Новата писменост (OECD): Во 21. век, да си писмен не значи само да имаш пристап до информации, туку да поседуваш вештина за нивно валидирање и критичка селекција.
Трката со времето (UNESCO): Генеративните алатки се развиваат многу побрзо отколку што државите можат да напишат регулативи. Ова создава вакуум во кој приватноста е загрозена, а институциите се неподготвени.
Епидемија на „конфабулации“ (NIST): Ризикот од „халуцинации“ – уверливо претставени невистини – е реален и технички документиран. Информацискиот интегритет станува безбедносно прашање број еден.
Вештините на иднината (WEF): До 2030 година пазарот на трудот ќе претрпи тектонски промени. Аналитичкото мислење, вештачката интелигенција и сајбер-безбедноста веќе не се опција, туку услов за опстанок.
Македонскиот јаз (ITU, IIEP-UNESCO): Имаме силна инфраструктура (хардвер), но слаби напредни вештини (софтвер во главите). Без итна промена кон „култура на прашање“, стратегиите како SMART/MK ќе останат само желби.
Од пештерата до огнот – прашањето како најопасна слобода
Античките цивилизации – Египет, Месопотамија, Индија, кинеските династии, грчките полиси – се разликуваа по богови, јазици и државни форми, но она што е заедничко во нивниот развој е љубопитноста. Таа љубопитност не е поради романтични побуди, туку напротив, таа била и практика на преживување, пред да се развие во потребата да одбележи нивното постоење (на пример да се нацртаат на ѕидовите од пештерите).
Љубопитноста требало да одговори на егзистенцијални прашања, како на пример: да го разбереш Нил значело да го разбереш животот. Да ги разбереш сезоните значело да го разбереш гладот. Потоа, од оваа практична љубопитност се родија големите апстракции: што е светот, што е човекот, што е поредокот, што е правдата.
Во овие првобитни потреби од интелектуалната љубопитност може да го сместиме и митот за Прометеј. Во тој мит Прометеј ја краде тајната за огнот од Боговите и им ја предава на луѓето. И всушност не им ја предава на луѓето само тајната за огнот – тој им носи „моќ за промена“. Огнот тогаш значи топлина, одбрана, но и автономија: можеш да се грееш без да го молиш небото; можеш да готвиш без да ја чекаш милоста на природата. Историски човештвото успева да ја продолжи таа приказна на развојот. А кога човекот еднаш ќе почувствува автономија, почнува да поставува прашања: „Зошто вака?“, „Зошто не поинаку?“, „Кој одлучува?“
Веројатно така и првите луѓе со огнот и љубопитноста се осмелиле да излезат од пештерите.
Во обид да повлечам повеќеилјадагодишна паралела би сакал да го споменам Крлежа со неговата груба, но реалистична мисла: ако се водевме исклучиво од волјата на мнозинството, можеби и денес ќе живеевме во пештери. Не затоа што мнозинството е „лошо“, туку затоа што мнозинството обично гласа за сигурност – па макар и за сигурност на живот во заблуда.
Несомнено, прогресот, во многу клучни точки, започнува од малцинството или од поединец што се осмелува да биде храбар, смешен, сомнителен или опасен. Тоа се однесува и на генијалноста во пронајдоците. Сигурно ако Ајнштајн или Тесла ги ставеле на гласање нивните теории и пронајдоци, немало да бидат потврдени.
Зошто ова е важно денес? Затоа што ние повторно се враќаме во пештера – не, таа не е камена, туку е дигитална. Пештерата сега е екран. Во уште подобриот случај тоа е виртуелна кацига, за целосно доживување!
Но надвор не се слушаат ѕверови, туку нотификации. Светлината не доаѓа од оган, туку од дисплеј. И таму нè демне нова форма на опасност: убедливи одговори без длабочина – и живот во кој престануваме да прашуваме.

Кога зборовите треба да ја заменат вистината
Со милениуми, човештвото живееше во режим на информациска скудност. Книгата беше тешка и скапа, библиотеката далечна, а патувањето на знаењето – бавно и неизвесно. Но, во само неколку децении, технолошката револуција ги сруши сите физички бариери што ги ограничуваа нашите хоризонти. Интернетот ја неутрализираше важноста и тежината на растојанието и времето; пребарувачите го скратија, поедноставија и структурираа пронаоѓањето; автоматскиот превод, иако несовршен, ја урна и последната голема тврдина – бариерата на јазиците. Дојдовме и до толку голема база на податоци што преводот е инстантен на огромни површини, и тоа не на зборчиња, туку на контексти.
