петок, 6 март 2026
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Кина планира развој за пет години однапред, Западот јури кон нова војна

Македонија и Балканот низ вековите биле нарекувани крстосница на световите и цивилизациите. Тука се преплетувале и расплетувале бројни интереси, култури, јазици, религии, па некако по навика и денес очекуваме дека токму ние овде ќе имаме повеќе сенс за она што се случува на различните страни на светот.

Но, ако се цени според официјалната политика и изјавите на политичарите, ние сме раскрстиле со крстосницата и сме станале „Запад“ (иако не сосема, додека во предворјето на ЕУ го чекаме Годо). Како и да е, без оглед на нашите (лимитирани) перцепции, во светот се случуваат драматични настани и фрактури: на (божем) „нашата“ западна страна фокусот е на војни, кризи, омраза и селективен однос кон народите во светот. Како да нè инструираат (или фабрикуваат согласност – manufacturing consent, би рекле со познатата фраза на англиски) да стоиме до воинствените и да веруваме дека ова му е судено на светот: да се убива и урива дури и лулки на цивилизацијата (пред 23 години културното богатство на Вавилон, а сега на Персија). Во нашите меинстрим медиуми едвај и да најдете информација за она што се случува на другиот крај на светот.

Фестивалот на пролетта (или кинеската Нова година) веќе доби политички израз во најважниот годишен јавен настан, познат како „Двете сесии“. Ова се денови во кои до кулминација доаѓа повеќемесечната расправа за петгодишниот план за развој на Кина (петнаесетти по ред). Таа се одвива низ два канали: меѓу делегатите на највисокото законодавно тело (Народното собрание или Националниот народен конгрес) и претставниците на највисокото политичко советодавно тело, Националниот комитет на политичката консултативна конференција на кинескиот народ.

На прв поглед звучи сложено (и масовно, особено ако ги видите фотографиите на тие импресивни холови и сали). Некој би се запрашал: зарем во такви гломазни тела воопшто нешто може и да се дебатира и одлучува? Но, тоа зборува за нашето незнаење и неразбирање на кинескиот политички систем: социјалистички (политички) систем, кој е во економска комбинација (како јинг и јанг) со пазарниот систем, а кој е рамка за животот на 1,5 милијарда луѓе на огромна територија. Кога еден од најпознатите кинески професори и интелектуалци, проф. Жџанг Веивеи (кој патем беше учесник на нашата конференција во Скопје во 2024), вели дека либералната демократија е невозможна и дури штетна за кинеското општество, тоа не значи дека таму нема демократија (во смисла на владеење на народот). Напротив! Треба само малку напор за да се разбијат неколку стереотипи и наративи (креирани на Западот, кој нели единствен знае што е демократија, па ја извезува и со проектили и бомби).

Прво, Комунистичката партија на Кина е водечка политика и идеолошка сила, но таа не ја командува економијата (или дури и целиот државен систем). Во Кина постојат осум политички партии, кои се легални и легитимни. Имаат слобода на политичка мисла и дејствување, но во зададените рамки кои се всушност општествениот договор (во Русоовска смисла на зборот). Тие имаат свои активности, идеи и визии (различни од тие на КПК), но уште поважно – имаат право да бидат слушнати со нивните предлози. Токму во консултативното национално тело, каде седат (едноставно кажано) најискусните, најмудрите и најдокажаните. Кинезите ќе ви кажат дека не е редок случајот членови на други партии да се дел на владата, т.е. да бидат министри – по заслуги, а не по коалициски (рамковни) договори. Настрана што во самиот партиски механизам на КПК е вграден системот на заслуги (меритократија, докажаност и успешен бекграунд), туку и највисокото советодавно тело (Националниот комитет на политичката консултативна конференција) е составено од луѓе од „еснаф“ (би рекле по нашки): луѓе од струка, од академска фела, од иновативни компании, од земјоделието, здравството итн. Ако ме прашате мене, тоа ме потсетува на Кардељевата идеја, а потоа и пракса на „плурализам на самоуправни интереси. Кина не е авторитарна, а најмалку тоталитарна: таа е отворена кон различните идеи и го цени искуството и колективниот ум на својата нација. Таму дури и не морате (или не можете) да бидете член на КПК по некаков ритуал; тоа се заслужува со работа низ пракса – не идеолошка и фразеолошка, туку вистинска, за доброто на заедницата.

