Историски факти се дека Македонија од хаотичниот распад на Југославија успеа да излезе без војна и без променети граници и да прогласи независност со неприкосновен и целосен суверенитет над целокупната своја територија. Историски факти се дека Македонија стана членка на Обединетите Нации и одлучи да ја напушти политиката на неврзување зад која Македонија стоеше додека беше федерална единица во југословенската федерација, и да бара членство во Европската Унија и во воениот сојуз на НАТО. Историски факт е дека оваа политика беше принципиелен континуитет со политиката што Македонија ја водеше како членка на југословенската федерација која пак водеше антиколонизаторски политики базирани на комплементарни принципи со политиките на НАТО сојузот, кои принципи се воспоставени уште за време на Атлантската конференција одржана помеѓу Рузвелт и Черчил во Август, 1941.
Членството во Европската Унија е условено со исполување на два вида на принципи. Првите се основни или т.н. „фундаментални“ принципи (не е неточно да се опишат и како „идеолошки“) кои се исто така наречени и Копенхагенски критериуми. Вториот вид услови е поврзано со исполнување на функционални, односно, административни принципи кои се состојат во способноста на земјата-кандидат да носи и спроведува политики кои се во доменот на европските политики.
Историски факт е дека Македонија поднесе апликација за членство во Европската Унија во март 2004. Историски факт е дека Европскиот совет официјално ја прогласи Македонија за земја кандидат за членство во ЕУ и со тоа експлицитно потврди дека земјата ги исполнува основните, односно фундаменталните, односно, Копенхагиските критериуми во декември 2005.
Овие историски факти се резултат на желбата и стремежот на македонските граѓани и македонските државни институции и македонската власт, избрана од македонските граѓани на слободни избори.
Исполнување на административни улови за членство во ЕУ
Познато е дека Европската Унија, е Унија во изградба и нема заедничка надворешна политика (нема министер за надворешни работи на ЕУ), нема заедничка одбранбена политика (нема министер за одбрана на ЕУ), нема заедничка фискална политика (нема министер за финансии на ЕУ), нема заедничка образовна политика, нема заедничка здравствена политика…, но има само една заедничка политика, односно, политика која се спроведува директно од Брисел, и тоа е заедничката земјоделска политика и која важи за сите земји членки. И токму затоа, скоро 50% од буџетот на ЕУ се одвојувања за земјоделството и најтешките административни мерки (вториот сет на услови за членство) се прифаќање и спроведување на мерките на заедничката земјоделска политика. Впрочем, земји-кандидатки за членство во ЕУ, како што е Македонија, можат да имаат пристап до буџетот за земјоделство на ЕУ, уште во претпристапниот период, доколку успеат на административен план ги прифатат заедничките европски политики во земјоделството и формираат институции што ќе ги спроведуваат истите, таканаречена ИПАРД програма, за што потврда, односно акредитација дава самата ЕУ.
Историски факт е дека Македонија успешно ја одбрани својата ИПАРД програма во Брисел пред сите земји членки на ЕУ на 19 декември 2007 година. За неколку дена земјата ќе слави 18 годишнина! Со ова де факто се исполнија и најтешките услови за членство на земјата во ЕУ, административните услови и после исполнувањето на условите за визна либерализација (патувања во земји членки со користење на македонски пасош без потреба за вадење визи), Европската Комисија, во април 2009, ја извести македонската влада дека планира и официјално да му предложи на Европскиот Совет почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ, што и се случи. Значи, историски факт дека ЕК што е еден вид, условно кажано, влада на ЕУ, во 2009-та му предложи на Советот на ЕУ што е составен од премиерите на земјите членки кој и формално управува консезуално со Унијата, таа да ги почне преговорите за Македонија конечно да стане членка на ЕУ. Ретко се случува да Советот на ЕУ да не ги прифати препораките на Комисијата на ЕУ што во случајот со Македонија сепак се случи.
