Според теоријата на Гешталт-терапијата, ние сме одговорни за своите односи со другите луѓе. Џенет Рејнвотер, клинички психолог, гешталт-терапевт и една од основачите на Институтот за гешталт-терапија во Лос Анџелес, вели дека изворот на нашите потешкотии со другите луѓе лежи во нас, во нашите очекувања и дека ние се „штимаме“ за лутина и повреденост со тоа што очекуваме одредено однесување од другата личност.
Секој пат кога ќе пропуштиме да ја земеме предвид реалноста и она што гледаме дека се случува, а имаме очекувања за кои немаме основа во реалноста, се штимаме себеси за повреденост и лутина. Ова најчесто го правиме несвесно, понесени од сопствените желби и надеж дека другата личност ќе ги исполни нашите очекувања или дека „овој пат“ ќе ги исполни нашите очекувања. „Овој пат“ укажува на репетитивност, дека нешто се обидуваме повеќе пати, но не го постигнуваме саканиот резултат. Кога нешто се обидуваме повеќе пати и секој пат сме подеднакво неуспешни, а при тоа сме лути и повредени, важно е тоа да го забележиме и да се запрашаме што се случува. Психотерапијата е начин да истражиме што се случува во нашите меѓучовечки релации. Особено ако имаме впечаток дека луѓето нѐ повредуваат на ист начин.
Како може да помогне психотерапијата?
Гешталт-терапијата е фокусирана на она што е појавно и видливо, а човечкото однесување е токму такво. Не можеме да ги видиме туѓите мисли и чувства, но можеме да ги видиме туѓите постапки, што прават другите луѓе и како се однесуваат. Затоа свесноста е неизоставен и исклучително важен аспект кога се во прашање нашите релации со другите луѓе. Според гешталт-терапијата, свесноста е способност да го видиме она што е појавно и видливо. Во овој случај, да се видиме себе, другата личност, нејзиното и сопственото однесување и нашата релација. Што правам јас? Како се однесува другата личност? Каква е нашата меѓусебна релација? Што се случува во практиката?
Со помош на она што ни е достапно и видливо, можеме да откриеме како се „штимаме“ за лутина и повреденост. Кога ќе откриеме како го правиме тоа, следен чекор ни е да истражиме кои ни се побезболни алтернативи наместо „штимање“ за лутина и повреденост. Ние не можеме да бидеме одговорни за крајниот исход на релацијата со другата личност, бидејќи тоа не зависи само од нас, туку и од желбите и одлуките на другата личност. Меѓутоа, нашето однесување зависи од нас, и за него сме одговорни. Ние одбираме како ќе се поставиме, што ќе правиме, но и што ќе менуваме во своето однесување.
Реалноста како основен тон
Штимање е усогласување на тонските висини на музичките инструменти спрема основниот тон. Кога се во прашање нашите меѓучовечки односи, нашите чувства и нашето ментално здравје, основен, камерен тон е реалноста. Во овој случај, штимањето е усогласување на нашите очекувања спрема реалноста. Кога ќе откриеме како се штимаме за лутина и повреденост, ќе откриеме и како можеме да се штимаме за радост и задоволство.