Токму во ова изобилство се раѓа новиот, парадоксален проблем на современиот човек. Денес нашата криза и хроничен недостаток не е „немам пристап“, туку „не знам што да барам“ и, уште поважно, „не знам како да го проверам тоа што ќе го најдам“. OECD оваа дијагноза ја поставува хируршки прецизно: писменоста во 21 век веќе не е само способност за декодирање на букви, туку „градење и валидирање на знаење“. Зошто? Затоа што дигиталните технологии го проширија просторот на информации далеку надвор од традиционалните, уредувани формати како енциклопедиите и весниците, каде што некој друг ја вршеше проверката за нас.
Во економијата на внимание, каде што нашиот фокус стана највредната валута, моќта се прелеа кај оние што знаат како да ја врамат дискусијата. Начинот на кој го поставуваме прашањето денес го диктира одговорот. Ако прашањето е погрешно поставено или манипулативно, тоа неизбежно води до одговор кој само ги потврдува нашите постоечки предрасуди. Затоа, да се биде писмен денес значи да се поседува критички имунитет – вештина да се препознае што е факт, што е мислење, а што е чиста манипулација спакувана како вест.
Јазичните модели – Фабрики за текст, не за вистина
Оваа криза на валидација добива застрашувачки димензии со појавата на генеративната вештачка интелигенција. Разликата е суштинска: Гугл ни даваше линкови – ни даваше мапа до изворот, оставајќи ни го нам трудот да прочитаме и да заклучиме. Јазичните модели, пак, ни даваат наратив. Тие ни нудат готова приказна. И токму тука лежи опасноста: тие ја заменуваат нашата потреба да гледаме во изворот со лажното чувство дека „веќе сме разбрале“.
UNESCO со право предупредува дека јавните генеративни системи се развиваат со брзина која регулативите не можат да ја следат. Во многу држави, овој вакуум значи дека приватноста на податоците е оставена на милост и немилост, а образовните институции се фатени неподготвени, без механизми да ги валидираат алатките што студентите веќе масовно ги користат.
Но, проблемот е подлабок од регулативата; тој е епистемолошки (се однесува на самите темели на тоа како го стекнуваме и проверуваме знаењето). NIST (Националниот институт за стандарди и технологија на САД), во својот профил за управување со ризици за генеративна ВИ, користи еден многу прецизен термин за она што професорите секојдневно го гледаат во училниците: „конфабулација“ (confabulation). Овој термин е многу попрецизен, но и позастрашувачки од популарното „халуцинирање“. Конфабулацијата е, всушност, самоуверено презентирана лага – измислица која звучи толку уверливо што е тешко да се разликува од вистината. NIST предупредува дека токму тука лежи заканата по „информацискиот интегритет“: денес е премногу лесно да се генерираат и рашират содржини каде што фактите и фикцијата се испреплетени, што практично овозможува масовно, индустриско производство на дезинформации.
Затоа, како професор и истражувач, инсистирам на прецизност во дефинициите. Тоа што во секојдневниот говор го нарекуваме „вештачка интелигенција“, во својата сегашна форма е најчесто само моќен јазичен модел – статистичка алатка за предвидување на текст. Таа алатка може да биде извонредна за сумирање, за структурирање идеи, за генерирање нацрти. Но, таа е фабрика за текст, а не фабрика за вистина. Вистината не може да се автоматизира; таа сè уште зависи од човечките категории: метод, проверка, етика и одговорност.

Епистемолошка мрза (мрза во трагањето по знаење): кога текстот го заменува мислењето
Кога одговорите стануваат евтини, ние неизбежно почнуваме да ги трошиме без мерка. Во таа инфлација на достапни информации се раѓа еден опасен феномен што јас го нарекувам „епистемолошка мрза“ – отсуство на волја за трагање по вистината. Тоа е навика да се земе првото понудено решение, без проверка, без контекст и без интелектуален напор.
Во училницата ова веќе е секојдневие. Студент чита „совршено“ напишан текст, полн со научни термини, со беспрекорна синтакса и самоуверен тон. Но, во моментот кога ќе го прашам наједноставното: „Што значи ова во реалноста?“, настапува молк. Тој молк не е доказ дека студентите се „лоши“ или неинтелигентни; тој е доказ дека системот ги наградил за формата, за текстот, а не за суштинското разбирање. Студентот го испорачал производот (текстот), но го пропуштил процесот (мислењето).
Да го земеме за пример управувањето со кризи. Ако побарам анализа за поплавите во Стајковци од студенттие, и тие се користат само со јазичен модел, ќе добијам дефиниции за хидрометеоролошки ризици, општи принципи за евакуација, па дури и убаво скоцкани табели. Текстот ќе изгледа стручно. Но, кога ќе го поставам вистинското, оперативно прашање – „Каков е конкретниот протокол за кризна комуникација во првиот час?“, „Како се воспоставува контрола на пристап кога инфраструктурата е уништена?“, „Која е разликата помеѓу ризик и опасност на терен?“ – разговорот запира. Тоа е моментот кога разбираме дека текстот е само амбалажа, а знаењето е структурата што недостасува.