Прифаќање на заедничките земјоделски политики
Новата Влада од 2006-та предводена од премиерот Никола Груевски доби мандат врз основа на понудена пред гласачите програма во која предложи реформи пред сѐ во економските сектори со цел на намалување на невработеноста и зголемување на стандардот на граѓаните. Веројатно базирано на претходно искуство од работата во Владата, самиот премиер преферираше главните реформи да ги водат кадри образовани на високорангирани универзитети во САД и со искуство од работа во економските и владините сектори на таа земја. Краткиот разговор што го имав со него пред преземањето на функцијата заменик министер за земјоделство се однесуваше на тоа дека реформите во секторот земјоделство ги гледа како најтешки, но и најприоритетни, дека при примопредавање на функциите од претходниот вицепремиер за евроинтеграции, Радмила Шекеринска, му било кажано дека претходната Влада не успеала со реформите заради политички и административни потешкотии и дека сака да ја преземам одговорноста за исполнувањето на истите. Сакам да успееме таму каде што СДСМ беше неуспешен, беа неговите конкретни зборови и дека ќе се потрудел, како премиер, да обезбеди политичка подршка за реформите во коалициската Влада. Тоа мене ништо не ми значеше со оглед дека никој од „Американците“ што не повика во неговата влада не бевме членови, ниту пак можевме да бидиме членови на некоја партија или пак да се занимававме со политика. Нашата задача беше во доменот на спроведување на сложени проекти и реформи. Но за мене, мислам и за другите што дојдовме од САД во владата, спроведувањето на проектите беше личен предизвик, и врз истите гледавме не како можност за успех на новата влада, туку како можност за успех на Македонија во докажувањето на својата самобитност.
Надминување на слабостите и недостатоците
После краток увид во секторот, ште првата недела три работи излегоа на виделина – недостаток на организациска структура, недостаток на средства и недостаток на кадри. Имав среќа да идентификувам тројца експерти образовани на европски универзитети на кои подоцна се приклучи уште еден владин службеник со искуство во домашните земјоделски политики и познавање од земјоделските политики на ЕУ. Вклучувајќи ме и мене, тимот беше составен од вкупно пет лица. Сите имавме и многу други задолженија надвор од земјоделските реформи. Но, најважнот фактор постоеше, имено, знаев дека има силна политичка волја кај премиерот и владата за спроведување на европската агенда. Се фокусирав на идентификација на кадри, но брзо се увиде дека европските политики биле мисловна именка во Македонија каде во тоа време водечките образовни институции како УКИМ и МАНУ тогаш навистина немаа никакви познавања за истите и од нив не можеше да се очекува никаква помош. Од околните земји, само од Словенија и донекаде од Хрватска можеше да се очекува некаква помош. Така ни поминаа првите две недели. Третата недела бев информиран дека некаде по институции имало кадри кои претходните влади ги испраќале на реномирани универзитети во Европа и во Голема Британија. Имено, по завршување на наменските студии низ Европа, професионалните обучени кадри се враќале во Владата која не успеала да ги вработи, но како приправници им давала договори на дело за колку-толку да не ги изгуби тие најзначајни кадри за земјата. За сите тие напори јавно ѝ изразив благодарност на тогаш веќе поранешната ЗПВРМ Шекеринска која лично не ја познавав, немав претходно ни чуено за неа со оглед дека претходните речиси две децении ги имав поминато во САД. Сепак, тие практики од претходната Влада де факто ми решаваа огромен проблем во однос на кадрите.
Но проблемот со недостаток средства за реформи остана.
Изветувајќи го премиерот за состојбата и за тоа дека ни е потребна инекција на наменски финансиски средства од Светска банка од околу 30 милиони долари, одговори дека за тој дел се задолжени останатите двајца членови на економскиот тим на Владата кои одлучуваа за макроекономските политики и задолжувањата. Тоа беа министерот за финансии Трајко Славески и заменикот премиер на влада задолжен за координација на економските политики, Зоран Ставрески. Секој одделно го подржаа предлогот. Патот кон административните ЕУ реформи беше отворен!
