среда, 7 јануари 2026
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Кој е следен? Или што е следно?

Минаа само неколку дена од шокантната вест за киднапирањето на венецуеланскиот претседател и неговата сопруга, и уште пошокантната прес конференција на портокаловиот император. Сѐ уште се чини дека сме фатени во некоја временска замка, од која не знаеме како да излеземе.

Деновиве читав, слушав и разговарав со луѓе попаметни и похрабри од мене. Но, се чини конфузијата сѐ уште трае, бидејќи секој од нас (зависно од која точка на земјината топка) ја посматра ситуацијата, носи донекаде различен заклучок за тоа што се случува и што е следното. Всушност, барем во мојата дружина, не сме изненадени околу причините: американскиот хиперимперијализам (поддржан од глобални недржавни актери) ескалира без оглед на мантрата дека империјата е во опаѓање. И покрај тоа, сепак, предизвика гадење оној отворен арогантен став дека можат да сторат сѐ што сакаат; за тоа време светот или ќе молчи или ќе им се придружи (ако не може да ги победи) – или ќе изрази СИЛНО НЕСОГЛАСУВАЕЊЕ и ОСУДА (како вчера на седницата на Советот за безбедност и изјавите од повеќе главни градови).

Значи, дијагнозата ја знаеме. Ја знаеме и прогнозата – како ќе течат работите доколку не се преземе нешто. Што се однесува до мене, ова не е спортска прогноза или кладилница. Дали на млаката реакција по аргесијата врз Венезуела ќе следува Гренланд, Иран или Куба – е сосема сеедно. Не, не е сеедно од аспект на засегнатите луѓе, сеедно е од аспект на непостоење на меѓународно право и поредок. На американската империја веројатно ѝ се чини дека е на врвот на моќта, па ќе удира таму каде што ќе посака (освен по земјите со нуклеарно оружје). Звучи депримирачки или дефетистички, но вистината е таа: во моментов нема (воена и политичка) сила која може да ги запре авантурите на Донороовата доктрина.

Латинска Америка е изгубена уште пред нападот на Каракас: црн облак на десничарски влади, грабеж на национални ресурси, популизам од најбеден вид – и за жал, поддршка од голем дел од гласачкото тело. За мене беше речиси нестварно да видам знамиња со ликот на Пиноче среде Сантијаго де Чиле. Се прашував: добро, еве, и да била неспособна или онеспособена левичарската власт, дали е можно тој народ да ги прости или заборави злосторствата од 1973? И тука ми паѓа на ум дека сум доволно стара да се сеќавам на нив, додека младите Чилеанци можеби и тоа го сметаат за дел од некоја историска читанка. За мнозина од нас, левичарската идеологија е силно врзана за овој напатен но бунтовен континент, дури и ако некои од нас доаѓаат од поранешни социјалистички земји. Легендата за Че е жива, Куба е жива иако под санкции, боливарската револуција не е задушена и покрај сè. Едуардо Галеано пишуваше за отвоврените вени на Латинска Америка: Латинска Америка е регион на отворени вени. Сè, од откритието до наше време, отсекогаш се трансформирало во европски – или подоцна – капитал на Соединетите Држави – и како такво се акумулирало во далечни центри на моќ. Сè: почвата, нејзините плодови и нејзините минерално богати длабочини, луѓето и нивниот капацитет за работа и консумирање, природните ресурси и човечките ресурси.

Но, САД има поголеми амбиции од „Западната хемисфера“ – тоа треба да го знаат и оние кои сега се чувствуваат безбедни. Латинска Америка им е нешто што го сметаат за свое, без поголем напор. За останатите, тешко е да се погодува и прогнозира дали земјите на Глобалното мнозинство се договараат меѓу себе, какви резервни планови прават. Досега наративот беше: САД пропаѓа економски и политички, а ние (БРИКС+, на пример) се консолидираме. На последната Валдаи конференција еден панел беше насловен така што и зборуваше за западот како за светско малцинство. И како што тпгаш забележав, едвај некој и да го спомeна зборот демилитаризација. Фактите зборуваат дека заговорниците на мултиполарен свет повеќе зборуваа(т) отколку што работат на заеднички стратешки одговор на разулавената империја. Некои се сомневаат и дека меѓу нив има чувство на доверба и дека можеби секој ќе ја спасува својата кожа (и интереси). Тоа е кусогледа позиција, ќе се сложите. Западот е малцинство (Европа е ирелевантна и поданичка), но военоиндустрискиот комплекс на САД не пере пари и не се богати со корупција од огромниот државен буџет, туку е машинерија на злото.

