Во јануари 1901 година се случила една од најголемите провали во историјата на МРО, попозната уште како „Солунска афера“. Како резултат на истата биле уапсени голем дел од првенците на Организација, меѓу кои се нашол и самиот Татарчев. Како резултат на судскиот процес што се одржал во период од февруари до март истата година, осудени биле 19 луѓе на најразлични казни. Татарчев бил осуден на 5 години. Затворската казна, заедно со другарите, ја издржувал во Подрум Кале. На 19 август 1902 година, Татарчев, заедно со Пере Тошев и Христо Матов, биле ослободени по помилувањето дадено од султанот. По ослободувањето Татарчев се упатува кон Атина, каде набрзо бил уапсен за наводно учество во обидот за убиство на грчкиот лекар од Гуменџе, Ангелос Сакелариу, извршено на 30 ноември 1900 година. Откако грчките правосудни органи не наоѓаат поврзаност на Татарчев со овој настан, го ослободуваат, по што тој го дава ова интервју непосредно пред да ја напушти грчката престолнина.
Најзначајниот момент во интервјуто на Христо Татарчев е јасната и недвосмислена негова самоидентификација: „Јас ги судам работите како Македонец. Македонија за Македонците.“ Оваа формулација е особено важна од три причини: Не е реторичка, туку одговор на директно новинарско прашање. Дадена е пред грчка публика, во весник кој нема интерес да фабрикува македонски национален дискурс. Таа е јасно одвоена и од бугарските, и од грчките, и од српските територијални претензии. Татарчев експлицитно вели дека „Бугарија сака да ја присвои Македонија, истото го сакаат и Грција и Србија, а Македонците сакаат реформи и автономија, а не анексија“.

Ослободувањето на Татарчев – предлогот на обвинителот
Вчера изутрина, бугаромакедонскиот лекар Христо Татарчев, кој беше задржан во затворот „Сингру“, беше ослободен по наредба на Советот на судиите за прекршоци. Обвинителот, заедно со истражниот судија, преку писмен предлог бр. 1778 до Советот на судиите за прекршоци, предложија прекин на притворот на Христо Татарчев.
Советот, составен од претседателот г. И.Велимезис, Г. Ангелеас, истражен судија, и М. Султанис, со својата одлука бр. 1686 од 10 октомври 1902 година, нареди прекин на притворот на обвинетиот Христо Татарчев и негово ослободување од затворот.
Изненадувањето на Татарчев
Наредбата за негово ослободување од затворот му се виде малку неочекувана на г. Татарчев, но токму поради тоа му беше уште попријатна.
Со ова ослободување завршува една епизода која не требаше ни да се случи, ако немаше основани причини и непобитни докази. Правдата, преку својата истрага, не најде елементи за вина против Татарчев. Толку подобро за него. И толку полошо за неа (правдата, б.м.), ако не можела да најде докази, доколку такви постоеле. Како и да е, грчката правосудна власт си ја изврши својата должност. Без разлика дали пред себе имаше невин или виновен човек, го пушти на слобода, бидејќи ништо не можеше да ја убеди во неговата вина. И бугарските колеги на ослободениот Татарчев ја примија навредата директно во лице, навреда која сакаа да ја упатат кон грчката правда, нарекувајќи ја неспособна. Но излишно е да се занимаваме понатаму со професионалните навредувачи од Софија на сè што е грчко.
Од затвор во затвор
За г. Татарчев, секако, епизодата со неговото апсење и 45-дневното затворање беше и неочекувана и непријатна. Можете ли да си замислите човек кој излегува од турските затвори во Халикарнас, по речиси две години заточение, и штом стапне на грчка земја, е упатен во затворот „Сингру“, за да може, така да се каже, да направи споредби меѓу грчките и турските затвори? Секако, г. Татарчев беше вознемирен. Но, неговото здравје не настрада ни малку. Напротив, оние што го видоа за време на првите денови од неговото апсење и вчера, кога го напушти чистиот воздух на Сингру, забележаа голема разлика на подобро во неговото здравје: тој е многу поугоен отколку претходно.