Но, сепак остануваше најголемиот проблем кој беше од техничка природа. Имено, од изработка на проект кој обезбедува наменски средства од Светска банка до добивање на истите е обично период не помал од три, четири години напорна работа на заеднички технички тимови на експерти и консултанти на владата и банката. Тоа време го немавме. Имајќи претходно искуство со рапидна имплементација на комплексни проекти на Охајо стејт, Федералната агенцијата за заштита на човековата околина, и работа во биотехнолошкиот сектор во Сан Франциско при што во рекордни неколку месеци се дешифрираше за првпат човековиот геном (на кој проблем претходно неуспешно работеа големи владини тимови на САД и ГБ речиси цела деценија), бев свесен дека сам нема да можам да го изведам тоа што треба да го правам за да ги забрзам процесите. Ги повикав најблиските соработници на искрен разговор. Не, не им зборував за Гоце Делчев, Мечкин Камен, Кузман Јосифоски-Питу, Ченто, Глигоров и останатите. Ниту пак ги споменав Џорџ Вашингтон, Рузвелт, или Џон Кенеди. Немаше потреба од тоа. Само ги прашав дали се спремни да следат едно забрзано темпо на одговорна работа што ќе ги надмине описот и пописот на нивните работни задачи. Колку забрзано, беа нивните прашања. Барав две работи, да имам пристап до нив, односно, да можам да се консултирам со нив на мобилен телефон во периодот од 7 наутро до 11 навечер, вклучувајќи и викенди доколку за тоа има потреба, и навремено да ме информираат ако доцнат работите согласно планот за изработка на проектот. Сите се согласија. Истото го побарав и од одговорните партнери, членови на тимот на Светска Банка. По четири месеци, средствата беа обезбедени. Светска банка објави на нејзината веб страница дека тоа било најбрзо направен проект за што се одобрени средства од банката во нејзината историја. Во Македонија такви работи никого не интересираат, а јас немав желба, ниту пак време за себепромовирање или промоции на други членови на тимот, па јавноста воопшто не беше информирана за овие напори.
Достигнување на целта
Зачестија патувањата за Брисел и работните состаноци со преставници на ДГ Агри. Политичката подршка од владата не изостана и набрзо бев назначен за ИПАРД координатор и за в.д. директор на платежната агенција во формирање која постепено почнавме да ја јакнеме со европските кадри. Изработката на македонската програма се одвиваше прилично брзо за што лично редовно го информирав премиерот. Во мај 2007 го информирав дека по административните реформи се изедначивме со Хрватска чија влада правеше големи напори да ја внесе земјата во ЕУ. Неговата амбиција беше да не застанеме на тоа, туку да ја претркаме Хрватска во реформите, што беа и неговите точни зборови. Во август месец нашата програма беше готова, но од Европската комисија бевме замолени да не бараме формален состанок за акредитација, туку да ја почекаме Хрватска која заостанала во реформите и ако можеме да ѝ помогнеме. За ова го обавестив премиерот кој задоволен од темпото ги одобри натамошните постапки. Им наложив на членовите на тимот да ѝ помогнат на Хрватска која успеа да ја изработи својата програма и на 19 декември, 2007-ма, во ист ден, во најголемата административна сала во Брисел, секоја земја посебно, Хрватска, Турција и Македонија ги претставија своите ИПАРД планови пред тимови на сите 27 земји членки на Унијата. После презентацијата на програмата во огромната сала со повеќе од стотина членови на тимови на земји членки на ЕУ и одговарањето на неколкуте прашања, бев замолен да ја напуштам салата додека тимовите на земјите-членки останаа да одлучуваат за акредитацијата. Тие половина час што ги поминав стоечки со дел од мојот тим околу округла висока маса во бифето пред салата ми изгледаа како вечност, се додека не дојде службеничка од салата и го побара преставникот на Македонија, Димшоски, на што и одговорив дека слободно може да каже што има да ми каже пред моите соработници. Вашата ИПАРД програма беше едногласно одобрена од сите земји членки на ЕУ, беа нејзините, со неемотивен службен глас, изречени зборови…
На нашата среќа ѝ немаше крај! Покрај потребните европски реформи Министерството за земјоделство, како бонус доби нова зграда кој проект го изработивме во од, од средствата од проектот наменет за реформи и под строга контрола за трошење и набавки на банката, која во тој период не одобруваше средства за градежни проекти, но сепак нас ни прогледа низ прсти со оглед на гаранциите што ги доби за строгото наменско трошење. За зградата барав да има подземен паркинг, да биде заштитена од поплави и пожар со соодветна електрична инсталација, природна светлина, два влеза (еден за вработени, друг за делегации) и бифето да биде при влезот со стаклен ѕид одвоен од фојаето.
После успех – катастрофа!