Ако почнам да зборувам за содржината на овогодишните „Две сесии“, ќе ми требаат многу текстови, а уште поважно – знаење за различните области. Сега се одлучува за правецот во кој се движи оваа (засега) втора економска сила на светот, и тоа не заради глобален примат, туку заради општото добро на своите граѓани. Од она што го прочитав, можам само да заклучам две суштински нешта: прво, КПК и државните органи се свртуваат не кон статистика и стапки на БДП, туку кон социјалните и работнички права и благосостојба на граѓаните. Една од централните теми е таа за зголемување на платите и подобрувањето на животот на обичните луѓе. Како? Преку ставање акцент на развојот во квалитативна, а не квантитативна смисла. Ако и досега велев дека Кина е во друга временска димензија, верувајте дека сега таа прави квантен скок во (како што деновиве тоа го рече една брилијантна кинеска професорка на нивниот главен ТВ канал) „футуристички индустриски развој“ и во она што се вика „реална економија“ (наспроти „меурите“ на западниот капитализам). Темите се движат од роботика, до вселенски истражувања, подигање на значењето на заштитата на природата, модернизација на здравството и образованието, биотехнологија и што ли уште не… Тоа е она што Кина го сака за себе, за своите граѓани и идни генерации (оние кои ќе пораснат за наредните пет години). Интересно е каква отворена критичка дебата се води низ нивните медиуми за наученото од грешките од претходниот петгодишен план: тие учат, и напредуваат.

Единствената непозната е надворешното окружување, т.е. непресметливата политика на „американскиот Психо“ (како што сега некои ја нарекуваат збудалената американска политика на војување со сите). Но, Кина и за ова размислува мудро: зборот потпирање на сопствени сили е, се чини рефрен кој се повторува во сите области. Со други зборови, тоа е акцентот на суверенитетот (во сферата на исхраната, ресурсите, работната сила, дигиталниот суверенитет, прехранбениот, итн.). Токму по ова прашање паѓа во вода рефренот што нашите политичари папагали го научиле од разни фондации и штифтунзи: за „малигно влијание на трети сили и потреба од отпорност кон нив“. Не, не! Кина нема намера да го ризикува својот народ и своите деца за хегемонија. Таа сфаќа дека е ова опасен свет, дека дури и нејзините најдоблесни планови за негово поврзување во „заедничка иднина на човештвото“ се разнишани. САД и неговите неразумни сојузници би прифатиле да се качат на Титаник само за да тие бидат доминантни, па таман и потонале.

Кина нема такви желби. Ако сакаме да се самоубиеме следејќи ја машинеријата на војната, никој не може да нè спречи. Па дури и добронамерната Кина… Тоа не значи дека Кина се затвора во своја херметички затворена средина; но плови по немирните води и води сметка за својот мир и своите граѓани. Нејзината надворешна политика е онаа истата која се потпира на принципите на мир, почитување на суверенитетот на другите, мирољубива коегзистенција и соработка. Но, не по секоја цена. На нас, останатите е да видиме каде ќе тргнеме од балканската крстосница и дали ќе видиме дека војните не носат ништо добро и никому иднина.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

„Скопје на вода“ = Скопје на бетон

Перо Димшоски

Македонски евроинтеграции – закопани во минатото, изгубени во сегашноста!

Јове Кекеновски

Кога институцијата не го препознава сопствениот капитал  

Љубомир Николовски

Корпоративниот шмек на НБА

Александар Стојановски

Правда со ограничен дострел: политичките граници на Меѓународниот кривичен суд

Александар Иванов

Образованието, инфраструктурата и прогресивноста на идеите: зошто старите ѕидови бараат нови...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