Повикот дека треба да креваме врева, не значи дека тоа може и треба да се прави избрзано, или – врз погрешни постулати. Чинам дека токму тоа се случи со предлог – резолуцијата, којашто беше објавена во медиумите.
Како што е најавено, таа е доставена до повеќе меѓународни организации, а целта е Генералното собрание на Обединетите нации да го прогласи 18 јуни за – „Меѓународен ден за осуда и спречување на геноцидот врз Македонците, кој ќе се одбележува секоја година“. Во неа се бара и – „безусловно да се осудува секое негирање на геноцидот врз Македонците“; генералниот секретар на ООН – а) да воспостави програма за информирање на јавноста под наслов „Геноцидот врз Македонците и ООН“; б) „резолуцијата да ја дистрибуира на најширока основа и да поттикне нејзино соодветно одбележување“; в) „да преземе процедури за ефективно и ефикасно спречување на геноцидот врз Македонците“; и г) да „ги повикува сите земји членки, организациите на системот на ООН, другите меѓународни и регионални организации и граѓанското општество, вклучувајќи и НВО… да го одбележуваат Меѓународниот ден преку организирање специјални комеморации … со кои ќе им се оддаде почит на жртвите на геноцидот врз Македонците…“!?
Да не беше жалосно, сето ова ќе беше смешно. Дури да беше ООН и македонска организација, овие барања би биле претенциозни. Виновник за сите овие бесмислици е тој што им го подметнал ова писание на потписниците. Тие, не мораат да го познаваат дипломатскиот речник, ниту дипломатските практики, ама тој што го пишувал – морал. Очигледно, тој немал поим што значи една ваква иницијатива.
Прво, и клучно, за каков геноцид врз Македонците се работи? Според Конвенцијата на ООН за геноцид, тоа се – „специјални акти (како убивање, предизвикување сериозни телесни или ментални повреди, и др.) направени со цел да се уништи, во целина или делумно, национална, етничка, расна или верска група“. Значи, за геноцид се смета само обид за физичка ликвидација на група на луѓе, или за нивно искоренување. За „предизвикување сериозни телесни или ментални повреди“, пак, на што се повикува и предлог – резолуцијата, се сметаат „силувања, неизвршување на смртна казна, присуство на убиство на член на семејство, одземање на дете, депортација…“. За среќа, такви нешта – ниту има кај нас, ниту може да се замислат, да не зборуваме за некакви жртви, коишто се спомнуваат во предлогот!
Според меѓународната пракса, случаите на геноцид – „во кои секогаш има многу жртви“, многу тешко се докажуваат, а нивното процесуирање е долго. Освен неколку – Холокаустот, Руанда…, коишто не се спорни, се’ друго е недоречено. Биле елиминирани можеби и милион Ерменци, а само 31 држава го прогласиле тоа за геноцид, ама не и светската организација!
Второ, ако зборуваме за геноцид врз Македонците, тоа може да биде само врз нашите од Егејот. Меѓутоа, на сите ни е јасно дека тоа не можеме да го докажеме. Во Пиринскиот дел – уште помалку, иако преку два милиони Македонци се асимилирани. Сега, пак, Софија отворено сака и нас да не бугаризира! Проблемот е што и таа, и Атина – не се сами!
Трето, и главно, настаните во наша Македонија се од сосема друг карактер. Договорот од Нивици е симболот на агресијата врз македонизмот. Во него има елементи за обид на некаков културолошки геноцид, што е израз којшто не постои во меѓународниот дипломатски речник, иако тоа што ни се случува нам сега, и што се случи со Македонците во Бугарија, е таков класичен случај. Нема мртви, ама имало и треба да има – претопени! Во Нивици се зададени тешки удари врз македонскиот народ, но тој договор го потпиша македонската власт. Го ратификува и Собранието – во име на народот! Тоа е чин на откажување од самите себе, на чисто предавство, ама никој друг не ни е виновен. Истото се повтори и со двата катастрофални протоколи со Бугарија, во коишто е вклучен и ткн. „француски предлог“. Особено штетен е вториот, којшто е пет пати полош од самиот договор за (не)пријателство, поради наши нови и незамисливи отстапки. А, на времето, уште Иглбергер ни имаше порачано – никој не може да ве прекрсти, без ваша согласност! Еве ја, де!