Секако, г. Татарчев е слободен од вчера и со првиот пароброд брза да се врати во Солун.

Неговите впечатоци за Атина
Но не сакавме да го пуштиме да си замине без да ни ги каже своите впечатоци за местото што, во крајна линија, го беше угостило. Г. Татарчев љубезно ни се стави на располагање и ни зборуваше не само за убавите обележја на Атина, за слободниот воздух што го дишеме, туку и за однесувањето на нашата полиција, на нашите затворски служители и за животот во затворите.
Татарчев зборува и грчки, но не толку добро како што самиот мисли. Можеби гο знае добро и не сака да ги зборува – можеби од скромност. Со својата сопруга, која е од грчко потекло, како што е познато, комуницира на француски и германски.
„Моите впечатоци од Атина?“ – ни рече. „Но ми се даде ли можност добро да ja видам? Се разбира, првиот мој впечаток беше добар. Кога бродот пристигна во Пиреја и видов дека за кратко време нè оставија да излеземе, без пасоши и други формалности, и го видов народот надвор слободно да се движи, слободно да разговара, да чита весници, на крајот да прави што сака, сфатив дека дишам во земја на слободата. И потоа, кога со двајца-тројца мои пријатели се искачив во Атина, се засилија моите добри впечатоци. Прекрасни згради. Добри улици. Добар народ. Добро однесување. Големо движење. Сето тоа можеше само да ме расположи благонаклоно кон вашиот град. Но не успеав да направам повеќе од една прошетка и бев одведен во полицијата“.
Што кажува за полицајците и за судските власти?
„Должен сум да признаам, дека сите полицајци се однесуваа многу љубезно кон мене. Особено директорот на полицијата ми остави одличен впечаток. Од сите, единствено полицаецот г. Сарос некако накриво ме гледаше. Собата што ми ја дадоа беше многу добра, а сè што и да побарав, ми го обезбедија.
Следниот ден ме одведоа на распит. Истражниот судија добро ме прими. Но неговиот начин на распрашување не беше соодветен и два-три пати многу се налутив, но се воздржав. Одеднаш, кога ме праша дали го познавам докторот Сакелариу. Му реков дека не го познавам“.
– Но како, ми вели, не го познаваш твојот колега г. Сакелариу?
– Ако го познавав, зошто да кријам? Само кога беше ранет слушнав да се зборува за него.
Тогаш писарот на истражниот судија ми вели: Зошто не ја кажуваш вистината?
– Вистината ја кажувам, му одговарам.
„Тогаш истражниот судија стана и почна да чекори низ канцеларијата, раздразнет, ми се закани дека ќе ме фрли во затвор. При второто испрашување ми го доведоа господин Клонаридис.
Ме прашаа дали познавам еден бакалин Николов, мој пријател и роднина во Солун.
Им одговорив дека воопшто не познавам никаков бакал Николов, мој пријател и роднина.
Тогаш Клонаридис ми вели: Како не го познаваш Николов кој ја има својата продавница зад агенцијата на Messageries во Солун?
– Да, тој Николов го познавам. Но тој не е бакалин, туку трговец со прехранбени производи. Не ми е ни роднина, ниту пријател.
„Тогаш му реков на истражниот судија, кој ја имаше изгубено присебноста, дека јас не сум виновен ако тој ги поставува погрешно прашањата и предметите“.
Во Сингру
„Потоа ме испратија во затворот Сингру, каде што се грижеа за мене колку што можеа. Сè што побарав, го имав. Многу сум задоволен од тоа како поминав во затворот“.
– Дали мислевте дека ќе останете уште долго време во затвор?
– Се плашев од ова, бидејќи пред 10–12 дена еден инспектор што дојде во затворот, кого го прашав кога конечно ќе заврши случајот, ми рече дека сè уште не се добиени бараните информации. Ова ме обесхрабри. Јас сè што сакав беше да ми кажат дали сум невин или виновен. И бев сигурен дека ако отидев на суд, ќе бев ослободен.
