Иронијата е очигледна, бидејќи токму од тие системи, каде што се зборуваше за еднаквост и борба против корупцијата, произлегоа најголемите елити и најдолгите редици за леб, а денес, некои нови „левици“ повторно ни ја продаваат истата приказна во ново руво. Вреди да се потсетиме дека комунистичките идеологии не исчезнаа затоа што беа неправедно заборавени, туку затоа што беа историски поразени и нивниот пораз не беше само политички или економски, туку морално и социјално, оставајќи траги кои и денес се обидуваат да го обликуваат размислувањето на младите и начинот на кој тие гледаат на правдата, еднаквоста и можноста за личен напредок.
Стара идеологија во нова амбалажа
Во политичкиот пејзаж исполнет со разочараност и цинизам, Левица, партија со сомнително минато, сомнителни печати и урнатата Ленка, успеа да привлече внимание со гласни пароли против елитите, странското влијание и корупцијата. За многу млади луѓе, тие звучат како освежувачки глас на искреност, она што секој млад човек сака да го чуе, што му дава надеж и чувство дека некој размислува како него, но суштината е поинаква, бидејќи во идеолошката матрица на оваа партија се крие одамна истрошен комунистичко-социјалистички модел кој го замени марксистичкиот речник со модерна политичка фразеологија.
Таму каде што порано се зборуваше за „партиски комитети“, денес се зборува за „суверенитет“. Наместо „пролетеријат“, се спомнува „народ“. Наместо „класна борба“, се нуди „антиимперијализам“. Истите идеи, само со нова боја, помодерни и вулгарни зборови, кои се обликувани за да звучат актуелно и модерно, но всушност ја сокриваат суштината на стариот модел и ја избегнуваат отворената дискусија за вистинските економски и социјални структури што создаваат нееднаквост.
Историјата што се повторува
Ако ја погледнеме историјата, секој обид за примена на комунистичкиот модел завршувал со истото сценарио: централизирана власт, пад на индивидуалната слобода и создавање нова привилегирана каста. Примерите се јасни: во Советскиот Сојуз, идејата за „власт на работникот“ се претвори во државен апарат кој го контролираше секој збор; во Куба, „револуционерната еднаквост“ значеше дека сите се еднакво сиромашни, освен оние на врвот; во Југославија, Тито проповедаше братство и единство, додека возеше Rolls-Royce и живееше на приватен остров. Сите тие примери имаат нешто заедничко: систем кој ги осудува капиталистите, но создава свои, и токму оваа парадоксална логика ги турка младите да веруваат дека постои алтернатива која е чиста и праведна, додека во реалноста се повторува стариот круг на концентрација на моќ и создавање привилегирани слоеви.
Комунистичка иронија против капитализмот, но со капиталистички живот
Левица денес, под изговор дека се бори против „капиталистичките елити“, создава нова, сопствена мини-елита. Раководството живее удобно – со пратенички плати, додатоци за комисии и функции во државни институции, некои се советници во општини, други директори на јавни установи, со службени возила и бенефиции. Истите тие редовно се промовираат преку медиумите, купуваат имоти и обезбедуваат финансиска корист, најчесто преку средства од Буџетот, додека обичните членови – најчесто студенти и млади идеалисти – ја носат тежината на партијата како армија од волонтери, и тие се движечката сила на една структура која им ветува промени, но им нуди само илузии.
Тоа е истиот парадокс опишан и во кинеската книга на масата на самопрогласеното императорче: комунистичката партија зборува за „антикорупција“, додека системски создава структура што ја овозможува токму таа корупција. Историјата покажува дека комунизмот секогаш почнува со надеж, а завршува со двојни стандарди, бидејќи народот добива пароли, а лидерите – привилегии, а ова е лекција што младите често ја учат на потешкиот начин, кога реалноста не одговара на нивните идеали.
Младите како лесна мета
Најтрагичниот аспект е што ваквите идеолошки експерименти секогаш ги впиваат младите, кои се искрени, разочарани и гладни за промена, а Левица тоа го знае и ја користи нивната енергија како гориво. Им ветува револуција, но им дава работа без плата, им нуди глас, но во реалност го користи за туѓи амбиции, се зборува за народот, но суштината секогаш се врти околу личниот интерес на малкумина, и во 21 век, кога светот оди напред кон иновации, знаење и индивидуални можности, ваквата реторика е не само застарена, туку и опасна, бидејќи наместо да создава млади мислители, создава млади следбеници, а наместо да поттикнува критичка мисла, ја заменува со некритичко убедување, со што се намалува способноста на младите да размислуваат самостојно, да предизвикуваат системи и да бараат одговорност од оние што ги водат.
Комунизмот како училишен пример, не како иднина
Да беше комунизмот успешен систем, денес ќе го имавме како пример за економски развој, но сите земји што го практикуваа го напуштија, од Источна Европа до самата Кина, која под „комунистичко“ знаме го практикува најжестокиот капитализам во светот, а тоа само по себе кажува сè: идеологијата што мораше да стане нешто друго за да преживее, одамна ја изгуби својата вистинска вредност, а тоа е важна лекција за младите кои веруваат дека постои „чиста“ идеологија што може да го реши секој проблем.
Народот не е учебник, а младите не се експеримент
Левица ја претставува својата реторика како борба за народот, но секоја партија што тврди дека се бори за народот by the book на крај почнува да живее од народот, а историјата нè учи дека кога идеологијата станува средство за личен престиж, и најубавите зборови стануваат празни. Затоа, кога следниот пат ќе слушнеме некој да зборува за „вистинска левица“, вреди да се запрашаме: дали зборува од идеал – или од интерес, и дали младите ќе ја видат вистинската природа на политичките структури пред да станат дел од нивната илузија и пред да ги вложат своите надежи и енергија во проект што служи на малкумина, наместо на вистинскиот интерес на народот.
Клементина Брзаковска












