вторник, 20 јануари 2026
Кристина Пота Радуловиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Колумна

Како учиме да не се сакаме себеси?

Дали односот кон себе е нешто што се учи и ако да – како? Што ако по некое време сфатиме дека не ни се допаѓа и дека не ни годи начинот на кој се однесуваме кон себе? Дали еднаш наученото може да се менува?
Фото: Ансплеш

Еден од начините да го истражиме нашиот однос кон себе е да видиме како го структурираме своето време. Колку време поминуваме наоѓајќи си мани и грешки себеси, а колку откривајќи ги своите добри особини и постапки? Дали себеси се прифаќаме и се поддржуваме или се критикуваме и отфрламе? Кога таа структура на време би ја претставиле како континуум, каков би бил односот меѓу критиката и поддршката, а каков помеѓу прифаќањето и отфрлањето? Доколку критиката и отфрлањето заземаат значаен дел од континуумот и доколку нашето однесување кон себе е слично на однесувањето на кое сме биле или сѐ уште сме изложени, можеме да зборуваме за научено однесување.

Според теоријата на Гешталт терапијата, поларности се спротивни делови на еден континуум што меѓусебно се надополнуваат или објаснуваат и се дел од една целина, како јин и јанг. Во односот кон себе, овие два поларитети (критика/поддршка и отфрлање/прифаќање) и нивниот меѓусебен однос играат значајна улога.

Емоционално прифаќање како основна животна тема

Зборот „прифаќање“ најчесто упатува на директен физички контакт во кој ги користиме рацете нешто да „прифатиме“ и барем за момент да го задржиме. Во доменот на меѓучовечките релации, значењето на зборот „прифаќање“ подразбира емоционално прифаќање. Емоционалното прифаќање можеме да го опишеме како дозвола за приближување и желба за контакт, како одобрение или согласност некој да стане дел од нашиот живот, во еден или повеќе сегменти. Се карактеризира со отвореност, топлина, внимание, допаѓање и поддршка.

Јосип Бергер, клинички психолог и автор на моделот БОЛ (базични столбови на личноста), смета дека прифаќањето е основна животна тема во текот на целиот живот.

– Прифаќањето од страна на другите луѓе е основен услов за преживување во почетокот на нашиот живот, бидејќи за да преживееме, неопходно ни е да бидеме негувани, хранети и заштитени, а за да напредуваме и понатаму, неопходна ни е и емотивна (т.е. целосна) прифатеност – наведува Бергер.

Емоционално отфрлање

Спротивно од емоционалното прифаќање е емоционалното отфрлање – одбивање контакт и ускратување внимание и љубов.

Емоционалното отфрлање е интензивно, вознемирувачко и болно искуство, поготово на почеток на нашиот живот. Луѓето кои емоционално нѐ отфрлаат се емоционално недостапни и покрај нивното физичко присуство. Независно од природата на нашата релација и дали со нив делиме одредени содржини или имаме заеднички активности, нашето доминантно чувство во однос на нив е чувството на непријатност. Нешто не штима, нешто недостасува. Константно сме на штрек, не сме опуштени, главно избираме зборови, броиме чекори, го задржуваме здивот, се преслушуваме, ги следиме како реагираат… Се обидуваме да воспоставиме контакт, да им се приближиме, да почувствуваме блискост; се обидуваме да припаѓаме, но не успеваме. Тие ја задржуваат својата дистанца, а ние остануваме на својата почетна позиција, подеднакво оддалечени и покрај сите обиди.

Кога доаѓа од еден или повеќе луѓе покрај кои растеме, емоционалното отфрлање додека растеме не е изолирана епизода, туку секојдневие, процес на кој сме изложени во континуитет. И тоа е она што го чини погубен – континуитетот на повторување на искуството дека сме неприфатени и несакани, низ различни ситуации и епизоди чиј број се зголемува.

Растење и рани искуства

Првите години од животот се период кога ги стекнуваме првите животни искуства, период на исклучителна чувствителност и подложност на влијанија од околината, како и период на наша нагласена немоќ и апсолутна зависност од луѓето покрај кои растеме. Од нивниот став и однос кон нас, од тоа дали нѐ прифаќаат или отфрлаат, зависи нашиот став кон себе и кон другите луѓе – какви сме ние, какви се другите луѓе, што можеме од нив да очекуваме и какви релации можеме да градиме.

Нашите рани искуства во текот на растењето имаат долгорочно, а често и доживотно влијание на нас. Под нивно влијание го гледаме светот околу себе, ги формираме нашите уверенија и ставови, правиме избори и го обликуваме нашиот живот.

– Сложените рани искуства делуваат и ако не ги препознаваме, во односите во кои не ги очекуваме и така актуелната ситуација се претвора во доказ во она што веруваме – вели Бергер.

Учење по модел

Според теоријата на социјално учење чиј творец е психологот Алберт Бандура, децата го учат социјалното однесување набљудувајќи ги возрасните. Во студијата (експеримент Бобо кукла, „Bobo doll“), која Бандура ја спровел во 1961 година, експериментаторите физички и вербално ја злоставувале куклата во присуство на деца на предучилишна возраст. Резултатите на студијата покажале дека децата подоцна го имитирале однесувањето на возрасните на кое претходно биле изложени постапувајќи со куклата на ист начин. Возрасните луѓе чие однесување децата го имитираат се нарекуваат „модели“ и затоа овој облик на учење се нарекува „учење по модел“.