Вистинското знаење бара да знаеш што е важно, што може да се провери, кои се последиците од одлуката и каде се границите на сопственото незнаење. Ова е методологија на секојдневието за која UNESCO апелира да се градат човечки капацитети – не само техничко користење на алатките, туку нивна етичка и педагошка валидација.
Македонија: ризик од периферност и козметичка дигитализација
Во екот на глобалната дигитална трансформација, Македонија се наоѓа на крстопат. Долго време бевме пасивни „корисници“ на готови технологии, што само по себе не е грев. Гревот настанува ако останеме корисници без капацитет за нивна критичка употреба.
Податоците од Меѓународната унија за телекомуникации (ITU) даваат контрастна слика: имаме индикатори што звучат охрабрувачки – 100% покриеност со 4G мрежи и околу 80% домаќинства со компјутер. Инфраструктурата, односно „хардверот“, е тука. Но, истиот извештај го вклучува црвениот аларм: уделот на лица со „напредни дигитални вештини“ е поразително низок, околу 3%. Тоа значи дека имаме патишта, но немаме возачи; имаме алатки, но немаме мајстори.
Иако ИКТ предметите се изучуваат од трето одделение и пандемијата го забрза користењето на платформи како Eduino, клучното прашање останува неодговорено: Дали ги учиме децата да прашуваат – или само ги учиме да кликаат?
Анализата на IIEP-UNESCO од 2024 година е уште подиректна и болно прецизна. Таа укажува на слаби нивоа на ученичко постигнување и проблеми што започнуваат уште во предучилишната возраст. Сепак, извештајот го лоцира проблемот и во „главата“ на системот – слабости во управувањето, политизација и нестабилност на кадарот што системски демотивира. Кога институционалната култура е слаба, технологијата станува само козметика. Можеби побрзо пишуваме бирократски соопштенија, но дефинитивно не носиме подобри одлуки.
На хартија, државата има визија. Стратегијата „SMART/MK 2030“ правилно ја формулира дигитализацијата како алатка за борба против корупцијата и ја потпира на четири столба: инфраструктура, компетенции, е-услуги и иновации. Рамката е точна. Но, таа ќе остане само како „неупотребливи и фиктивни зборови на хартија“ ако образованието и институциите не ја изградат неопходната култура на критичко размислување.
Судејќи, пак, според тоа како ги третираме и маргинализираме ретките храбри примери на критичко мислење во нашето општество, се чини дека за жал, сè уште не сме на вистинскиот пат.
На сето ова се надоврзува уште еден загрижувачки феномен: масовното генерирање на соопштенија од страна на националните и локалните институции и носители на власта преку алатки за вештачка интелигенција (ВИ). Ова креира вештачки наратив кој е туѓ и крајно неразбирлив за просечниот македонски граѓанин. Оттука се наметнува дилемата: дали граѓаните навистина треба да ги разберат овие информации, или тие служат само за да се создаде илузија дека работите „се одвиваат“ со одлично темпо?
Глобална физика, локална политичка економија
Светот оди напред со нас или без нас. Тоа не е цинизам; тоа е физика. Но, последиците – кој ќе биде центар, а кој вечна периферија – се чиста политичка економија. Светскиот економски форум (WEF) веќе истакна дека работодавците очекуваат дури 39% од клучните вештини да се променат до 2030 година. Аналитичкото мислење останува на врвот, но најбрзо растечките вештини се оние поврзани со ВИ, „big data“, мрежна и сајбер-безбедност, и технолошка писменост.
Тоа значи дека глобалната дилема „дали ќе користиме алатки“ е веќе решена. Прашањето е само „како ќе ги користиме“. Ако не создадеме луѓе што умеат да прашаат, ќе имаме работна сила што знае само да копира текст, но не и да реши проблем. Во такво сценарио, конкурентноста паѓа, довербата се рони, а институциите слабеат.
Токму затоа, дебатите што ги наметнува Стопанската комора за „продуктивноста“, базирани на индикатори од 19. и 20. век, делуваат како анахронизам. Додека светот дебатира за „отпорност“, „флексибилност“ и „алгоритамска писменост“, ние локално сè уште сме заглавени во индустриски поими за продуктивност кои веќе не кореспондираат со реалноста на дигиталната економија. Ова не е само пречка; ова е активно игнорирање на сигналите што светот ни ги испраќа.
Стратегија за интелектуална одбрана
Ако бараме излез од овој лавиринт, тој сигурно не се наоѓа во забраната на технологијата. Историјата многупати покажала дека забраните се плодна почва за лицемерие и продлабочување на нееднаквостите. Вистинскиот одговор лежи во нешто потешко, но потрајно: трансформација на способноста за поставување прашања во клучна јавна вештина.
