Случаите со Наќе Георгиев (судија во Врховен суд), Енвер Беџети (Апелационен суд Скопје), Мустафа Шахини (Управен суд) се само капка во океанот. Првиот постигна договор со обвинителството: три години затвор и забрана за вршење на професијата за одреден период. Вториот е осуден во јули 2023 на пет години затвор за злоупотреба на службената положба. Третиот е разрешен и сега се чека обвинителството да покрене постапка за кривична одговорност.
Но, прашањето не е зошто се разрешени и осудени овие судии бидејќи клучното прашање е: Како вакви луѓе воопшто дошле до толку високи и влијателни позиции во судството? Како вакви судии кои се покажале како недостојни, неетични или корумпирани, воопшто биле избрани? Одговорот не е едноставен, но се сведува на комбинација од системски слабости, политички влијанија, недоволна контрола и вкоренета култура на неказнивост.
Она што го пишувам овде не е ново. Тоа е гласот на народот, гласот што секојдневно се слуша низ улиците, на социјалните мрежи и во обичните разговори. Во оваа држава, секој знае дека стапувањето на судиска или обвинителска функција, особено унапредувањето во службата, не се мери по чесност и знаење. Се мери по блискост со политички и бизнис-центри на моќ. Кој бил со „вистинската партија“, кој имал „врска“ во Судскиот совет/Совет на јавни обвинители, кој се докажал како „послушен“. Судијата или јавен обвинител не мора да биде ниту најчесен ниту најстручен, доволно е да знае кога да одолговлече предмет, кога да „заборави“ рок и кого да не го чепка. Таквите „квалитети“ тежат повеќе од 30 години искуство и безгрешна репутација.
Кога обичен работник ќе направи грешка, веднаш се казнува. Кога судија ја „закопува правдата“, се вади на „судиска независност“. Судии ретко пријавуваат други судии. Никој не сака да се замери со колегата со кој го „јаде лебот“, па затоа се штитат меѓусебно. Се гради затворена каста во која недостојните се покриваат, а чесните се маргинализираат. Како што лекарите не се тужат меѓу себе, така и судиите ретко пријавуваат злоупотреби. Ако имаш врска, ќе те покријат. Ако си праведен, ќе те изолираат. Внатре постои систем на професионална заштита или народски кажано судски картел. И така, корумпирани судии остануваат недопирливи.
Судскиот совет, кој треба да биде гарант на етичкиот и професионален интегритет, сè почесто се претвора во политичка филијала. Нема проверка на имот, нема контрола на конфликти на интереси, нема јавна транспарентност. Унапредувањата се прават зад затворени врати, а јавноста гледа само кога ќе биде оштетена.
Но проблемот не е само во проверката, туку и во тие што проверуваат. Составот на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители не нудат никаква гаранција за објективност. Кога овие тела се полни со партиски и пријателски поставени кадри, логично е што добиваме политички унапредени судии и обвинители. Поради тоа, на пониските нивоа често има поспособни и поискрени луѓе, а на врвот фини и молчаливи фигури, избрани по клуч, а не по квалитет.
Ако сакаме правдата да тргне напред, мора во овие два совети да седат кредибилни, стручни и независни личности, кои нема да слушаат партиски диктати, туку совеста и законите.
Само кога ќе реагира Стејт департментот, само кога ќе стане меѓународен скандал се „будиме од долгиот зимски сон“. Беџети беше разрешен дури откако излезе на црна листа на САД. А каде беа нашите институции претходно? Зошто Судскиот совет не реагираше кога беше очигледно дека постапката се развлекува намерно? Одговорот е јасен: системот не е направен за да ги спречи, туку за да ги штити.
Нема сериозен механизам за проверка на имот, за блиски врски, конфликт на интереси или сомнително минато. Во многу случаи, недостојноста излегува на виделина дури откако ќе дојде смена на власт или како резултат на меѓународен притисок. Тоа е доцна. Премногу доцна.
Дури и кога ќе се отворат постапки против судии, тие се развлекуваат, се заташкуваат или завршуваат со симболични казни. Погледајте ја само висината на казните на судиите посочени во почетокот на текстов. Повеќе е од жално за да биде смешно. Сѐ ми се чини дека се остава простор по извесно време тие исти судии да се вратат на функции понекогаш дури и на повисоки.
Нема доволно јавен притисок. Нема доволно транспарентност. Нема доволно медиумско покривање. Кога граѓаните немаат увид, а медиумите се контролирани, ова сѐ многу лесно минува под радарот. И потоа, кога ќе пукне скандалот, сите глумат изненадување. Јас не сум знајал(а).
Состојбата е исто толку трагична и во обвинителството. Се зборува веќе и јавно дека дел од обвинителите кои со години работеле нечесно, сега сакаат да станат заштитени сведоци само за да се спасат. Сакаат да сведочат против досегашните свои колеги, а себеси да се исперат. Тоа не смее да се дозволи. Ниту еден обвинител што ја злоупотребил функцијата не смее да помине со сведочење. Мора да одговара: кривично, материјално, и со целосно одземање на незаконски стекнатиот имот.
Народот не бара одмазда. Народот бара правда. А таа мора да биде еднаква за сите без разлика на функција, партија или „врска“.
Ако не почнеме од нив, од оние што треба да ја штитат правдата никогаш нема да изградиме вистинска држава. Ова не е само судиска или обвинителска криза. Ова е криза на државата.
Проф д-р Јове Кекеновски











