Што се случи?
Со амандманот 20 беше избришана фразата: „ЕУ постојано го демонстрира своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“. Со амандманот 22 беше избришан повикот за „недвосмислено признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет“.
Зошто е ова проблем?
Ова не е техничка корекција. Ова е политичка пониженост. Со самото бришење на референците за нашата јазична и идентитетска посебност, ЕП испрати порака дека во Европа, македонскиот идентитет може да биде избришан со гласовна машинерија.
Ова е опасен преседан, особено што доаѓа од оние што со години се декларираат како бранители на европските вредности и правата на малцинствата – либералите, зелените, дури и социјалдемократите.
Зошто се случи ова? Која е улогата на ВМРО-ДПМНЕ?
За да се сфати комплексниот проблем потребно е да не се лажеме: ова не се случува без тивок благослов од ВМРО-ДПМНЕ и нивните партнери во ЕПП.
Токму европските „сестри и браќа“ на ВМРО, пратениците од ЕПП, го поднесоа амандманот 20. Мицкоски не реагираше. Не повика на промена. Не се спротивстави. Молчеше и си чекаше.
Зошто? Затоа што антиЕУ агендата на ВМРО-ДПМНЕ е активна – од внатре. Дали затоа што Мицкоски е продолжена рака на Орбан и Кремљ на Балканот, а тие не сакаат Македонија да биде дел од Европската Унија?
Поширок контекст: Европа и македонското прашање
Македонија е кандидат од 2005 година – без почеток на преговори.
ЕУ денес е лабав сојуз, асиметрично заснован на три столба: надворешна и безбедносна политика, правда и внатрешни работи и економска заедница
Францускиот предлог вклучи билатерални прашања, но ја изнесе македонската тема на ниво на ЕУ, каде македонскиот јазик доби официјално признавање во ЕК. Идентитетот влезе во документи на Унијата за првпат.
Со ова, СДСМ успеа да го смести прашањето во европски рамки – заштитено од ревизионистички влијанија.
Што направи ВМРО-ДПМНЕ?
Го одби францускиот предлог. Се поврза со Орбан и антиевропскиот десничарски блок. Се обидува да го замени евроинтеграцискиот процес со лажна „национална одбрана“. Активно ја саботира уставната измена – услов за отворање на поглавјата.
Резултат: Македонија тапка во место, а ВМРО води држава што нема визија освен „не“ за ЕУ.
Последици за државата
Македонија нема време – се соочуваме со демографска криза, иселување на Младите, застарена индустрија и зависна економија, хронична корупција и клиентелизам.
Во овој контекст, пристапувањето кон ЕУ не е луксуз, туку прашање на опстанок. Но, ВМРО нуди „патриотски театар“ наместо интеграција.
Што предлагам ?
Веднаш гласање за уставните измени – не за ЕУ, туку за Македонија. Формирање широк дипломатски фронт за враќање на јазикот и идентитетот во идните европски документи. Јасна порака до ЕУ: Ако бришете идентитет – не градите Унија, туку создавате нови поделби. Активирање на меѓународните сојузници (Франција, Германија, Холандија) да го поддржат македонскиот културен суверенитет.
Не е Европа таа што разочарува – туку ВМРО што ни продава лажен патриотизам
Нема поголем срам од тоа да ти го избришат јазикот од документ, додека твојот премиер молчи.
Македонија заслужува иднина со достоинство – не тивко повлекување под диктат на надворешни агенди. Македонскиот јазик не е политички проблем. Македонскиот идентитет не е став за гласање. Европа нема да нè прифати ако ние самите се откажеме.
Затоа велиме: Време е за отпор – не со галама, туку со работа. Не со врескање, туку со визија.
Жанета Ќосе