среда, 28 јануари 2026
Ребека Иванова

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Истанбулската конвенција: обврска за заштита, а не идеолошка дебата

Истанбулската конвенција, со целосен назив Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, е меѓународен правен инструмент усвоен во 2011 година во Истанбул.

Таа претставува прв сеопфатен и правно обврзувачки документ во Европа кој систематски се справува со родово базираното насилство, препознавајќи го како сериозно прекршување на човековите права и форма на дискриминација. Основната цел на Конвенцијата е четирикратна: превенција на насилството, заштита на жртвите, гонење на сторителите и спроведување интегрирани политики. Таа не воведува „нови вредности“, туку бара државите да обезбедат ефикасна правна, институционална и општествена рамка за заштита на лицата изложени на насилство, особено жените.

Република Македонија ја ратификуваше Истанбулската конвенција во 2017 година, со што презеде јасни меѓународни обврски. Ратификацијата значи дека државата е должна да ја усогласи својата законска регулатива, институционалните практики и јавните политики со стандардите утврдени во Конвенцијата. Овие обврски не се декларативни, туку конкретни и мерливи. Се поставува прашањето дали Република Македонија има доволен политички капацитет и институционална зрелост за да ја претвори Истанбулската конвенција од формална обврска во жива и ефективна практика? Следејќи ги расправите во Собранието, во кои Истанбулската конвенција често се јавува како дебатна тема, разочарува фактот што овој значаен меѓународен инструмент, наместо да се преточи во конкретна и ефективна практика, станува предмет на неповрзани и суштински ирелевантни коментари кои го трошат драгоценото време на законодавниот дом. Тоа време, наместо да биде потрошено на празни полемики, треба да биде насочено кон формулирање предлози и идеи што ќе придонесат за системска едукација, како во рамките на образовниот систем, така и кај пошироката јавност.

Прво, државата има обврска да воспостави ефикасен систем за превенција. Тоа вклучува едукација, подигање на јавната свест, обуки за професионалци (полиција, судии, обвинители, социјални работници) и борба против стереотипи кои го нормализираат насилството. Второ, Конвенцијата бара обезбедување соодветна заштита и поддршка за жртвите, а тоа се безбедни засолништа, бесплатни СОС линии, психолошка и правна помош, како и пристап до правда без дополнителна виктимизација. Трето, Македонија е должна да обезбеди ефективно кривично гонење на сторителите. Тоа подразбира јасна криминализација на различни форми на насилство, вклучително и физичко, психолошко, сексуално и економско насилство, како и соодветни санкции. Конечно, Конвенцијата инсистира на координирани политики, односно соработка меѓу институциите и редовно собирање податоци за насилството.

И покрај правните обврски, Истанбулската конвенција во Македонија често е предмет на политички и идеолошки контроверзии. Дел од јавноста ја перцепира низ призма на дезинформации, наместо како алатка за заштита на основните човекови права. Ваквите дебати го засенуваат суштинското прашање: дали државата обезбедува доволна и навремена заштита за жртвите на насилство.

Ефективната имплементација на Истанбулската конвенција претпоставува постоење на стручни и професионално оспособени кадри, способни да ги спроведат нејзините одредби во согласност со уставните и меѓународноправните стандарди, како и јасно изразена политичка волја, соодветна институционална координација и континуирана едукација на сите релевантни чинители, без кои Конвенцијата ризикува да остане сведена на формално исполнета, но суштински неефективна обврска.

На крајот, Истанбулската конвенција не е напад врз традицијата, туку обврска за цивилизациски минимум ниту една жена, ниту едно дете, ниту еден човек не смее да биде оставен без заштита од насилство. Прашањето не е дали ја прифаќаме Конвенцијата, туку дали сме подготвени доследно да ја спроведуваме.

Ребека Иванова,

член на Надзорен одбор во Европското здружение на студенти по право

КОЛУМНИ

Александар Иванов

Зошто „разводот“ меѓу САД и Европа може да биде катаклизмичен за...

Билјана Ванковска

Замолчени гласови: Газа и повелбата што Палестинците никогаш не ја потпишаа

Ристо Цицонков

Форум во Давос: нема дискусии за климатски промени?!

Александар Иванов

Меката сила како стратегија: Европа и преминот кон Реален конструктивизам (со...

Кристина Пота Радуловиќ

Како учиме да не се сакаме себеси?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