понеделник, 8 декември 2025

Избори, а?

И што, значи, слушам идат некојси локални избори, а? Ќе бираме градски татковци, мајки, маќеи, стрини... Таман да речам „театар“, ама се сетив дека имам неколку добри пријатели-актери, па нема смисла вака да ги навредам!

Објавено на

часот

Сподели

Изборите не се празник на демократијата, но затоа се празник за оние што студираат пи-ар, маркетинг и реторика (ах, кутрата реторика!): ќе се изнагледаме кампањи за позелено Скопје, почисто Скопје, за безбедност на децата во сообраќајот, ќе се изнаслушаме како ѓубрето експресно ќе се исчисти, како ќе се казнат загадувачите, како ќе се направи парк на местото на Вардариште… море, има од Аеродром да направат Космодром, од Центар – Епицентар, од Кисела Вода – Шприцер!

Но, ајде назад од пи-ар-от и реториката во стварноста – што всушност ќе се случи на овие локални избори?

Тоа што се случувало на сите досега! Ќе бираме кои локални советничиња ќе добиваат станчиња гага од градежната мафија за да налупаат нови висококатници во ДУП-овите во Скопје (патем, дали сте знаеле дека „ДУП“ е скратено за дупење во здрав мозок?), кои градоначалници ќе шуруваат со компаниите за увоз на отпад (како да не увезовме доволно политички отпад од ЕУ, старо железо од НАТО, па мора уште и ѓубрето да им го увезуваме и гориме, небаре немаме доволно наше ѓубре, политичко и комунално!), кои градоначалници ќе се препукуваат еден со друг, со своите советници и со владата дека се ненадлежни за отпадот, загадувањето, прекумерната бучава, криминалот… Правото не е дел од решението, туку од проблемот – тоа постои за политичарите да имаат ирационално-идиотски изговори да не работат ништо, а при тоа да земаат плата: магичниот збор е „јас сум ненадлежен за овој проблем!“. Всушност, преведено од правен на нормален јазик, тоа значи „јас сум премногу ретардиран за да работам било што, па се зачленив во партија и станав функционерче!“. Не се секирајте, сега ќе нè подноват и со независни ретардирани… пардон… ненадлежни! (како демек тоа е нешто ново)! И доколку во изминативе децении не видовме никаков асолен консензус за критични стратешки прашања, затоа за покачување на функционерските плати консензусот секогаш одел како подмачкан: нема ни етнички, ни идеолошки препукувања, ни она „предавници/патриоти“, ни руски ботови, ни прозападни чет џи-пи-ти ботови, туку – сложни ботови со 78 % повисоки плати! Па не може бре да дозволиме политичарите да ни се иселат од земјава, па да ни се запусти! А младите… нека одат, ма, нека кршат глава, оти како вели (патријархалниот) фолклор: лудо-младо, што знаат младите!

А камо среќа првиве да се иселуваа!

Алоо бре, тимби едни неделкани, црпки црпнати: од кај ќе земате плати, дневници, апанажи кога ќе нема кој да ви ја полни касата со даноци (и казни)? Кога народот ќе ви испоцрка од карциноми и удари од загадувањето? Кога ќе ви рикне водоводната и електро-мрежата, кога Скопје ќе ви имплодира заради неодржлива инфраструкура под налетот на градежната мафија, кога сите ќе нè снајде урбаноцид и екоцид заради вашето лакомарство, кое е единствено правопропорционално со вашата неспособност? Ма не, на вас нема да ви рикне, вие ќе си киднете по Дубаи, Флорида, Унгарија… нам ќе ни рикне!  Веќе три дена по ред (and counting!) Вардариште ви гори, цела ноќ и наутро базди на запалени гуми и ѓубре! Веќе со години вашите бизнис-пајташи (или роѓаци?) горат отпад за викенди и празници доцна вечер и рано наутро. Во празничните денови спроти Илинден ова веќе стана редовна пракса! Од Илинден направивте Пелинден! Ако ви станат војводите, какви Турци, има да запукаат на „Илинденска“, на Собрание, на општините… море, кутрите, нема да знаат од каде да почнат со берданките! Ќе го снимате цело Скопје со камери, ќе сте правеле „безбеден град“, ќе се силите со казни на народ што не врзал појас, што вози пет километри на час побрзо, на пешаци што поминале на црвено (макар и немало кола во движење километар наоколу), а со децении се правите на тош(к)о(вски) за една депонија на сред град (а да беше само една)! Ќе воведувате вештачка интелигенција во училиштата, а не можете едно ѓубре прописно да соберете! Цело Скопје заради вас некадрници мора да дише на шкрги или на прочистувачи на воздух. Прочистувачи на воздух? Нам ни требаат прочистувачи на политичари! И не се вадете со тоа партиите, зашто сево ова важи и за „едните“ и за „другите“… и за зависните и за „независните“!

Или можеби ова со горењето отпад навечер ви е проба за „Скопје – престолнина на европската култура“, а? Па вежбате – и едните и другите – кој ќе направи подобар перформанс? Па мора да сме најдобри бре во авангардна уметност: не може некојси таму Дишамп да изложи писоар како уметничко дело и да се пува ко да е којзнае кој фраер! Ма ние ќе изложиме цела депонија, па димни ефекти, па уште и звучни ефекти со моторите навечер по „Јане Сандански“ и „Партизанска“ – целосен мултимедијален перформанс од монументални размери! Ма какво Венециско биенале, ние има на Европа да ѝ покажеме дека во Скопје секој ден можеме да го направиме Венециско биенале!

И не се само силеџиите на мотори што владеат со булеварите. Копиљаци ви бичат веспи, се изживуваат и даваат гас по маалски улици и пешачки патеки од јутра до сутра и ни нив не можете (или не сакате) да приберете. Со години се пријавувани на полиција, стигнуваат на телевизија, во весници, на социјални мрежи… а полицијата, освен што ве чува од народот на протести, друго не работи! Алоо, за кого е оваа држава? За нас?! Ако е за нас, од неа ние никакво фајде не гледаме. Туку малку ви е на сите вас што се крмите од нашите даноци и давачки со кои ниту можеме да дојдеме до саглам здравствена услуга, ниту можеме да си ги пуштиме децата на школо, ниту можеме да возиме по безбедни и мирни улици, ниту имаме мир и чист воздух во сопствените домови – ама затоа важно вие си ги покачивте платите за 78 % – ама малку ви е и тоа, сакате уште и ЕУ, за да млатите како ЕУ-пратеници по стотици илјади евра годишно од плати, додатоци, над маса и под маса (лобирање). Оти од овој град, од оваа држава и од ЕУ, ние фајде – немаме!

Скопје го претворивте во чадилиште, смрдилиште, бучилиште и градилиште! Со децении ни горите ѓубре под пенџере, дозволувате да бичат со мотори и веспи кај и кога ќе им допрди, а полиција се гледа само кога треба да лови за казни на пешачки или кога ве чува додека си терате живот гага на наша сметка! Епа, ако изборите се празник на демократијата, ајде да празнуваме како што треба: народе, кога ќе дојде ден за гласање, зачади тоа скарите и ќумбињата, излезете совесно пред избирачките места – со вувузели и тенџериња – да ја празнуваме демократијата! Оти секој кој ќе гласа за БИЛО КОЈ од вас гласа против себеси и здравиот разум – или она што од него останало!

Лут Аеродромец

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