Набрзо после овие спектакуларни достигнувања, во Министерството за земјоделство имаше кадровски промени за кои не бев информиран дека ќе се случат и со тоа не се остварија планираните проекти за реформи во Македонски шуми, во Шумската полиција, земјоделство, земјишна политика, во Агенцијата за безбедност на храната и другите сектори кои не беа директно опфатени од ИПАРД реформите и за кои веќе имавме обезбедено конкретни проекти и огромна сума на наменски средства од донатори од преку 120 милиони евра. Со овие планови беше предвидено Македонски шуми да се претвори од организација која и денес претставува товар, а не полнач на македонскиот државен буџет. Донациите, добиени врз стекнатиот кредибилитет во светот што го стекнавме со успешно спроведените проекти во земјоделството останаа неискористени. Јас набрзо после тоа преминав во Секретарјатот за европски прашања каде реформите потребни за визна либерализација со ЕУ беа во напредна фаза и кои успеавме да ги финишираме и веднаш после тоа да бидеме известени од ЕУ дека планира таа година да му препорача на Советот Македонија да ги почне преговорите за членство. Со тоа, и премиерот и неговиот шеф на Кабинет ги изгубија кладбите што ги имавме по тоа прашање кои беа скептични дека Комисијата ќе препорача почеток на преговори за членство во ЕУ таа година.
Но таа 2009 година внатре во земјата веќе се чувствуваше промена на политиките во однос на приоритетот на евроинтеграциите на земјата и беше година на почетоци на практикување на некои чудни политики. Имено, претходната година Македонија поради противењето на Грција и некои други европски земји, не стана членка на НАТО. Хрватска, на која ѝ помагавме со административните ЕУ реформи успеа да стане членка. Исто така и Албанија, каде имаше големи желби за евроатлантските интеграции и која во тоа време стрпливо градеше ЕУ капацитети (имаа и сѐ уште имаат Министерство за евроинтеграции) но немаше сериозна структурна длабочина з ЕУ реформи, сепак успеа да стане членка на НАТО во 2008. Последните напори за заедно со Хрватска, и Македонија да ги почне преговорите за членство ги направивме во првата половина на 2009 и претежно беа насочени кон Париз, Берлин и повторно кон Париз, при што не штедевме напори за придобивање на тие земји. По добивање зелено светло од Берлин за почеток преговори со ЕУ, ни беше директно кажано тоа да го бараме и од Париз, како последна дестинација. Париз исто така даде условно зелено светло со сугестии барањето да биде доставено во усмена форма од нашиот премиер до тогашниот претседател на Франција, Саркози при планираната посета на Париз. Ова сепак не се случи, од за мене сѐ уште необјаснети причини. Тоа беше мај, 2009. И таму во Париз, останаа заглавени македонските евроинтеграции до ден денешен!
Каде сме денес?
Денес Македонија е повторно вратена на испит за да ги преполага еднаш положените испити, односно фундаменталниот услов на исполнување на Копенхагенските критериуми, за што и самата се согласи, веројатно за да земе повисока оценка, односно, се договори со ЕУ да прави промена на Устав.
Но, денес повторно сме сведоци на некои чудни политики. Имено, некои чудни „контра предлози“ за излез од „ќорсокакот“ се завртеа по медиуми, контра предлози кои земјата сама си ги дава со оглед дека никој надвор од Македонија не сака да ги слушне, а камоли да дискутира по истите.
Еден од нив е предлогот за правење уставни промени со одложено дејство. Демек, ако блокирала Бугарија во тек на преговори со „идентитетски барања“, своеволно Македонија да ги прекине истите и да ја оневозможи промената на Уставот!? Му доаѓа на човек да праша дали сами го смислиле предлогот или некој им „помогнал“ во тоа!? И кој ќе биде „во зијан“ од овој предлог доколку некој во ЕУ воопшто го прифати, што никогаш нема да се случи бидејќи е дел од фундаменталните услови за почеток на преговори!? Но сепак, доколку биде прифатен овој несреќен „контра-предлог“ ем Македонија нема да успее да стане членка на ЕУ доколку Бугарија постави непристојни барања, ем сама ќе биде одговорна за прекинување на преговорите. Значи самиот предлог е нелогичен и лузерски во суштина. Апсурд невиден!
Друг пак предлог бара резолуција во Собрание каде сите ќе се обврзат Македонија да ги прекине преговорите доколку Бугарија постави „идентитетски барања“ во текот на истите!? И што со тоа се добива? Апсолутно ништо! Како прво, Македонија не мора воопшто да ги почне преговорите, но доколку ги почне, може со или без причина да ги прекине во секое време додека траат истите. Не е потребна никаква резолуција во Собрание за тоа!
