недела, 7 декември 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Како изгледаат среќни луѓе?

Минатиот месец имав ретка можност да учествувам на две светски конференции кои се одржуваа во двата кинески мегалополиси: Шангај и Пекинг. Искрено, Пекинг можеби ме виде мене, но не и јас него; речиси и да не излегов од хотелот во кој се одржуваше конференцијата, а единствената организирана посета ја имавме на Археолошкиот музеј.

Шангај беше друга приказна, поради слободниот викенд, меѓу двете конференции. Она што го видов таму сакав да го раскажам поради причини кои не се од оние вообичаените: за неверојатниот град, кој со својата архитектура и знаменитости одамна се нарекува „Њујорк на Истокот“, за спојот на древното со хипермодерното и сл. Не, не е ова туристичка „разгледница“. Напротив! Обично, туристите одат во најблескави делови од градот кој е најатрактивен за правење селфија или фасцинантни фотографии кои покажуваат град кој живее во иднината – т.н. Бунд со хоризонтот на Пудонг прво го привлекува вниманието. Благодарение на двајцата помлади колеги од Фудан универзитетот, и јас имав можност да го видам тој спектакуларен дел. Немаше да бидам левичар ако не го посетев Музејот на Комунистичката партија на Кина (тоа заслужува посебен текст!).

Каде и да појдете во централниот дел на градот, фасцинира сликата на огромен број посетители и ниту трошка смет! Неверојатно за некој од мала земја во која се судирате со смет на секој чекор, а успехот на власта е кога ќе ги испразни контејнерите. Всушност, уште минатата година кога првпат во два наврати посетив четири градови во сосема други провинции, сè до Шинџијанг (Урумќи), првиот впечаток беше: неверојатна јавна чистота, смиреност, ред и зеленило, цвеќиња, комуналните центри (особено односот кон старите луѓе, за што пишував уште тогаш).

Овде сакам да споделам поинакво искуство: увид во тоа како живеат „обичните луѓе“ во еден мегалополис. Би помислиле, мора да им е ужасен животот во метеж. Сакам да ви кажам накусо за прошетката во населби далеку од светлата на велеградот, кои се фасцинантни ама на поинаков начин. Таа прошетка по мирот среде Шангај ѝ ја должам на мојата нова пријателка од Грузија, која живее таму. На првата пауза на Академскиот форум на Глобалниот Југ, по мојата презентација, дојде непозната жена која ме прегрна срдечно, велејќи ми дека секој збор што сум го кажала бил во центар, и дека нејзините грузиски соработници веднаш препознале во мене истомисленик и соборец. Она што ги поврзува нашите две земји е не само бившото социјалистичко минато, туку колонијалниот однос на Западот кон нашите народи (до душа, кај нив помалку успешно отколку во Македонија). Кога дозна дека имам слободен неделен ден во непознат град, се понуди да ми биде водич. Додека менувавме такси возила или се возевме со јавен превоз нон-стоп разговаравме. Дури не седнавме ни на кафе. Со неа видов како функционира јавниот транспорт, ме одведе на места на кои не одат туристи. Посетивме набрзина еден „комунален центар“ (ние би рекле домче во месна заедница; имам и јас едно што се распаѓа како болен спомен, тука во Тафталиџе. Секое минување покрај него е болно потсетување што имавме и што запустевме). Во Шангај ги има во секоја резиденцијална населба. Да не ти се верува дека постојат ненаметливи и прекрасно осмислени објекти во кои имате сè на располагање бесплатно: од библиотеки, игрални за друштвени игри на возрасни и деца, места за дружење внатре и на отворено, нужна медицинска помош, домашни алатки на позајмица, полначи за телефони, евтина кантина со топли оброци, итн. Поентата е во зборот „комунално“, што значи колективно, заедничко, место каде се градат заедниците, а се избегнува отуѓеноста и осаменоста. Видов семејство со деца во доцни попладневни часови како се забавува, но и пријатели во разни активности. Сепак, сцената која кај двете предизвика трепет во срцето се случи во еден градски парк, претворен во мала ботаничка градина. Покрај секој џбун со цвеќиња и зеленило, покрај секое дрво, стоеше напис за растението. Прекрасни патеки, бајковита хортикултура, места за пикник, за играње шах или некоја друга игра. Ах, да! И место каде луѓе танцуваат на отворено и тоа не е никому чудно. Минатата година кога видов такви сцени среде Големиот базар на Урумќи, мислев дека е дел од перформанс за туристи. Но, Јопо ми кажа дека тоа е сцена која ќе се сретне во секој дел од секој град. Едноставно, луѓето ги сакаат музиката и танцот и уживаат во нив на секое згодно место. Особено во сончев неделен ден… Јас би рекла, овој народ ја сака убиванита и естетиката во секој аспект. Пред заминување, застанавме како договорени, да се збогуваме од местото кое кај двете разбуди исти емоции. Додека ги подголтнував солзите (оние убавите, кои навираат од милина), таа се сврте кон мене и ми рече: „Еве, вака изгледаат среќни луѓе!“ Кимнав со главата. Подобар опис е тешко да се најде за сцена на обичен, најобичен неделен ден, која и јас и таа веќе не ги среќаваме во нашите земји, во кои луѓето заборавиле и да се смеат, дружат, да танцуваат и пејат.

