Ни рекоа дека била „вештачка“ творба, осудена на пропаст од самиот почеток. Вината целосно ѝ ја припишаа на комунистичката идеологија и на наводниот авторитаризам. Потоа дојде ветената либерална демократија. Сите постигнувања на социјализмот беа фрлени во смет, па зачекоривме кон „вистинската демократија“ во заслепувачката светлина на националната независност и капиталистичката логика. Три и пол децении подоцна, се наоѓаме заробени во бескрајна транзиција – кон никаде, како што вели Борис Буден. Она што го продаваа како слобода и просперитет донесе разочараност, апатија, недоверба во себе, горчливо социјално раслојување. И зависност од други. Станавме неоколонија на Западот.
На 1 јули Кина одбележува 104-годишнината од основањето на КПК. На секој преживеан левичар во нашево општество неизбежно му навираат мисли за тоа што беше, што можеше да биде и каде понатаму (по ѓаволите). Неуспехот на западниот модел на повеќепартиска демократија (која, притоа, во Македонија стана и некаква чудна „ѕверка“ хибридна либерално-етничка „демократија“ на какистократи), мнозина од нас – особено ние што паметиме и не сме родени како деца на транзицијата – ги тера да преиспитаме што изгубивме. За помладите генерации, ова е многу тешка задача. Никогаш не искусиле социјализам, умовите им се заробени со децениска западна пропаганда заснована на TINA принципот (There Is No Alternative т.е. „Нема друга алтернатива“), а притоа им е всадена догма дека социјализмот/комунизмот е синоним на зло и неуспех. А Кина? Па неа им ја претставуваат како непријател!
Вистината е дека алтернатива/алтернативи има. Токму Кина е пример за тоа дека демократијата може да има различни форми и дека не се сведува на повеќепартиски систем и избори во западен стил. Без суштинска демократија и демократија на сите нивоа и сите сфери, сè друго е лажна фасада или бајка за колонии. Чуму ти е демократија ако од година во година си сè посиромашен и поочаен? Каква е таа демократија кога шерифи ти одлучуваат и за домот и за улицата? Без партиска книшка не можеш ни чистачка да бидеш.
Изборната демократија, онака како што се практикува на Запад (со циркуски спектакл), сѐ повеќе наликува на фарса. Граѓаните се сведени на потрошувачи и објекти на политички маркетинг, манипулирани од медиумски и корпоративни (па и милитаристички) интереси. Социјалните разлики растат, повеќе пари има за војна отколку за социјални цели. Демократијата стана празен ритуал на избори без вистински избор. Политичките партии се претворија во бизнис-претприемачи, кои ги користат јавните средства за приватни цели и работат во служба на капиталот или коалицијата што им потфрла по некоја трошка.
Но, на другиот крај на планетата, од година во година начинот на владеење на Комунистичката партија на Кина оди во нагорна линија. Кинескиот систем секако не е совршен, но тој функционира и дава резултати. Би рекле: испорачува колективни добра! Обезбедува стабилност, безбедност, дава јасна стратегиска насока за развој, и – најважно – влева надеж, гордост и оптимизам. Освен тоа, тој систем учи на своите грешки, експериментира и се подобрува…
Кина никогаш не тврдела дека нејзиниот модел е универзален, ниту настојувала да го наметне некому. Напротив, кинеското водство укажува дека тие следат свој пат, социјализам со кинески карактеристики. Кога не би биле подложени на интензивна пропаганда и дисциплина на умот, би можеле без предрасуди да го нотираме сето она што е постигнато во 104 години од постоењето на КПК, вклучувајќи го 76-годишното државно раководење. Успехот не е само во материјалниот развој, туку и во тоа што докажа дека еднопартиска држава, водена од кохерентна политика и идеологија свртена кон луѓето и општото добро, наместо кон индивидуализмот и себичниот интерес, функционира ефикасно и флексибилно, фаќајќи чекор со времето.
Успехот на Кина (и тука мислам на внатрешниот развој, не на геополитиката) директно го побива тврдењето дека комунистичкото владеење е по дефиниција нефункционално или репресивно. Тој ја доведува во прашање, ја предизвикува догмата дека среќата и слободата постојат само во либерално-демократскиот Запад. Попусто, Џеј Ди Венс (или Ди-џеј Венс, како сакате) зборува за примитивни кинески селани. Стравот и зависта се очигледни. Затоа и антикинеската пропаганда е толку интензивна, па нè плашат со малигни влијанија и што ли уште не.
