Во средината на месец март 2025 година, во Белград се собраа стотици илјади луѓе – ден кој од весникот „Ле Монд“ беше опишан како „историски ден на изразување на гневот“. Притоа, со зголемување на бројноста на толпата се промени и наративната рамка: протестите не беа само барање за правда, туку во голем број на провладини медиуми тие се сметаа закана за државата.
Ова не е само ненамерна грешка при известување: се работи за дезинформација која е употребена како алатка за замолчување на гласовите на младите и за намалување на учеството на граѓаните.
Студентите како мети на медиумско делегитимирање
Катализатор на протестите беше уривањето на настрешницата на новореновираната железничка станица во Нови Сад, несреќа која се случи на 1 ноември 2024 година и во кој животот трагично го загубија 15 лица. Потоа се случија студентски протести кои беа предизвикани од неактивноста на институциите, блокади на факултетите и растечки бран на младински граѓански активизам. Наместо да бидат третирани како сериозно граѓанско ангажирање, провладините медиуми веднаш овие протести ги окарактеризираа како операции кои имаат за цел дестабилизација.
Анализата на ISAC Фондот констатираше дека медиумите ги опишаа овие протести како „обид за дестабилизација на државата“, „шарена револуција“ или „манипулација со младите која е финансирана од странство“. Еден таблоид дури тврдеше дека западните разузнавачки агенции потрошиле милијарди долари за соборување на владата. Ставањето во една ваква рамка го сведува студентскиот активизам на перципирана закана, ги изолира учесниците од јавноста и ја обесхрабрува солидарноста.
Наместо да се фокусира на барањата на студентите – вклучувајќи подобро образование, безбедност и транспарентност – медиумското известување стави акцент на сензационализмот, етикетирањето и на морален суд. Ваквата тенденција покажува на кој начин функционира медиумската манипулација – не само преку кажување лаги, туку и преку обликување на перцепциите кои се однесуваат легитимитетот.
Дезинформациите во овој контекст не се само „лажни вести“. Тие се систематски начин за нарушување на довербата во институциите, медиумите и сограѓаните.
Кога младинските протести се етикетираат како „платени“, „организирани од странство“ или „анархистички“, основната порака е јасна: не им верувајте на младите, не им верувајте на протестите, дури ни на самите себеси. Според ISAC Фондот, во февруари 2025 година, провладините медиуми ги прикажаа студентско-граѓанските протести како координирани напори за рушење на државата, и покрај тоа што протестите јасно изразија барања кои се однесуваат на одговорност и транспарентност.
Последиците се двострани. Прво, ентузијазмот и храброста на младите луѓе јавно да се ангажираат се намалуваат. Да се биде сведок на тоа нивните активности постојано погрешно се прикажувани доведува кон повлекување и обесхрабрување. Второ, пошироката јавност почнува да го перцепира младинскиот активизам не како граѓанска енергија, туку како дестабилизирачка закана, што ги продлабочува општествените поделби.
Како што е констатирано од Центарот за источни студии (OSW), тактиките на владата – провокации и делегитимизација – имаат за цел да ги прикажат студентските протести како нелегитимни, со што ја контролираат перцепцијата на јавноста и ја обесхрабруваат институционалната одговорност.
Улогата на независните медиуми и универзитетските гласови
Независните гласови се од суштинско значење за борба против дезинформациите. Платформи како што е N1 Info известуваа за апелите упатени од студентите за меѓународна солидарност, истакнувајќи ги притоа конструктивните барања и граѓанското ангажирање на младите.
Универзитетите и академиците исто така имаат клучна улога. Кога професорите јавно ги поддржуваат студентите, тие потврдуваат дека знаењето значи општествена одговорност надвор од предавалната. Ваквиот пристап го зајакнува граѓанското учество и му дава легитимитет на гласот на студентите.
Иницијативите на граѓанското општество, како што е движењето „Култура во блокада“ покажуваат како културните работници и студентите се здружуваат со цел да ги бранат демократските вредности и да изградат солидарност. Овие иницијативи покажуваат дека е можно конструктивно спротивставување на дезинформациите, зајакнато учество на младите и враќање на кредибилитетот на јавните дебати.
Лекции од овие примери
- Медиумската писменост е неопходност. Младите луѓе мора да научат да препознаваат наративи, манипулации и да ги проверуваат изворите.
- Солидарноста го зајакнува гласот на младите. Поврзувањето со професори, независни новинари и граѓани ја намалува изолацијата што дезинформациите се обидуваат да ја создадат.
- Протестите отелотворуваат визија, а не само реакција. Сведувањето на младинскиот активизам на обичен гнев или на попречување ја игнорира неговата цел која гледа кон иднината – дека студентите сигнализираат желба за промена.
- Институционалниот одговор го следи врамувањето на наративот. Доколку медиумите ги прикажуваат протестите како дестабилизирачки, институциите веројатно ќе се повлечат; доколку ги прикажуваат како граѓанско ангажирање, институциите ќе бидат под притисок да реагираат.
Овие лекции укажуваат на тоа дека борбата против дезинформациите бара структурна поддршка и свест кај поединците. Доколку се поттикнуваат создавањето мрежи на солидарност, промовирањето на медиумска писменост и одржувањето на транспарентни канали за комуникација, гласовите на младите ќе бидат зајакнати и покрај обидите за нивно потиснување.
Кога лажните вести маршираат пред студентите, нивната непосредна цел не е само контрола на наративот, туку потиснување на отпорот и на граѓанскиот ангажман. Меѓутоа, ова потиснување не е ниту апсолутно ниту неизбежно. Благодарение на независни медиуми, со поддршка од универзитетите и со иницијативи кои потекнуваат од граѓанското општество, како и со колективна солидарност, студентите можат повторно да го заземат својот простор во јавниот дискурс.
Дезинформациите се повеќе од „лажни приказни“: станува збор за намерна стратегија која има за цел ограничување на демократијата и ослабување на учеството на младите. Сепак, младите се совеста на општеството – тие се храбри, ангажирани и подготвени да бидат слушнати.
Слободан Мартиновиќ