Учењето по модел е еден од начините на кои го учиме односот кон себе и кон другите. Набљудуваме како се однесуваат луѓето кон нас и ги имитираме. Затоа не е сеедно дали луѓето покрај кои растеме нѐ прифаќаат и поддржуваат или критикуваат и отфрлаат, бидејќи токму од нивниот однос кон нас го учиме односот кон себе и кон другите луѓе.

Припаѓање и изолација

Припаѓањето можеме да го опишеме како искуство на препознавање дека сме во опкружување во кое се чувствуваме добро и во кое лесно и со ентузијазам се вклопуваме. Припаѓаме таму каде што го гледаме своето место и улога, со луѓе што ги прифаќаме и што нас нѐ прифаќаат. Припаѓањето е чувство и доживување, избор што не зависи од формалните релации и улоги, туку од тоа како се чувствуваме и што чувствуваме. Затоа и не можеме „намерно“ да го предизвикаме ни кај себе ни кај другите луѓе.

Припаѓањето не значи губење на себе и сопствениот идентитет и „стопување“ во друга личност или група луѓе. Припаѓањето е средба и контакт помеѓу двајца или повеќе луѓе чии индивидуалности меѓусебно се привлекуваат, проткајуваат, поттикнуваат и надополнуваат и така формираат нова целина, нов „гешталт“. Бергер смета дека припаѓањето е еден од базичните столбви на личноста и основен начин на кој се поврзуваме со другите луѓе, и дека има амортизирачки ефект во однос на стресните животни настани.

Спротивно од припаѓањето е изолацијата. За некои од нас изолацијата има „заштитна“ функција. Бираме изолација како начин да се „заштитиме“ од отфрлање и несаканост што претходно сме ја искусиле. Логиката на изолацијата е „Подобро и сами, но целосни“. Парадоксот е во тоа што изолацијата не е селективна, туку апсолутна. Штитејќи се од отфрлање, се штитиме и од прифаќање и припадност.

Недостиг од љубов

Доколку растеме во атмосфера на неприфаќање и отфрлање, тоа е растење со недостиг од топлина, поддршка и контакт што е проткаен со љубов и грижа за нашата добросостојба. Несигурност, недоверба, осаменост, страв и бескрајно преиспитување на постапките и релациите се нашето секојдневие. Ни недостига љубовта што ни е неопходна за да се чувствуваме добро во врска со себе и светот околу себе и тој недостиг од љубов со време може да стане заднина на која се одвива нашиот живот. Заднина што ги бои искуствата низ кои поминуваме (било да сме ние свесни за тоа или не) и која често е причина за многу наши реакции и избори во текот на животот, како тиштење што го засилува интензитетот на тагата и го намалува чувството на среќа. Во практиката, тоа се оние ситуации кога чувствуваме тага и анксиозност во текот на радосни настани, кога ни се плаче тогаш кога треба да славиме, а не знаеме зошто. На таа заднина нашите мани и несовршеност, нашите успеси и грешки, кои се инаку составен дел од животот, стануваат докази за нашата апсолутна безвредност и „несакливост“, одговор и причина за сите одбивања што ги добиваме.

Што можеме да направиме за себе?

Свесноста е прв чекор кон промена. Ако погледнеме околу себе, со какви модели сме опкружени? Ако односот кон себе го учиме по модел, како ги избираме луѓето со кои се опкружуваме? Како би ги опишале нашите релации – како топли и поддржувачки или ладни и отфрлувачки? Предноста на возрасноста е што можеме да го менуваме своето опкружување и да ги избираме луѓето со кои воспоставуваме и одржуваме контакт. Можеме да одлучиме тоа да бидат луѓе со кои се чувствуваме добро и кои кон нас се топли и нѐ поддржуваат.

Потенцијален ризик и лизгав терен се релациите со луѓето што многу личат на оние од кои сме искусиле недостиг од љубов, неприфаќање и отфрлање. Тие релации можат да ни бидат „привлечно познати“ и да ги доживееме како шанса сепак да успееме да ја добиеме „онаа“ љубов и прифаќање што додека сме растеле ни биле толку потребни, а кои тогаш не сме ги добиле. Затоа свесноста овде е од непроценливо значење и има заштитна функција – да бидеме свесни дека сличноста на која реагираме е само сличност и ништо повеќе, а дека сѐ друго е различно. Единственото „исто“ што можеме да го добиеме од ваквите обиди е повторно да бидеме повредени.

Затоа е важно да вежбаме да ги препознаваме „привлечно познатите“ ситуации и да ги избегнуваме во широк лак. Наместо спремно да лизнеме во „поправање на минатото“, да бидеме свесни дека практиката секој пат нѐ демантирала со неуспех и страдање. Ако избереме да живееме во сегашноста, си даваме на себе шанса да ги видиме луѓето во нашата околина и да тргнеме кон оние што нѐ прифаќаат. Гравитирајќи кон луѓето што нѐ прифаќаат си даваме шанса не само да учиме туку и да научиме да се сакаме себеси.

Кристина Пота Радуловиќ

КОЛУМНИ

Драган Даниловски

Вакцинација на возрасни во Македонија: празнини, ризици и потреба од модерна...

Билјана Ванковска

Мујо во Иран

Јове Кекеновски

Од опинок до италијански брендирани чевли

Љубомир Николовски

Одлуки што ја променија историјата на НБА

Александар Иванов

20 дена до новата геополитичка анархија? Од Ерос до Танатос

Ристо Цицонков

Јaглероден хаос

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