Кинезите континуирано манифестираат едно од највисоките нивоа на доверба во владата и задоволство од насоката во која се движи нацијата. И тоа на испитувања на јавното мислење спроведувани на глобален план и од западни агенции. Мојот совет до сите „неверни Томи“ е: посетете ја Кина, видете со свои очи, разговарајте со луѓето, или само молкум гледајте околу себе. Штом стапнете во таа магична земја во која минатото и иднината си подале рака, додека луѓето живеат во сегашноста, а не во празни ветувања, ќе помислите дека сте на друга планета. Кина живее во 23 век откако ја елиминираше екстремната сиромаштија за само 30 години (години во кои ние уништивме сè што претходно имавме изградено). Тоа е земја во која царува позитивниот мир, онака како што го сфаќаше таткото на мировните студии, Јохан Галтунг. Ганди велеше дека сиромаштијата е најстрашен вид на насилство – е па, Кина го елиминираше тоа насилство и создаде задоволна нација. А ако демократијата значи власт од народот и за народот, и уште цвета во благосостојба на народот, кој има право да каже дека ова не е демократија? (Патем, деновиве на социјалните мрежи водев разговор со некои луѓе кои цврсто веруваат во острата граница меѓу демократиите и автократиите, а притоа не гледаат подалеку од носот и не сакаат да видат во што е престорен Западот. Не само судејќи според оние што се на чело на државите, туку и по инфраструктура, животниот стандард, квалитетот на здравството и образованието. Њујорк е веќе руина, Шангај е велеград.)
Кина предводена од КПК својот развој не им го должи на надворешни ментори, туку на учењето од сопствената историја – вклучувајќи ги тука и грешките. За разлика од нашите општества, кои со жар го прифатија западното туторство и ги отфрлија своите традиции, Кина се модернизираше без да ги прекине своите цивилизациски корени. Не ѝ се поклонува на утопијата, туку работи постојано кон остварливи, конкретни цели. Не бара натпревар во крв, туку негува колективни цели и се грижи за заедничката иднина на човештвото. Ова не е тапкање во место – ова е насока што води кон иднината.
Успехот, се разбира, не лежи само во идеологијата, туку во нејзиното прифаќање и примена во пракса. Меритократскиот систем – често погрешно сфатен или игнориран на Запад – е вкоренет во нејзината цивилизациска логика. Државното раководење не е натпревар за популарност, туку претпоставува ригорозен избор на најкомпетентни луѓе. Споредете го тоа со таканаречените западни демократии (за нас и да не зборувам), кои ги водат какистократи: најлошите и најнедостојните, избрани не поради доблест или компетентност, туку поради лојалност кон партиските машинерии и корпоративните спонзори.
Само погледнете ги лидерите на некои од најмоќните западни нации. Тие не се само неинспиративни, па и неинтелигентни – тие се опасни и отворено деструктивни. Нивната лична недостојност често се прикрива со перформативна реторика и медиумска манипулација. А кога еден ќе падне од власт, доаѓа друг – често полош од претходниот. И повторно, ни велат дека ова е врвот на демократијата и човековата слобода.
Во меѓувреме, во Кина, младите не веруваат во ветер и магла, туку во конкретни можности. Тие гледаат иднина за себе, не преку доминација над другите, туку преку заеднички развој. Општествениот договор не е мртво слово на хартија, туку жив водич, кој обезбедува стабилност, поттикнува креативност и гради чувство за смисла во заедништвото.
Примерот на Кина го покажува значењето на идеологијата во најубава смисла на зборот, како поглед на свет втемелен во хуманa и кохерентна визија, која не е непријател на слободата, туку е нејзина највистинска форма. Ова е пример на долготраен општествен консензус во кој мнозинството работи за доброто на мнозинството. А резултатот? Добар граѓанин кој придонесува за среќата и безбедноста на другите – и затоа има секоја причина да биде горд и исполнет. Демократија на зборови и ветувања (ќе) е голема лага во која гаснат животи во чекање на Годо. За жал, на Запад ништо ново – освен нов бран милитаризација и гледање непријатели и дома и надвор.
Билјана Ванковска
(Преземено од Чајна дејли, прилагодена верзија за македонската публика)