Дијагноза има, прогнозата е јасна – ако не се создаде отпор, тогаш „Хитлер“ можеби ќе победи во овој обид. Историска вистина е дека со меч може да се освои светот, но на меч не може да се седи (на тронот). И покрај 800 воени бази ширум светот и супериорното оружје, САД може да победи само со когнитивно војување – ако нè лоботомизира (особено помладите) дека е ова „најдобриот можен свет“, дека тие се спасители од „лошиот комунизам“ (Куба, Кина, секој од нас што не мисли како империјалната каста).

Нè има. Луѓе сме дури и со различни идеологии и предистории, но чувството за правда, праведност, слобода и братство на човечкиот род создава основа за обединување и спротивставување. Хорот на оние кои сега по кој знае кој пат ќе мудруваат дека можеби се во право, па нема смисла ни отпорот, па цитирање на Тукидид и дијалогот од Мелос ќе расте. Веќе расте. Ако го игнорираме, тоа значи дека оставаме уште повеќе простор за наративот на капитулација: „Па што да правиме, САД се најсилни!“ И нацистичка Германија беше најсилна, заедно со сојузниците Италија и особено Јапонија. Но, дури и на еден мал Балкан се роди движење на отпор. Не го цитираа Тукудид, не пресметуваа економска, воена и друга моќ. Се бореа и кога беше безнадежно.

Отворениот грабеж, кој веќе нема ни потреба да се крие, не остава друга алтернатива освен ОТПОР. Жалам што оваа (сега веќе многу сериозна лекција) не ја почувствуваа мнозина кога се правеа дека Газа не е важна, дека е премала, дека Трамп само тресе глупости кога зборува за Ривиера врз мртви тела. Да станевме заедно пред три години, сега немаше ова да се случува. Репертоарот на отпорот треба да го разработат државните служби платени за тоа: притисок врз САД, таму каде што ги боли, бојкот, ембарго, барање да се исфрлат од ОН (заедно со Израел). Ако некој се надева дека за „само“ три години ќе му помине мандатот на Трамп, па ќе се спасиме, се лаже. После Трамп ќе дојде уште полош Трамп, кој ќе застане врз неговиот престол. Оваа битка пред нас е и класна (сиромашни и обесправени од цел свет, вклучувајќи ја и Америка, обединете се!), но и меѓудржавна. Сега е време да се види кој на која страна на историјата стои. Поправна шанса ќе нема.

За крај, само накусо: додека ги гледам сцените од оној театар од „судење“ во Њујорк, ми паѓа на ум судењето на Тито во 1928. Т.н. Бомбашки процес е одржан пред загребскиот кралски суд против Јосип Броз Тито и уште петмина, под обвинение дека ширеле комунистилка пропаганда и поседување оружје (четири бомби!). Тито ја одлежува затворската казна, но остана запомнет по зборовите „Вашиот суд не го признавам.“ Јас не знам кој нормален би признал американска јурисдикција врз киднапиран врховен командант на вооружени сили (не сaмо четири бомби!), со кршење на американскиот Устав и меѓународното право, без докази и со веќе изречена политичка пресуда од Државниот секретар за војна и неговиот претпоставен. Претседател на Соединетите светски држави? Ако ве натераат да ја проверувате биографијата на Мадуро, веќе сте во нивниот матрикс. Разбидете се. Утре ќе дојдат и по вас/нас.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Алекандар Иванов

Зошто Кочани и Кран‑Монтана не може да се споредуваат

Брифинг на Џефри Д. Сакс на Советот за безбедност на ОН...

Ристо Цицонков

Ааерозагадувањето на градовите и решенија како да се намали и отстрани...

Алекандар Иванов

Венецуела: Моргентау и Монро во новиот мултиполарен дизајн (33 дена до...

Мухамед Халили

Vox populi, vox dei. Гласот на народот, глас на Господ!

Билјана Ванковска

Бeз илузии во новата година. Venceremos!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