– Еве, меѓутоа, дека вашите стравови не беа оправдани, бидејќи бевте ослободен; што мислите тогаш за навредите што бугарските лекари (од Кнежеството Бугарија, б.н.) ги упатија против нашето правосудство?
Татарчев изгледаше како да е вознемирен од ова прашање.
– Се разбира, овие работи, ни одговори тој, не им служат на чест…
Македонските работи
– И се враќате во Солун?
– Се разбира, со првиот брод.
– И како ги гледате работите во Македонија?
– Јас отсуствувам од таму речиси година и пол, така што не знам што се случува. Работите се менуваат со текот на времето. Јас како Македонец жалам за денешната состојба. Би посакал да дојде до разбирање меѓу различните народи, кои сега меѓусебно се јадат.
– Каков вид на разбирање?
– Договор кој ќе цели кон подобрување на нивната позиција, или преку воведување реформи, или преку давање автономија под суверенитетот на Високата порта. Сега нема ниту безбедност, ниту правда. Затоа мора да се воспостави правда и да се даде слобода на печатот.
– И како може да се даде автономијата?
– Кога соседните држави ќе решат да упатат апел до Силите, претпоставувам дека би успеале.
– Има ли многу Македонци кои ја сакаат вашата автономија?
– Секако дека сите ја сакаат! Ако реформите се проширеа на цела Турција, уште подобро и за народите и за самата Турција. Јас ги судам работите како Македонец. Македонија за Македонците.
– Ова последното што го велите е паролата на Комитетот.
– Не знам што има Комитетот. Едноставно е совпаѓање на мислења можеби.
– Значи, Македонија за Македонците?
– Секако. Бугарија сака да ја присвои Македонија, како што и Грција го сака истото, и Србија истото. Но дали се можни овие работи? Ние, Македонците, сакаме подобрување на нашата положба, а тоа го наоѓаме само преку реформи под суверенитетот на Турција.
Убиствата на Комитетот
– И како ги оценувате убиствата на Комитетот? Дали мислите дека тие придонесуваат за согласност меѓу различните народи, што посакувате?
– Не ги одобрувам убиставата на Комитетот. Би претпочитал мирни средства. Но мора да ги испитате околностите под кои се случуваат тие убиства.
– Ве молам. Дали сте слушнале Грците од Македонија некогаш да убијат некој Бугарин?
– Не, не сум слушнал.
– А Бугарите, сте слушнале ли некогаш да убијат Грк?
– Тоа го дознав тука од весниците.
– Значи, додека сте биле во Солун никогаш не сте слушнале дека Грци биле убиени од членови на Комитетот или од други Бугари?
– Да, имало три или четири такви случаи, но постојат власти за да ги успасат и осудат убијците.
– И зошто се овие убиства против Грците?
– Ви реков дека јас не ги одобрувам тие насилни средства.
– Мислите ли дека и ние не можеме да го употребиме ножот или револверот?
– Секако, кога сакате да платите луѓе за да убијат.
– Значи, додека сакате автономија и обединување на различните народи, со она што го прави Комитетот, не предизвикува ли омраза, непомирливост меѓу нив и не ја оддалечува ли секоја идеја за помирување?
– Секако. Се јавува омраза. Но Комитетот се обидува на секој начин да предизвика интервенција на Силите.
– Вие, како Македонец, можеби искрено ја сакате автономијата. Мислите ли дека и Комитетите во Софија ја имаат истата искреност?
– Не знам. Секогаш ќе има некоја задна намера. Јас, како што ви реков, зборувам како Македонец. Не знам што прават тие. Мојата идеја е дека реформите можат да го смират местото во интерес и на различните народи на Македонија и на Турците.
Епилог
Потоа се поздравивме со г. Татарчев, благодарејќи му за подготвеноста со која ни се стави на располагање. Нашите читатели, мислиме, лесно ќе разберат од горенаведените одговори на г. Татарчев колку тој не ги познава дејствијата на бугарскиот Комитет и колку, и покрај неговите присилени изјави за спротивното, не ги одобрува убиствата и другите подли средства што ги употребува Комитетот против грчките Македонци.
Проф. д-р. Димитар Љоровски












