понеделник, 8 декември 2025
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Кoкош и петелка

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Еден ден на граѓанинот Шљупков му збогтиса од стресниот градски живот, од урбаната мафија… ова… просветителство, од силеџии на две и четири тркала во службени и неслужбени возила, од сета таа градежна, моторџиска, митингџиска и каква не уште ѓурултија; со други зборови, на граѓанинот Шљупков му здодеа од тоа да биде граѓанин, од сиот тој апсурдистански граѓанско-урбан надреализам: наместо старици, од прозорците паѓаа кеси ѓубре, наместо луѓето  да го чистат отпадот, отпадот ги чистеше луѓето, наместо луѓето да газат по улиците, улиците ги газеа луѓето, наместо да се казнуваат моторите и силеџиите што се чаламеа по улиците, се казнуваше тишината – а бидејќи, кутрата, во главното село… ова… во главниот град на Апсурдистан, тишината, заедно со чистиот воздух беше осудена на доживотна робија и без можност за помилување, главниот град на Апсурдистан беше вистинска современа престолнина на ѓурултијата, смрдавата, бучавата, аздисот и чаламл’кот. Не  случајно главното село… ова, главниот град на Апсурдистан ја беше добил и титулата „Културна престолнина на годината“!

Е, па, токму од таа културна престолнина и од нејзината култура му беше долеано на граѓанинот Шљупков, па така, реши да се повлече во осамен и тивок живот негде во природата (или она што од неа беше останало во Апсрудистан) и отвори живинарска фарма.

Меѓутоа, уште не му се порадува на првото снесено јајце, кога, еве ти нови проблеми! Имено – таман Шљупков беше отишол да ги собере првите јајца – кога, што ќе види: кокошката се идентификувала како петел и станала кокош, а петелот се идентификувал како кокошка и станал петелка! Војвај – шестај, сега Шљупков не знае од каде да ги збере јајцата. Бркна прво кај кокошот, кокошот закоко… закококурига така гласно што одеднаш целата фарма се наполни со невладини активисти! Кутри Шљупков, уште не беше бркнал кај петелката, петелката закуку… закукукодака уште погласно, толку гласно што целата фарма одеднаш се претвори во една голема шарена револуција и веќе и самиот Орвел не беше сигурен дали фармата е живинарска, животинска, човечка, нечовечка… Она што, меѓутоа, беше сигурно, е дека Шљупков повеќе не беше фармерот и дека остана без јајца!

Шљупков, сепак, не даваше да се предаде така лесно: се повлече во илегала, напна и – снесе јајце! Меѓутоа, уште не стасал да го скрши јајцето во тавата, му се заредија и владините и невладините активисти, му го запленија јајцето, а Шљупков беше идентификуван како – магаре! Е сега, работата стана комлицирана. Шљупков мислеше дека најпосле го нашол решението на проблемот: купи неколку магариња, очекувајќи според невладино-неолибералната зоологија да му снесуваат јајца. Меѓутоа, очигледно Шљупков имаше сериозен проблем со зоологијата: магарињата се идентификуваа како министри и пратеници и го јавнаа Шљупков, кој згора на тоа мораше ем да им снесува јајца, ем да им плаќа даноци, придонеси, дневници, апанажи… И повеќе на Шљупков не му беше јасно ни што е човек, а што магаре, што е кокошка, а што кокош, ни колку се два со два, ни дали два е всушност два или дваесет и два или милион…

Единствено во некои стари и подобро информирани учебници можеше да се најде името за тоа чудно, жално животно – животното Шљупков, постојано јаван од разноразни магариња кои се идентификуваа де како пратеници и министри, де како прептриемачи, де како експерти и невладини активисти: работник!

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