Оваа промена започнува, неизбежно, во училницата. Образовниот процес мора итно да престане да ја наградува пустата репродукција. Додека професорот прашува „кажи ми што пишува во книгата“, тој формира послушник; моментот кога ќе праша „покажи ми како знаеш дека е така“, тој почнува да гради истражувач. Затоа ни е потребно проектно учење, анализи на реални случаи и дебати каде што се оценува процесот на доаѓање до заклучок, а не само финалниот производ.
Тука природно се надоврзува и потребата за нова дефиниција на писменоста. Како што нотира OECD, во современиот свет валидацијата е сржта на писменоста. Во практика, тоа значи создавање навика кај секој поединец да ги проверува изворите, да препознава пристрасност и, што е најважно, да ја разбира суштинската разлика меѓу корелација и каузалност. Да знаеш што е „доказ“ денес е поважно од тоа да знаеш дефиниција напамет.
Во овој контекст, дури и самата интеракција со вештачката интелигенција добива нова димензија. Јазичните модели се всушност огледало на нашите прашања. Иако UNESCO во своите насоки зборува за „prompt engineering“, суштината не е во учење на „технички трикови“ за добивање подобар текст, туку во дисциплинирање на умот. Тоа е методологија, не магија – вештина да поставиш контекст, да дефинираш ограничувања и да побараш контра-аргумент. Тоа е „промпт-писменост“ која бара логика, а не само синтакса.
Сепак, товарот не смее да падне само на поединецот. Институциите, за кои IIEP-UNESCO веќе нотира дека страдаат од слабости во управувањето, мораат и самите да почнат да „учат“. Тоа подразбира напуштање на праксата на штури бирократски соопштенија и премин кон пост-анализи, следење на јавни индикатори и креирање извештаи што одговараат на конкретни општествени прашања. Институција што не учи е институција што стагнира.
Конечно, сето ова кулминира во концептот на сајбер-отпорност, но сфатен многу пошироко од техничките параметри. Кога NIST ги става информацискиот интегритет и безбедноста како клучни ризици, а WEF ги рангира овие вештини меѓу најбрзо растечките, тие всушност зборуваат за отпорноста на јавниот разум. Вистинската сајбер-отпорност денес е способноста на едно општество да не биде изманипулирано, да не се движи по инерција на стравот и импулсот, туку секогаш, без исклучок, да бара доказ.

Иднина со прашања или иднина со шаблони?
Прометејскиот момент на нашето време не е само во фактот што во рацете држиме нов „оган“. Вистинската тежина на овој момент лежи во изборот: дали тој оган ќе го користиме за осветлување на темните агли на незнаењето – или за создавање на уште поубедливи илузии на ѕидот од пештерата.
Во македонската реалност, се чини дека власта веќе го направи својот избор. Наместо транспарентност, добиваме алгоритамска пропаганда – дигитални „Потемкинови села“ каде што ВИ алатките генерираат бескрајна низа на успеси, стерилни соопштенија и лажен оптимизам. Оваа технологија не се користи за да се реши проблемот, туку за да се замаскира; таа станува совршен алат за проекција на една „розова реалност“ додека суштинските системи колабираат. Граѓанинот е ставен пред ѕидот на пештерата, гледајќи во сенките на измислениот напредок, додека вистината останува надвор, во мракот.
Изборот е суров во својата едноставност. Ако технологијата ја сведеме само на алатка за побрзо пишување и генерирање, ние неизбежно ќе произведуваме повеќе текстови, но драматично помалку мисла. Ќе добиеме хиперинфлација на зборови и дефлација на значењето. Ова е особено погубно за новите генерации, кои веќе се жртви на културата на „инстант знаење“. За нив, одговорот е нешто што се добива со еден клик, без напор и без разбирање на контекстот. Кога образованието се сведува на копирање готови решенија од паметни машини, ние создаваме млади луѓе со плитка перцепција, неспособни да ја разликуваат вистината од манипулацијата, совршени поданици за новата ера на автоматизирана послушност.
Затоа, мојата теза останува непроменета и предупредувачка: Најопасното сценарио за човештвото, а посебно за кревко општество како нашето, не е она од научно-фантастичните филмови каде „машините ќе знаат сè“. Најопасното сценарио е она во кое ние, луѓето, ќе престанеме да прашуваме, препуштајќи ја љубопитноста на алгоритам кој е програмиран да нè држи мирни, задоволни и – суштински неуки.
Александар Иванов
(При подготовката на овој текст е користен GEMINI за структурна оптимизација и визуелизација на сликите според целосните упатства од авторот. Авторот ја задржува целосната одговорност за сите изнесени ставови, заклучоци и финалната верзија на текстот.)