Затоа, ако треба да се донесе некаква резолуција – за осуда на се’ што ни се случува последниве 35 години, и да се одреди ден за одбележување на нашите маки и страдања, поточно голготи, тоа треба да го направи нашето Собрание. Никој друг. Најмалку, ГС на ООН. Тоа се наши мизерии. Собранието треба да ги осуди сите политичари што придонеле за урнисување на македонизмот, и да инсистира на нивна кривична одговорност. Докази има премногу: менување државно име во договор со странска земја; откажување – а) од националниот идентитет; б) од малцинство во друга земја; в) од сопствената историја… Тоа се чинови на флагрантно кршење и негирање на Уставот. Во цел свет се тоа исклучително тешки кривични дела. Мораат да бидат и кај нас.
А некој тежок аматер, не само што довел во заблуда група познати интелектуалци, туку на потсмев ја изложува и земјата. Да пратиш нешто вакво, неписмено, во ООН, и до други светски институции, значи дека не знаеш што правиш. И уводот во Предлог резолуцијата, или преамбулата, е на ниво од претшколска возраст! Во тој дел, по правило, се цитираат соодветни меѓународни документи коишто се релевантни за барањето кое се пласира. Овде, се’ е измешано, чист хаос – се цитираат дури и домашни документи, и други – сосема без врска! А поставените барање се, во најмала рака – смешни! Се бара од целиот свет, на најширока основа, до ниво на НВО (!), да се занимава со нашите домашни фантазмагории и глупости, и сето тоа во организација на ООН! Незамисливо.
Ако имаше и минимални елементи за некаков геноцид врз Македонците, а за среќа нема, прво морало да се бара ООН да прогласи таков случај. Дури потоа, може се бара и ден за одбележување. Вака…
Начин да се сврти вниманието на меѓународната заедница, врз сериозните, добро организирани и координирани обиди да се игнорираат нашиот национален идентитет, јазик, историја…, коишто во никој случај не се за потценување, и никако не се измислица на нашите соседи, би бил македонските интелектуалци да подготват еден издржан и аргументиран меморандум, сличен на бугарскиот „објаснувачки“, со сите факти и аргументи како е третирана нашата држава, по распадот на Југославија. Во таков документ би можело да се зборува за обиди за културолошки геноцид. Така, би се објаснило дека се работи за јасна злоупотреба на сила, и на (членство во) важна меѓународна организација, на сметка на послабиот, и би се барала поддршка за нашите универзални аспирации, коишто се неспорни, ама се нелегално попречувани и игнорирани. Истиот би се дистрибуирал до врвните светски институции и политичари, вклучувајќи ги и медиумите. Тоа има своја логика, и секако би било корисно.
А подметнатата предлог – резолуција, веројатно заради нечија лична промоција, треба што поскоро да се заборави.
За крај, еве и предлог како да излеземе од ќор-сокакот и темниот тунел, во коишто се наоѓаме во голема мерка заради сопствените предавства. Наивно е, дури и несериозно, да се очекува дека Брисел, и другите меѓународни фактори, ќе ги променат своите позиции во однос на Македонија, базирани врз нашите официјално преземени обврски. Такви случки, не се случуваат, ниту случајно! Универзално правило е дека секој мора да ги носи последиците на своите будалштини. Тоа апсолутно важи и за нас. Сѐ што сме прифатиле со вториот протокол со Бугарија, или ќе исполниме, или ќе откажеме, што е наше суверено право. Трето, нема. Го откажеме ли вториот протокол, автоматски отпаѓа ултиматумот за промена на Уставот, во којшто по никаква цена не смее да има Бугари. И, главното, отпаѓа преговарачката рамка, која се базира токму врз овој протокол и на историската комисија, од којашто треба да зависи нашата иднина! Со оваа и ваква преговарачка рамка, Македонија нема никогаш да влезе во Унијата.
Вториот протокол е обичен меѓу владин записник. Впрочем, и да е меѓународен договор, може да се откажува! Не е никаква Библија. САД ги откажаа светскиот договор за климата, нуклеарниот договор за Иран, Транс Пацифичкото Партнерство… потпишани од нивните претседатели, и никому ништо! Под диктат на Брисел, Црна Гора го откажа договорот со САД (!), за непроцесирање на американски граѓани пред Меѓународниот кривичен суд. Ако ние не можеме да откажеме еден записник, не заслужуваме своја држава.
Потоа, според развојот на настаните, ќе треба да се откажува, или суштински менува, и самиот договор за (не)пријателство. Дури потоа на ред би дошле и Нивици. Така треба да биде ако држиме до самите себе, и ако сакаме да преживееме како народ.
Ристо Никовски