Комитетот за надворешни работи (AFET) на Европскиот парламент на 26 јуни го усвои Извештајот за Северна Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц.
Резерви за содржината на Извештајот, во кој на неколку сегменти биле спомнати зборовите „македонски индентитет“ и „македонски јазик“ во текот на расправата во комисијата изразија бугарските пратеници во ЕУ, сепак, нивните амандмани не беа прифатени.
Бугарските новинари и пратеници тоа го оценија како резултат на „спроведување на организирана кампања во Брисел од страна на Мицкоски“ за да влијае врз документот.
Неприкриената цел на властите во Скопјe беше, во пресрет на локалните избори, да покажат некаков неверојатен триумф над источниот сосед ја откри бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, пратеник од ГЕРБ, чиј претседател е „братот“ на Заев, Бојко Борисов.
На таквите новинарски констатации Вајц одговори дека неговата „…единствена задача е да анализира каде се наоѓа земјата во однос на европското право, владеењето на правото, независноста на судскиот систем, медиумите…“. И токму тоа го направил во овој документ.
По усвојувањето на документот, Вајц изрази задоволство бидејќи е изгласан со широко политичко мнозинство. Сето тоа не заврши со „триумфализмот над источниот сосед“, како што изјави Ковачев.
После широкото политичко мнозинство што Извештајот го доживеа во АФЕТ се очекува Извештајот да се гласа од Парламентарното собрание.
Овие денови бугарската агенција БГНЕС известуваше дека три најголеми партии на ЕП, се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија кој треба да се гласа на пленарната седница на Европскиот парламент на 8 јули.
Акшам пазар: Евтино давам само да продавам!
После овие збиднувања се огласи Социјалдемократскиот сојуз , „државотворната партија“, која повторувајќи ги пофалбите од минатото владеење дека преку нивните министри за надворешни работи и евроинтеграции Димитров и Османи „успеале“ во преговарачката рамка да го внесат македонскиот јазик како официјален во ЕУ и резултат на тоа беше Договорот со ФРОНТЕКС кој беше потпишан на чист македонски јазик, без фусноти, без придавки, без ѕвездички. Јазикот во преговарачката рамка стои јасно македонски јазик (Османи и Кузеска-2025).
После обвинувањето на СДС кон Мицкоски дека не успеал да го спречи мразот оваа пролет црешите да формираат плод и затоа нивната пазарна цена била астрономска(!), сега на порпаролката Кузеска по овој повод ѝ се даде шансата на прес да го обвини Мицкоски дека „го избришал македонскиот јазик од извештајот на Европскиот парламент“.
И така ја повтори смешната констатација: сѐ што државотворната СДСМ пишувала Мицкоски го бришел и не останал ниту еден траг од македонските кулинарски вредности.
Општ впечаток кај народот е дека СДС низ триесет и повеќе години повеќе бил заинтересиран како без легитимитет на народните гласови да дојде на власт, преку монтирани прислушувања, со струмички заеднички македонско-бугарски дијалект и заедничка историја, како „ист народ во две држави“, а не за создавање на силна држава со силни државни институции.
И сега според некои мои информации поранешните и сегашните челници СДС во тесна соработка со „командантот“ на Европскиот фронт„ алиас „Националниот фронт“ водат меѓународна кампања Мицкоски да не ги добие локалните избори за да потоа се распадне коалицијата со Вреди и преку фамозниот Таравари ДУИ да влезе во Владата.
СДСМ само на општите парламентарни избори во 2002 година убедливо дојде на власт со голема победа на чело со Бранко Црвенковски.
Другите патишта со разни трикови создадоа коалиции. Или со помош на Глигоров преку повторување на мандат или со таканаречени „шарени револуции“ со демагошкиот слоган „нема правда нема мир“.
Сѐ потоа беше пазарење со криминалната ДУИ под диригентската палка на Артан Груби и таквата криминална соработка ја образложиле со забрзување на ЕУ и НАТО интеграциските процеси на земјата, а всушност ја партизирале државата во сите нејзини сегменти, ја опљачкале на највисок можен корупциски степен, ја непотизирале и економски ја „унапредувале“ со култивирањето на канабисот која беше главната економска дејност на државата.
За тие „успешни пазарења“ сведочеше една година и Османи кој велеше „дека досега имаме потпишан само еден Протокол, овој од Димитров, во кој има неколку јасни обврски за кои само сме се обврзале, но и не сме ги реализирале“.
Прво, продолжуваше тој, е дека го прифаќаме бугарското гледиште кон Илинденското востание, прифаќајќи ја номенклатурата „Илинден Преображение – востание”.
Второ, потпишувајќи го единствениот Протокол, мојот претходник (Димитров -м.з.) ја обврзал и Комисијата, но и земјата, пред целиот свет, дека имаат краток рок до крајот на 2019 година, да најдат решение за Гоце Делчев и востанието, сега веќе и дефинирано согласно бугарската позиција како „Илинден Преображение” (Фокус, 27.06.2022).
На 17.07.2022 медиумите известуваат дека минисрите за надворешни работи на Бугарија Генчоска и Османи на Македонија го потпишале и вториот Протокол со кој на Бугарија „ѝ се дава можност на годишно ниво да не блокира во процесот на преговорите ако не ѝ бидат исполнети некои од барањата, како што се уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот, ревизија на учебниците и говорот на омраза“.
Што нѐ учеше Глигоров?
На некои амбасадори, со кои овие месеци сум разменил мислења за македонско-бугарските односи, сум им рекол дека, спротивно на нивното убедување, интервенцијата во преамбулата на Уставот не е лесна работа.
Северна Македонија повеќе од 30 години преговара со разни политички актери во земјата и со соседите и не успеа прецизно да го дефинира кому му припаѓа суверенитетот.
На некои им порачав пред да се решат да посредуваат во македонско-бугарскиот спор да ги прочитаат мемоарите на Глигоров, „Македонија е сѐ што имаме“ за да имаат претстава на кое „минско поле“ се наоѓаат.
Имено, Глигоров во таа книга, страна 433, за ово, меѓу другото, пишува:
„Сакам да додадам дека не треба да се негуваат илузии дека со потпишувањето на една Декларација, со тоа што го направи или го договори Владата на Љубчо Георгиевски со бугарската влада, каде што се вели дека го признаваат македонскиот јазик како официјалн јазик, дека со тоа ово прашање е симнато од дневен ред.
Остануваат и натаму старите толкувања дека нашиот јазик му е наметнат на македонскиот народ, од Тито, и од Коминтерната и дека ‘народецот’ си зборува бугарски, со разни дијалекти.
Така, во македонско-бугарските односи тоа прашање останува отворено, наспроти преродбата и богатата продукција на народен македонски јазик во 19 век и сѐ до 1944 годina, кога македонскиот јазик со одлука на АСНОМ е прогласен за официјален јазик…“ (Македонија е се што имаме, стр 433).
По многу години од смртта на Глигоров и после изјавите на Андреј Ковачев за македонскиот јазик и идентитет и сегашната политичка битка на бугарските пратеници во Европскиот парламент, ред и време е СДСМ да признае дека негува погрешни илузии дека го симнале од дневен ред прашањето на македонскиот јазик во односите со Бугарија.
Мухамед Халили