И така политичкиот вртлог во кој западна, полека ја голта земјата.
Во меѓувреме се „редат“ други неконструктивни идеи како онаа за „евалуација на евалуаторите“, што тоа и да значи, или пак таа која гарантира „додека сум јас нема промена на Устав“, што пак е индикатор дека некој се умислил во Македонија дека е Луј 14 – крал на сонцето, патем, на која промена пак се обврзала самата влада претходно!? А секој кој и малку се разбира од државни работи, знае дека нема миење раце со „тие пред нас тоа го направија“ бидејќи секогаш е валиден аргументот „што пак вие сте прифатиле јавни функции ако не ви се по ќеф политиките на земјата“ со оглед дека македонската Влада е влада во континуитет, од Никола Карев до Христијан Мицкоски, а и после него, додека постои Македонија како држава, а пак јавен функционер не е работно место, туку јавна служба прифатена самоволно и самосвесно. Не е тоа служба за која некој е обврзан или пак принуден да ја извршува. Неприфаќањето на функција, односно оставката, од било кои причини, секогаш е отворена можност.
Има и други екстравагантни идеи како таа за барање за извинување од страна на ЕУ заради наводното неуспешно менаџирање со Академијата на судии (Кекеновски), што е нелогично само по себе со оглед на фактот што академијата е формирана од Собранието, не од ЕУ, и таму треба да бидат испратени сите барања по однос на истата.
Ако вака се продолжи, треба да се очекува некој да побара извинување од ЕУ за тоа што Македонија постои, односно за тоа што доставила апликација за членство во ЕУ. И токму затоа секогаш е отворена можноста за испраќање писмо до Унијата со која се обавестува дека Македонија се откажува од членството во ЕУ, но сепак сака да ја продолжи соработката на економски и културен план.
Неконструктивни предлози нема да и помогнат на Македонија.
Тековни настани
За жал, сѐ што има почеток има и крај. Топката, како што сакаат многумина да се изразат, сепак е во Скопје. И одлуки ќе мора да се носат. Подобро веднаш сега, отколку подоцна, после четири години кои сигурно нема да се дочекаат во мирни води! Бурата за Македонија почна! Имено, мировните предлози кои се во поодмината фаза за завршеток на војната во Украина ја повлекуваат ЕУ неминовно да донесе две суштински одлуки. Едната, за нејзиното внатрешно функционирање и другата, за проширувањето на Унијата.
Надминување на принципот на консезуално одлучување за важни стратешки прашања веќе се дискутира повеќе од две децении во ЕУ. Консезуалниот принцип на одлучување во политичките науки во САД е познат и како „тиранија на еден“. Значи само еден е доволен да ја закочи целата заедница да донесе одлуки и токму затоа ретко се користи во САД како принцип на одлучување. ЕУ е приморана да го напушти тој принцип.
Втората одлука која ЕУ е приморана да ја донесе е таа за проширување кон Украина, е веќе прифатена како дел на предлог мировниот план, кое проширување е предвидено да се случи на крај на 2026 со Украина, а веднаш во 2027 со Црна Гора и 2028 со Албанија. А тоа е… утре и задутре! Голема веројатност е и Босна да почне преговори многу, многу скоро, со тоа ќе останат само Србија и Косово.
Вредно е да се спомене дека можното напуштање на принципот на консезуално одлучување на ЕУ нема воопшто во ништо да ја промени состојбата за Македонија. Имено, условот за почеток на преговорите со промена на Уставот е услов поставен не од една, не од две, не од неколку, туку од сите земји-членки на Унијата. Таму нема „леб“ за Македонија.
Другата сламка надеж, подадена од Вучиќ деновиве, дека ќе барал од ЕУ цел Западен Балкан топтан да биде примен во Унијата, е исто невозможна мисија. Никој во ЕУ не споменал, ниту пак размислувал за напуштање на принципот на поединечни реформи како единствен пат за полноправно членство. Плус, моменталното влијание во ЕУ на Србија е далеку помало и од она мало влијание што го има Македонија во Брисел. И таму нема „леб“ за Македонија.
Но сепак нешто треба да се прави.
