешто од што се плашат оние кои реално ја имаат моќта, и дека тие нема да дозволат самоуништување.

Кошмарни времиња, можеби времиња на пресврт и разденување… Касандра не ми кажува точно.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Перо Димшоски

Македонските eвроинтеграции и бугарско-европските условувања. Кој тропа на отворени порти?

Џефри Д. Сакс

Завршување на војната Трамп-Нетанјаху на Блискиот Исток

Јове Кекеновски

Стручните соработници – неискористен потенцијал на правосудството?

Ристо Цицонков

Енергетска криза, за кого како

Александар Иванов

Од „Колектив“ до Кочани

Љубомир Николовски

Различни ноти за иста игра

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