Деновиве, случајно ми наиде Фејсбук пост на американскиот коментатор Такер Карлсон, кој опиша една сосема спротивна сцена на запуштени градови и луѓе од западниот свет. Тоа беше иницијална каписла и за овој мој осврт. Со Такер може да не се согласам по многу работи, но за ова беше во право. Нема потреба да ги споменувам сцените од Сан Франциско, царството на бездомници, зависници и мачните сцени со луѓе од маргините… За жал, такви веќе има и во Монтреал, Париз, Амстердам.

Дома ми требаше подолго време да ги средам впечатоците од двете конференции во кои го сретнав светот, а не бев заробена во некоја западна „ехо-соба“ во која се мантра западниот рефрен ad nauseam. Но, првата вест на којашто наидов беше дека Македонија е еден од вазалните потписници и американски сојузници (вкупно 15) на т.н. Заедничка изјава за ситуацијата со човековите права во Кина напишана од САД. Меѓу „загрижените“ за  муслиманите во Шинџијанг, верувале или не, ние сме рамо до рамо со Израел. Сум пишувала за тоа, но да потсетам, овие изјави кои се производ на чиста пропаганда и кои немаат никаква основа во стварноста, (директно или индиректно) имплицираат дека Кина врши (ни помалку ни повеќе) геноцид и друг вид тортура особено врз муслиманските малцинства. И ова доаѓа во време кога во Газа се одвива геноцид пред нашите очи повеќе од две години! Како член на Поротата на совеста на Трибуналот за Газа, ова го тврдам со сета одговорност. Ако Урумќи е место на „злостор“ тогаш посакувам да има што повеќе вакви места ширум светот. Но, Кина не остана должна: одговори со Заедничка изјава, потпишана од 85 држави (речиси половина од светската популација наспроти едвај 7 отсто од западната страна, вклучувајќи ги и муслиманските држави). Во неа се изразува несогласување со политизирањето на човековите права.

Македонија редовно потпишува слични годишни извештаи на ЕУ за човековите права во Кина (сме прескокнале само минатата година), слепо следејќи сè што ќе кажат сојузниците. Тоа што Западот одамна не е извор на инспирација или добар пример во полето на човековите права, никого не ги засега. Како во библиската изреката, тие ја гледаат гредата во своето око, ама сламката во туѓото око ја ставаат во извештај. Како што доликува на зависна земја, Македонија е на страната на САД и кога се вршат внатрешни сериозни повреди на човековите права на нивните граѓани, а за нелегалните интервенции, прокси војни и помагање геноцид и да не зборувам. Притоа, никој не се „замара“ да научи нешто за земјите на кои им продаваме морал и памет; впрочем, и ние процветавме на планот на човековите права дома, нели? Од аспект на надворешната политика, јас навистина не можам да сфатам вакво слепило и чекорење по патека која без никаква потреба (или национален интерес) води кон создавање непријателства. Неодамна политичарите провоцираа со Тајван, сега и со други делови на Кина. Имаме ли ние воопшто образ и право да се мешаме во туѓи внатрешни прашања (за кои постои огромна дупка на незнаење; впрочем, ние ни на ЕКСПО во Шангај немавме македонски фирми, ама имавме известувач новинар од таму)? Јас од срце би им препорачала и на истражувачите на области како радикализам, екстремизам, етнички поделби, тероризам и слично да фатат авион и да појдат во Шинџијанг или на Тибет. Виза не ви треба поради безвизниот режим кој Кина ни го даде гратис (ние уште држиме „строго“ – бараме визи од кинеските граѓани, па затоа нè заобиколуваат сите групни туристички тури од земја со 1,5 милијарда жители). Појдете, видете со свои очи, никој нема да ве запре каде и да сакате да прошетате. Наративот со кој овде ви ја претставуваат таа „автократија“ се топи штом стапнете на нивна почва.

Да заклучам, ако мериме степен на почитување човекови права во некоја земја, која и да е, јас би тргнала од социо-економските. Зошто? Затоа што, како што велеше Ганди, сиромаштијата е најстрашниот облик на насилство. А земја која успеала за помалку од 30 години да елиминира крајна сиромаштија кај речиси 800 милиони луѓе (замислете колку Македонии е тоа) и да врати насмевки и надеж кај младите и старите генерации, таа земја сигирно има милион и еден проблем да решава – но го решила главниот! Создала здрава основа за легитимитет на власта, консензус и кохезија околу општото/колективното добро, социјални разлики има, ама се неспоредливи со олигархиските правила во САД. Конечно, Кина тргнала по патот на позитивниот мир – од дома кон надвор.

  Билјана Ванковска        

КОЛУМНИ

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

Димитар Љоровски Вамваковски

Костурчанецот што ги збуни и Атина и Софија: Анастас Јанков, Македонец...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