Наредни чекори
Сегашнава ситуација со која на Бугарија со „Францускиот предлог“ ѝ се даде можност да ги закочи преговорите за членство на Македонија во ЕУ со „идентитетски услови“ преку механизмот на „Вториот протокол“ е навистина исклучително апсурдна со оглед дека и двете земји се членки на НАТО. Тоа значи дека и Македонија и Бугарија се обврзале да македонски и бугарски војници гинат едни до други во некој иден конфликт во кој би бил НАТО ангажиран! А тие идни конфликти, иако не мислам дека ќе се случат, сепак се возможни. Токму затоа притиска динамиката за затворање на сите прашања со Бугарија во однос на ЕУ преговорите и затворање на сите меѓусебни државни прашања.
Лично сметам дека Македонија под итно треба да назначи амбасадор во НАТО и таму веднаш да почне дискусии за градење доверба со Бугарија и другите земји членки на организацијата во однос на идентитетските и сите други предизвици што би можела да ги има земјата во текот на преговорите за членство во ЕУ. Имено, НАТО не е само воена, туку и политичка организација основана пред сѐ да ги решава можните проблеми што ги имаат земјите членки на организацијата меѓусебе.
Откако тие разговори за зголемување на довербата ќе започнат во НАТО, Македонија слободно да ги изгласа уставните промени и да ги почне преговорите за членство со Унијата. Додека траат преговорите за членство, да ги држи отворени разговорите во НАТО за можните проблеми кои можат да се појават со Бугарија или други земји во однос на „идентитетските“ или кои било други прашања кои се важни за Македонија. Доколку такви прашања Бугарија не отвори во тек на преговорите, Македонија ги продолжува истите. Доколку пак Бугарија отвори „идентитетски прашања“ во пристапните преговори за ЕУ, тогаш Македонија да ги засили дискусиите внатре во НАТО во однос на проблемите со Бугарија.
Се разбира дека Бугарија нема да може да „подаде врат“ и во ЕУ и во НАТО и да ги блокира преговорите за членство на Македонија со „идентитетски прашања“ преку механизмот што ѝ е овозможен од македонска страна со прифаќањето на „Вториот протокол“! Што тогаш ќе се случи со таканаречените „идентитетски прашања“ меѓу Бугарија и Македонија? Ништо, дискусијата ќе продолжи и во наредните сто години, како што се одвиваше и во претходните сто и повеќе години, но таму каде што ѝ е место, на научни конференции и во научни публикации. Впрочем Историјата, Лингвистиката, Генетиката, Археологијата се науки, и таму нема место за политички интервенции и суфлирање од страна на „инспирирани политичари“.
Фактот што заменик генерален екретар на НАТО е личност од Македонија, Радмила Шекеринска, на која добро ѝ е позната историјата на македонските евроатлански интеграции во кои и самата се има вградено, е додатна гаранција за Македонија дека нема да биде изложена на непристојни уцени при преговорите за членство во ЕУ. Поголема гаранција од тоа, здравје!
За успешно лидерство е потребна не само политичка воља, туку уште повеќе знаење и лична храброст!
Апсолутното мнозинство на граѓани од 60%, воопшто не гласаа за ниту една политичка опција на последните избори, 53% не излегоа на изборите, а дури цели 7% од тие што излегоа ги пречкртаа гласачките ливчиња. Тоа значи дека наративот на сегашните јавни функционери и партии е предмет само на политичкото малцинство и не допира до мнозинството.
А тоа не е само невозможна, туку и ситуација која навестува политичка нестабилност!
Затоа, мислам дека „заврши времето на политички надмудрувања, анализи, маркетиншки политики и пишувања колумни по весници, соопштенија и настапи на дебатни емисии, дојди тука и работи, да се изразам со повикот на еден пријател.
Ајде, повелете да ве видиме сите одговорни функционери во земјата, зафатете се со работа и внесете ја земјата во ЕУ!
Hik Rhodus, hik salta!
Др. Перо Димшоски
(Авторот е поранешен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство поранешен Национален координатор за акредитација на ИПАРД програмата, поранешен в.д. директор на Платежната агенција, поранешен главен преговарач на Македонија со ЕУ во однос на Договорот за стабилизација и асоцијација после влезот на Бугарија и Романија во ЕУ, поранешен назначен државен секретар во Секретарјатот за европски прашања)











